119/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Одлуката за утврдување на цена на повластена паркинг карта за физички лица вработени во Општина Центар за јавното паркиралиште Општина Центар, број 07-717/4 од 27.04.2012 година, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие “Паркинзи на Општина Центар”-Скопје и

– Одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување на цена на повластена паркинг карта за физички лица вработени во Општина Центар за јавното паркиралиште Општина Центар, број 07-717/4 од 27.04.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, број 07-3625/10 од 10.05.2012 година, објавена во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 5 од 14 мај 2012 година.

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, доносителите на оспорените акти, со предвидената повластена месечна паркинг карта за физичките лица вработени во Општина Центар, извршиле дискриминација во однос на останатите граѓани на Република Македонија. Од тие причини подносителот со иницијативат а предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки, бидејќи смета дека тие не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 9, членот 51 и членот 54 од Уставот на Република Македонија, член 1 од Протоколот 12 кон Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи, Преамбулата и членовите 1 и 2 од Универзалната декларација за правото на човекот и член 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

3. Судот, на седницата утврди дека врз основа на член 14 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ број 38/1996, 9/1997, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009 и 97/2010) и член 30 од Статутот на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта “Паркинзи” на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ број 18/10 и 3/2011), Управниот одбор на јавното претпријатие на 25 (дваесет и петтата) седница, одржана на ден 27.04.2012 година донел Одлука за утврдување на цена на повластена паркинг карта за физички лица вработени во општина Центар за јавното паркиралиште општина Центар.

Во членот 1 од Одлуката е определено дека цената на повластената месечна паркинг карта за физички лица кои се вработени во општина Центар за јавното паркиралиште со наплата од отворен тип-општина Центар изнесува:

250,00 денари за возило

Според членот 2 од Одлуката месечната паркинг карта за физички лица кои се вработени во општина Центар има важност со право на користење секој работен ден од 8.00 до 17.00 часот.

На физичките лица вработени во општина Центар за јавното паркиралиште општина Центар може да им се издаде повластена паркинг карта за едно возило.

Со членот 3 од Одлуката е определено дека овие цени и услови се однесуваат исклучиво за субјектите од член 1 од оваа Одлука.

Според членот 4 од Одлуката оваа одлука стапува на сила по добиена согласност од Советот на општина Центар.

Одлуката е со број 07-717/4 од 27.04.2012 година.

Судот утврди и дека врз основа на член 11 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ број 38/1996, 9/1997, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009 и 97/2010) и член 26 став 1 точка 12 од Статутот на Општина Центар-Скопје Советот на Општина Центар-Скопје на 77-та седница, одржана на ден 10.05.2012 година, донел Одлука за давање согласност на Одлуката за утврдување на цена на повластена паркинг карта за физички лица вработени во општина Центар за јавното паркиралиште Општина Центар, број 07-717/4 од 27.04.2012 година, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие.

Со членот 1 од Одлуката Општина Центар-Скопје, ДАВА СОГЛАСНОСТ на Одлука за утврдување на цена на повластена паркинг карта за физички лица вработени во општина Центар-Скопје за јавното паркиралиште Општина Центар број 07-717/4 од 27.04.2012 година, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие.

Со членот 2 од Одлуката, е определено таа да се достави до Управниот одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта “Паркинзи” на Општина Центар-Скопје.

Според членот 3 од Одлуката, оваа Одлука влегува во сила од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје”

Одлуката е со број 07-3625/10 од 10.05.2012 година и објавена е во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 5 од 14 мај 2012 година.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 114 став 1 од Уставот на Република Македонија, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според став 4 од наведениот член од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Со членот 20 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија“, број 5/2002), општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Според член 22 точка 4 од Законот за локалната самоуправа, општините се надлежни, помеѓу другото и за комуналните дејности изградба и одржување на јавниот простор за паркирање.

Согласно член 24 став 1 од овој закон, заради извршување на своите надлежности, општините можат да основаат јавни служби, во согласност со закон. Според став 2 на истиот член, општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон.

Согласно член 3 точка 13 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија“, број 45/1997, 23/1999, 45/2002, 16/2004 и 5/2009) , одржувањето и користењето на јавниот простор за паркирање, под што се подразбира одржување на просторот и објектите и давање на соодветни услуги, како и утврдување на начинот на негово користење претставува комунална дејност чие вршење е од јавен интерес.

Според членот 14 од Законот, комунална дејност може да се врши со основање на јавно претпријатие, со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на комунална дејност.

Со членот 27 од Законот е определено дека висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги ја определува управниот одбор на јавното претпријатие по претходна согласност на основачот.

Управниот одбор на јавното претпријатие за јавни паркиралишта “Паркинзи” на Општина Центар, донел Одлука за утврдување на цена на повла стена паркинг карта за физички лица вработени во општина Центар за јавното паркиралиште општина Центар, под број 07-717/4 од 27.04.2012 година. Имено, Управниот одбор одлучил физичките лица кои се во работен однос во Општина Центар да можат под повластени услови да го користат јавното паркиралиште на Општината кое е од отворен тип, односно со повластена цена за месечна паркинг карта во износ од 250,00 денари за возило, со важност, односно право на користење секој работен ден од 08.00 до 17.00 часот. Повластената месечна паркинг карта на физичките лица вработени во Општина Центар, можела да им се издаде само за едно возило. Со наведената одлука се согласил Советот на Општина центар, за што донел Одлука број 07-3625/10 од 10.05.2012 година, објавена во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 5 од 14 мај 2012 година.

Одлуката за повластена месечна паркинг карта на наведената категорија на субјекти и Одлуката со која е дадена согласност на истата, се предмет на оспорување со иницијативата, со наводи дека со овие одлуки, односно со утврдувањето на повластена месечна паркинг карта исклучиво за граѓаните вработени во Општина Центар, била извршена дискриминација на останатите граѓани на Република Македонија кои не биле во работен однос во Општината, па со тоа се повредувале низа одредби од Уставот и меѓународни акти.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите од иницијативата за дискриминаторскиот карактер на одлуките кои се оспоруваат, односно дека со утврдувањето повлас тени услови во одлуките за паркирање на возилата од вработените во Општина Центар, се создавала нерамноправност на граѓаните, според Судот, тие наводи се неосновани.

Имено, тргнувајќи од содржината на оспорените одлуки, произлегува дека доносителите на актите, за одредена категорија на граѓани, утврдиле повластени услови по однос наплатата за користење на јавното паркиралиште од отворен тип Општина Центар. При утврдувањето на повластените услови за паркирање, доносителите на актите се раководеле од фактот што оваа категорија на граѓани биле физички лица вработени во Општина Центар, со одредено работно време. Овозможената повластица за оваа категорија на физички лица со оспорената Одлука е лимитирана на начин што месечната паркинг карта има важност со право на користење секој работен ден од 8.00 до 17.00 часот. Оттука, за надвор од утврденото време, како и во неработните денови, Одлуката содржи ограничување по однос повластениот услов за користење на паркинг просторот на јавното паркиралиште Општина Центар за овие физички лица.

Во конкретниот случај, организаторот на паркирањето Јавното претпријатие за јавни паркиралишта “Паркинзи” на Општина Центар, кој го организира режимот на користење на јавното паркиралиште, водел сметка за физичките лица вработени во Општината Центар да можат под повластени услови да го користат паркинг просторот во рамки на работното време и работните денови, на начин што за вработените утврдиле цена на повластена месечна паркинг карта за субјекти во правото кои припаѓаат во иста катаг орија на граѓани и според Судот тоа не претставува дискриминација на останатите граѓани во Република Македонија кои не припаѓаат на таа категорија.

Имено, во случајов не може вработените во општинската администрација да се изедначат со останатите граѓани кои не се во работен однос во Општината и кои немаат потреба за постојано континуирано користење на паркиралиштето, туку повремено, за разлика од вработените на кои им е наметната потребата од секојдневно континуирано користење на паркинг просторот заради локацијата на службените простории на Општината во чии рамки е и јавното паркиралиште.

Оттука, доносителите на оспорените акти кои согласно одредбите од погоре цитираните законски прописи имаат надлежност и овластување да стопанисуваат со паркинг просторите и да го организираат режимот на користење на јавното паркиралиште, имајќи ги во предвид потребите од паркирање на возилата на физичките лица кои припаѓаат на катагоријата-вработени во општинската администрација, ги донеле оспорените одлуки, кои се однесуваат подеднакво за сите кои припаѓаат на наведената категорија физички лица. Оттука, со предвидениот исклучок од користење на паркинг просторот под еднакви услови и подеднакво за сите граѓани, според Судот не се нарушува правната еднаквост на граѓаните кои се во иста правна положба, бидејќи тука не станува збор за граѓани кои се во еднаква правна положба и кои припаѓаат на иста категорија на граѓани, туку на различна категорија- граѓани-вработени во општинската администрација.

Имајќи го предвид претходн о наведеното и тргнувајќи од тоа дека уставниот принцип на еднаквоста меѓу граѓаните значи тие претходно да се во еднаква правна положба, Судот оцени дека со оспорените одлуки со кои е уредена повластена месечна паркинг карта за граѓаните-вработени во општинската администрација, не се создава нееднаквост меѓу овие граѓани и останатите граѓани, односно не се повредува членот 9 од Уставот, затоа што овие лица не се наоѓаат во иста правна положба, па оттука и не се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот и законите, како и одредбите од меѓународните акти кои станале дел од правниот поредок на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр.119/2012
14 ноември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски