У.бр.210/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 236, став 2, став 3 во делот “Штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон.” и ставот 5 и член 266 став 1, точки 4, 5 и 6 од Законот работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. (62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 30/2009, 149/2009, 16/2010, 50/10, 52/10, 124/2010, 158/2010 и 47/2011).

2. Здравко Савевски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на законот наведен во точка 1 од ова решение.

3. Според наводите во иницијативата оспорените одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 38, член 51 став 1 и став 2 и член 54 став 1 од Уставот. Во образложението на иницијативата се наведува дека по донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година настанале промени во поглед на уставното и законското третирање на правото на штрајк – претходно (во поранешната СФРЈ било целосно во согласност со Уставот да се пропишуваат со закон условите под кои се остварува правото на штрајк, по донесувањето на Уставот на Република Македонија со закон можело да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк единствено во вооружените сили, полицијата и органите на управата, а во другите сфери правото на штрајк било гарантирано и не подлежело на ограничувања со закон. Со донесувањето на Законот за работните односи, законодавецот не само што не се усогласил со важечкиот Устав на Република Македонија, туку се впуштил во уште подрастично пропишување на услови кои го ограничуваат остварувањето на правото на штрајк, така што спротивно на Уставот, ова уставно загаранитрано право во практиката станало речиси неспроведливо.

Во однос на конкретните оспорени одредби од член 236 ставови 2,3 и 5 од Законот, во иницијативата се наведува дека условите за почеток на штрајkот биле противуставни, бидејќи не се однесувале само на вработените во вооружените сили, полицијата и органите на управата туку на сите вработени, кај сите работодавачи во Република Македонија.

Задолжителното писмено најавување на штрајкот, со придружното наведување на причините за штрајкот, местото на одржувањето на штрајкот, денот и времето на почетокот на штрајкот, како и забраната штрајкот да започне пред завршувањето на постапката за помирување (член 266 од Законот), претставувале ограничувања на правото на штрајк и постапувањето спротивно на овие одредби било санкционирано со прекршочни казни. Со оглед на тоа што овие одредби не оставале простор за поинакво однесување при штрајк на вработените кај сите работодавачи, овие одредби н е можело да се сватат поинаку освен како услови кои го пграничувале остварувањето на правото на штрајк.

Сериозно фактичко ограничување на правото на штрајк била и одредбата со која почетокот на штрајкот се доведувал во врска односно се условувал со завршувањето на постапката за помирување, а при ситуација кога не бил утврден временскиот рок на траење на постапката за помирување, му се овозможувало на работодавачот оваа постапка да ја одолговлекува во недоглед со што било ограничено остварувањето на правото на штрајк.

4. Судот на седница утврди дека Главата насловена како XX. “Штрајк” согласно член 236 став 1 со наслов “Права и обврски за времето на штрајк”, синдикатот и неговите здруженија на повисоко ниво имаат право да повикаат на штрајк и да го поведат со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос, во согласност со закон. Штрајкот мора писмено да се најави на работодавачот, односно здружението на работодавачите против кои е насочен, а штрајкот на солидарност на работодавачот кај кого тој штрајк се организира.(оспорен став 2) Штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон. Обврската за помирување не смее да го ограничи правото на штрајкот, кога таква постапка е предвидена со овој закон, односно пред спроведувањето на друга постапка за мирно решавање на спорот за која страните се договориле.(оспорен став 3 првата реченица) Штрајкот на солидарност може да започне без спроведување на постап ка за помирување, но не пред истекот на два дена од денот на почетокот на штрајкот за чија поддршка се организира.(став 4) Во писмото со кое се најавува штрајкот мора да се наведат причините за штрајкот, местото на одржувањето на штрајкот и денот и времето на почетокот на штрајкот. (оспорен став 5) Штрајкот мора да биде организиран на начин со кој нема да се оневозможува или попречува организирањето и одвивањето на работниот процес за работниците кои не учествуваат во штрајкот, забрана на влез на работниците и на одговорните лица во деловните простории на работодавачот. (став 6)

Според член 266 од овој закон, глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на синдикатот, односно здружението на синдикатите и работодавачите, ако: синдикатот, односно здруженијата на синдикатите и работодавачите во рок од 30 дена од денот на настанувањето на промената не ја пријави промената на називот на синдикатот и неговите здруженија на повисоко ниво, седиштето, подрачјето на дејствување, називот на органите и телата, лицата овластени за застапување, престанокот на дејствувањето, односно овластувањата во правниот промет (член 193); синдикатот, односно здруженијата на синдикатите и работодавачите, колективниот договор не го објават на пропишаниот начин (член 232); синдикатот, односно здруженијата на синдикатите и работодавачите, тогаш кога за тоа се должни, одбијат да учествуваат во постапката за мирење предвидена со овој закон (членови 182 и 183) синдикатот, односно здруженијата на синдикатите не најават штрајк (член 236 став 2); (оспорена точка 4) синдикатот, односно здруженијата на синдикатите започнат штрајк пред спроведување на постапка за мирење, предвидена со овој закон, односно пред спроведување на друга постапка за мирно решавање на спорот (член 236 став 3) и (оспорена точка 5) синдикатот, односно здруженијата на синдикатите во писмото за најава на штрајк не ги наведат причините за штрајк, местото, денот и времето на почетокот на штрајкот (член 236 став 5). (оспорена точка 6) Надлежен орган за изрекување на прекршочните санкции по ставот 1 од овој член е надлежниот суд.(став 2)

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото претставуваат едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 37 од Уставот, заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон мо же да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 50 став 3 од Уставот, граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Врз основа на анализата на цитираните уставни одредби, на кои се повикува подносителот во иницијативата, произлегува дека прашањето поврзано со штрајкот е уредено во членовите 37 и 38 од Уставот, а останатите уставни одредби не се директно поврзани со правото на штрајк. Исто така, од содржината на наведените уставни одредби, произлегува дека правото на штрајк е едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Тоа право, како едно од основ ните економски и социјални права е уставно загарантирано, при што Уставот препушта со закон и со колективен договор да се уреди начинот на остварувањето на ова право, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите уставно гарантирани слободи и права. Во оваа смисла, не постои пречка со закон да се уреди начинот на остварување на правото на штрајк во конкретните области, водејќи притоа сметка при уредувањето на овие односи да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување на правото на штрајк, но и другите со Уставот гарантирани слободи и права.

Во Законот за работни односи во Главата XX со наслов “Штрајк” во членовите од 236 до 245 се уредени правата и обврските за време на штрајк, работодавачот во договор со синдикатот кој ги застапува интересите на работниците, се должни во остварувањето на правото на штрајк да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на органот, неопходно ниво во остварувањето на правата и интересите на граѓаните и на правните лица и извршувањето на меѓународните договори.

Во Главата XXVI со наслов “ Прекршочни одредби” се предвидени прекршочни казни додека во членот 266 е уредено дека се изрекува глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност за сторен прекршок на синдикатот, односно здружението на синдикатите и работодавачите, поради таксативно набројани причини ако синдикатот, односно здруженијата на синдикатите не најават штрајк (член 236 став 2); (оспорена точка 4), ако синдикатот, односно здруженијата на синдикатите започнат штрајк пред спроведување на постапка за мирење, предвидена со овој закон, односно пред спроведување на друга постапка за мирно решавање на спорот (член 236 став 3) и (оспорена точка 5) или ако синдикатот, односно здруженијата на синдикатите во писмото за најава на штрајк не ги наведат причините за штрајк, местото, денот и времето на почетокот на штрајкот (член 236 став 5).

Оттука, ова законско овластување на работодавачот претставува регулирање на остварувањето на правото на штрајк преку непосредно спроведување на законските одредби во функција на обезбедување на неопходното ниво на процесот на работа со кое нема да се загрози животот, здравјето, економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на животот во земјата, во обем и на начинот утврдени со закон од соодветната дејност од јавен интерес како и извршувањето на меѓународните договори.

Притоа, треба да се има предвид и тоа дека правото на штрајк не може да се сфати како апсолутно право така што правото на штрајк на работниците во јавниот и приватниот сектор не може да ги доведе во прашање интересите на корисниците на јавните услуги кои посредно или непосредно учествуваат во стекнувањето средства за работа.

Во конкретниот случај Судот утврди дека со оспорената одредба не се уредува самото право на штрајк, туку начинот на неговото организирање, остварување преку организационите облици како што се синдикатите, односно здруженијата на повисоко ниво кои со законската одре дба имаат право да повикаат на штрајк и да го поведат со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос, во согласност со закон.

Тргнувајки од анализата на оспорените одредби и наводите во иницијативата дека задолжителното писмено најавување на штрајкот, наведувањето на причините за штрајкот, местото на одржување, денот и времето на почетокот како и одредбата за забрана на започнување на штрајкот пред завршување на постапката за помирување претставувало ограничување на остварувањето на правото на штрајк, Судот смета дека истите се неосновани.

Судот оцени дека овие два институти, штрајкот и медијацијата во трудовите спорови се тесно поврзани, од причина што мирното решавање на работните спорови во определени случаи може да има превентивен карактер во смисла на спречување на штрајкот, односно во случај на отпочнат штрајк да претставува средство за разрешување на настанатиот спор по вонсудски пат. Оттука, Судот смета дека за оцена на уставноста на оспорените одредби од решавачко значење е фактот што и двата институти се однесуваат на прашања поврзани со работните односи, кои пак согласно член 32 став 5 од Уставот се уредуваат со закон и со колективни договори.

Остварувањето на правото на штрајк како право што произлегува од работниот однос се уредува со закон и колективен договор, а ограничувањето на условите за остварување на правото може да биде уредено единствено со закон.

Од наведеното произлегува дека одредбите од членовите 236 став 2, став 3 во делот “Штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон.” и став 5 и член 266 став 1 точки 4,5 и 6 од Законот за работните односи не се во спротивност со Уставот, поради што во конкретниот случај не може да стане збор за повреда на одредбите од член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 38, член 51 став 1 и став 2 и член 54 став 1 од Уставот на која се повикува подносителот на иницијативата, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на истите.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.210/2011
17 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски