У.бр.168/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 6 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за наплата на трошоци при укажување помош (асистенција) од страна на Министерството за внатрешни работи, број 121-60052/1 од 1 август 2011 година, донесено од министерот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 108/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспореното Решение не било во согласност со уставното начело на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и со членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи одредбите од членот 7 од Законот за полиција не содржеле обврска за надоместок на трошоци за асистенција, ниту пак овластување за донесување на подзаконски акт со кој би се уредил начинот на определување и наплата на надоместокот на трошоци. Оттука произлегувало дека министерот за внатрешни работи самиот се овластил за донесување на подзаконски пропис со кој се уредува обврска за наплата на трошоци. Од наведените причини оспореното Решение не било во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и членот 96 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот, на седницата утврди дека врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), а во врска со член 7 од Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” број 114/2006 и 6/2009), членовите 83 и 85 од Правилникот за вршење на полициските работи (“Службен весник на Република Македонија” број 149/2007), министерот за внатрешни работи, донел Решение за наплата на трошоците при укажување помош (асистенција) од страна на Министерството за внатрешни работи со кое е уредено дека:

I. За укажување помош (асистенција) од страна на Министерството за внатрешни работи во случаите утврдени со закон, подносителот на барањето за асистенција е должен да ги надомести трошоците согласно следните вредности по час односно километар:

– вредност на еден работен час – 6 евра во денарска противвредност

– вредност на еден поминат километар – 1 евро во денарска противвредност.

II. Ова решение влегува во сила наредниот ден од денот на неговото објавување во “Службен весник на Република Македонија”).

Решението е заведено под 121-60052/1 од 1 август 2011 година, донесено од министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Судот утврди и дека по поднесувањето на иницијативата донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” број 145/2012), како и дека на основа овие законски измени и дополнувања, министерот за внатрешни работи, донел ново Решение за наплата на трошоци при укажување помош (асистенција) од страна на Полицијата, под број 121-4200/1 од 22 јануари 2013 година (“Службен весник на Република Македонија” број 16/2013).

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оспореното Решение се уредува наплата на трошоци при укажување на помош (асистенција) од страна на Министерството за внатрешни работи, односно висината на тие трошоци и обврската за наплата на истите од страна на подносителот на барањето за асистенција. Како основ за донесување на оспореното Решение се наведува членот 7 од Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” број 114/2006 и 6/2009), членовите 83 и 85 од Правилникот за вршење на полициските работи (“Службен весник на Република Македонија” број 149/2007).

По поднесувањето на иницијативата, со Закон за изменување и дополнување на Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” број 145/2012), со членот 2 од наведениот закон, изменет е членот 7 од Законот за полиција, а воедно со членот 3 од тие измени и доплнувања, дополнет е Законот со нов член 7-а, со кој е уредено дека “трошоците за извршената асистенција паѓаат на товар на барателот на асистенцијата (став 1). Министерот за внатрешни работи донесува решение за наплата на трошоците за укажување на помош (асистенција), чија вредност се определува по работен час, број на ангажирани работници и поминат километар” (став 2)).

Исто така, по поднесувањето на иницијативата, министерот за внатрешни работи, на основа овие законски измени и дополнувања, донел ново Решение за наплата на трошоци при укажување помош (асистенција) од страна на Полицијата, под број 121-4200/1 од 22 јануари 2013 година (“Службен весник на Република Македонија” број 16/2013), каде во точката III. од Решението, помеѓудругото е наведено дека со влегувањето во сила на ова решение престанува да важи Решението за наплата на трошоците при укажување помош (асистенција) од страна на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 108/2011), кое е предмет на оспорување со оваа иницијатива.

5. Со оглед дека Решението кое се оспорува со иницијативата, не е повеќе во правниот поредок, во случајов се исполнети процесните услови за примена на погоре цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.168/2011
6 февруари 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски