У.бр.146/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Никос Селемидис од Скопје за заштита на слободите и правата по основ на дискриминација повредени со Одлуката со која се утврдува процентуален сооднос и новото гравитирање на јавните паркиралишта и јавните површини наменети за паркирање, бр. 02-717/9 од 20.09.2011 година и член 19 став 1 и став 2 од Правилникот за начинот и условите на паркирање, времетраењето на паркирањето, односно неговото ограничување и означување на ограничувањето на јавните паркиралишта од значење за град Скопје, бр. 02-1203/4-1 од 28.12.2009 година, донесени од управниот одбор на Јавното претпријатие „Градски паркинг-Скопје“.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Ценовникот на услуги кои ги извршува Јавното претпријатие „Градски паркинг-Скопје“, бр. 02-211/4 од 25.02.2011 година и член 19 ставовите 1 и 2 од Правилникот за начинот и условите на паркирање, времетраењето на паркирањето, односно неговото ограничување и означување на ограничувањето на јавните паркиралишта од значење за град Скопје, бр. 02-1203/4-1 од 28.12.2009 година, донесени од страна на управниот одбор на Јавното претпријатие „Градски паркинг-Скопје“.

3. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување на уставноста на член 26 од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, бр.07-3395/1 од 4 декември 2008 година, донесена од Советот на град Скопје.

4. Никос Селемидис од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободата и правото по основ на дискриминација, повредени со актите означени во точка 1 од ова решение, како и барање за оценување на уставноста на актите означени во точките 2 и 3 на ова решение.

Според наводите во делот од барањето кое се однесува на заштита на слободите и правата по основ на дискриминација согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, дискриминацијата била сторена со Одлуката со која се утврдува процентуален сооднос и новото гравитирање на јавните паркиралишта и јавните површини наменети за паркирање и со член 19 став 1 и став 2 од Правилникот за начинот и условите на паркирање, времетраењето на паркирањето, односно неговото ограничување и означување на ограничувањето на јавните паркиралишта од значење за град Скопје. Имено, со определбата дека :„Вториот критериум се однесува на моментот што е потребно да поседувате ПМВ кое со сообраќајна дозвола, односно адреса ќе биде идентична со адресата во Вашата лична карта“, подносителот, како граѓанин на Република Македонија, а воедно и граѓанин на општина Аеродром, кој сите свои обврски по основ на плаќање данок, како и плаќање на други такси (комунални) навремено ги подмирувал кон Република Македонија, град Скопје и општина Аеродром, а кој живеел и во странство, па оттука поседувал патничко моторно возило со странски регистарски таблички, бил дискриминиран во однос на сите жители, негови соседи, кои биле ослободени од плаќање надоместок за паркиралиште и имале статус на повластени лица, и покрај тоа што и подносителот, исто како и тие, бил сопственик на стан и деловен простор за кои му следувало паркинг место, а врз основа на тоа и статус на повластено лице.

Според наводите во вториот дел од барањето, Ценовникот на услуги кои ги извршува Јавното претпријатие „Градски паркинг Скопје“, член 19 став 1 и став 2 од Правилникот за начинот и условите на паркирање, времетраењето на паркирањето, односно неговото ограничување и означување на ограничувањето на јавните паркиралишта од значење за град Скопје и член 26 од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, не биле во согласност со член 9, член 12 и член 27 од Уставот.

Оспорениот ценовник бил дијаметрално спротивен на член 9 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, од причина што со Ценовникот се вршела директна дискриминација на граѓаните по основ на национално потекло, па дури и бипатриди (лица со двојно државјанство, македонско и бугарско, како што бил случајот со подносителот).

Со оспорениот член 26 од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, според кој со самото поставување на лисици, блокатори на тркала, без при тоа да постои судска одлука за тоа, се ограничувало правото на слобода на движење, што не било во согласност со член 12 и член 27 од Уставот.

Поради наведеното, се бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените акти.

5. Судот на седницата утврди дека Ценовникот на услуги кои ги извршува Јавното претпријатие „Градски паркинг- Скопје“ има 14 члена.
Со Ценовникот се утврдуваат цените на услугите: паркирање на јавно паркиралиште (затворен паркинг простор со влезно – излезна наплатна рампа), паркирање на јавна површина наменета за паркирање (онаму каде се употребува зонскиот режим на регулирање на сообраќајот во мирување), отстранување непрописно запрени, паркирани или хаварисани возила (со помош на специјално возило Пајак), како и услугата изнајмување на велосипед (член 1).

Врз основа на видот на услугите кои ги нуди Јавното претпријатие „Градски паркинг-Скопје“ во Ценовникот на услуги кои ги извршува ова јавно претпријатие се утврдуваат следните категории на корисници и тоа: категорија „станар кој со своето живеалиште гравитира кон јавното паркиралиште односно јавната површина наменета за паркирање (зона)“, категорија „вработени кај правен субјект кој со своето седиште гравитира кон јавното паркиралиште односно јавната површина наменета за паркирање (зона)“, категорија „лице со посебна потреба“, категорија „правен субјект“ и категорија „физичко лице“ (член 2).

Судот, исто така, утврди дека според член 19 став 1 од Правилникот за начинот и условите на паркирање, времетраењето на паркирањето, односно неговото ограничување и означување на ограничувањето на јавните паркиралишта од значење за град Скопје, носители на право на сопственост или користење на стан во станбена зграда во реонот на јавно паркиралиште или површина наменета за паркирање можат да користат повластени паркинг билети што ги издава Јавното претпријатие „Градски паркинг-Скопје“, по принципот еден стан – две возила. Според став 2 на истиот член, услов за стекнување повластени паркинг билети од став 1 на овој член е адресата на живеење на сопственикот на возилото наведена во личната карта да е идентична со адресата од сообраќајната дозвола, а во случај кога автомобилот е набавен по пат на лизинг, адресата на живеење од личната карта да е идентична со адресата од договорот за лизинг.

Според член 26 од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, ако корисникот на паркиралиштето не го изврши плаќањето (цена на паркирање, доплатен билет, други трошоци) на начин согласно оваа одлука, односно актот на организаторот на паркирањето, ќе се смета дека паркирањето е непрописно и овластено лице на организаторот на паркирањето може да побара блокирање на тркалата (лисици, блокатори на тркала) или отстранување на возилото од паркиралиштето (со пајак-возило).

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Подносителот на барањето повредата на неговите слободи и права по основ на дискриминација ги поврзува со содржината на Одлуката на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Градски паркинг- Скопје“, со која се утврдува процентуален сооднос и новото гравитирање на јавните паркиралишта и јавните површини наменети за паркирање и со член 19 став 1 и став 2 од Правилникот за начинот и условите на паркирање, времетраењето на паркирањето, односно неговото ограничување и означување на ограничувањето на јавните паркиралишта од значење за град Скопје, донесен од истото јавно претпријатие. Имено, дискриминацијата се состоела во тоа што именуваниот, како државјанин на Република Македонија, но истовремено и како државјанин на Република Бугарија (бипатрид), имал стан во сопственост во Скопје, општина Аеродром, но имал и живеалиште во Република Бугарија и имал патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, поради што тој смета дека неосновано и дискриминаторски, врз основа на оспорените акти, бил одбиен за добивање повластен (бесплатен) билет за паркирање на возилото со странски регистарски таблички на јавното паркиралиште во населбата Аеродром каде што истиот имал стан во сопственост. Дискриминацијата ја бара во оспорената регулатива со која услов за стекнување статус на повластен корисник на паркиралиште е адресата на живеење да биде идентична во личната карта и во сообраќајната дозвола, а притоа не се земала предвид сопственоста на станот и можноста да се има живеалиште и во друга држава, а со тоа и патничко возило регистрирано во другата држава, каков што бил неговиот случај.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи ги предвид уставните и деловничките одредби кои се однесуваат на надлежноста на Уставниот суд во сферата на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, Судот оцени дека наведеното барање не спаѓа во категоријата на слободи и права што ги штити Уставниот суд и дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на барањето.

Ова затоа што е очигледно дека дискриминацијата чија заштита се бара не е сторена со конечен или правосилен поединечен акт или дејство, како што налага Деловникот на Уставниот суд, туку подносителот на барањето всушност ја оспорува уставноста на прописите со кои е уредено прашањето за повластени корисници на паркинг простори, која регулатива тој смета дека е дискриминаторска за граѓаните кои имаат стан во сопственост во Република Македонија, но кои живеат во странство и имаат патнички моторни возила со странски регистарски таблички, поради што Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на барањето во делот за заштита на слободите и правата по основ на дискриминација.

7. Во однос на вториот дел од барањето, кој се однесува на оценување на уставноста на оспорените прописи на Јавното претпријатие „Градски паркинг-Скопје“, во делот кој се однесува на пропишаната регулатива за добивање повластен (бесплатен) билет за паркирање на станарите кои со своето живеалиште гравитираат кон јавното паркиралиште, Судот го имаше предвид следното:

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со член 10 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004 и 158/2011), се пропишани надлежностите на градот Скопје и општините во градот Скопје. Така, во делот 4. кој се однесува на комунални дејности, во алинеја 14 се пропишува дека во надлежност на градот Скопје е изградба, одржување и користење на јавни паркиралишта од значење за градот Скопје, утврдени со урбанистички план.

Според член 13 од овој закон, градот Скопје, за вршење на јавни работи од локално значење во рамките на својата надлежност, може да основа јавни служби, во согласност со закон. Во оваа смисла, Советот на Град Скопје го има основано Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Градски паркинг-Скопје“ ,кое ги има донесено оспорените акти со кои се пропишува паркирањето на јавните паркиралишта од значење за град Скопје.

Уставниот суд веќе неколку пати расправал за уставноста на прашањето за воведување на категорија повластени корисници на паркинг простори за станарите кои живеат во станбени објекти кои гравитираат кон јавниот паркинг (У.бр. 30/2011, У.бр.51/2012), при што изразил став дека е неспорно уставното право на секој граѓанин слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избере местото на живеење, меѓутоа мора да се има предвид и фактот дека определени категории корисници на паркирање имаат станбен или деловен простор на подрачјето што гравитира кон определено јавно паркиралиште. Оттука, доколку овие категории на корисници не се изземени од режимот што важи за корисниците на паркиралиштето што доаѓаат надвор од тоа подрачје, истите ќе бидат ставени во нерамноправна положба од аспект на непречено и нормално користење на својот имот, но и од аспект на финансиски товар. Според Судот, токму во ова е и смислата на воведувањето на резервираните паркинг места, за одредени категории корисници, како и определениот повластен надоместок за резервирано паркинг место, поради што Судот оценил дека ваквата регулатива не ги повредува одредбите на Уставот.

Во сега доставеното барање всушност се оспорува уставноста на регулативата со која Јавното претпријатие „Градски паркинг- Скопје“ го определува живеалиштето како критериум според кој станарите кои живеат во станбени објекти кои гравитираат кон одреден јавен паркинг стекнуваат право на повластено користење на тој јавен паркинг, како регулатива која воведувала дискриминација по основ на национално потекло и во однос на бипатридите.
Според Судот, ваквите наводи во барањето се неосновани. Имено, според Ценовникот и според член 19 на Правилникот за начинот и условите на паркирање, времетраењето на паркирањето, односно неговото ограничување и означување на ограничувањето на јавните паркиралишта од значење за град Скопје, кои се оспоруваат со барањето, станарите го остваруваат правото на повластено користење на јавниот паркинг под услов адресата на живеење на сопственикот на возилото наведена во личната карта да е идентична со адресата од сообраќајната дозвола, а во случај кога автомобилот е набавен по пат на лизинг, адресата на живеење од личната карта да е идентична со адресата од договорот за лизинг.

Од анализата на наведеното произлегува дека единствен услов кој се бара за остварување на правото на привилегиран статус за користење на јавниот паркинг, е податокот за живеалиштето (адресата на живеење) на станарот, кој се докажува со лична карта и кој треба да биде ист во личната карта и во сообраќајната дозвола за возилото за кое се бара правото за паркирање. Тоа значи дека правото на повластено паркирање се поврзува со живеалиштето на станарите во границите на конкретното јавно паркиралиште, независно од сопственоста на станот во кој живеат и без оглед на нивната националност или државјанство, што значи дека вака пропишаниот услов се однесува подеднакво на сите граѓани кои се во иста ситуација, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оваа регулатива со член 9 од Уставот.

Барањето повластен статус при паркирање да имаат и лицата кои имаат стан во сопственост кој гравитира кон јавниот паркинг, но кои живеат на друго место (во странство) и кои покрај македонското, имаат и друго државјанство (бипатриди), поради што може да имаат и возила кои се регистрирани во странство и за кои објективно не можат да имаат сообраќајна дозвола издадена во Република Македонија со податоци како во личната карта издадена во Република Македонија, во суштина значи барање за поинакво уредување на прашањето за тоа кој може да има повластен статус при паркирање, што е во надлежност на доносителот на овие прописи, а не на Уставниот суд, кој нема надлежност да нормира односи, туку само да ја цени уставноста на одредбите кои се во правниот поредок.

8. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

За уставноста на член 26 од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, бр.07-3395/1 од 4 декември 2008 година, Уставниот суд веќе расправал, при што со Решение У.бр. 48/2010, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одредба. Судот оценил дека со овој член од Одлуката се утврдува несоодветно однесување на корисниците на јавните паркиралишта, при што овластено лице на организаторот на паркирањето не “извршува казнување”, туку е овластено да побара интервенција од надлежни или овластени служби заради обезбедување на функционирањето на јавното паркиралиште.

Со оглед дека со сега доставеното барање повторно се бара Уставниот суд да ја цени уставноста на оваа одредба, од истите причини, без аргументи кои би оделе во насока на промена на ставот на Судот искажан во претходниот предмет, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето во овој дел.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски

У.бр.146/2012
5 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски