У.бр.24/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување детален урбанистички план за урбана единица 8. урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013, бр. 07-2447/7 од 24.10.2008 година, донесена од Советот на општина Охрид („Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8/43).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука означена во точка 1 на ова решение.

3. Министерството за локална самоуправа до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 25 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Поради тоа, Министерството за локална самоуправа донело Решение бр. 14/1516/3 од 25.11.2008 година, со кое ја запрело од извршување оспорената одлука и согласно член 71 став 3 од Законот за локалната самоуправа, го објавило ова решение во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 159/2008. Имено, согласно член 25 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, на плановите од член 7 точка 2 (меѓу кои и детален урбанистички план) од овој закон, изработени во форма на Предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Со Решение бр.16-11125/2 од 21.10.2008 година, Министерството за транспорт и врски ја огласило за ништовна во целост претходно дадената согласност на Предлог планот за Урбана заедница 8 УБ 8.3 (12,60 ха) во Охрид. Од иницијативата за запирање на примена на пропис, доставена до Советот на општина Охрид од Министерството за транспорт и врски под број 02-13002 од 31.10.2008 година, се гледало дека Советот на општина Охрид во моментот на донесување на оспорената одлука знаел дека согласноста на Предлог планот за предметната Урбана заедница е огласена за ништовна. Овој факт можел да се утврди со увид во извадокот од евиденцијата за извршено доставување, оформена од Министерството за транспорт и врски и потврдата за уредно извршена трансмисија на актот преку факс реализирана на 21.10.2008 година во 10:49 часот.

Дека членовите на Советот на општина Охрид биле информирани за поништената согласност пред одржување на седницата на Советот на која била донесена оспорената одлука, особено се гледало од содржината на Веб-страницата на Општина Охрид, во која на 27.10.2008 година било објавено соопштение од 58-та седница на Советот на Општина Охрид со следната содржина: „Донесувањето на ДУП за просторот Охридија непотребно беше пропратено со недоразбирање за кое придонесе одеднаш поништеното сопствено позитивно мислење од страна на Министерството за транспорт и врски…“ (завршен цитат).

Во прилог на претходната констатација, несомнено релевантно значење имале и следните факти:

– Предметната одлука, советот на општина Охрид ја донел на седницата одржана на 24.10.2008 година.

– Според дописот бр. 08-2939/1 од 28.11.2008 година, доставен до Министерството за локална самоуправа од Градоначалникот на општина Охрид, решението со кое е огласена за ништовна издадената согласност во седиштето на општината било примено на истиот датум (24.10.2008 година), но по завршување на седницата.

– Одлуката била објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8/43 на 27.10.2008 година.

Сите овие факти јасно упатувале на заклучок дека за повлекувањето на согласноста од страна на Министерството за транспорт и врски, органите на Општината во секој случај биле информирани најмалку три дена пред објавувањето на оспорената одлука. Ова бил битен факт во утврдувањето на фактичката состојба, затоа што според подносителот на иницијативата, до повлекување на дадената согласност можело да дојде се до објавувањето на конкретната одлука во службеното гласило на општината. Ова затоа што прописите на општината до нивното објавување немале правна сила, а по овој момент наоѓале примена одредбите и правните лекови пропишани со Законот за општата управна постапка и другите позитивни прописи.

Со оглед на тоа што Министерството за транспорт и врски како надлежен орган за уредување на просторот, во постапка утврдена со закон, ја огласило за ништовна во целост претходно издадената согласност на Предлог планот, евидентно било дека Советот на општина Охрид спорната одлука ја донел без потребната согласност од надлежниот орган за уредување на просторот, што значи дека Одлуката не била донесена согласно член 25 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што ваквата одлука не можела да произведе правно дејство и како незаконита, не можела да егзистира во правниот промет. Во прилог на ваквата констатација, подносителот на иницијативата укажува и на судската пракса на Уставниот суд на Република Македонија, искажана во Одлуката У.бр. 101/2008 од 17.10.2008 година.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, а Решението на Министерството за локална самоуправа за запирање на извршувањето на Одлуката да остане во важност до конечноста на одлуката на Уставниот суд по повод поднесената иницијатива, со која оспорената одлука ќе биде поништена.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Охрид, на седницата одржана на 24.10.2008 година, донел Одлука за донесување детален урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 Општина Охрид 2008-2013, бр. 07-2447/7 од 24.10.2008 година.

Според член 1 од Одлуката, се донесува детален урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013.

Според член 2 на истата одлука, со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 12,60 ха. Просторот на планскиот опфат во деталниот урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013 опфаќа граници: Туристичка, Бул. Асном, Карпош Војвода и Бејбунар.

Согласно член 3 од Одлуката, Деталниот урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013 со тех. бр. 106/2008 изработен е од ДОО „ИН – ПУМА“ содржи: текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и билансни показатели за планскиот опфат и инфраструктурата.

Според член 4 од Одлуката, Деталниот урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013 се заверува со потпис и печат на претседателот на Советот на општина Охрид.

Согласно член 5 од истата одлука, Деталниот урбанистички план за урбана заедница 8, урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013, се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој.

Според член 6 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Охрид“.

Одлуката е објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8 од 27.10.2008 година.

5. Судот, исто така, утврди дека Министерството за транспорт и врски, врз основа на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со акт бр. 16-11125 од 08.10.2008 година, до општина Охрид издало и доставило согласност на Предлог ДУП за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид.

Министерството за култура, со акт бр. 08-2140/4 од 14.10.2008 година, до Министерството за транспорт и врски, НУ Завод и Музеј – Охрид и до општина Охрид, доставило Решение за привремена заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“ во Охрид, бр. 08-2140/3 од 14.10.2008 година. Во истото решение е определено дека рокот на траење на привремената заштита изнесува 2 години од денот на донесувањето на решението, во кој период никој не смее да оштети ниту да уништи добро под привремена заштита.

По добивањето на наведеното решение, Министерството за транспорт и врски донело Решение бр. 16-11125/2 од 21.10.2008 година, со кое согласноста бр. 16-11125 од 08.10.2008 година на Предлог планот за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, се огласува за ништовна во целост. Против ова решение незадоволната странка има право на жалба до Комисијата за решавање во управна постапка од втор степен од областа на транспортот, врските и животната средина при Владата на Република Македонија, во рок од 15 дена од приемот на решението.

На 21.10.2008 година Министерството за транспорт и врски, по факс ги известил градоначалникот на општина Охрид, претседателот на советот на општина Охрид и Секторот за урбанизам дека е донесено Решение од страна на Министерството за култура за привремена заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“ во Охрид, бр. 08-2140/3 од 14.10.2008 година, кое е доставено во прилог, со известување дека согласно наведеното решение, потребно е Советот на општина Охрид да го одложи донесувањето и спроведувањето на Предлог ДУП за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, за кој Министерството за транспорт и врски има издадено согласност, се додека не истече рокот од две години за привремената заштита на Археолошкиот локалитет „Бејбунар“.

Наредниот ден, 22.10.2008 година, Министерството за транспорт и врски и по пошта го доставило до општина Охрид Решението бр. 16-11125/2 од 21.10.2008 година, со кое согласноста на Предлог планот за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, се огласува за ништовна во целост.

Според наводите на општина Охрид во одговорот на иницијативата, на 22.10.2008 година (среда) градоначалникот и претседателот на Советот на општината Охрид биле службено отсутни и не постоела можност за достава на Решението, на 23.10.2008 година бил неработен ден , така што Решението било доставено по завршувањето на седницата на Советот на општина Охрид одржана на 24.10.2008 година.

Советот на општина Охрид, на 24.10.2008 година, ја донел оспорената одлука, која е објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8/43 од 27.10.2008 година.

Општина Охрид доставила до Комисијата за решавање во управна постапка од втор степен од областа на транспортот, врските и животната средина при Владата на Република Македонија, жалба бр.08-2628/1 од 04.11.2008 година (примена во Владата на 06.11.2008 година), против Решението на министерот за транспорт и врски бр. 16-11125/2 од 21.10.2008 година, со која се бара второстепениот орган да ја уважи жалбата и оспореното решение да го поништи.

Министерството за локална самоуправа, согласно членовите 70 и 71 став 2 од Законот за локалната самоуправа, донело Решение бр. 14-1516/3 од 18.11.2008 година, со кое примената на Одлуката за донесување детален урбанистички план за урбана единица 8. урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013, бр. 07-2447/7 од 24.10.2008 година, донесена од Советот на општина Охрид и објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр. 8/43, се запира. Решението е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 159/2008, од 22 декември 2008 година.

На 22.01.2009 година Министерството за локална самоуправа, согласно член 71 став 4 од Законот за локалната самоуправа, достави до Уставниот суд на Република Македонија иницијатива за оценување на законитоста на прописот со запрена примена, со барање решението со кое е запрена примената на оспорената одлука да остане во важност до конечната одлука на Уставниот суд по однос на иницијативата.

Општина Охрид-Кабинет на Градоначалникот, со свој акт Бр.08-600/2 од 28.05.2009 година, до Уставниот суд на Република Македонија достави дополнение на одговорот-ургенција (примена во Судот на 01.06.2009 година), во кое известува дека на 26.05.2009 година, Министерството за култура – Управата за заштита на културното наследство, донела Решение за престанок на привремена заштита на недвижно културно наследство, бр. 08 – 2140/3, со кое под точка 1 одлучил дека престанува привремената заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“ во Охрид, под точка 2 со донесувањето на Решението престанува да важи Решението за привремена заштита бр. 08-2140/3 од 14.10.2008 година донесено од истата управа и под точка 3, се врши бришење на привременото заштитено добро во Националниот регистар на културно наследство и тоа во Дополнителен регистар на добра под привремена заштита. Решението е доставено во прилог на известувањето.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” бр. 51/2005 и 137/2007), кој бил во важност во време на донесување на оспорената одлука.

Во членот 7 од наведениот закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистички план.

Според член 25 став 1 од Законот, кој е систематизиран во главата II, Планирање на просторот, во точка 2 – Постапката за изработување и донесување на планови, е регулирано дека на плановите од членот 7 точка 2 алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се издава согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно ставот 3 на овој член, по добивањето на согласноста, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Од увидот во доставената документација за постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план, неспорно е дека Министерството за транспорт и врски, врз основа на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со акт бр. 16-11125 од 08.10.2008 година, издало согласност на Предлог ДУП за урбана единица 8. урбан блок 8.3 општина Охрид. Исто така, неспорно е дека на 21.10.2008 година Министерството за транспорт и врски, по факс ги известил градоначалникот на општина Охрид, претседателот на советот на општина Охрид и Секторот за урбанизам дека е потребно Советот на општина Охрид да го одложи донесувањето и спроведувањето на Предлог ДУП за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, од причини што било донесено Решение од страна на Министерството за култура за привремена заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“ во Охрид, се додека не истече рокот од две години за привремената заштита на Археолошкиот локалитет „Бејбунар“. Дополнително, на 22.10.2008 година, Министерството за транспорт и врски и по пошта го доставило до општина Охрид Решението со кое согласноста на Предлог планот за Урбана заедница „8“, УБ „8.3“- (12,60 ха) во Охрид, се огласува за ништовна во целост, со правна поука дека против решението може да се изјави жалба до Комисијата за решавање во управна постапка од втор степен од областа на транспортот, врските и животната средина при Владата на Република Македонија, во рок од 15 дена од приемот на решението. И покрај наведеното, советот на општина Охрид на 24.10.2008 година ја донел оспорената одлука и на 27.10.2008 година ја објавил во „Службен гласник на општина Охрид “.

Според Судот, донесувањето на решение за поништување на претходно дадената согласност за донесување на оспорената одлука, иако тоа не станало конечно во моментот кога е донесена одлуката, претставува јасно изразен став на надлежниот орган за вршење на работите од областа на уредување на просторот, дека ја повлекува согласноста издадена согласно член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дека согласноста повеќе не постои и дека тоа значи обврска за општинските органи да го испочитуваат решението и да ја запрат постапката за донесувањето на оспорената одлука. Притоа, законодавецот не пропишал конкретна форма во која надлежниот орган ја издава или повлекува наведената согласност, од каде произлегува дека е потребно надлежниот орган на јасен и недвосмислен начин да ја изрази согласноста за донесување на одлуката, односно, како во конкретниов случај, на јасен и недвосмислен начин да изрази дека ја повлекува, односно поништува претходно дадената согласност. Фактот што согласноста е поништена со решение кое не било конечно до моментот на објавувањето на одлуката, според Судот, не може да се толкува како ова решение и да не постоело и тоа да ја оправда општината да продолжи со постапката, наместо да го запре донесувањето и објавувањето на одлуката, до завршување на постапката по спорното решение. Ова од причина што Министерството за транспорт и врски благовремено ги известило надлежните органи на општина Охрид дека постојат промени во правната и фактичката состојба кои влијаат на издадената согласност, поради кои согласноста е поништена. Со оглед дека одлуката произведува правно дејство од денот на објавувањето во службеното гласило на општината, се до овој момент е правно дозволиво повлекување на дадената согласност. Во конкретниот случај, несомнено е дека надлежните органи на општина Охрид, и пред донесувањето на одлуката и пред нејзиното објавување во службеното гласило на општината, знаеле дека согласноста е поништена, но и покрај тоа, ја донеле и објавиле одлуката.

Оттука, според Судот, донесувањето и објавувањето на оспорената одлука, во ситуација кога било донесено решение за поништување на претходно дадената согласност, независно што истото не било конечно, значи дека оспорената одлука била донесена без потребната согласност од член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, што претставува суштествен недостаток во постапката за планирање, поради што основано може да се постави прашањето за законитоста на постапката за донесување на оспорената одлука.

На ваквата оцена, според Судот, нема влијание дополнително донесеното Решение на Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство, со кое престанала привремената заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“, а со тоа и важењето на Решението кое било основа за поништување на согласноста. Ова од причина што донесувањето на ова решение не ја заменува согласноста од член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање која недостасува во постапката за донесување на оспорената одлука, односно не може да ги замени и оправда донесувањето и објавувањето на оспорената одлука во постапка која има сериозни недостатоци кои одлуката ја прават незаконита.

7. Во однос на Решението на Министерството за локална самоуправа, со кое е запрена примената на оспорената одлука, бр.14-1516/3 од 25.11.2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 159/2008) и предлогот во иницијативата истото да остане во важност до конечноста на одлуката на Уставниот суд, Судот го имаше предвид следното:

Согласно член 70 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), надзорот над законитоста на прописите на општината врши министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа.

Според член 71 од истиот закон, со кој се уредува надзорот над законитоста на прописите на општината, градоначалникот е должен, во рок од 10 дена од денот на нивното објавување, да ги достави прописите на општината до министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа. (став 1). Доколку органот од ставот 1 на овој член смета дека прописот не е во согласност со Уставот и со закон, во рок од 45 од денот на доставувањето на прописот, донесува решение за запирање на примената на прописот, со кое ги образложува и причините за запирањето.(став 2). Решението од ставот 2 на овој член се објавува во “Службен весник на Република Македонија”(став 3). Органот од ставот 1 на овој член, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, до Уставниот суд на Република Македонија поднесува иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на запрениот пропис (став 4). Ако постапката не биде покрената во определениот рок од став 4 на овој член, престанува важноста на решението за запирање на примената на прописот од ставот 1 на овој член, и запрениот пропис станува извршен.

Во конкретниот случај, Министерството за локална самоуправа донело Решение со кое ја запира примената на оспорената одлука, кое е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 159/2008 од 22 декември 2008 година. Иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, број 14-110/1 од 20 јануари 2009 година, Министерството ја доставило до Уставниот суд на Република Македонија на 22 јануари 2009 година.

Според член 103 став 2 од Законот за општата управна постапка, кога рокот е определен во денови, денот во кој е извршено доставувањето или соопштувањето, односно во кој паѓа настанот од кој треба да се смета траењето на рокот, не се засметува во рокот туку за почеток се зема првиот нареден ден.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива и утврдената фактичка состојба во предметот, произлегува дека рокот од 30 дена за доставување на иницијативата до Уставниот суд, утврден во член 71 став 4 од Законот за локалната самоуправа, истекол на 21 јануари 2009 година, од каде произлегува дека иницијативата била доставена до Уставниот суд по истекот на овој рок. Во таков случај, законодавецот предвидел дека престанува важноста на решението за запирање на примената на прописот и запрениот пропис станува извршен.

Во однос на фактот дека Министерството за локална самоуправа ја доставило иницијативата за оценување на законитоста на оспорената одредба по истекот на рокот утврден во член 71 став 4 од Законот за локалната самоуправа, поради што се постави прашањето дали ова министерство можело легитимно до Уставниот суд да ја поднесе наведената иницијатива, Судот оцени дека не постојат пречки во оваа смисла. Ова затоа што согласно член 12 од Деловникот на Уставниот суд, секој може да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт. Тоа значи дека Министерството за локална самоуправа може да покрене иницијатива пред Уставниот суд за оцена на законитоста на оспорената одлука во секое време кога ќе оцени дека има основ за тоа, а пропуштањето на рокот од член 71 став 4 од Законот за локалната самоуправа, има последици во однос на важноста на решението за запирање на примената на прописот кој е оспорен, како што е претходно наведено.

8. Судот го имаше предвид Решението на Министерството за локална самоуправа, бр. 15-1272/1 од 22.09.2009 година, со кое Решението бр.14-1516/3 од 25.11.2008 година, донесено од ова министерство, со кое беше запрена примената на оспорената одлука на Советот на општина Охрид, се укинува. Според образложението на Решението, истото е донесено затоа што Министерството за локална самоуправа констатирало дека Решението на Министерството за култура – Управа за културното наследство, бр. 08-2140/3 од 14.10.2008 година, врз основа на кое Министерството за транспорт и врски донело Решение бр. 16-11125/2 од 21.10.2008 година со кое ја огласило за ништовна претходно дадената согласност бр. 16-11125 од 08.10.2008 година, доносителот го дерогирал во целост, со што практично престанале причините поради кои наведеното министерство ја повлекло дадената согласност на Деталниот урбанистички план за урбана заедница 8 УБ 8.3 Општина Охрид. Бидејќи несомнено престанала потребата од привремена заштита на недвижно културно наследство на предметниот локалитет, овој орган утврдил дека натамошната примена на решението од диспозитивот, со кое Министерството за локална самоуправа ја запрело примената на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за урбана заедница 8 УБ 8.3 општина Охрид, бр. 07-2447/7 од 24.10.2008 година, донесена од Советот на општина Охрид, станала беспредметна.

Во однос на ова решение, Судот имаше предвид дека според правното мислење дадено во точката 7 од ова решение, фактот што иницијативата до Уставниот суд од страна на Министерството за локална самоуправа е поднесена по истекот на рокот од член 71 став 4 од Законот за локалната самоуправа, значи дека престанала важноста на решението за запирање на примената на прописот и запрениот пропис станал извршен. Поради тоа, нема правен основ дополнително, со наведеното решение, Министерството за локална самоуправа да констатира дека забраната за примена на спорната одлука станала беспредметна.

И покрај донесувањето на Решението, Министерството за локална самоуправа не ја повлече иницијативата за оценување на законитоста на оспорената одлука.

9. Дополнително, пред Судот се појави дилема дали деталниот урбанистички план кој е опфатен со оспорената одлука, го опфаќа просторот на локалитетот Бејбунар 1 и Бејбунар 2, имајќи предвид дека Уставниот суд, при оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување Генерален урбанистички план на Охрид 2002-2012, бр. 1348/2 од 30 јуни 2006 година (У.бр.143/2006), утврдил дека во извештајот од стручната расправа по овој план било видно дека на просторот на земјиштето во месноста Бејбунар 2 се наоѓале изворите на најквалитетна вода за пиење, поради што тој простор не можел да биде предвиден за градба. Во оваа постапка биле обезбедени мислења од Министерството за животна средина и просторно планирање, Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Управата на Националниот парк „Галичица“, Хидробиолошкиот завод Охрид и МЈП „Проаква“.

Заради разрешување на наведената дилема, Судот се обрати до Министерството за транспорт и врски за добивање писмено известување дали месностите Бејбунар 1 и Бејбунар 2 се опфатени со Деталниот урбанистички план за УЕ 8, УБ 8.3 – Општина Охрид, кој се оспорува (акт на Уставниот суд У. бр. 24/09 од 05.11.2009 година).

Според добиеното известување (акт на Министерството за транспорт и врски бр. 16-13551/4 од 21.12.2009 година), Агенцијата за катастар на недвижности – Одделение за премер и катастар, Општина Охрид, доставило известување дека во доставените податоци од катастарскиот операт, опишаниот опфат е во месноста викана Бејбунар, додека за м.в. Бејбунар 1 и м.в. Бејбунар 2 истите не поседуваат податоци така што не се во можност конкретно да одговорат на барањето.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, не е јасно дали опфатот на оспорениот детален урбанистички план го опфаќа и просторот на месноста Бејбунар 2, за кој Уставниот суд веќе се произнел дека основано е изземен од можноста за градење, поради заштита на најквалитетната вода за пиење, а врз основа на мислењата од надлежните стручни органи. Притоа, Судот го имаше предвид и мислењето на Министерството за животна средина и просторно планирање – Сектор за просторно планирање, бр. 11-4335/2 од 20.06.2008 година (дадено во однос на Нацрт-планот кој се оспорува), според кое просторот кој што е предмет на изработка на спорниот детален урбанистички план е простор чија што јужна граница е дефинирана над Булеварот „Туристичка“, па со оглед на фактот дека урбаниот опфат не граничи со крајбрежјето на Охридското Езеро, истиот не е предмет на разгледување од аспект на заштита на Охридското Езеро и Законот за заштита на природата, заради што Управата нема забелешки на Нацрт-планот и во целост ја поддржува иницијативата за неговата изработка, но наведеното стручно мислење не задоволува како одговор на поставената дилема.

10. Имајќи предвид дека оспорената одлука била донесена без потребната согласност од член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што постои основано сомнение дека општина Охрид сторила повреда на законски пропишаната постапката за донесување на деталниот урбанистички план за урбана единица 8. урбан блок 8.3 општина Охрид 2008-2013, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

11. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.24/2009
30 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски