У.бр.137/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 7 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на чен 248 став 1 алинеја 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на РМ“ бр.54/2007, 6/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011, 51/2011 и 114/2012), и

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 248 став 1 алинеја 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Венко Бошњаковски од Берово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата бришењето на алинеја 3 од овој закон претставува директно прекршвање на одредбите на Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува дека правото на еднаквост на граѓаните пред Законот било подигнато на едно високо ниво во Уставот на Република Македонија, а заштитата на еднаквоста на граѓаните пред Законот била определена како една од вредностите на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 9 од Уставот на Република Македонија.

Нееднаквоста, според иницијативата, произлегувала оттаму што за време на важењето на првичниот член од Законот, било потребно три годишно искуство, па се полагале и дополнителни испити за да се доспее до бараната стручност, што било случај денес, кога и без тоа, и без вложен труд, можело да биде стручен раководител секој кој само има искуство во образованието, не потенцирајќи за каков степен на образование станува збор.

Една од тенденциите на денешното општество, и она кон што се стреми секоја земја, па и нашата, било намалување на бројот на смртноста предизвикана од сообраќајни несреќи.Меѓутоа, со измената на член 248 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и укинувањето на алинеја 3 од истиот, се постигнало контра мерка, па напротив и покрај тенденциите на Владата за намалување на бројот на сообраќајни несреќи низ патиштата на Република Македонија сепак било дојдено до зголемување на степеност на сообраќајни несреќи од повеќе причини.

Подносителот на иницијативата бара,истотака, од Уставниот суд на Република Македонија согласно член 11, член 70 алинеја 1, да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот и по спроведената постапка да донесе одлука за враќање на алинеја 3 од член 248 став 1 на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во правна сила.

4. Судот на седницата утврди дека според член 248 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот стручен раководител од членот 247 став 1 алинеја 1 на овој закон може да биде лице кое има завршено високо образование и има работно искуство од најмалку три години на работи поврзани со образование односно оспособување на кандидати за возачи.

5. Во Глава 2 од Уставот со наслов ”Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“ и точка 1. со поднаслов: „Граѓански и политички слободи и права“, е содржан членот 9, според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот е предвидено дека Собранието на Република Македонија донеува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ја уредува безбедноста и заштитата на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци и опрема, должностите во случај на сообраќајна незгода, условите за стекнување право на управување со возило, оспособување на кандидатите за возачи, полагање возачки испити проверка на оспособеноста на возачите, испитување на возила, уредите и опремата што задолжително треба да ги имаат возилата, димензиите, вкупната маса, осното оптоварување на возилата и условите кои задолжително треба да ги исполнуваат возилата во сообраќајот, технички преглед на возила, посебни мерки на безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и прекршочните санкции и прекршочната постапка, што се води во прекршоците во областа на сообраќајот на патиштата (член 1).

Оспорениот член 248 од Законот е поместен во Глава VI од Законот, со наслов: „Возачи“ во точка 3 со поднаслов: „Оспособување на кандидати за возачи“ и потточка 3.1. со наслов: „Основање и работа на автошколи“ (членови 245 – 250).

Во рамките на делот основање и работа на автошколите во одредбите од 245 до 250 е уредено прашањето за условите кои треба да ги исполнува правното или физичкото лице да може да спроведе оспособување на кандидати за возачи. Така, покрај другите услови, а заради оспособување на кандидати за возачи, автошколата треба да има вработено стручен раководител, кој според оспорениот член 248 став 1 алинеи 1 и 2 треба да има завршено високо образование и да има работно искуство од најмалку три години на работи поврзани со образование, односно оспособување на кандидати за возачи.

По однос на алинеја 2 став 1 од членот 248 од Законот Судот оцени дека нема повреда на уставните норми на кои се повикува иницијаторот, од причина што интенција, а и право на законодавецот е да ги определи прецизно посебните услови како за основање така и за работа на автошколите, особено од кадровски аспект, оценувајќи ја потребата од задолжително вработување на стручен раководител, минимум еден предавач и минимум двајца возачи – инструктори од „Б“ категорија,поради што сосем е оправдано елиминирањето на условот за стручниот раководител во однос поседување важечка дозвола за инструктор за оние категории возила за кои во автошколата се оспособуваат кандидати за возачи.

Ваквото решение, според Судот е целисходно во однос на практичното функционирање на автошколите во процесот на оспособување на кандидатите за возачи, кое овозможува кандидатите за возач да се стекнат со потребните знаења од теоретски и практичен аспект со предавачите односно возачите-инструктори, независно од фактот дали стручниот раководител на автошколата поседува возачка дозвола за инструктор од категоријата возила за која кандидатот за возач се оспособува.

Барањето на подносителот на иницијативата на враќање на избришаната алинеја 3 од членот 248 став 1 од Законот, според Судот наметнува обврска, односно надлежност на Уставниот суд на Република Македонија да креира закони, што согласно уставните одредби цитирани погоре, не се во надлежност на Уставниот суд, туку таа ингеренција ја има Собранието на Република Македонија во смисла на член 68 од Уставот. Од овие причини Судот оцени овој навод на иницијативата да го отфрли во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. По однос на алинејата 1 од ставот 1 на член 248 од Законот, Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.130/2007 од 21 ноември 2007 година, изразил став дека право е на законодавецот при утврдување на посебните услови за засновање на работен однос за извршување на одредени задачи да го утврди степенот и видот на образование односно да утврди дали за вршење на одредени работи ќе биде определен само степенот на образование без оглед на видот на образованието или ќе определи повеќе видови на образование од одреден степен како што тоа е направено во конкретниот случај.

Со оглед на наведеното Судот во тој предмет оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата,меѓу кои е и членот 248 став 1 алинеја1 од Законот

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретната правна ситуација,од причина што во иницијативата не се содржани аргументи за поинакво одлучување и менување на предходно заземениот став на Судот, според Судот, се исполнети условите за примена на цитираната деловничка одредба,односно со оглед на фактот што во случајов се работи за примена на институтот res judicata,исполнети се условите во тој дел иницијативата да се отфрли.

7. Врз основа на наведеното, се одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.137/2012
7 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски