148/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 20 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 39 став 7 од од Законот за Државниот пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2007, 81/2007 и 36/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата подносителот ја цитира содржината на членот 8 од основниот текст на Законот за државниот пазарен инспекторат и двете измени, како и одредбата од членот 39 која упатува на членот 8 од Законот. Со оглед на тоа што членот 8 од Законот за државниот пазарен инспекторат со измената и дополнувањето на Законот од 2011 година, бил изменет и содржел само еден став, подносителот смета дека одредбата од членот 39 став 7 во делот: „став 2“ била беспредметна и во спротивност со Уставот, според кој темелна вредност на уставниот поредок е владеењето на правото. Од тие причини, подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 39 став 7 во делот „став 2“ од Законот за државниот пазарен инспекторат, и истиот да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 39 став 7, прекршочниот орган од членот 8 став 2 на овој закон е исклучиво надлежен за водење на прекршочна постапка и за изрекување на прекршочни санкции од ставовите 1 и 2 на овој член во согласност со Законот за прекршоците.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Оспорената одредба е поместена во делот на прекршочните одредби на Законот со кој е утврдена прекршочната одговорност за физички и правни лица за прекршоците утврдени во самата одредба и таа во ставот 7, во оспорениот дел содржи упатување на одредбата од членот 8 од Законот. Членот 8 од Законот е општа одредба во која е утврдена надлежноста на инспекторатот за вршење на инспекциски надзор. Одредбата од членот 8 од Законот, првобитно, во основниот текст на Законот содржела 3 става, подоцна со Законот за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2007) била изменета со додавање на нов став 4.

Со последната измена на Законот со Законот за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2011) членот 8 во целост бил изменет и тој сега гласи: Инспекторатот врши инспекциски надзор над примената на законите и прописите донесени врз основа на закон во работењето на трговските друштва, правните и физичките лица (во натамошниот текст: субјект на надзор), како и изрекување на инспекциски мерки со цел за отстранување на утврдените неправилности.”

Од цитираната содржина на членот 8 произлегува дека тој сега има само еден став, на што се укажува и во поднесената иницијатива. Со оглед на тоа што оспорениот член 39 став 7 содржи повикување на ставот 2 од членот 8 од Законот, кој веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека постојат основи за доведување под сомневање на согласноста на оспорената одредба од членот 39 став 7, со принципот на владеењето на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвисмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување преставува една логична, правно функционална целина, што не е случај со означениот дел на членот 39 став 7 од Законот.

Судот оцени дека поведувањето на постапка треба да се однесува на целината на ставот 7 на членот 39, а не само делот „став 2“, поради тоа што во текстот на изменетиот член 8 од Законот за државен пазарен инспекторат воопшто не е предвиден институтот прекршочен орган.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.148/2012
20 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски