Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 декември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Фросина Ташевска-Ременски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 20 и член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
2. Фросина Ташевска-Ременски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 20 и член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Во барањето се наведува дека подносителката била вработена во Факултетот за безбедност-Скопје на работно место наставник со наставно-научно звање доцент. Од страна на Наставно-научниот совет на одржана седница од 04.10.2012 година, со Одлука број 0701/295 од 08.10.2012 година, била избрана за Продекан за настава на Факултетот. Во врска со нејзиниот избор, до Државниот просветен инспекторат била поднесена анонимна претставка, во која подносителите повикувајќи се на членот 64 став 2 од Законот за високото образование навеле дека Фросина Ташевска-Ременски била член на Советот за безбедносни прашања и НАТО интеграции на политичка партија СДСМ, а според наведениот член од Законот, вршењето на должноста декан и продекан, односно директор на висока стручна школа било неспојливо со вршење на друга државна функција или функција во политичка партија.
Постапувајќи по претставката Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор во високообразовната установа и на Записник број 21-100 од 22.10.2012 година, констатирал дека подносителката на барањето била избрана за Продекан за настава на Факултетот и дека таа членувала во советодавното тело на именуваната политичка партија, при што повикувајќи се на членот 64 став 2 од Законот за високото образование, инспекцискиот просвете орган во Записникот навел дека тоа нешто било спротивно на членот од Законот, со препорака до Факултетот за безбедност-Скопје и до ново избраната продеканка, дека согласно тој член од Законот барателката не можела истовремено да ги врши двете должности, со напомена дека таа морала да се откаже од едната од тие должности.
Во врска со наводите од претставката и наоѓањето на Државниот просветен иснпекторат, барателката со Изјава од 08.10.2012 година, изјавила дека ја разбирала неспојливоста на вршењето на функцијата продекан со друга државна функција или функција во политичка партија што било уредено со членот 64 од Законот за високото образование и членот 130 од Статутот на Универзитетот “Св. Климент Охридски”-Битола, но дека во интерес на тие наводи изјавува дека нејзиното членство во советот на споменатата политичка партија не било политичка функција, односно дека советот не бил орган на политичка партија, што се потврдувало и од член од Статутот на политичката партија. Оттука, членството во советодавното тело не можело да се толкува како функција во политичка партија, па следствено на тоа барателката изјавила дека нема функција во политичка партија во смисла на членот од Законот.
Исто така, во барањето се наведува дека барателката, со цел да го исполни укажувањето од Државниот просветен инспекторат во Записникот број 21-100 од 22.10.2012 година, наведува дека по претходни правни консултации на ден 12.10.2012 година, самостојно и доброволно дала нотарски заверена изјава во која изјавила дека за време на мандатот како Продекан за настава на Факултетот за безбедност-Скопје, нема други државни функции или функција во политичка партија и нема да извршува друга државна функција или функција во политичка партија. Како прилог кон нотарски заверената изјава, доставила известување и до политичката партија со кое ја известува за нејзиниот избор со укажување дека иако не вршела функција во партијата имала законска обврска да ги извести за нејзиниот избор на Факултетот и за обврската од членот 64 од Законот за високото образование и Законот за спречување на судир на интереси, односно дека за време на мандатот на именуваната функција, нема да извршува друга државна функција или функција во политичка партија. Во изјавата помеѓу другото таа го цитира членот 64 став 2 од Законот за високото образование, членот 20 ставови 1 и 2 од Уставот и член 1 од Законот за спречување на судир на интереси. Примерок од Изјавата, Известувањето и Одлуката, барателката доставила до Државниот просветен инспекторат, Државната комисија за спречување на корупцијата и Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје.
Според барателката, фактот што доставувањето на документите било извршено пред нејзиното стапување на должност Продекан за настава, Државниот просветен инспекторат излегол од својата законска надлежност за утврдување на неспојливост на функции/судир на интереси и толкување на терминот функција во политичка партија, па со таа постапка, според барателката, просветниот инспекторат се ставил во функција на политичка дискриминација, спротивно на уставната забрана за дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.
Барателката смета дека погрешно инспекцискиот просветен орган нашол дека постоел судир на интереси помеѓу вршењето на должноста Продекан за настава на Факултетот за безбедност – Скопје и членување во советодавното тело за безбедносни прашања во политичката партија, односно дека погрешно го поистоветил терминот политичка функција со членувањето во советодавното тело, кога Државниот просветен инпекторат иако ненадлежен за тоа прашање, се впуштил во толкување на членот од Законот, а на кој впрочем се повикал инспекцискиот просветен орган при укажувањето за неспојливост на двете должности доколку се вршат истовремено.
Поради ваквото наоѓање на инспекцискиот просветен орган, барателката смета дека Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука, со наведената констатација во Записникот број 21-100 од 22.10.2012 година, го повредил нејзиното право од член 20 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, на начин што спротивно на своите надлежности и без консултации со надлежни органи за утврдување на неспојливост на функции и со давање на автентично толкување на терминот “функција во политичка партија”, односно поистоветувајќи го “членството” со “функција во политичка партија”, се впуштил во толкување на законската одредба, утврдувајќи судир на интереси, за што не бил надлежен, туку согласно Законот за спречување на судир на интереси надлежна била Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во барањето се наведува и дека Државниот просветен инспекторат барал постапување од лица кои се уште не стапиле на должност, односно не ја извршуваат функцијата. Новоизбраниот Декан професор д-р Снежана Никодиновска-Стефановска, барателката како Продекан за настава и доцент д-р Снежана Мојсоска како Продекан за финансии, стапиле на должност на 18.10.2012 година, односно 10 дена по извршениот инспекциски надзор, односно 6 дена по доставувањето на бараната документација, па во таа смисла, барањата од Државниот просветен инспекторат, барателката ги смета како условување за доставување на “позитивен” записник од извршениот инспекциски надзор.
3. Со членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверување, а според ставот 2 од овој член од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност. Со ставот 2 од овој член на Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Согласно членот 52 од Деловникот на Уставниот суд, во барањето потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Со барањето подносителката бара заштита на слободи права од членот 20 ставови 1 и 2 од Уставот, со кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверување, а според ставот 2 од овој член од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, меѓутоа во барањето, подносителката не наведува кое конкретно право на здружување смета дека и е повредено со овој член од Уставот.
Исто така, подносителката во воведниот дел од барањето се повикува на заштита на слободи и права од членот 110 алинеја 3 од Уставот, според кој Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, меѓутоа во барањето не е наведено на кои слободи и права конкретно се однесува бараната заштита.
Во барањето е содржан наводот дека Државниот просветен инспекторат се ставил во функција на политичка дискриминација, спротивно на уставната забрана за дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност, впуштајќи се во постапување за кое не бил надлежен, односно впуштајќи се во утврдување на неспојливост на функции/судир на интереси и толкување на терминот функција во политичка партија, за кој надлежен бил друг орган.
Меѓутоа овој навод споменат во дел од барањето за заштита на слободи и права, барателката не го поткрепи со образложени причини, факти и докази на чија основа би можел Судот да се впушти во испитување дали Државниот просветен инспекторат при вршењето на инспекцискиот надзор, сторил повреда на слободите и правата на барателката со нејзино дискриминирање по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Ова од причини што изразот дискриминација подразбира секое разликување, исклучување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до уништување или намалување во поглед на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично. Самиот статус на граѓаните по некои од наведените основи, сам по себе не имплицира дискриминација, туку нееднаквиот и различен третман и постапување во еднакви случаеви, а od baraweto ne proizleguvaat fakti nitu dokazi дека барателката, заради некој од основите била нееднакво третирана од наведениот орган, односно дека таа била спречена во уживањето на правата и слободите со нејзино дискриминирање. Оттука, наводите дека Државниот просветен инспекторат се ставил во функција на политичка дискриминација, а кои наводи барателката ги темели исклучиво на незаконско и ненадлежно постапување на органот, на ненадлежно впуштање на органот во автентично толкување на одредба од закон, како и на наводи за погрешно толкување на терминот funkcija vo politiчka partija, од чиј исход не е задоволна барателката, според Судот, тоа не се аргумент за поинаков и нееднаков нејзин третман во однос на други граѓани, од кои причини постојат и процесни пречки за впуштање на овој суд во испитување на околности дали подносителката на барањето за иста правна ситуација и во поглед на исти правни прашања, била нееднакво третирана во однос на други граѓани, по некои од основите содржани во цитираниот член 110 алинеја 3 од Уставот.
Тргнувајќи од содржината на членот 51 од Деловникот на Уставниот суд кој уредува дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање, во конкретниот случај Записникот за констатирана состојба број 21-100 од 22-100 од 22.10.2012 година, составен од Државниот просветен инспекторат по повод извршен инспекциски надзор, нема својство на конечен или правосилен поединечен акт во смисла на цитираниот член од Деловникот на Уставниот суд, што претставува процесна пречка за постапување по барање за заштита на слободи и права.
Од овие причини, во отсуство на процесни претпоставки за одлучување по барањето за заштита на слободи и права, истото се сведува на барање овој суд во улога на надреден арбитер да се впушти во испитување дали во конкретниот случај инспекцискиот орган излегол надвор од своите надлежности или делувал во рамките на своите со закон утврдени надлежности, односно на барање за преиспитување на законитоста во постапувањето и делувањето на инспекцискиот орган како надлежен орган за надзор над примената на одредбата од Законот за високото образование, што излегува надвор од рамките на надлежностите на Уставниот суд, вклучително и автентичното толкување на содржината на одредбата од Законот што е во надлежност на Собранието на Република Македонија. Воедно и по однос на прашањето дали правилно Државниот просветен инспекторат утврдил судир на интереси, а на чија основа всушност барателката го темели барањето за заштита на слободи и права, односно прашањето за постоење или не постоење на евентуален судир на интереси во конкретниот случај, тоа се прашања од надлежност на други органи пред кои барателката може и има право да иницира постапување и конечна разрешница по тоа прашање.
4. Имајќи го предвид погоре наведеното, во отсуство на сите овие процесни претпоставки, во конкретниот случај Судот оцени дека не постојат услови за мериторно одлучување по барањето.
5. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.167/2012
12 декември 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски