У.бр.224/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 2 и 3 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 9 ставови 1 и 2 од Правилникот за формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата и начинот и постапката на нивно издавање, број 12.1-60305/1 од 3 август 2011 година, донесен од министерот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 107/2011).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Дарко Ѓорѓиев од Скопје, со Решение У.бр.224/2011 од 3 октомври 2012 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Правилникот, означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Правилникот со одредба од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 9 став 1 од Правилникот е определено дека пробните таблици за моторни и приклучни возила се изработени од подебела хартија во бела боја на која со црни букви и броеви е испишано: буквена ознака на регистрационото подрачје на латиница, регистарски број составен од три броеви и променлива ознака составена од два броја. Помеѓу буквената ознака на регистрационото подрачје и регистарскиот број на возилото поставен е натпис „PROBA“ вертикално испишан на налепница со пет жолти и пет црвени полиња. На горната, долната, левата и десната страна на регистарската таблица поставена е права црна линија со стандарден радиус на аглите (R 12), а според оспорениот став 2 од истиот член од Правилникот пробните таблици за моторни и приклучни возила со кои правните лица што се занимаваат со производство и/или пуштање на пазар на возила, врз основа на посебна потврда издадена од Министерството за внатрешни работи вршат пробно возење, се изработени од метал прекриен со ретрорефлектирачка фолија во бела боја, на која со црни букви и броеви е испишано: буквена ознака на регистрационото подрачје на латиница, регистарски број составен од три броеви и променлива ознака составена од два броја. Помеѓу буквената ознака на регистрационото подрачје и регистарскиот број на возилото поставен е натпис ,,PROBA“ вертикално испишан на налепница со пет жолти и пет црвени полиња. На горната, долната, левата и десната страна на регистарската таблица поставена е права црна линија со стандарден радиус на аглите (R 12).

5. Според ставот 1 од Амандманот V со кој е заменет членот 7 од Уставот, на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Согласно членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со уставот и со законите.

Со Правилникот за формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата и на начинот и постапката на нивно издавање, број 12.1-60305/1 од 3 август 2011 година, донесен од министерот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 107/2011), се пропишуваат формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање.

Според членот 15 од Правилникот пробните таблици за моторни и приклучни возила се издаваат привремено при купување на ново возило или користено (половно) возило, до неговата регистрација.

Од анализата на оспорениот член 9 ставови 1 и 2 од Правилникот, произлегува дека во содржината на пробните регистарски таблици, буквените ознаки на регистрационото подрачје, се испишани само на латиница, како и натпис “PROBA” на македонски јазик но, со латинично писмо.

6. Со оглед на тоа што оспорените одредби од членот 9 ставови 1 и 2 од Правилникот, пропишуваат дека буквените ознаки за регистрацоното подрачје на регистарските таблички да биде напишана само на латинично писмо, како и натписот кој означува “проба”, да биде напишан само на латинично писмо – “PROBA”, а имајќи предвид дека регистарските таблички на моторните возила што учествуваат во сообраќајот претставуваат службени ознаки, Судот оцени дека оспорените одредби од членот 9 од Правилникот, не се во согласност со цитираната одредба од Амандманот V со кој е заменет членот 7 од Уставот, со оглед дека во случајов во службената ознака е исклучено кирилското писмо, како службено писмо во Републиката.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.224/2011
14 ноември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски