Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 20 ноември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Населба “Козле”, дел Б од МЗ ”Кузман Јосифовски-Питу“ од 29 септември 2011 година од Советот на општина Карпош („Службен гласник на општина Карпош“ бр.13/2011 од 03 октомври 2011 год).
2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 на ова решение.
3. Според наводите во иницијативата оспорената Одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот и со одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање со кои била утврдена постапката за донесување на деталниот урбанистички план, како и со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање со кој се утврдуваат основните начела кои треба да се вградат при изработката на деталниот урбанистички план.
Понатаму во иницијативата е наведено дека од воведот на оспорената Одлука се гледало дека таа била донесена без да се применат и одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2010, 18/2011 и 53/2011). Покрај тоа, според наводите во иницијативата Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлогот за изменување и дополнување на ДУП за населба “Козле” МЗ „Кузман Ј. Питу“ дел Б општина Карпош бр.16-5523/2 од 15.08.2011 година. Но, Советот на општина Карпош не донел Одлука за изменување и дополнување на ДУП, за кој добил согласност, туку, спротивно од тоа, донел Одлука за донесување на Детален урбанистички члан, а тоа не било исто, односно тоа значело дека за донесениот Детален урбанистички план не била дадена согласност. Уште повеќе, просторот за кој се утврдувал планот бил дефиниран со граници во Одлуката кои биле различни од границите во самиот текстуален дел на Деталниот урбанистички план каде два пати се повторувале границите на запад и на југ, со што се зaгубила еднозначноста на Одлуката и на деталниот урбанистички план .
Понатаму во иницијативата се цитира член 17-а од Законот, во однос на тоа дека општините биле должни да ја разгледаат секоја иницијатива поднесена од правни и физички лица за изменување и дополнување на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој Закон и во рок од 30 дена од поднесувањето на барањата требало да го известат подносителот на забелешката дали истата била прифатена.
Во однос на горенаведеното, граѓаните од населбата Козле, дел Б од МЗ „Кузман Јосифовски – Питу“, во два наврати (2007 и 2010 година) поднеле до општината Карпош петиции со стотици потписи, против изградба на објекти со најмалку двојно поголеми габарити од дозволените (од бруто 300 м2 на бруто 700 м2 и повеќе) со по 8 стана наместо дозволените 3 стана по објект, со што било нарушено нормалното живеење и функционирање во Месната заедница. Освен тоа, бесправно изградените неколку објекти со вакви габарити (во изминативе неколку години) при нивното слегнување ги влечеле соседните постојни објекти и предизвикале нивни трајни оштетувања, Но, за жал, наведените петиции не биле разгледувани и подносителите на тие петиции не добиле никакво известување или одговор, со што бил повреден и членот 24 став 1 од Уставот, според кој секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор.
Според наводите во иницијативата уредувањето на просторот, вклучувајќи го и неговото планирање било право на граѓаните, кое тие го остварувале во постапката на донесување на деталните урбанистички планови, преку учеството во јавната презентација и анкета со можност од давање на писмени забелешки по нацртот на деталниот урбанистички план. Но, во овој случај, и покрај дадената можност на заинтересираните граѓани и правни лица да учествуваат во истата, нивните забелешки и негодувања за планирање и изградба на вакви објекти не биле почитувани, со што била повредена суштината на постапката за донесување на Деталниот урбанистилки план.
Понатаму, како причини за оспорување на Деталниот урбанистилки план се наведува дека како план од пониско ниво, не бил усогласен со генералниот урбанистички план, со што бил повреден член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. За обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање Советот на општината Карпош и Советот на градот Скопје немале формирано Партиципативно тело кое ги пренесувало ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица и ги следило состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија на општината Карпош и градот Скопје, што не било во согласност со членот 17 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање .
Оспорениот ДУП бил во спротивност и со членовите 4, 8, 10, 25, 30, 53 и 54 од наведениот Правилник, особено од групата на класи за домување, а дека е тоа така, зборува и фактот што оспорената Одлука не била заснована на овој Правилник, а што се гледало и од воведот на оспорената одлука.
Врз основа на изнесеното, му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план и истата да ја укине или поништи и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука, бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.
4. Судот на седница утврди дека Советот на општина Карпош на седницата одржана на 29 септември 2011 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 било определено дека се донесува предметниот план за Населба “Козле”, дел Б од МЗ ”Кузман Јосифовски-Питу“. Во членот 2 е определено дека овој план опфаќа простор со површина од 10,60 ha, и истиот ѓи опфаќа границите на север по осовината на ул.”Миле Поп Јорданов” ; на исток по осовината на ул.”Миле Поп Јорданов” до пресек на ул.”Козле”; на запад оди по осовината на ул.”Ловќенска” ул.”Пијанец” до пресек на ул.”Милан Марковиќ” и на југ границата оди по осовина на ул.”Леринска” и по осовина на каналот. Во членот 3 е определено дека предметниот план е наменет за следните класи и намени: домување во станбени куќи, комунална супраструктура, парково зеленило и заштитно зеленило, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата. Во членот 4 е определено дека истиот содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија и на опфатот. Во членовите 5, 6 и 7 се уредени прашањата за заверката со потпис и печат и архивирањето на примероците од Планот и дека Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Карпош“.
5. Од увидот и анализата на документацијата доставена од Советот на општина Карпош, произлегува дека:
– Програма за работа на Советот на општина Карпош за 2009 година („Службен гласник на општина Карпош“ бр.1/2009), каде на страна 11 и 12 се предвидува носење на нацрт и предлог за предметниот ДУП за дел од населба Козле – Дел Б,
– Извештај од Стручна ревизија на ДУП-от изработена од АД за урбанизам, архитектура и инжињеринг „ЗУАС“ Скопје (Нацрт план – планиран развој 2009-2014),
– Мислење за ДУП Козле МЗ „Кузман Јосифовски – Питу“ Дел Б изработено од Комисијата за давање на мислење на нацрт плановите на општина Карпош бр.14-2041/2 од 19.03.2010 година,
– Одговор на мислење од Kомисијата за ДУП Населба Козле МЗ „Кузман Јосифовски – Питу“ Дел Б општина Карпош, изработен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА доо Скопје,
– Одлука за утврдување на Нацрт-ДУП за населба Козле МЗ Кузман Јосифовски-Питу“ Дел Б, донесена на осумнаесеттата седница на Советот на општина Карпош на ден 23.03.2010 година под бр.07-1946/3,
– Фотокопија од „Службен гласник на општина Карпош“ бр.4/2010, каде што е објавена погоренаведената Нацрт одлука за предметниот ДУП,
– Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-ДУП за населба Козле МЗ Кузман Јосифовски – Питу“ Дел Б,
– Соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт ДУП за населба Козле МЗ Кузман Јосифовски – Питу“ Дел Б објавено во дневен печат,
– Записник од Месната заедница „Кузман Јосифовски – Питу“ до општина Карпош со кое се вратени материјалите за спроведување на јавната анкета, заедно со дваесет поднесени анкетни листа,
– Решение бр.33-2041/4 од 13.09.2010 година за формирање на Стручна комисија за изработка на Извештај од спроведена јавна анкета по Нацрт план за ДУП за дел од населба Козле МЗ „Кузман Јосифовски – Питу“ Дел Б,
– Извештај за спроведена јавна анкета по Нацрт ДУП-от за дел од населба Козле МЗ „Кузман Јосифовски – Питу“ Дел Б, од надлежната Комисија под бр.33-2041/6 од 14.09.2010 година,
– Записник од јавна презентација на Нацрт- планот со: АД Топлификација, ЕВН Македонија, ЈП „Водовод и канализација“, АД „Македонски телеком“ и ИУСЕ Ин-Пума – Скопје,
– Известување за постапување по Извештајот од градоначалникот на општина Карпош бр.33-2041/1 од 15.09.2010 година,
– Барање за стручно мислење по предметниот ДУП на Градот Скопје бр.33-2041/7 од 26.11.2010 година,
– Известување – забелешки по предметниот ДУП на Градот Скопје бр.13-4225/1 од 3.12.2010 година,
– Одговор на мислење на градот, по предметниот ДУП (јануари 2011) изработен од ИН ПУМА – Скопје,
– Повторно барање до Градот Скопје за стручно мислење на предметниот ДУП бр.34-612/1 од 20.01.2011 година,
– Мислење по предметниот ДУП издадено од Градот Скопје бр.13-163/1 од 25.01.2011 година со кое е дадено позитивно мислење на планот,
– Барање на мислење од Дирекцијата за заштита и спасување бр.34-612/2 од 20.01.2011 година,
– Мислење бр.09/5-18/2 од 27.01.2011 година од Дирекцијата за заштита и спасување,
– Барање за мислење на стратегиска оценка на влијание врз животна средина бр.34-612/5 од 31.01.2011 година до Министерството за животна средина и просторно планирање бр.34-612/5 од 31.01.2011 година,
– Мислење по Извештајот на стратегиска оцена на животната средина бр.08-1116/2 од 28.02.2011 година издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање,
– Мислење од Министерството за култура бр.17-1626/2 од 20.06.2011 година,
– Согласност за предметниот ДУП, издадена од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот бр.16-5523/2 од 15.08.2011 година,
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за населба Козле МЗ „Кузман Јосифовски – Питу“ Дел Б општина Карпош, донесена на четириесеттата седница на Советот на општина Карпош, бр.07-7375 од 29.09. 2011 година,
– Фотокопија од истата погоренаведена одлука, објавена во Службен гласник на општина Карпош бр.13/2011,
– Фотокопија од графичкиот план со општинскиот печат со кој е заверен Графичкиот дел од предметниот ДУП.
6. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни врдности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.
Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).
Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.
Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.
Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот одржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.
Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.Во ставот 7 на членот 11 од Законот е предвидено дека деталниот урбанистички план како план од пониско ниво,мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.
Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила. Според ставот 6 од истиот член заради обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.
Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).
Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.
Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислење и согласнос не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Според членот 26 став 7 урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4, како предлози на планови се доставуваат во рок од шест месеца од добивањe на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот заради добивање на согласност. Урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеја 1 од овој закон се доставуваат во рок од 12 месеца од добивањето на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Доколку плановите не се достават во утврдениот рок, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, ќе и укаже на општината дека е должна постапката за нивно донесување да ја повтори согласно со овој закон.
Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, сметаме дека во текот на донесувањето на оспорениот Деталниот урбанистички план за Населба “Козле”, дел Б од МЗ ”Кузман Јосифовски-Питу“ биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Од овие причини не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите од Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Од списите по предметот произлегува дека постапката за планирање започнала врз основа на Програма за изработка на урбанистички планови за општина Карпош за 2009 година. Истиот плански опфат бил евидентиран како предмет на започнато урбанистичко планирање и според програмите за планирање на општината за планскиот период 2009-2014 година. Според тоа неосновани се наводите од иницијативата за повреда на членот 17 став 2 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.
Во врска со конкретните наводи во иницијативата дека истата била донесена без да се применат одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.124/2010, 18/2011 и 53/2011) Судот утврди дека се неосновани со оглед на тоа дека во член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.124/2010) од 20.09.2010 година е наведено дека: „Постапките за донесување на урбанистичките планови, заклучно до денот на влегувањето во сила на овој Закон ќе продолжат согласно одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009).
Очигледно е дека наведените измени и дополнувања на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.124/2010, 18/2011 и 53/2011), на кои што се повикува подносителот на иницијативата, се ирелевантни за конкретната постапка за носење на предметниот Детален урбанистички план.
Наводите во иницијативата, по основ на името на дадената согласност од страна на Министерството за транспорт и врски, Судот оцени дека се неосновани. Тврдењето дека, Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлог за изменување и дополнување на ДУП за населба Козле МЗ „К. Ј. Питу“- дел Б општина Карпош, бр.16-5523/2 од 15.08.2011 година, а Советот на општина Карпош донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за населба Козле МЗ „К.Ј. Питу“ – дел Б општина Карпош, а кое нешто не било иста работа, е апсурдно и без никаква правна логика. Точно е дека Одлуката на Советот на општина Карпош гласи за донесување на предметниот Детален урбанистички план, што фактички и тоа претставува по нејзината форма и содржина, односно се работи за ист опфат на урбанизација, се работи за иста месна заедница, се работи за иста населба Козле. Со оглед на тоа Советот на општина Карпош и Министерството за транспорт и врски ја имале во предвид, ја разгледувале и ценеле истата документација за предметниот Детален урбанистички план, така да не може да се каже дека Одлуката на Советот на општината, не била во согласност со дадената согласност од ресорното Министерство.
Исто така, Судот утврди дека не се основани наводите дека просторот за кој се утврдува Деталниот урбанистички план бил дефиниран со различни граници во одлуката на Советот, со границите во самиот текстуален дел на планот, што значи не се губи еднозначноста на Одлуката на Деталниот урбанистички план.
Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата дека дадените забелешки од страна на граѓаните, во спроведената јавна анкета по однос на предметниот Детален урбанистички план, не се почитувани. Напротив сите оние забелешки кои надлежната комисија ги оценила како конструктивни законити и дозволиви, се инкорпорирани во урбанистичкиот план и се негов составен дел, а оние што не можеле да се внесат се одбиени, со што воопшто не е повредено правото на граѓаните за уредување на просторот, а уште помалку суштината на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, како што наведува подносителот на иницијативата.
Соопштението за организирање и спроведување на јавната анкета со означување на време и место на спроведување било објавено во „Дневник“ на 27 март 2010 година од каде нема повреда на членот 24 став 10 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.
Имајќи предвид дека по повод спроведената анкета заинтересираните лица доставиле 20 анкетни листови со забелешки по однос на Планот и на истите им било одговорено дека 9 не биле прифатени, 5 биле прифатени и 6 делумно прифатени, Судот оцени дека општината Карпош во постапката за планирање го испочитувала и членот 17-а и членот 24 став 6 од Законот, од каде се неосновани наводите од иницијативата за негова повреда.
Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената Одлука, Судот утврди дека општина Карпош како орган за донесување на наведената одлука, во деловите кои се оспоруваат со иницијативата ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата. Имено, наводите во иницијативата дека по однос на нацрт-планот не им била дадена можност на заинтересираните лица да ги дадат своите забелешки и дека општината не формирала партиципативно тело не се основани од причина што општина Карпош согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање формирала Стручна комисија која изготвила Извештај бр.33-2041/1 од 15 септември 2010 година во кој, меѓу другото, се наведува дека од 20 приговори кои биле поднесени од страна на граѓаните, 5 биле прифатени, а 9 не биле прифатени и 6 биле делумно прифатени, што упатува на заклучок дека оваа фаза на постапката како законска обврска од страна на доносителот на оспорената одлука е запазена.
Во однос на наводите во иницијативата за несогласност на деталниот со генералниот урбанистички план, односно на план од пониско ниво со план од повисоко ниво, со што се повредува член 11 став 7 од Законот, Судот оцени дека се неосновани. Ова, од причина што укажувањата во иницијативата по однос на намената на земјиштето и изградбата на објекти со двојно поголеми габарити од дозволените со што било нарушено нормалното живеење и функционирање на месната заедница, истите се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, што, според нас, е прашање од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно – техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд, кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Наводите во иницијативата за конкретно барање на согласноста на Одлуката со членовите 8, 10, 25, 30 и 54 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, особено од групата на класи за домување, а кое нешто наводно се гледало од воведот на оспорената Одлука, Судот утврди дека претставуваат барање за оценување на акти од ист ранг, а тоа излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд.
Имено, одредбите од овој Правилник предвидуваат задолжителна примена на стандардите и нормативите, а тоа не ги прави наведените одредби спротивни на Уставот, односно Уставот и законите, бидејќи ваквата формулација само значи дека сите инволвирани субјекти во процесот на планирање имаат законска обврска во изработката, донесувањето и спроведувањето на плановите да обезбедат услови за похумано живеење и работа на граѓаните, рамномерен и одржлив просторен развој на населените места и градбите, рационално и одржливо користење на просторот, заштита на недвижното културно наследство и заштита и унапредување на животната средина и природата, усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирањето и уредувањето на просторот, што е и интенција на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање.
Исто така, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање претставува технички норматив кој се заснова на одредени научни и стручни мислења и искуства од областа на урбанистичкото планирање и кој се носи од страна на надлежниот министер по законски спроведена постапка. Поточно, надлежниот министер формира комисија (најмалку пет членови, од кои еден научен работник од областа на урбанистичкото планирање, еден архитект со овластување за изработка на урбани-стички планови и тројца стручни работници од областа на урбанистичкото планирање). Комисијата ги изработува стандардите и нормативите и дава предлог до надлежниот министер, а за изработените стандарди и нормативи се организира стручна расправа од научни и стручни работници од областа на урбанистичкото планирање, па по вградување на забелешките од стручната расправа, стандардите и нормативите ги пропишува надлежниот министер.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овие делови.
Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност на член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот и членовите 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4, член 11 став 7 и член 17 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .
У.бр.222/2011
20 ноември 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски