Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 31 октомври 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Александар Петрушевски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на национална, верска и социјална припадност.
2. Александар Петрушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на национална, верска и социјална припадност.
Во барањето Александар Петрушевски наведува дека слободите и правата не му биле загрозени со конечни поединечни акти, туку со дејствија на Народниот правобранител на Република Македонија, а тоа дејствие било известување НПР број 406/2 од 25.04.2012 година, со кое тој бил известен дека институцијата Народен правобранител согласно неговите надлежности, нема овластувања да презема мерки во однос на постапките или преземените или непреземените дејствија на Собранието на Република Македонија и на неговите претставници, ниту може да посредува помеѓу граѓаните и Собранието на Република Македонија.
Во барањето понатаму се наведува дека барателот во изминатите 4 години, поставувал прашање по електронски пат до пратениците на Собранието на Република Македонија на кое барал да му се одговори, кое прашање го поставил и до претседателот на Собранието, а и писмено до самото Собрание. Воедно барал тие да посредуваат неговото прашање да биде ставено на дневен ред пред Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот при Собранието. Меѓутоа, сите наведени субјекти избегнувале да му одговорат на неговото прашање, кое гласело дали ќе добиел подршка со поднесување на иницијатива пред постојаната Анкетна комисија, како би можело да се расправа, гласа и да се констатира кои одредби од законите и Уставот на Република Македонија биле прекршени од страна на државните службеници и функционерите кои му подметнале предмети и лажни искази за кривични дела кои се воделе против него и неговото семејство. Во претставката поднел и дел од пресуди и решенија за кривични дела по судски предмети кои се воделе против него во Основниот суд Скопје I Скопје.
Бидејќи не добил одговор од посочените субјекти, повикувајќи се на членот 18 од Законот за постапување по претставки и предлози, барателот на 17.04.2012 година се обратил и побарал заштита од Народниот правобранител на Република Македонија, меѓутоа со известување НПР број 406/2 од 25.04.2012 година, бил известен дека неговото барање излегувало надвор од рамките на овластувањата на институцијата Народен правобранител.
Барателот Александар Петрушевски смета дека со наведеното известување Народниот правобранител го дискриминирал по основ на национална, верска и социјална припадност бидејќи не се заложел пред погоре наведените субјекти по однос на неговото прашање, како што се залагал за граѓани кои припаѓале на вера и националност различна од неговата, за кои Народниот правобранител кој бил со вера и националност како и тие граѓани, се залагал пред самата Анкетна комисија за да се ставел нивниот случај на дневен ред, да се расправало и да се докажело кои одредби од законите на Република Македонија биле прекршени на нивна штета. Но, не само од тие причини Народниот правобранител, не се залагал за барателот, туку и поради неговата социјална положба во општеството како невработен и безимотен, наспроти социјалната положба на пратениците кои биле вработени и на висока позиција во општеството, кои го претставувале Собранието и го избрале народниот правобранител. Според барателот, Народниот правобранител се воздржувал да постапи по своите надлежности за да не го откриел органот кој го кршел и попречувал неговото уставно право од член 24 од Уставот да поднесува претставки и да добива одговор на истите од државните органи и други јавни служби, па решил преку неговиот генерален секретар да му го достави наведеното известување.
Поради наведеното, Александар Петрушевски бара Уставниот суд да ги запрел дискриминаторските дејствија на Народниот правобранител, за да конечно тој постапел по своите надлежности и да го заштител неговото право на одговор по поднесена претставка согласно членот 24 од Уставот на Република Македонија, а поради дискриминацијата која се правела на негова штета од страна на Народниот првобранител кој го штител Собранието на Република Македонија и пратениците кои пак со својот молк ги штителе сите судии, обвинители и полициски службеници кои ги прекршувале законите на негова штета, барателот во барањето истакнува отштета од Република Македонија во износ од 2.000.000. евра.
3. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Тргнувајќи од содржината на барањето, а имајќи ги предвид податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права согласно цитираната деловничка одредба од членот 52 од Уставот, во конкретниот случај според Судот, наводите во барањето за сторена дискриминација со дејствие-известување од надлежен орган, не ги исполнува критериумите на факти и докази на чија основа овој суд може да се впушти во анализа по барањето за заштита на слободи и права, односно мериторно одлучување по истото, поради следното:
Барателот укажува дека причини за поднесување на барањето за заштита на слободи и права е незадоволството од неможноста да го оствари своето право на добивање одговор на поставено прашање до народните пратеници и Собраниетоне на Република Македонија, односно неуспехот неговиот случај да биде дел од дневниот ред на Анкетната комисија за заштита на слободи и права на граѓаните при Собранието, чиј начин на работа и постапување е уредено со Деловникот на Собранието. Воедно причина за поднесување на неговото барање е незадоволството од одговорот во известување од Народниот правобранител на Република Македонија под НПР.број 406/2 од 25.04.2012 година, кој постапувал по негова претставка согласно Законот за Народниот правобранител, со кое му било одговорено дека неговото барање во претставката излегувало надвор од рамките на надлежностите на Народниот правобранител утврдени со закон.
По повод ваквиот исход на постапката пред Институцијата Народен правобранител, барателот поднесува барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, со наводи дека ваквиот исход се должел на околноста што тој не припаѓал на вера и националност, како што бил Народниот правобранител и други граѓани со вера и националност како и Народниот правобранител, кои имале поднесено претставки и по кои Народниот правобранител не се огласил за ненадлежен и постапувал, па оттука барателот извлекува заклучок за негово дискриминирање по основ на национална, верска и социјална припадност.
Меѓутоа, националниот, верски и социјален статус на кој припаѓал барателот и кој не успеал државните органи да расправаат по негови прашања, наспрема статусот по вера и националност на други граѓани кои успеале во тоа, сам по себе не имплицира дискриминација, туку секое разликување, исклучување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до уништување или намалување во поглед на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично, што во секој случај треба да се докаже.
Во конкретниот случај, барателот не го поткрепи своето тврдење дека како граѓанин бил нееднакво третиран во однос на други граѓани пред надлежните органи на кои се повикува, заради неговата национална, верска и социјална припадност, а наводите дека органите и институциите на кои тој се повикува, постапувале по прашања и претставки на други граѓани од друга вера и националност, не се докази за дискриминаторски дејствија, имајќи предвид дека иницирањето постапката пред надлежните органи и институции претпоставува претходно исполнување на одредени услови, уредени со закон, а во конкретниот случај, од известувањето на Народниот правобранител, произлегува дека барањето на Александар Петрушевски изразено во претставката, не ги исполнувало условите за Народниот правобранител се впушта во постапување по истата.
Со Законот за народниот правобранител (“Службен весник на Република Македонија” број 60/2003 и 119/2009) се уредени надлежноста и начинот на работа на народниот правобранител, односно согласно членот 19 од Законот, народниот правобранител, постапувајќи по претставка може да не покрене постапка, да покрене постапка и да ја запре или прекине постапката, а согласно член 20 алинеја 6 од Законот, помеѓу другото, народниот правобранител може да не покрене постапка ако не е надлежен да постапува. Со тоа, непокренувањето на постапка од страна на Народниот правобранител, има основ во одредбите од Законот, односно во конкретниот случај станува збор за акт – известување со кое на барателот му биле предочени причините поради кои Народниот правобранител не можел да се впушта во мериторно постапување по претставката од барателот, од кој одговор тој не е задоволен.
Во оваа насока Народниот правобранител на Република Македонија, со одговор се произнесе по однос наводите во барањето во кој одговор се наведува дека во изминатиот период до Народниот правобранител, од страна на Александар Петрушевски, на многу пати биле поднесувани претставки поради недобивање на одговор поради незадоволство од содржината на добиен одговор од други надлежни институции и органи во Република Македонија и во сите претставки за кои Народниот правобранител имал ингеренции да постапува согласно со Законот за Народниот правобранител, барал од тие органи да се произнесат по однос поднесените претставки од Александар Петрушевски, со укажување на уставно загаранитираното право на граѓаните да добиваат одговори во определен рок кога доставуваат претставки до органите. Едновремено, во одговорот се укажува дека Народниот правобранител постапувал по претставки од Александар Петрушевски во периодот и пред 2010 година, кога именуваниот се поплакувал на судски постапки од казнената процедура во кои бил огласен за виновен за сторено кривично дело. Во одговорот се наведува и дека, во повеќе случаи по поднесени претставки Александар Петрушевски, бил и лично поканет во Канцеларијата на Народниот правобранител, меѓутоа именуваниот никогаш не се одзвал на поканите.
По однос конкретниот случај, во одговорот се наведува дека до Институцијата Народен правобранител, Александар Петрушевски веќе имал доставено претставка во која тој барал Народниот правобранител да посредува помеѓу неговото семејство и пратениците на одредена политичка партија со цел да добие одговор на прашање кое го доставил до секој пратеник пооеделно, но и тогаш како и во овој случај на именуваниот детално му било образложено дека Народниот правобранител по однос на конкретната претставка, немал ингеренции да постапува. При повторно поднесена претставка од Александар Петрушевски за истиот конкретен случај, повторно од страна на Народниот правобранител му било доставено известување до именуваниот кое е предмет на барањето, со повторни укажувања за причините за ненадлежност.
Тргнувајќи од погоре наведеното, се констатира дека известувањето од Народниот правобранител НПР.број 406/2 од 25.04.2012 година, кое барателот со иницијативата го посочува како дејствие со кое му била извршена дискриминација по основите наведени во барањето, всушност претавува акт на произнесување на Народниот правобранител по повод поднесена претставка од барателот, со чија содржина тој не е задоволен.
Оттука, барателот, иницирајќи постапка пред Уставниот суд, заради незадоволството од добиениот одговор за ненадлежност на Народниот правобранител по неговата претставка, всушност бара преку утврдување на дискриминација, да издејствува поинаков одговор, односно исход по однос на неговата претставка до Народниот правобранител, за што овој суд нема надлежност во улога на надреден арбитер да го преиспитува работењето на надлежните органи и институции уредено согласно со закон.
4. Имајќи го предвид наведеното, со оглед дека посоченото известување од Народниот правобранител претставува акт на произнесување по повод поднесена претставка пред Народниот правобранител, а во отсуство на релевантни факти и докази за постоење на дејствија со предзнак на елементи на дискриминација од кои би можело да се тргне во анализа, а потоа и во одлучување по барање за заштита од дискриминација, односно докази дека при еднаков случај каков што бил неговиот и како што е опишан во барањето, друг граѓанин или граѓани биле третирани поинаку, односно поповолно од него, токму поради наведените основи на припадност во барањето, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето.
5. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.114/2012
31 октомври 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски