Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 декември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за вршење на работите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија за општина Центар Жупа („Службен Весник на Република Македонија“ број 147/2012 година).
2. Илбер Исеновски од с. Баланци – Центар Жупа, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, Владата на Република Македонија донела неуставна одлука, бидејќи се работело за продавање на земјиште за која не била извршена пренамена од земјоделско во градежно земјиште. Имено, штета ќе претрпеле сите сточари што имале преку 1000 овци, како и сите граѓани, бидејќи се планирале локални урбанистички плански документации во средина на земјоделски блокови и се уништело целото земјоделие кој бил основен извор на живеење на населението во Општина Центар Жупа.
Поради тоа со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката е предвидено дека Општина Центар Жупа ќе врши работи за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија, кое се наоѓа на нејзиното подрачје согласно исполнетите услови од член 89 од Законот за градежно земјиште.
Судот на седницата исто така утврди дека во членот 2 од Одлуката, Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од називот и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека е поединечен акт со кој општината Центар Жупа ќе врши работи за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија, а не е пропис со кој на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.
Со оглед на тоа што оспорената одлука не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија туку е поединечен, односно конкретен акт, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува нејзината согласност со Уставот на Република Македонија, поради што согласно цитираната деловничка одредба постојат услови иницијативата да се отфрли.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.200/2012
26 декември 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски