Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 31 октомври 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2002) и Автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2011).
2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија “.
3. Вена Димовска, Драган Димовски, Томислав Јефтимовски, Ангелина Михајловска, сите од Тетово (прва иницијатива) и Александар Петрушевски од Скопје (втора иницијатива), на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за амнестија и Автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија означени во точката 1 од ова решение. Според наводите на подносителите на првата иницијатива со Законот за амнестија и Автентичното толкување на член 1 од наведениот закон повредена била темелнита вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 точка 11, а тоа е почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право за воени злосторства против цивилно население кои спаѓаат во редот на извонредно тешки кривични дела, а правно регулирани во Кривичниот законик на Република Македонија Глава 34 „Кривични дела против човечноста и меѓународното право“. Според подносителите, а поаѓајќи од општоприфатените норми во целокупната меѓународна демократска заедница кривичното гонење и извршувањето на казната не застарува за кривични дела од член 403 до 408 од Кривичниот законик. Оттука, меѓународното право без исклучок не познава амнестија за воени злосторства против цивилното население.
Понатаму, според подносителите, со Законот за амнестија бил повреден член 9 од Уставот од причина што законот ги опфаќал само сторителите на тешки кривични дела против цивилното население, додека со него не биле опфатени осудените кои одлежуваат казна затвор за сторени лесни кривични дела. Воедно, со Законот за амнестија повреден бил и член 20 ставовите 3 и 4 од Уставот во кој изречно е утврдено дека забранети се воени и полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија, а програмата и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Меѓутоа, спротивно на наведените уставни норми законодавецот амнестира луѓе кои со нивните дејствија повикуваат на спротивното.
Исто така подносителите наведуваат дека Собранието на Република Македонија во два наврати има донесено закони со кои се регулира правната рамка на предмети процесуирани и вратени од Хашкиот трибунал и тоа Законот за амнестија и Законот за соработка на Република Македонија со Меѓународниот кривичниот суд. Од одредбите на овие закони произлегува дека правото на одредување дали постојат елементи за кривично гонење на воените злосторства е пренесено на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, но и дека прецизно е одредено како треба да се постапува во случаи кога Трибуналот во Хаг враќа случаи од своја надлежност во домашното правосудство, при што ускратена е основната информација, а тоа е во која фаза се вратени Хашките предмети во Република Македонија, ниту пак е презентиран таков документ за фазата на обработка со што даденото толкување не дава одговор на прашањето дали и во која фаза се вратени предметите.
Според наводите на подносителот на иницијативата Александар Петрушевски, Автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија не било во согласност со член 8, член 98, член 118 од Уставот на Република Македонија како и со Универзалната декларација за човековите права на ООН од 1948 година и други меѓународни документи. Ова од причина што четирите случаи т.н. Хашки случаи: Водството на ОНА, Малтретираните мавровски работници, Киднапирањето Македонци од Непроштено и Липковска брана не можело да бидат предмет на амнестија и не застарувале. Имено, овие случаи биле во судска постапка каде се знаело кој се обвинети и кој се жртвите на злосторствата, меѓутоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со ДУИ го прекршиле член 118 и член 98 од Уставот на начин што му попречиле на судот и обвинителството да работи согласно Уставот и законите.
4. Судот на седницата утврди дека Законот за амнестија е донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 7 март 2002 година, објавен е во “Службен весник на Република Македонија” бр.8/2002 од 8 март 2002 година и стапил во сила истиот ден.
Во член 1 став 1 од Законот е определено дека: со овој закон се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година.
Според став 2 од членот 1 од Законот, определено е дека: амнестијата се однесува и на лица кои и пред 1 јануари 2001 година, подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот од 2001 година.
Во ставот 3 алинеите: 1 и 2 од Законот е предвидено ослободување од гонење и запирање на кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик или друг закон на Република Македонија против лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година. Во алинеата 3 од истата одредба е предвидено потполно ослободување од извршувањето на казната затвор за кривични дела според Кривичниот законик и други закони на Република Македонија на лицата кои подготвиле или извршиле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година, а во алинејата 4 е определено бришење на осудата и укинување на правните последици на осудата заклучно со наведениот датум.
Според член 1 став 4 од Законот, е определено дека амнестијата не се однесува на лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка.
5. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.169/2002 од 19 февруари 2003 година не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2002).
Во однос на сега повторно оспорениот член 1 од Законот за амнестија, Судот во наведеното Решение, покрај другото, утврдил:
Од содржината на членот 1 од Законот, произлегува дека нема поединечно набројување на кривичните дела за кои се дава амнестија преку: ослободување од гонење, запирање на кривичните постапки, потполно ослободување од издржувањето на каз ната затвор, бришење на осудата, укинување на правните последици на осудата, односно во член 4 не се наведени кривичните дела за кои нема да се поднесе кривична пријава, освен што во двете одредби е определено дека се работи за сторени или подготвувани кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година.
Според мислењето на Судот, доколку се има во предид дека во членот 1 став 4 од Законот, е предвиден исклучок во примената на амнестијата за сторителите на кривичните дела за кои е надлежен Меѓународниот трибунал, во членот 2 има децидно набројување на кривичните дела за кои се однесува амнестијата, во членот 3 став 2 е содржан вториот исклучок во примената на амнестијата за сторителите на кривичните дела против човечноста и меѓународното право и делата во врска со неовластеното производство и пуштање во промет на наркотични дроги и други кривични дела, произлегува дека може да се определи за кои се кривични дела се даваат предвидените погодности на амнестијата. Уште повече што не секое кривично дело може да има карактер на кривично дело сторено или подготв увано во врска со конфликтот од 2001 година.
При тоа се имаше во предвид фактот дека кругот на лицата опфатени со амнестијата се определува преку повеќе елементи: видот на кривичните дела, потоа временскиот период на сторување на делата, видот и висина та на изречените казни и други елементи, а сите наведени елементи не мораат да бидат содржани во актот за амнестија за да се определи кругот на амнестираните лица. Оттука, според Судот, не се повредува владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
По однос на ова спорно прашање, беше изнесено и второ становиште во обратна насока од прво изложеното. Имено, според ова становиште повеќе моменти би можеле да укажат на повреда на принципот на владеење на правото преку злоупотреба на неопределеноста на кривичните дела, како од страна на лицата на кои се однесува амнестијата, така и од страна на надлежните органи за примена на Законот. Тоа се: околноста што Кривичниот законик содржи огромен број на кривични дела, а не секое кривично дело може да содржи елементи на кривично дело направено или подготвувано во врска со вооружениот конфликт од 2001 година, па неопходно било конкретно означување на кривичните дела. Потоа, до донесувањето на овој Законик во примена беа сојузни кривични прописи превземени како републички, што претставува огромен број на можни кривични дела сторени во врска со настанатиот конфликт, како и околноста што секој засегнат со актот за амнестија би можел да се повика дека делото го направил во врска со конфликтот. Надлежните органи за примена на Законот немаат точна насока за кој вид на кривични дела се определува целосно ослободување од гонење, запирање на постапките или ослободување од издржувањето на казната и другите предвидени поволности.
Ова становиште се темелеше на околноста дека кругот на амнестираните лица, се определува со самиот акт, помеѓу другото и со определувањето на видот на кривичните дела, потоа временскиот период на сторување на делата, видот и висината на изречените казни и така натаму. Тоа би значело дека според ова становиште во оспорениот Закон отсуствуваат доволен број на показатели за определување на кругот на лицата на кои се однесува актот за амнестија.
Според Судот со оспорениот Закон не е направена повреда на уставно загарантираните и непрокосновени: право на живот, право на физички и морален интегритет и право на слобода со донесувањето на актот за амнестија. Имено, правото на државата да даде амнестија, не ги повредува одредбите од уставот што ги гарантираат наведените права. Ова од причина што повредата на овие уставни права, во кривичните норми добиваат обележје на конкретно кривично дело и тие дела соодветно се санкционираат. Исто така, не постои уставна забрана на сторителите на овие најтешки кривични дела или било кое кривично дело да им се даде амнестија од страна на Собранието на Република Македонија. Уставот во член 68 став 1 алинеја 18, определил можност Собранието на Република Македонија во конкретна ситуација да даде амнестија, но содржината и видовите на амнестијата е оставено да се регулира со самиот акт за амнестија.
Од друга страна во член 1 став 4 од Законот е определен исклучок во примената на амнестијата по однос на лицата кои извршиле најтешки кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Мечународниот трибунал за гонење на лицата одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година че поведе постапка. Вториот исклучок е предвиден во член 3 став 2 од Законот, на начин што амнестијата не се однесува на осудените лица помеѓу другото и за кривични дела против човечноста и меѓународното право (глава XXXIV член 403 до 422 од Кривичниот Законик).
Врз основа на изнесеното може да се заклучи дека со предвидените исклучоци во членот 1 став 4 и членот 3 став 2 од Законот, се обезбедени механизми за заштита на наведените неприкосновени права, со оглед дека нивната повреда е окарактеризирана како тешко кршење на меѓународното хуманитарно право, односно како кривични дела против човечноста и меѓународносто право.
При оценката на согласноста на ставот 4 од членот 1 од Законот со уставните одредби, кај Судот се постави и прашањето дали со ваквото законско решение не доаѓа до исклучување на домашното законодавство од надлежноста да ги гони и казни сторителите на најтешките кривични дела од периодот на конфликтот.
Од овие причини беше нужно Судот да навлезе и во анализа на одредбите на Статутот на Хашкиот суд или Хашки трибунал, формиран со Резолуцијата 808 од 22 февруари 1993 година од Советот за безбедност врз основа на Повелбата на Организацијата на обединетите нации, а врз основа на обврската на страните вмешани во конфликтот на територијата на поранешна Југославија да се придржуваат кон меѓународното хуманитарно право и посебно кон Женевската конвенција од 12 август 1949 година.
Надлежноста и постапката пред Трибуналот се уредени со Статутот на Судот, прифатен од Советот за безбедност, а покрај Статутот усвоени се и други акти што ги регулираат одделните фази во постапката пред Судот. Основното начело на кое се базира конкурентната надлежност е взаемната надлежност на Хашкиот трибунал и на националните судови.
Критериумот „тешко кршење на меѓународното хуманитарно право” како недоволно прецизно дефиниран, се разработува во одредбите на Статутот на Трибуналот, кои пак содржат јасно определување на казнивите дела со повикување на: кршење на Женевската конвенција од 1949 година (член 2), како што се: намерно убивање, тортура или нехуман теретман и други инкриминирани дејствија. Потоа член 3 од Статутот содржи казниви дела што значат кршење на законите или обичајното право, како основа за казнување според Хашката конвенција од 1907 година. член 4 од Статутот содржи казниви дела како што се гено цид или некое друго злосторство според Конвенцијата од 1948 година за превенција и закана за злосторства од овој вид. При тоа како дејствија со кои се врши геноцид се пропишани: убивање на членови или на цела група, причинување тешки телесни или ментални п овреди и така натаму. Злосторствата против човештвото се забранети без оглед по каков повод се направени, а како злосторства се прогласени со Повелбата за Нинбершкиот суд и со други документи. При тоа само членот 2 изричито се базира на Женевската конвенци ја, а за останатите одредби, заклучокот за тоа во кој меѓународен документ се предвидени се влече од анализата на описот на кривичните дела. Оттука според Судот овие кривични дела изричино се пропишани со мечународните правни акти што се ратификувани, а истите кривични дела се превземени и во националните законодавства.
Инаку, за компарација со решението во сега оспорениот Законот за аменестија по однос на планирањето на кривичните дела, во член 7 став 1 од Статутот, исто така се предвидува одговорност помеѓу другото и за лицето кое планирало или потикнувало кривично дело од членовите 2 до 5 од овој Статут, без определување на почетниот термин на планирање односно подготовка на кривичното дело.
Македонското кривично законодавство во целост ги санкционира кривичните дела опфатени во бројни меѓународни акти во членовите 403 до 422 од Кривичниот Законик во главата под наслов “Кривични дела против човечноста и меѓународното право”. Заклучокот што произлезе од анализата на одредбите на Статутот и оваа глава од Кривичниот законик е дека тие не содржат изворна регулатива по однос на битијата на кривичните дела и нивните наслови туку истите се базираат на повеќе меѓународни конвенции.
Членот 9 од Статутот предвидува: Меѓународниот суд и националните судови паралелно се надлежни кривично да го гонат лицето за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право сторено на територијата на поранешна Југославија од 1 јануари 1991 година. Меѓународниот суд има примат над националните судови. Мегународниот суд може во било која фаза на постапката формално да побара од националните судови да ја отстапат надлежноста на Меѓународниот суд во согласност со овој Статут и Правилникот за постапката и доказите на Меѓународниот суд. Република Македонија на барање на Трибуналот одстапи пет предмети, формирани против извршители на кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година, чиј правен исход се уште не е познат.
Според Судот, оваа одредба ја разрешува конкурентната надлежност со давање на примат на Хашкиот трибунал над домашната или националната надлежност, бидејќи националната јурисдикција не може да ја исклучи меѓународната јурисдикција. При тоа со гонење за такви дела, како и со давање на амнестија или помилување за ваков вид на кривични дела, не би смеело да се оневозможува извршувањето на одлуките на Хашкиот трибунал.
Од вака направената анализа, произе дека содржаниот исклучок за лицата што не се амнестираат од член 1 став 4 од Законот за амнестија е неопходен заради фактот што меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија согласно член 118 од Уставот.
Исто така, треба да се има во предвид дека Република Македонија е членка на Обединетите нации. Одлуката за пристапување кон Женевските конвенции и протоколи е донесена во 1993 година, со што Република Македонија во правниот поредок вклучи низа на мегународни акти што санкционираат тешки кривични дела. Одлуката за пристапување на Република Макед онија кон меѓународните договори за основните човекови права и слободи е донесена во 1993 година, со што Република Македонија пристапува кон: Универзалната декларација за човековите права од 10.12.1948 година, Конвенцијата за спречување на злосторства на геноцид од 9.12.1948 година и многу други меѓународни акти.
Од друга страна предвидениот услов за поведување на постапка од страна на Хашкиот суд како основ за исклучување на одреден круг на лица од дадената амнестија од членот 1 став 4 од Законот, го наметна прашањето дали тоа значи дека во случај кога трибуналот нема да поведе постапка, треба да се даде амнестија на лицата одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право и дали воопшто може да се применува домашната јурисдикција во ваков случај, како и прашањето дали оваа одредба остава простор за амнестирање на лица сторители на најтешки кривични дела во случај Хашкиот трибунал да одлучи спрема нив да не води постапка.
Исто така, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.155/2007 од 19 декември 2007 година ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 и 4 од Законот за амнестија.
Во овој предмет, Судот се повикал на Решението У.бр.169/2002 година, и го дал истото образложение во врска со оспорениот член 1 ставовите 1 и 4 од Законот за амнестија.
Врз основа на наведеното произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во донесеното Решение У.бр.169/2002 од 19 февруари 2003 година во целост се произнел за прашањата што се покренуваат со предметната иницијатива. Оттаму, произлегува дека Судот веќе одлучувал за истата работа и нема основи за поинакво одлучување согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот од каде се исполнети претпоставките иницијативата да се отфрли.
6. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективни договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Од изнесенато недвосмислено произлегува дека Уставниот суд по повод поднесена иницијатива на Игњат Панчевски од Скопје која содржи слични наводи како и предметните иницијативи со Решение У.бр.169/2002 од 19 февруари 2003 година не повел постапка за оценување уставноста на Законот за амнестија во целина и посебно на член 1 од Законот за амнестија, како и по повод иницијативата на Јана Лозаноска од Скопје,Уставниот суд со Решение У.бр.155/2007 од 19 декември 2007 година, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на член 1 ставовите 1 и 4 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2002).
Имајќи ги предвид деловничките одредби од член 28 алинеја 2 од Деловникот, произлегува дека Уставниот суд одлучувал за оценување на уставноста на член 1 од Законот за амнестија, односно за истата работа веќе одлучувал, а по повод на предметните иницијативи нема основи за поинакво одлучување,од кои причини иницијативите се отфрлаат.
7. Судот, исто така, утврди дека врз основа на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 19 јули 2011 година даде Автентично толкување на членот 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2002). Членот 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2002) гласи:
Со овој закон се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казна затвор (во понатамошниот текст амнестија) граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Македонија, за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година. Амнестијата се однесува и на лица кои и пред 1 јануари 2001 година, подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година.
Со амнестијата од ставовите 1 и 2 на овој член:
– се ослободуваат од гонење за кривично дело според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година,
– се запираат кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик и други закони на Република Македонија против лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година,
– потполно се ослободуваат од издржување на казна затвор за кривични дела според Кривичниот закон и друг закон на Република Македонија лицата кои подготвувале или извршиле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година, и
– се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со 26 септември 2001 година.
Одредбите од ставовите 1, 2 и 3 на овој член не се однесуваат на лицата кои изввршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка.
Членот 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2002) треба да се толкува така што амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, а против кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година повел постапка.
Во однос на наводите од иницијативата со кои се оспорува Автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија Судот го имаше предвид следното:
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Од наведената уставна одредба произлегува дека Собранието на Република Македонија има овластување да дава автентично толкување на законски одредби, при што Уставот остава законодавецот да го определи обемот и постапката на давањето на автентично толкување, со оглед на тоа што тој ја донесува законската одредба.
Автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија е дадено од страна на Собранието на Република Македонија на 19 јули 2011 година. Видно од стенографските белешки на Четвртата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 19 јули 2011 година за автентичното толкување од вкупно 92 пратеника, 63 гласале „за“ и 29 „против“.
Според правната теорија, автенитчното толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнина. Автентичното толкување е составен дел на објавени закони, а не негово дополнување или нов закон. Тоа се применува од моментот на влегување во сила на законот што се толкува, на случаи кои не се решение (ретроактивно дејство). Ова толкување стапува на местото на одредбите на која се однесува и на тој начин станува дел од законот од самиот почеток на неговото влегување во сила.
Во оспореното Автентично толкување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2001) најпрво е цитиран членот 1 кој содржи 4 става, а потоа во последниот став е предвидено дека членот 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2002) треба да се толкува така што амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликот во 2001 година, а против кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно паво на територијата на поранешна Југославија од 1991 година, повел постапка.
За разлика од содржината на Автентичното толкување во членот 1 став 1 од Законот за амнестија е предвидено дека: со овој закон се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година.
Според став 2 од членот 1 од Законот, определено е дека: амнестијата се однесува и на лица кои и пред 1 јануари 2001 година, подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот од 2001 година.
Во ставот 3 алинеи: 1 и 2 од Законот е предвидено ослободување од гонење и запирање на кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик или друг закон на Република Македонија против лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година. Во алинеата 3 од истата одредба е предвидено потполно ослободување од извршувањето на казната затвор за кривични дела според Кривичниот законик и други закони на Република Македонија на лицата кои подготвиле или извршиле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година, а во алинејата 4 е определено бришење на осудата и укинување на правните последици на осудата заклучно со наведениот датум.
Според член 1 став 4 од Законот, е определено дека амнестијата не се однесува на лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка.
Од компарацијата на членот 1 од Законот и оспореното Автентично толкување произлегува дека Автентично толкување преставува скратена содржина на членот 1 од Законот. Тие меѓусебе се разликуваат по тоа што во законскиот текст е содржана формулацијата: „ќе поведе постапка“, а во толкувањето е содржана формулацијата: „повел постапка“. Останатите изрази употребени во толкувањето се сосема идентични со законскиот текст.
Имајќи ја предвид содржината на членот 1 од Автентичното толкување која всушност е целосно преземена од Законот за амнестија и даденото појаснување за тоа како треба да се толкува во примената законската одредба, според мислењето на Судот содржината на Автентичното толкување всушност претставува само скратена содржината на член 1 од Законот. Оттаму, даденото автентично толкување е без суштинска нова содржина, која би требало да биде во функција на интерпретација на нормата за која се дава толкувањето, односно во суштина да ја разјасни недоволно јасната норма, што овде не е случај. Ова имајќи ја предвид целта што треба да се постигне со автентично толкување, а тоа е со него да се даде појаснување што се сакало да се постигне со таквата норма, како и тоа што тоа ќе значи во примената и како ќе се одрази постојната норма.
Тргнувајќи од наведеното, Судот смета дека содржината на конкретното Автентично толкување, која во себе не содржи било како појаснување по однос на тоа како треба да се разбере содржината на членот 1 од Законот и како треба истиот да се примени, Судот оцени дека истото не е подобно за уставно судска оцена.
Исто така,Судот имаше предвид дека автентинчото толкување и членот 1 од Законот имаат иста суштина по однос на прашањето кои кривични дела не подлежат на амнестија, заради надлежност на Меѓународниот трибунал, а притоа Судот за членот 1 од Законот веќе утврдил дека е во согласност со Уставот, кој на два пати е оценет како согласен со Уставот.
Од наведеното, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да детектира за кое обвинето лице, за кое конкретно кривично дело, за кој конкретен формиран предмет ќе се однесува автентичното толкување од причина што на тој начин би преземал надлежност на Собранието на Република Македонија, на редовените судови и обвинителството, односно би навлегол во практичната примена на самиот закон. Поради тоа, секое поинакво толкување на автентичното толкување и впуштање во давање на одговор на наводите од иницијативите во суштина би го навел Судот преку своето мислење да нормира односи кои се надвор од неговата надлежност пропишана со Уставот.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението по однос на Автентичното толкување Судот го донесе со мнозинство гласови.
У.бр.158/2011
31 октомври 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски