У.бр.109/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 98 став 4 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 10 став 2, член 86 став 3, член 98 став 3 и член 125-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 99 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010).

4. Дељо Кадиев-адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

Во однос на член 10 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека утврдувањето „драконски“ казни за физичко лице (од поранешни 50-500 евра, на 700-1.000 евра) и за правно лице (од поранешни 250-2.500 евра, на 2.500-5.000 евра), во ситуација кога би ги злоупотребиле нивните процедурални права, било несоодветно на материјалната состојба на граѓаните и се косело со принципот на пропорционалност меѓу дејствието и висината на запретената казна, а со тоа законската одредба се косела и со уставното начело на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, поради што законската одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со член 86 став 3 од Законот, се наведува дека новата законска одредба определувала адвокатскиот приправник повеќе да нема право да застапува пред судовите, иако според член 26 од Законот за адвокатура тој стручно се оспособувал за самостојно вршење на адвокатска дејност според упатства на адвокатот, потоа што според член 27 од Законот приправникот можел да се оспособува и без засновање на работен однос (волонтер), што според член 29 од наведениот закон адвокатскиот приправник вршел определени работи од адвокатската дејност која им ја доверува адвокатот и од негово име и што според член 53 од Уставот адвокатурата е независна јавна служба. Со членот 86 став 3 од Законот за парничната постапка се дерогирале правата на адвокатот стручно да го оспособува адвокатскиот приправник, да му доделува во негово име да врши определени работи, како и адвокатскиот приправник да мора да има заснован работен однос кај адвокатот, со што оспорената законска одредба не била во согласност со уставната определба за адвокатурата како самостојна и независна служба. Покрај тоа, членот 86 став 3 од Законот ги ставал во нееднаква, понеповолна положба адвокатските приправници во однос на правниците вработени кај правните лица кои немаат положено правосуден испит со оглед дека адвокатските приправници немале право да застапуваат а вработените правници го имале тоа право. Наведената одредба создавала нееднаквост и меѓу адвокатските стручни соработници, кои имаат положено правосуден испит, и правниците вработени во правни лица, кои исто така имаат положено правосуден испит, со оглед дека адвокатските стручни соработници можеле да застапуваат спорови само до 1.000.000,00 денари и само пред судовите од прв степен, а вработените немале такви ограничувања. Според тоа, членот 86 став 3 од Законот за парничната постапка не бил во согласност со членовите 9 и 53 од Уставот.

Во врска со член 98 ставовите 3 и 4 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека со тие одредби се воведувала обврска за сите субјекти кои доставуваат поднесоци до суд да мораат да достават електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон (став 3 на член 98), а адвокатите, покрај другите субјекти кои вршат јавни овластувања, да имаат обврска во поднесоците да внесуваат и податоци за електронско сандаче за достава на писмена регистрирано согласно закон (став 4 на член 98). Таквите одредби чинеле повреда на принципот на еднаквост утврден во член 9 од Уставот, според кој сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите, како и на слободата на претприемништвото загарантирана со член 55 став 1 од Уставот. Имено, не секој граѓанин можел да ги поднесе обврските, како од економски така и од интелектуален аспект, да поседува компјутер, да плаќа Интернет, да работи на компјутерот и на мрежата, да регистрира е-меил адреса, електронски потпис и електронско сандаче за прием на пошта, со што тој бил дискриминиран. Истото тоа се однесувало и на адвокатите, а дополнителната обврска за нив да регистрираат електронско сандаче за прием на писмена не била во согласност ниту со член 9 став 3 и член 34 став 1 од Законот за адвокатура според кои минималните хигиено-технички услови на адвокатските канцеларии се утврдуваат со општ акт на Адвокатската комора на Република Македонија и Комората во својата работа е самостојна и независна, па законодавецот навлегол во автономијата на Комората со пропишувањето на обврските за адвокатите да поседуваат компјутер, Интернет, регистрирана е-меил адреса, електронски потпис и електронско сандаче. Според тоа, членот 98 ставовите 3 и 4 од Законот не биле во согласност со членовите 9, 53 и 55 од Уставот.

Од истите причини поради кои се оспорува член 98 ставовите 3 и 4 од Законот, со иницијативата се проблематизираат и член 98 став 3 во делот: „електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон“ и член 98 став 4 во делот: „електронско сандаче за достава на писмена регистрирано согласно закон“. Наведениот дел од член 98 став 3 се оспорува затоа што не можел секој граѓанин, од економски или интелектуални причини, да поседува компјутер, Интернет, да работи на компјутер …, па законската одредба го дискриминирала граѓанинот и поради тоа не била во согласност со член 9 од Уставот. Наведениот дел од член 98 став 4, пак, се оспорува затоа што адвокатите, покрај тоа што не можел секој од нив да поседува компјутер, Интернет, да работи на компјутер, …, требале според законската одредба да регистрираат електронско сандаче за прием на писмена иако хигиено-техничките услови на адвокатските канцеларии се утврдуваат со општ акт на Адвокатската комора на Република Македонија и Комората во својата работа е самостојна и независна, па законодавецот навлегол во автономијата на Комората и ги повредил членовите 9, 53 и 55 од Уставот.

Членот 125-а од Законот, кој се однесува на тоа доставувањето на писмената до адвокатите да се врши по електронски пат во електронско сандаче, се оспорува од истите аспекти од кои се оспорува и членот 98 ставовите 3 и 4 од Законот (поседување компјутер, Интернет, е-меил). Покрај тоа, таквиот начин на комуницирање на судовите и адвокатите предизвикувал досегашните трошоци на судовите за печатење на писмената (хартија, тонер и слично) да се пренесат на адвокатите иако судовите наплатуваат судска такса. Поради тоа, членот 125-а од Законот не бил во согласност со членовите 9, 53 и 55 од Уставот.

Во однос на член 99 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, се наведува дека предвидувањето постапките кои не се започнати пред првостепените судови до почетокот на примената на новиот закон да се водат според правилата од новиот закон, значело повреда на принципот на забрана на ретроактивно дејство на законите определен во член 52 од Уставот. Имено, граѓаните ги поднесувале тужбите во време кога знаеле какви парнични правила важат, па неотпочнувањето на постапките по тие тужби не по вина на граѓаните предизвикувало по тие тужби, според оспорената законска одредба, да се постапува според новите законски правила кои на граѓаните не им биле познати при поднесувањето на тужбите, со што оспорената законска одредба имала повратно дејство, па не била во согласност со наведената уставна одредба.

5. а) Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 98 став 4 од Законот се определува дека „поднесоците поднесени од адвокати, државен орган односно орган на државна управа, единици на локалната самоуправа, правни лица и лица кои вршат јавни овластувања покрај податоците од ставот 3 на овој член треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон.“

б) Според Амандман XXV точка 1 став 4 на Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од изнесената уставна одредба, покрај другото, произлегува дека постапката пред судовите се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во конкретниот случај, Судот смета дека определувањето во член 98 став 4 од Законот, поднесоците поднесени од адвокатите и други правни лица кои вршат јавни овластувања да треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон, всушност значи дека законодавецот го третира електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон како дел од постапката пред судовите заради брзо и ефикасно постапување на судовите, а за уредувањето на прашањата од постапката пред судовите законодавецот има уставна основа во наведениот Амандман, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на наведената законска одредба со Уставот. При таквото значење на електронското сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата за навлегување на законодавецот во автономијата на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба и како субјект кој со свој општ акт ги утврдува минималните хигиено-технички услови на адвокатските канцеларии.

Од изнесените причини, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Судот, понатаму, на седницата утврди дека со оспорениот член 10 став 2 од Законот се определува дека „со парична казна од 700 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице (странка, замешувач, одговорно лице во правно лице), а со казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска против-вредност ќе се казни правно лице кое ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката.“

Во оспорениот член 86 став 3 од Законот се определува дека „адвокатот може да го заменува адвокатски стручен соработник со положен правосуден испит, кој има засновано работен однос кај него, и тоа само пред суд од прв степен, за спорови чија вредност не надминува 1.000.000 денари, со согласност на странката.“

Според оспорениот член 98 став 3 од Законот, „поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив. Тие особено треба да содржат означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат, предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон.“

Во оспорениот член 125-а од Законот се определува дека „доставувањето на писмената на адвокати, државни органи, односно на органи на државната управа, единици на ликалната самоуправа, правни лица и на лицата на кои им се пренесени јавни овластувања, се врши по електронски пат во електронско сандаче.“

Во врска со наведените законски одредби, Судот утврди дека веќе одлучувал за уставноста на член 10 став 2 и член 86 став 3 од Законот за парничната постапка, како и за уставноста на член 99 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, при што со Решение У бр.96/2011 од 16 ноември 2011 година не поведе постапка за оценување на уставноста на наведените законски одредби. Исто така, Судот утврди дека со Решение У бр.96/2011 од 16 ноември 2011 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 125-а од Законот, но со Решение У бр.96/2011 од 26 септември 2012 година ја запре поведената постапка на тој начин што предлогот за укинување на оспорената одредба од Законот не беше изгласан.

При таква состојба, и немање на основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во наведениот дел согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точките 2 и 3 од ова решение.

7. Во однос на наводите во иницијативата дека со член 98 став 3 се повредувале членовите 9, 53 и 55 од Уставот со тоа што определуваат субјектите кои доставуваат поднесоци до суд да мораат да достават електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон иако не можеле сите граѓани тоа да го остваруваат поради економски или интелектуални причини, Судот оцени дека таквите наводи всушност значат барање од Судот да ја земе предвид општествената реалност и да ја подведе под наведените уставни одредби. Тој аспект, пак, не е надлежност на Уставниот суд, туку на Собранието на Република Македонија и на органите на извршната и судската власт, поради што тој аспект од иницијативата Судот го отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

8. Исто така, наводите во иницијативата, дека со член 98 став 4 се повредувале членовите 9, 53 и 55 од Уставот со тоа што определуваат адвокатите да имаат обврска во поднесоците да внесуваат и податоци за електронско сандаче за достава на писмена регистрирано согласно закон иако не можел секој адвокат, од економски или интелектуални причини, да поседува компјутер, Интернет, да работи на компјутер, всушност значи Судот да го земе предвид знаењето на адвокатите да употребуваат компјутери, Интернет, како и нивните примања, и таа состојба да ја подведе под наведените уставни одредби. Но, Судот оцени дека не е надлежност на Уставниот суд да ја зема предвид општествената реалност и да ја подведува под соодветните уставни одредби, па и овој дел од иницијативата го отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.109/2011
14 ноември 2012 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски