130/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 26 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 6 во делот „и кое има запишан капитал и резерви од минимум 100.000 евра во денарска противвредност во билансот на состојбата од тековната година и/или запишан основен влог за новото трговско друштво, односно банкарска гаранција за обезбедена финансиска стабилност“ од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011 и 6/2012).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 6 во делот означен во точката 1 од ова решение од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот дел на членот 8 став 6 од Законот се повредуваат одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 30 став 1 и 3, член 55 став 1 и член 58 од Уставот. Ова од причина што наведените уставни одредби не даваат основ законодавецот без постоење на јавен интерес да регулира по сила на закон ограничување на правото на граѓанинот или друг субјект да располага со сопственоста односно да презема правни работи со кои ќе се врши располагање или оптоварување на имотот во сопственост.

Условот за добивање на лиценца за организација на превоз на стока и/или патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај да има запишано капитал и резерви од минимум 100.000 евра во денарска противвредност во билансот на состојбата од тековната година и/или запишан основен влог во новото трговско друштво односно банкарска гаранција за обезбедување финансиска стабилност со Законот за превоз во патниот сообраќај од 2004 година воопшто не бил предвиден. Тоа законско решение било исправно од уставно-правен аспект бидејќи добивањето на лиценца не зависи од капиталот и резервите.

Условот за добивање на лиценца за организација на превоз на стока и патници во меѓународниот и внатрешниот патен сообраќај ….. придружни дејности во превозот или шифра до дејност туристички агенции, организирање на патувања и останати услуги е воведен со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.53/2011 од 14 април 2011), при што за добивање на лиценца било потребно барателот да има обезбедено банкарска гаранција во висина од 50.000 евра и има запишан капитал и резерви од минимум 20.000 евра во денарска противвредност.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.6/2012) од 13 јануари 2012 година законодавецот пропишал дека лиценца за вршење на дејност превоз во внатрешниот и меѓународниот сообраќај ….. може да добијат баратели кои имаат запишано капитал и резерви од минимум 100.000 евра во денарска противвредност во билансот на состојби од тековната година .

Според подносителот, законодавецот може да пропишува услови на начин и постапка која подразбира избраните мерки да бидат соодветни на целите и причините поради кои се предвидуваат, а при тоа да не се доведе во прашање или во поголем обем да не се загрози правната и социјалната сигурност на стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат.

Оттука, според подносителот обврските што со оспорениот член им се наметнува само на организации на превоз на стока и/или патници во внатрешниот или меѓународниот патен сообраќај не е пропорционална мерка со целите за кои е утврдена, со оглед на тоа што таа претставува прекумерно оптоварување и ограничување на нивните права и слободи а истовремено претставува загорзување на нивното правно, економско и социјална сигурност како елементи на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3. Понатаму, според оспореното законско решение се повредува и член 9 и член 32 став 1 и 2 од Уставот.

Понатаму, подносителот наведувајќи го принципот на слобода на пазарот и претприемништвото и еднаквост на пазарните субјекти, а имајќи ги во предвид уставните одредби наспрема оспорениот дел од член 8 став 6 од Законот смета дека државата не може со закон да пропишува услови кои во суштина значат ограничување на дејност организирање на превоз на стока и/или патници за да можат да добијат лиценца да се условуваат претходно да имаат запишан капитал и резерви од минимум 100.000 евра во денарска противвредност.

Според тоа, со оспорениот законски дел е воведена ригорозна законска регулатива која не е базирана на објективна уставна основа бидејќи не е сразмерно и пропорционално мерките според економската моќ на граѓанинот и другите субјекти во Републиката. Тука особено треба да се има предвид дека секојдневното зголемување на трошоците во работење води кон минимална заработка и се доведува во прашање опстанокот на постојните фирми, што претставува ризик од пораст на невработеноста и социјални проблеми.

Воедно подносителот прашува како е можно од оваа мерка да се исклучат транспортните фирми кои работат директен транспорт и посредништво, а нивниот возен парк не одговара на вредност од 100.000 евра, кој износ се бара од посредниците како гаранција. Тоа претставува чиста дискриминација и голема нееднаквост.

Врз основа на наведеното, подносителот предлага Судот да го укине или поништи оспорениот дел на член 8 став 6, а до донесување на конечна одлука да изрече времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 8 став 6 од Законот „Лиценца за организација на превоз на стока и/или патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај може да добие правно или физичко лице кое има регистрирано шифра на дејност, придружни дејности во превозот или шифра на дејност туристички агенции, организатори на патувања (туроператори) и други резервациски услуги и кое има запишан капитал и резерви од минимум 100.000 евра во денарска противвредност во билансот на состојба од тековната година и/или запишан основен влог за нивното трговско друштво, односно банкарска гаранција за обезбедена финансиска стабилност.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.

Согласно член 9 од Уставот: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“(став 1).„Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).

Според член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственоста (став 1), сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2), никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1), Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2), како и слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Согласно членот 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија има уставно овластување да донесува закони односно да ги уредува правата и обврските на граѓаните, меѓу кои и правата на вработените, како и правната положба на сите субјекти на пазарот, при што Собранието е должно да обезбеди еднаквост на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, истовремено спречувајќи монополска положба и монополско однесување на пазарот. Со тоа се обезбедуваат темелните вредности за слободата на пазарот и претприемништвото и за владеењето на правото.

Според член 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешнот и меѓународниот сообраќај при што согласно членот 2 од наведениот Закон превозот на патници и стоки во меѓународниот сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународните договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија .

Во членот 4 од Законот е предвидено дека за вршење на превоз на патници и стока потребна е лиценца, а во членот 7 од Законот се утврдени видовите на лиценци.

Во членот 8 од Законот е предвидено дека:

(1) Лиценца од членот 7 став 1 точки 1 и 2 на овој закон може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако ги исполнува следниве услови:
1) да е впишан во Централниот регистар на Република Македонија и да има регистрирано приоритетна дејност/главна приходна шифра вршење на превоз на патници и стока во патниот сообраќај;
2) да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за превоз или да има договор за лизинг, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз во внатрешниот и/или меѓународниот патен сообраќај, при што за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет од најмалку 22+1 седиште по возило, за општински линиски превоз на патници да е сопственик на две или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 16+1 седиште, а за слободен превоз и посебен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет со најмалку 8+1 седиште по возило, што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз;“
3) да има вработено во редовен работен однос возачи во зависност од бројот на моторните возила, минимум еден возач по возило (автобуси и товарни возила) што ги исполнуваат условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата;
4) да има вработено авто-такси возачи;
5) во возилото со кое се врши авто-такси превоз на патници да има вградено фискален апарат;
6) управителот или овластеното лице одговорно за превоз да има сертификат за професионална компетентност;
7) да има солидна финансиска состојба;
8) да има добар углед;.
9) да има вработено возачи кои имаат сертификат за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки.

(2) Одредбите од ставот 1 точка 7 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за вршење на превоз во внатрешниот патен сообраќај.

(3) Одредбите од ставот 1 точка 10 на овој член се однесуваат само задобивање на лиценца за меѓународен превоз на патници и стока.

4) Одредбите од ставот 1 точки 1 и 7 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за превоз на патници и стока за сопствени потреби во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

5) Како доказ за исполнување на условот од ставот 1 точка 3 на овој член се доставува, список на вработени по обврзник не постар од 60 дена и копие од образец м1/м2 за секој возач одделно.

6) Лиценца за организација на превоз на стока и/или патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај може да добие правно или физичко лице кое има регистрирано шифра на дејност, придружни дејности во превозот или шифра на дејност туристички агенции, организатори на патувања (туроператори) и други резервациски услуги и кое има запишан капитал и резерви од минимум 100.000 евра во денарска противвредност во билансот на состојба од тековната година и/или запишан основен влог за новото трговско друштво, односно банкарска гаранција за обезбедена финансиска стабилност.

7) Одредбите од ставовите 1 точки 1, 2, 3, 4, 5, 7 и 10 и 5 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за организација на превоз на стока и/или патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

8) Начинот и постапката за добивање и одземање на лиценцата за одделни видови на превоз ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Законот за превоз во патниот сообраќај како и анализата на оспорениот член 8 став 6 во делот „и кое има запишан капитал и резерви од минимум 100.000 евра во денарска противвредност во билансот на состојбата од тековната година и/или запшан основен влог за новото трговско друштво, односно банкарска гаранција за обезбедена финансиска стабилност“,наспрема наводите во иницијативата дека со оспорениот дел се воведувал дополнителен товар на финансиските средства на фирмите кои се занимавале со оваа дејност, се неосновани.

Ова од причина што легитимно право на законодавецот е да ги утврди условите и начинот на вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, во која смисла и да го услови субјектите кои ја вршат ова дејност да имаат одрдена висина на капитал утврден со закон. Тоа, во суштина, значи и овластување на законодавецот да цени и по потреба да ги менува, дополнува или укинува условите за вршење на овој превоз, вклучително и условите за добивање на лиценца со цел допрецизирање на одредбите и усогласување на оваа регулатива со правната регулатива изразени преку Директивата на Европската унија со која се регулира превозот на патници и стока во патниот сообраќај, односно прашањето за пристапот на пазарот, а која Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија има обврска истата правна регулатива да ја имплементира во националното законодавство.

Оттука, според Судот не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на членот 8 став 6 од Законот со наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека утврдената со закон висина која треба да биде обезбедена од вршителите на дејноста превоз во патниот сообраќај или придружни дејности во превозот била несразмерна и преставувала прекумерно ограничување на нивните слободи и права, Судот оцени дека тоа е фактичко прашање за што тој не е надлежен да одлучува односно да се впушта во оценување за тоа дали утврдената висина е прекумерна или не.

5. Врз основа на наведното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.130/2012
26 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски