У.бр.129/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 6 февруари 2013 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 32 став 1 точка 6, член 134-ѓ став 2 точка 5 и член 146 став 2 точка 5 од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002, 79/2007, 88/2008, 67/2010, 44/2011 и 30/2012).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.129/2011 од 20 ноември 2012 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, со оглед на тоа дека законските одредби пропишуваат обврска за основачите на друштвата за осигурување да мораат да приложат потврда од надлежните институции дека редовно плаќаат јавни давачки, која потврда е услов за добивање на дозвола за вршење на работи на осигурување.

Според наводите во иницијативата во оспорените законски одредби се предвидувало дека кон барањето за добивање на дозвола за вршење на работи за осигурување на застапувањето во осигурувањето и на осигурително брокерските работи, меѓу другото, задолжително требало да се поднесе односно приложи и потврда од надлежната институција за редовно плаќање на јавните давачки. Со оглед на тоа што во рамките на уредувањето на начинот на плаќањето на данок и други јавни давачки постоеле други законски механизми, во случај на неизвршување на таа обврска, подносителот на иницијативата смета дека пропишувањето услов, кон барањето за добивање на дозвола за вршење на работи на осигурување, на застапување во осигурувањето и на осигурително брокерски работи да се поднесува – приложува и потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавни давачки, значело излегување надвор од соодветните уставни и законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Поаѓајќи од наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 32 ставовите 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

При одлучувањето за основаноста на иницијативата, предлага Судот, да ги има предвид и одлуките: У.број 229/2007 од 10.09.2008 година, со којa бил укинат член 17 став 1 точка 6 од Законот за банките и У.број 132/2008 од 03.12.2008 година, со која бил укинат член 3 алинеја 3 од Правилникот за формата и содржината на дозволата за оператор на депонија.

Врз основа на изнесеното, предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 32 став 1 точка 6, член 134-ѓ став 2 точка 5 и член 146 став 2 точка 5 од Законот за супервизија на осигурување и истите да ги укине или поништи.

4. Судот на седница утврди дека според член 32 став 1 од Законот, основачите на друштвото за осигурување кон барањето за добивање на дозвола за вршење на работи на осигурување се должни да приложат: предлог на статут; план за работа; предлог на акти на деловната политика во однос на класите на осигурување наведени во членот 5 точки 2 и 10 од овој закон со мислење на овластен актуар; доказ дека се уплатени парични средства на име акционерски капитал на засебна привремена сметка кај носител на платен промет; извори на средства за уплата на капиталот; 6. потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки; (оспорена точка 6)

Правните лица кои имаат намера да стекнат квалификувано учество во друштво за осигурување, покрај документите, податоците и информациите од ставот 1 на овој член, кон барањето доставуваат и: акт за основање и список на членови на органот на управување на правното лице; извод од регистарот во кој е регистрирано седиштето на правното лице; копија од акционерска книга, односно доказ од друг соодветен јавен регистар и ревизорски извештај од овластено друштво за ревизија за последните две деловни години.(став 2)

Доколку акционерот е странско правно лице или домашно правно лице, кое е непосредно или посредно во мнозинска сопственост на странски физички или правни лица, кон барањето за добивање дозвола за вршење на работи на осигурување, покрај документацијата од став 1 и став 2 на овој член се приложува и: доказ од странското друштво за осигурување дека има дозвола за вршење на работи на осигурување во матичната земја, ако странскиот акционер е друштво за осигурување; мислење на странска институција овластена за супервизија на друштвото за осигурување, ако странскиот акционер е друштво за осигурување и ревизорски извештај од првокласно друштво за ревизија за последната деловна година, ако странскиот акционер е правно лице кое не е друштво за осигурување. (став 3)

Кон барањето за добивање дозвола за вршење на работи на осигурување, треба да се приложи и потврда од овластен актуар дека друштвото за осигурување, во однос на планираниот вид и обем на активности ќе може да го обезбеди потребното ниво на маргина на солвентност.(став 4)

Покрај наведените податоци од ставовите 1, 2 и 3 на овој член, Агенцијата за супервизија на осигурување може да бара и дополнителни документи, податоци и информации и да спроведе интервју со предложените членови на органот на управување и надзорниот орган и со лицата кои имаат намера да се стекнат со квалификувано учество во друштвото за осигурување.(став 5)

Според член 134-ѓ став 1 од Законот, барање за добивање дозвола за вршење работи на застапување во осигурувањето од членот 134-г на овој закон се поднесува до Агенцијата за супервизија на осигурување. Кон барањето од ставот 1 на овој член основачите на друштвото се должни да поднесат: предлог на статут; план за работа; доказ дека се уплатени парични средства на име акционерски капитал на засебна привремена сметка кај носител на платен промет согласно со членот 134-е став 2 од овој закон; извори на средства за уплата на капиталот; 5. потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки; (оспорена точка 5 став 2) … Покрај документацијата од ставот 2 на овој член акционерите-правни лица кон барањето поднесуваат и: акт за основање и список на членови на органот на управување на правното лице; извод од регистарот во кој е регистрирано седиштето на правното лице; копија од акционерска книга, односно доказ од друг соодветен јавен регистар и ревизорски извештај од овластено друштво за ревизија за последните две деловни години. (став 3) По барањето од ставот 1 на овој член Агенцијата за супервизија на осигурување одлучува со решение со кое се издава дозвола или се одбива барањето. (став 4) Барањето кое не ја содржи потребната документација се отфрла со решение. Услови за добивање дозвола за вршење работи на застапување во осигурувањето.(став 5)

Согласно член 146 став 1 од Законот, барањето за добивање дозвола за вршење на осигурително брокерски работи се поднесува до Агенцијата за супервизија на осигурување. Кон барањето од ставот 1 на овој член основачите на друштвото се должни да поднесат: предлог на статут; план за работа; доказ дека се уплатени парични средства на име акционерски капитал на засебна привремена сметка кај носител на платен промет согласно со членот 148 од овој закон; извори на средства за уплата на капиталот; потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки; (оспорена точка 5 став 2)

6. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 1 од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2002, 84/2002, 98/2002, 33/2004, 88/2005, 79/2007, 8/2008, 88/2009, 67/2010 и 44/2011) се уредуваат условите под кои можат да се вршат работи на осигурување на живот, неживотно осигурување и реосигурување, работи на застапување во осигурувањето, осигурително брокерски работи, основање, работење, супервизија и престанок со работа на трговските друштва за осигурување и реосигурување (во натамошниот текст: друштва за осигурување), осигурителните брокерски друштва и друштвата за застапување во осигурувањето како и основањето и работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Тргнувајќи од анализата на оспорените член 32 став 1 точка 5 од Законот, основачите на друштвото за осигурување кон барањето за добивање на дозвола за вршење на работи на осигурување се должни да приложат: потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки. Согласно член 134-ѓ став 2 точка 5 од Законот, кон барањето од став 1 на овој член основачите на друштвото се должни да поднесат: потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки. Според член 146 став 2 точка 5 од Законот, кон барањето од став 1 на овој член основачите на друштвото се должни да поднесат: потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки.

Co оглед на тоа што во рамките на уредувањето на начинот на плаќање на данок постојат законски механизми за неизвршување на таа обврска, произлегува дека пропишувањето на услов кон барањето за добивање на дозвола за вршење на работи за осигурување, за застапувањето во осигурувањето и на осигурително брокерските работи, меѓу другото, задолжително да се поднесе односно приложи и потврда од надлежната институција за редовно плаќање на јавните давачки, кое може да значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Тргнувајќи од фактот дека уставна обврска на секого е да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, законодавецот оценил дека и потребата да се приложи потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки е начин на потврдување на финансиска состојба на акционерите во друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва и друштвата за застапување во осигурувањето кои работат со средства на осигурениците и дека нивната финансиска дисциплина и доследност на почитување на законските обврски се гаранција дека нема да се создаваат дополнителни трошоци и одолговлекување на постапката и да се задоволи критериумот за соодветност и добра репутација на истите.

Оттука, законодавецот оценил дека тоа е во функција на остварувањето на осигурувањето како финансиска дејност, каде друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва и друштвата за застапување во осигурувањето работат со средства на осигурениците кои подлежат на специфичниот надзор и посебни се условите за стечај и ликвидација на друштвата за осигурување.

Меѓутоа, тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот оцени дека пропишувањето да се приложи потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки, како услов за добивање дозвола, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми и води до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено, а води и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому, под еднакви услови, поради што Судот утврди дека наведените законски одредби од Законот не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Ова одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.129/2011
06 февруари 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски