У.бр.206/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 19 став 2 алинеја 2 од Законот за вештачење (“Службен весник на Република Македонија“ број 115/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр. 206/2011 од 18 септември 2012 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со одредбите од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 19 став 2 алинеја 2 од Законот е определено дека лицето со барањето за издавање на лиценца за вештачење, приложува и доказ дека со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, додека трае забраната.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е определно дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред уставот и законите се еднакви.

Согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за вештачење се уредува вршењето на вештачење, областите, условите и начинот на вршењето на вештачењето, субјектите кои вршат вештачење, условите и постапката за полагање на стручен испит за издавање, продолжување, престанок или за одземање на лиценца за вештачење за вршење на вештачење од соодветна област, награда и надоместок на трошоците за извршеното вештачење, основањето, надлежноста, организацијата и работењето на Комората за вештаци, како и други прашања кои се однесуваат на вештачењето (член 1 од Законот).

Од анализата на оспорениот член 19 став 2 алинеја 2 од Законот, произлегува обврска за лицето кое положило стручен испит, со барањето за издавање на лиценца за вештачење да приложи и доказ дека со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, додека трае забраната.

Со одредбите од општиот дел од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011 и 185/2011), е уредено прашањето на казнената евиденција.

Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот, освен ако со овој законик не е определен друг орган за водење на казнена евиденци, а според ставот 2 на истиот член, за лицата родени во странство или за оние чие место на раѓање е непознато како и за правните лица казнената евиденција ја води судот определен со закон.

Со одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Кривичниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Согласно ставот 5 на овој член од Законикот, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, а според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварувањето на нивните права во странство.

Врз основа на изнесените законски одредби произлегува дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од членот 19 став 2 алинеја 2 од Законот за вештачење, која уредува обврска за лицето кон барањето за издавање на лиценца, да достави доказ дека со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, додека трае забраната, законодавецот уредил посебен услов за издавање на лиценца, односно доказ дека на лицето не му е изречена предметната забрана.

Оспорената одредба од Законот, наметнува обврска за граѓанинот да ја докажува својата неосудуваност пред надлежните органи за да може да се стекне со одредено право, што предизвикува негативен психолошки ефект врз чувството на достоинство и углед на граѓанинот.

Уставната определба и гаранција од членот 25 од Уставот за почитување и заштита на приватноста на личниот и семеен живот, на достоинството и угледот на граѓанинот, во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат обврски кои во конкретниот случај во постапка за издавање на лиценца за вештачење, можат службено да се проверат.

Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е уредена во функција на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Од овие причини според Судот, барањето од физичкото лице во оспорениот член 19 став 2 алинеја 2 од Законот, да достави доказ дека со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, додека трае забраната, се сведува на барање изјава за нивната осудуваност или неосудуваност кое има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара доказ за осудуваност, односно неосудуваност. Воедно, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со една осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека таа забрана трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган што одлучува за давање на соодветни дозволи за вршење на дејноста и кој што за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот, од кои причини Судот оцени дека оспорениот член 19 став 2 алинеја 2 од Законот, не е во согласност со одредбите од Уставот.

6. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр.206/2011
14 ноември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски