У.бр.5/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Законот за дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања (Службен весник на Република Македонија“ бр.185/2011).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.5/2012 од 18 април 2012 година поведе постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорениот Закон е предвидено дека во Законот за регистрирање на готовински плаќања (“Службен весник на Република Македонија” број 31/2001, 42/2003, 40/2004, 70/2006, 126/2006, 88/2008, 133/2009 и 171/10), во членот 7 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

„Ако даночниот обврзник од ставот 1 на овој член, на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата не му издаде фискална сметка, купувачот на доброто односно корисникот на услугата нема обврска да ја плати цената на доброт о, односно цената на услугата.“

Според членот 2 од оспорениот закон, истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 112 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот (став 1). Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон (став 2). Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни (став 3).

Во постапката по предметот У.бр.236/2006 предмет на уставносудска оцена бил членот 4 став 3 од Законот за регистрирање на готовински плаќања („Службен весник на Република Македонија” бр.31/2001, 42/2003, 47/2003, 40/2004, 70/2006 и 126/2006), кој бил укинат со одлука на Судот У.бр.236/2006 од 2 мај 2007 година бидејќи бил спротивен на членовите 8 став 1 алинеја 3 и 7, 33 и 55 став 1 и 2 од Уставот. Одлуката на Судот е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2007 од 16 мај 2007 година.

Членот 4 став 3 од наведениот закон гласел: „Ако на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата не му се издаде фискална сметка, нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.“

Членот 1 од сега оспорениот закон ја има следната содржина: „Ако даночниот обврзник од ставот 1 на овој член, на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата не му издаде фискална сметка, купувачот на доброто односно корисникот на услугата нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.“

Од споредбата на содржината на двете законски одредби произлегува дека законодавецот со оспорениот закон, по скоро пет години од објавувањето на интервентната одлука на Судот, враќа во правниот промет законска одредба која од страна на Уставниот суд била прогласена за неуставна заради несогласност со 8 став 1 алинеја 3 и 7, 33 и 55 став 1 и 2 од Уставот. Меѓутоа, за враќањето на укинатата норма во правниот поредок не постојат релевантни уставно-правни основи.

Инаку, ваквото постапување на законодавецот не е во согласност со членот 112 став 3 од Уставот, кој предвидел дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, но тоа не е критериум за неуставност на законот, туку за третманот на одлуките на Уставниот суд и нивното неизвршување.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорениот закон не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а од истите причини како во постапката по предметот У.бр.236/2006.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од пре тседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.5/2012
7 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски