У.бр.6/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 22 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.77/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата членот 22 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, членот 45 став 1 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2004), бил изменет и гласал: „Здравствените работници со високо образование кои запишеле студии од областа на медицината, односно стоматологијата до денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2004) и стручниот испит ќе го положат најдоцна до 31 декември 2010 година, ќе се сметало дека имаат лиценца за работа, а рокот на важноста на лиценцата за работа започнува да тече од денот на положувањето на стручниот испит“. Овој Закон влегол во сила на 5 јули 2008 година.

Во иницијативата, понатаму е наведено дека според членот 51 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2004): „Здравствените работници со високо образование кои на денот на влегувањето во сила на овој закон имаат положено стручен испит се смета дека имаат лиценца за работа и рокот на важноста на лиценцата за работа започнува да тече од тој ден“.

Отука, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба ќе биле оштетени голем број дипломци и значен број апсолвенти од областа на медицината, фармацијата и стоматологијата. Ова особено се однесувало на генерацијата 2003/04 и 2004/05 на Медицинскиот факултет, кои не биле во можност да го исполнат критериумот пропишан со оспорената законска одредба, да го положат стручниот испит најдоцна до 31 декември 2010 година, од следните причини:

Студиската програма на засегнатите дипломци, генерација 2003/04 и 2004/05 на Медицински факултет Скопје, последните две генерации со студии по старата програма, пред воведување на ЕКТС предвидува 12 семестри на студии во шест студиски години, што во пракса покажало дека реално очекуваното дипломирање и за натпросечно успешните студенти било околу седум години (факт произлезен од преку 60 годишното постоење на Медицинскиот факултет во Скопје). Ова, со оглед на фактот дека предавањата предвидени со студиската програма траеле шест години, за потоа да бидат полагани ислушаните испити.

Според наводите во иницијативата постоечките законски одредби, вклучувајќи ги и одредбите пропишани од Лекарската комора на Македонија, приправничкиот стаж пред полагање на стручниот испит бил шест месеци и започнувал да тече од денот на дипломирањето.

Од наведените причини, според наводите во иницијативата во нееднаква правна положба биле ставени преку 350 дипломци и голем број апсолвенти на Медицинскиот факултет, како и дипломците од Фармацевтскиот и Стоматолошкиот факултет, кои своето високо образование го стекнале по истата студиска програма, под исти норми и стандарди, бидејќи се работело за две последни генерации на студенти кои студирале по класичната стара програма, пред воведување на ЕКТС, заедно со своите колеги од претходните генерации.

Меѓутоа, како што е наведено во иницијативата поради овие законски промени подлежат на друга регулатива за приправничкиот стаж и начинот на добивањето на лиценца за работа, со што им биле повредени легитимните очекувања и правната сигурност на граѓаните, како елемент на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Според тоа, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија.

При одлучувањето за основаноста на оваа иницијатива, предлага да се има предвид и фактот дека Законот за здравствената заштита бил донесен уште во 1991 година и во тој Закон не постоела оспорената одредба или слична таква одредба, со одредени ограничувања и наметнувања на дополнителни услови за здравствените работници со високо образование и повеќе пати истиот бил менуван и дополнуван.

Затоа, во иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување и да се истиот да биде поништен.

4. Според член 22 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2004), членот 45 став 1 се менува и гласи: „Здравствените работници со високо образование кои запишеле студии од областа на медицината, односно стоматологијата до денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2004), и стручниот испит ќе го положат најдоцна до 31 декември 2010 година, ќе се смета дека имаат лиценца за работа, а рокот на важноста на лиценцата за работа започнува да тече од денот на положувањето на стручниот испит“.

5. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената законска одредба е содржана во Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 77/2008).

Собранието на Република Македонија донесе нов Закон за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија”, број 43/2012 од 29 март 2012 година).

Во Главата XVIII насловена како “Преодни и завршни одредби“ од овој Закон содржани се членовите:

Според член 324 став 1 од овој закон, постапките за издавање и одземање, обновување и продолжување на лиценците на здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата започнати според Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/10, 44/11 и 53/11) и прописите донесени врз основа на него до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се завршат согласно со тие прописи.

Здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата кои положиле стручен испит или се стекнале со основна лиценца за работа до денот на влегувањето во сила на овој закон се смета дека имаат лиценца за работа во примарна здравствена заштита се до истекот на важноста на основната лиценца за работа.(став 2)

Согласно член 325 од новиот закон, постапките за основање и добивање на дозвола за работа на здравствените установи започнати според Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/10, 44/11 и 53/11) и прописите донесени врз основа на него до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се завршат согласно со тие прописи.

Според член 326 од овој закон, постапките за доделување на звањето примариус започнати според Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, превземено од 88/10, 44/11 и 53/11) и прописите донесени врз основа на него до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се завршат согласно со тие прописи.

Согласно член 327 став 1 од овој закон, полагањето стручен испит на здравствените работници со средно, вишо и високо стручно образование и здравствените соработници со високо образование продолжува да се врши согласно со Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/10, 44/11 и 53/11) и прописите донесени врз основа на него до формирањето испитни комисии во Министерството за здравство. Времето поминато во приправнички стаж согласно со Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/10, 44/11 и 53/11) се смета како време поминато на пробна работа согласно со овој закон.(став 2)

Според член 333 од овој закон, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” број 38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 84/ 2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/2010, 44/2011 и 53/2011).

Согласно член 334 од истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 6 април 2012 година.

Со оглед на тоа дека Законот за здравствената заштита во кој била содржана оспорената одредба, престанал да важи и не е во правниот поредок на Република Македонија, сметаме дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за нејзино отфрлање.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.6/2011
10 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски