У.бр.142/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 52 став 1 и член 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на РМ“ бр.98/2012).

2. Синдикална организација при М-НАВ АД Скопје – Контрола на летање – ССКП на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги оспорува членот 52 став 1 и членот 230 од Законот наведувајќи дека според преодната и завршна одредба на член 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, за осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не можела да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не може од процентите утврдени во членот 52 став 1 од овој Закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати (став 1). Определената највисока пензија од ставот 1 на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии (став 2).

Од оваа одредба,според иницијативата, можело да се заклучи дека се вршела дискриминација меѓу осигурениците кои пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, така што на овие, вториве осигуреници им се лимитирало (ограничува) правото на највисока пензија и истовремени се условувало,односно временски се лимитирало до 2015 година, само затоа што не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, што не било во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Во Уставот на Република Македонија не постоела ниту една одредба во која бил предвиден случај дека висината на највисоката пензија се ограничува.Според тоа, гледано од уставно-правен аспект не смеело да се врши ограничување на висината на старосната пензија ниту по еден основ, затоа што тоа не било во согласност со правилата и принципите на пазарното стопанство и почитувањето на уставните начела за социјална праведност и гарантирање на основите на економските односи (член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот) за сите граѓани,што значи и осигурениците-пензионери.Според наводите во иницијативата, највисоката старосна пензија која се утврдувала согласно оспорениот член 230 од Законот не била соодветна ниту на должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиското и инвалидското осигурување (член 4 од Законот) за време на неговиот работен век. Оттука, со оспорениот законски член се повредувала и темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија: правната заштита на сопственост од член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 став 1 и 3 од Уставот.

Според оспорениот член 230 ставови 1 и 2 од Законот, највисоката пензија не можела да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во членот 52 став 1 од овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена само за 2,7 пати.

Ограничувањето на правото на користење на пензија особено во однос на делот од став 1 на овој член кој што упатувал на тоа дека висината на пензијата по 2015 година не можела да изнесува повеќе од просечната нето плата зголемена за 2,7 пати,според иницијаторот,бил школски пример за кршење на Уставот на Република Македонија. Овој дел од одредбата претставувал директно кршење на одредбата од членот 54 став 1 од Уставот. Исто така,ограничувањето на највисокиот износ на пензијата било против уставна категорија и истовремено одраз на погрешната социјална политика која што се водела последните 20-на години,поради што истата била во спротивност со членот 35 став 1од Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека оваа одредба не претставувала почитување на начелото на социјална праведност предвидено со членот 35 став 1 бидејќи не ја одразувала справедливата социјална политика која се темели на солидарност и кумулативна правда, туку одраз на моменталните финансиски и буџетски текови во земјата.

Исто така, оваа законска одредба претставувала кршење на правото на социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност од членот 35 став 1 на Уставот.

Од друга страна, членот 52 став 1 од Законот, исто така,бил неуставен и од причина што идните инвалидски пензии во голем обем се смалувале само на 72%, а не на 80%, како што тоа било предвидено за корисниците на старосна пензија во членот 228 од Законот, што било во спротивност со начелото на социјална сигурност на граѓаните. На овој начин корисниците на инвалидска пензија повторно биле дискриминирани и тоа во однос на корисниците на старосна пензија и ставени во нееднаква положба,што било спротивно на Уставот со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1, член 51 и член 54 став 1.

3. Судот на седницата утврди дека според член 52 став 1 од Законот инвалидска пензија во случај на инвалидност причинета со повреда на работа или професионална болест се определува во висина од 80% од пензиската основица за пензија остварена до 2015 година, а инвалидската пензија остварена по 2015 година се определува во проценти кои изнесуваат:

___________________________________________________________
Година          Процент
___________________________________________________________

2016              79,68
2017              79,36
2018              79,04
2019              78,72
2020              78,40
2021              78,08
2022              77,76
2023              77,44
2024              77,12
2025              76,80
2026              76,48
2027              76,16
2028              75,84
2029              75,52
2030              75,20
2031              74,88
2032              74,56
2033              74,24
2034              73,92
2035              73,60
2036              73,28
2037              72,96
2038              72,64
2039              72,32
2040              72,00
___________________________________________________________

Во член 230 од Законот се предвидува дека за осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во членот 52 став (1) од овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати. Определената највисока пензија од ставот (1) на овој член повторно ќе се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.

4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Членот 34 од Уставот предвидува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со кколективен договор, а со членот 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.

Од наведените уставни одредби, покрај другото, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и со колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјалната праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според член 2 став 1 од овој закон, системот на пензиското и инвалидското осигурување е составен од:

– задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност,
– задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, и
– доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Според член 2 став 2 од Законот, задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување поблиску се уредени со посебни закони.

Согласно член 3 од Законот, со првиот пензиски столб, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат правата во случај на старост, инвалидсност, смрт и телесно оштетување, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со законот кој го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Во членот 4 од Законот е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.

Неосновани се наводите во иницијативата дека е противуставна определбата на законодавецот висината на инвалидската пензија во случај на инвалидност причинета со повреда на работа или професионална болест да изнесува 80% од пензиската основица за пензија остварена до 2015 година,а по 2015 година истата процентуално да се определува, како и определбата во член 230 од Законот, за осигурениците кои не пристапиле во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување највисоката пензија да не изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите кои се утврдени во член 52 став 1 од Законот, од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати.

Според Судот, со наведените формулации во законските одредби од членовите 52 и 230 од Законот, не се врши дискриминација на осигурениците кои пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и оние кои не пристапиле, од причина што самиот факт на припадност на определена групација зборува дека станува збор за лица осигуреници со различен статус (лица кои пристапиле и кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување), па оттука и дефинирањето, односно стекнувањата на правата од пензиското и инвалидското осигурување се различни, што значи за да има дискриминација, како што тврди иницијативата, осигурениците треба да имаат ист статус, што во случајов не е така. Ова дотолку повеќе за уредување на статусот и правата на осигурениците кои пристапиле во вториот пензиски столб се уредуваат со посебен закон – Законот за задолжително капитално финансирано пензиско уредување. Оттука, и наводот во иницијативата дека оспорените одредби биле во спротивност и со членовите 34 и 35 од Уставот, односно дека со истите се кршело правото на социјална сигурност, грижата на државата за социјална заштите и социјална сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност според Судот е неоснован.

Неспорно е дека законодавецот има уставен основ да го определува нивото на социјална сигурност на граѓаните преку изграден систем на пензиско и инвалидско осигурување и во таа смисла да ја димензионира висината како на старосната, така и на инвалидската пензија и истовремено да ги определува критериумите и параметрите за утврдување на висината на овие пензии, притоа раководејќи се од начелото на социјалната сигурност. Оттука, определбата висината на инвалидската пензија да се намалува по 2015 година е прашање на политика и проценка на законодавецот, а сето тоа во зависност од економската моќ и актуелната општествена состојба. Од суштинско значење, според Судот, за уставноста на ваквите законски решенија е што определените критериуми и параметри за намалување на висината на пензијата се јасни, недвосмислени и прецизни и точно дефинирани во членовите 50 – 56 од Законот.

Законодавецот, според Судот, а во смисла на неговите ингеренции определени со Уставот, има основ да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните, па законското спуштење на основицата на најниската и највисоката инвалидска пензија е движење на законодавецот во рамките на неговите уставни овластувања во оваа сфера на живеење.

Поради наведеното, во случајов не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 52 став 1 и член 230 од Законот со одредбите на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 34, член 35 и член 54 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.142/2012
14 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски