126/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 24 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Решението за избор на директор на Јавна установа Центар за социјална работа во Ресен, број 02-2301/2 од 14.03.2011 година, донесено од министерот за труд и социјална политика.

2. Кире Гештаковски од Ресен, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата решението кое се оспорува било незаконито бидејќи избраното лице за директор на Јавната установа Центар за социјални работи во Ресен, не исполнувало услов за обавување на функцијата директор. Според подносителот на иницијативата лице со работно искуство имало и стаж, а лице со работен стаж немало работно искуство доколку работело на несоодветни работи, а во конкретниот случај избраното лице немало доволно работно искуство за работата која требало да ја извршува. Оттука, постапката за избор на директор била незаконита, а и Државниот инспектор на труд, констатирал повреда на законските прописи и неисполнување на услов за избор на директор. Воедно со иницијативата се бара, Уставниот суд да го заштити подносителот на иницијативата од тенденциозно и недолично однесување од страна на еден од јавните обвинители во Основното јавно обвинителство во Ресен, заради тоа што добил закана во смисла дека тој можел да сноси одговорност затоа што поднел кривична пријава за кривично дело, па од овие причини со иницијативата бара овој суд да преземел мерки согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, со цел подносителот на иницијативата да добиел правна заштита. Од овие причини со иницијативата се бара укинување на оспореното решение, со напомена за поднесување на тужба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, доколку не се покренела иницијатива од страна на Уставниот суд.

3. Судот, на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува законитост на Решение за избор на директор на Јавна Установа Центар за социјални работи, број 02-2301/2 од 14.03.2011 година, донесено од министерот за труд и социјална политика.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на актот кој се оспорува, произлегува дека всушност станува звор за решение со број 02-2301/2 од 14.03.2011 година, а со кое министерот за труд и социјална политика врши избор на директор на Јавна Установа Центар за социјални работи.

Во конкретниот случај, актот кој се оспорува нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од неговата содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечен, конкретен акт донесен од министерот за труд и социјална политика, со кое се врши избор на директор на Јавна установа Центар за социјална работа во Ресен.

Оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за пропис со таков карактер, односно пропис кој не подлежи на уставно судска оцена.

По однос барањето во иницијативата, овој суд, согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, да преземел мерки со цел подносителот на иницијативата да добиел правна заштита од однесувањето од страна на еден од јавните обвинители во Основното јавно обвинителство во Ресен, со членот од Уставот на кој тој се повикува, јасно се определени случаите во кои овој суд има надлежност да постапува за заштита на слободите и правата на граѓаните, што не е случај по однос на конкретното барање од подносителот на иницијативата.

5. Имајќи предвид дека со иницијативата се оспорува акт кој нема карактер на пропис erga omnes, се утврди дека во конкретниот случај настапени се деловнички претпоставки од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
6. Поради наведеното, Судот одлучи како во точкат а 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.126/2012
24 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски