Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 82 од Законот за водостопанствата (“Службен весник на Република Македонија” број 85/2003, 95/2005, 103/2008, 1/2012 и 95/2012).
2. Александар Јанакиевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијатива со оспорениот член 82 од Законот се повредувале членовите 55 став 2 и 57 од Уставот на Република Македонија. Имено, подносителот со иницијативата приложува решение за наплата на одводнување за 2011 година, донесено од директорот на “Водостопанство” Битолско поле-Битола, број 512-12/03 од 18.07.2012 година и воедно приговара на задолжението за плаќање на надомест за одводнување, со образложение дека имотот кој се споменувал во решението не му припаѓал на системот за одводнување, а за да му припаѓал на некој систем потребна била писмена согласност, односно договор од страна на сопствениците на имотите, а таков договор немало, па оттука не можело да се бара наплата за нешто кое на сопствениците не им требало, ниту формално тоа го барале. Оттука, се наведува во иницијативата, дека тоа било исто како да се барало данок/наплата за користење на воздух затоа што во Република Македонија има многу дрвја во сопственост на Републиката кои “законски го прочистувале воздухот”. Според тоа обврската за плаќање на надомест за одводнување според членот 82 била противуставна кога во имотот на сопственикот или корисникот, единствен извор на наводнување била атмосферска вода која ниту се контролирала ниту некој ја спровел до имотот, ниту некој му плаќал како на пример на Водовод или Канализација, истата да му ја донесе или однесе од имотот. Според наводите од иницијативата, финансирањето и работењето на институциите треба да биде исклучиво од буџетот на Република Македонија или од други извори, а не дополнително и од сопствениците на имотите кои не се одговорни што врне дожд, па според тоа и не биле должни да плаќаат надомест за одводнување.
3. Судот, на седницата утврди дека оспорениот член 82 од Законот за водостопанствата (“Службен весник на Република Македонија” број 85/2003, 95/2005, 103/2008 и 1/2012), определува дека “водостопанството, кое покрај испорачувањето на вода на корисниците има во својата дејност одводнување, наплатува надоместок и за одводнување од водните заедници и другите правни и физички лица, сопственици или корисници на земјоделско и друго земјиште, единиците на локална самоуправа и другите државни субјекти кои се сопственици или користат земјиште, или објекти и кои имаат потреба од одводнување, а припаѓаат во системот за одводнување со кој стопанисува водостопанството”.
Судот исто така утврди дека по поднесувањето на иницијативата оспорената одредбa од Законот, претрпува суштински измени, односно со член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за водостопанствата (“Службен весник на Република Македонија” број 95/2012), делот од оспорената одредба од Законот кој гласи “и кои имаат потреба од одводнување” е избришан.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
До Уставниот суд, на ден 25.07.2012 година, подносителот поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 82, односно на ставот 1 од овој член од Законот. Уставниот суд, со допис Р. бр. 60/12 од 10.09.2012 година, се обрати до подносителот на иницијативата, со укажување да го прецизира и појасни барањето во смисла на членот 15 од Деловникот на Уставниот суд, со кој е уредено што треба да содржи иницијативата за поведување на постапка за оценување на закон или одредба од закон, како и дека во иницијативата треба точно да се наведе законот или одредбата од законот што се оспорува, причините за нивно оспорување и одредбите од Уставот за кои подносителот на иницијативата смета дека се повредуваат.
На 24.09.2012 година, подносителот до Судот, достави поднесок во смисла на прецизирање на барање на претходно поднесената иницијатива, меѓутоа прецизираното барање го содржи истиот текст како и претходно поднесената иницијатива, со тоа што се оспорува целината на членот 82 од Законот, но се потенцира повторно ставот 1 од членот 82 од Законот, со кратко дополнување дека одредби од Уставот што се повредуваат се членот 55 став 2 и членот 57 од Уставот на Република Македонија, без наводи и образложени причини по однос на несогласноста на оспорената одредба од Законот со одредбите од Уставот.
Со иницијативата, а и со нејзиното дополнување, не е наведен “Службениот весник” во кој е објавен Законот за водостопанствата, вклучително и службените весници со кои тој е менуван и дополнуван, а не е наведена ниту содржината на оспорениот член 82 од Законот, така што не може да се утврди кој текст на законската одредба се оспорува, односно дали текстот од одредбата уреден со основниот закон или со изменетиот текст на одредбата од Законот, што претставува процесна пречка за мериторно постапување по иницијативата. Ова од причини што во периодот од првично поднесената иницијатива во фаза Р-постапка до нејзиното дополнување, одредбите од Законот за водостопанствата претрпуваат уште едно изменување и дополнување со “Службен весник на Република Македонија, број 95/12”, објавен на 26.07.2012 година, со тоа што дел од содржината на оспорениот член 82 од Законот е избришан, кој дел е од суштинско влијание по однос содржината на одредбата.
Со прецизирање на иницијативата, подносителот повторно не аргументира и не образложува од кои причини законската одредба што се оспорува смета дека е спротивна на одредбите од Уставот, односно на уставните одредби кои ги посочува со иницијативата. Имено, со иницијативата се наведува дека членот 82 од Законот бил спротивен на членот 55 став 2 и членот 57 од Уставот, без никакво образложение од кои причини членот од Законот имплицира повреда на овие уставни одредби, а и бездруго, од аспект на содржината на оспорената законска одредба, нивното повикување е несоодветно.
Подносителот, наводите во иницијативата за неуставност на членот што го оспорува ги темели на конкретен акт-решение за наплата на одводнување за 2011 година, кое е донесено врз основа на членот од Законот што се оспорува. Со иницијативата тој го оспорува задолжението во решението наведувајќи дека, не можело да се наплатува надоместок за одводнување од сопствениците на имот, без согласност и склучен договор за одводнување, а тоа и не можело да се бара бидејќи сопствениците не се одговорни за дождот кој паѓал, а со тоа и не биле должни да плаќаат надоместок за одводнување.
Во конкретниот случај, подносителот не се задржува односно воопшто не дава аргументи по однос членот што го оспорува од аспект на неговата согласност или несогласност со одредби од Уставот, туку го оспорува членот од аспект на сопствено видување како требало да се постапува по однос на прашањето за одводнување во случај кога единствен извор на наводнување била атмосферска вода – дождови, која никој не ја контролирал ниту му ја спровел, ниту некој имал трошоци за нејзин довод и одвод од имотот на сопствениците или корисниците.
Тргнувајќи од содржината на иницијативата со која се оспорува одредбата од Законот, а во отсуство на правни аргументи и образложение во што посебно се состоела неговата несогласност со Уставот, а и со оглед дека со иницијативата не е наведена содржината на текстот на членот од Законот кој се оспорува, а кој претрпел измени во периодот од поднесувањето на иницијативата и нејзиното дополнување, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за мериторно впуштање по иницијативата, а со тоа настапени се условите од цитираната деловничка одредба за нејзино отфрлање.
5. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У. бр.143/2012
14 ноември 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски