Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 октомври 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 3, 6, 7 и 8 од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи („Службен весник на Република Македонија“ бр.173/2011) донесен од министерот за правда.
2. Иван Лазов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 3, 6, 7 и 8 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на ицијативата оспорените членови 3, 6, 7 и 8 од правилникот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11, член 9, член 12 став 1, член 13 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права членови 2, 3, 4, 42, 153, 153-а, 153-б и 154 од Законот за извршување на санкциите, Законот за спречување и заштита од дискриминација, член 1 став 2 и Глава XVII од Законот за кривична постапка и со член 5 од Кривичниот законик.
Подносителот на иницијативата ги цитира оспорените одредби од Правилникот и содржината на уставните и законски одредби во однос на кои ги оспорува наведените членови и дава образложение. Според него од направената анализа на оспорениот правилник во делот „а ако против него не се води друга постапка или не му е изречена друга казна затвор“ се добивало впечаток дека одредбите се нејасни, конфузни и во недоволна мера означувале за каква постапка пред се станува збор кривична, граѓанска, или управна. Најверојатно доносителот мислел на кривична постапка меѓутоа сето тоа било претпоставка од причина што таа децидно не била наведена. Дури и да се работело за кривична, подносителот смета дека со тоа е повреден Уставот и другите прописи. Нејасно и непрецизно било и тоа што доносителот на оспорениот правилник не прецизирал дали се работи за првостепена или правосилна пресуда.
Според тоа со оспорените делови од правилникот осудени лица против кои се водело постапка или биле осудени со друга пресуда на казна затвор се ставале во нерамноправна положба на начин што им е ограничено правото, односно можноста да бидат распоредени во група В3 во затворено одделение, односно во Б2 во полуотворено одделение и им се одземала можноста да бидат распоредени во отворено одделение на установата, односно во поповолна група.
Оттука, според подносителот произлегувало дека оспорените одредби имале императивен карактер и независно од другите 12 критериуми предвидени во член 3 од правилникот, осуденото лице се распоредувало во најнеповолна груа на осудени лица и по автоматизам во никој случај не можело да добие третман на осудено лице од среден, низок и многу низок ризик, а со тоа му е оневозможено да ги користи погодностите од поповолните групи, ниту да ги остварува правата да работи надвор од установата.
Формулацијата „Друга казна затвор“ исто така не била доволно јасна и прецизна во смисла на тоа што не се знаело дали се работи за правосилна и неправосилна казна со што не се обезбедувала правна сигурност на граѓанинот.
Понатаму подносителот наведува дека со наведената формулација се повредувале член 13 став 1 и член 6 од Европската конвенција, член 12 и Амандман III од Уставот од причина што ограничувањата на правата на осудените лица кои издржуваат казна затвор да не можат да прогресираат и распоредуваат во друга група што не било последица на извршувањето на изречена кривична санкција за која лицето е осудено, туку, последица што осудените лица ја трпат само поради фактот што против нив се водело друга постапка.
Исто така подносителот смета дека со ваквото ограничување се повредувал член 4 став 2 и член 3 од Законот за извршување на санкции како и член 5 од Кривичниот законик.
Според тоа, подносителот смета дека поаѓајќи од сето наведено не е јасно што е целта на пропишувањето на оспорените одредби. Дали целта е санкционирање на осуденото лице заради тоа што против него се води друга постапка или пак со тоа се навлегувало во ингеренции на судот пропишан со Законот за кривичната постапка, а кои се однесуваат на обезбедување на обвинетиот.
Оттука, во секој случај осудените лица против кои се водело друга постапка или биле осудени на казна затвор не само што трпеле последици врз основа на оспорените одредби од Правилникот тие трпеле последици и од Правилникот за времето што треба да го поминат и условите што треба да ги исполнат во установата од определен вид според кој изрично е оневозможено осуденото лице против кое се водело друга постапка или на кое му била изречена казна затвор да престојуваат во полуотворен оддел во група Б2 ниту во отворено одделение.
Воедно, подносителот наведува дека иста повреда на Уставот и законите била сторена и со Упатството за условите, начинот и постапката за работно ангажирање на осудените лица надвор од Уставот и Куќниот ред на установата и бара судот по сопствена иницијатива да ја преиспита уставноста и законитоста на наведените акти.
Исто така, подносителот бара Судот согласно член 27 од Деловникот да донесе времена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 3 од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи „При класификација на осудени лица се земаат предвид следните податоци:
– податоците од извршеното испитување на личноста на осуденото лице во приемното одделение на установата,
– видот и природата на кривичното дело,
– степенот на кривичната одговорност,
– податоци од извршената процена за ризик,
– побудите од кои е извршено кривичното дело,
– ставот на осуденото лице кон кривичното дело,
– начинот на кој осуденото лице започнало да ја издржува казната,
– поранешната осудуваност,
– околноста дали против осуденото лице се води друга постапка или му е изречена друга казна затвор, (оспорен дел),
– однесувањето на осуденото лице при поранешно издржување на казната затвор во установата каде ја идржува,
– возраста,
– здравствената состојба и
-психолошките, педагошките, социјалните, безбедносни критериуми и потреби на осуденото лице.
Во оспорениот член 6 од Праавилникот е предвидено дека „Осудените лица класифицирани во затворско одделение … се распоредуваат во групи В1, В2 и В3.
Во групата В2 се распоредува осудено лице чии степен на ризик е висок или среден.
Во групата В3 се распоредува осудено лице чии степен на ризик е среден или низок и ако против него не се води друга постапка или не му е изречена друга казна затвор. (оспорен дел)
Во оспорениот член 7 од Правилникот е предвидено дека „Осудените лица класифицирани во полуотворено одделение се распоредени во група Б1 и Б2.
Во групата Б1 се распоредува осудено лице чии степен на ризик е многу висок, висок или среден.
Во Групата Б2 се распоредува осудено лице чиј степен на ризик е среден или низок и ако против него не се води друга постапка или не му е изречена друга казна затвор (оспорен дел).
Во оспорениот член 8 од Правилникот е предвидено дека „Осудените лица класифицирани во отвореното одделение чии степен на ризик е низок или многу низок и против кои не се води друга постапка или не му е изречена друга казна затвор, се распоредува во Група А.
4. Во член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, како и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според став 2 од истиот член од Уставот, се забранува секаков облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.
Според член 12 став 2 од Уставот, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закони те. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Според став 4 од истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забрана на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казну-вање, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и веросиповеста.
Согласно член 1 од Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2006 и 57/2010) е уредено извршувањето на санкциите изречени за кривични дела и прекршоци. Според став 2 од овој член, санкции изречени за кривични дела чие извршување се уредува со овој закон се казните, алтернативните мерки, мерките на безбедност и воспитните мерки. Според став 3 од овој член, санкции изречени за прекршоци чие извршување се уредува со овој закон се казните, мерките на безбедност и воспитните мерки.
Основните права на осудените лица на казна затвор им се загарантирани со Кривичниот законик на Република Македонија и со Законот за извршување на санкциите, а начинот на нивно остварување се регулира со куќните редови на установите и другите подзаконски акти.
Според наведените законски одредби осудените лица имаат право на: пристојно сместување (членовите 102-104); облека и постелнина (членовите 105-107); лична хигиена на осудените лица (член 108); исхрана на осудените лица (членовите 109 и 110); одмор на осудените лица (членовите 111 и 112); работа на осудените лица (членовите 113-122); пензиско осигурување на осудените лица (член 123); бесплатна здравствена заштита на осудените лица (членовите 124-134); образование на осудените лица (членовите 135-137); слободни активности, спорт и рекреација на осудените лица (членовите 138 и 139); воспитна работа со осудените лица (член 140); задоволување на верските потреби на осудените лица (член 141); контакти со надворешниот свет на осудените лица (допишување, телефонирање, посети, примање на пратки) (членовите 142-151) и тн.
Според член 37 став 1 од Законот, целта на извршувањето на казната затвор е оспособување на осудените лица да се вклучат во општеството со најдобри изгледи за самостоен живот во согласност со закон. Според став 2 од истиот член, заради постигнување на целта на извршувањето на казната затвор кај осудените лица се развива чувството на одговорност и се поттикнуваат да го прифатат и активно да учествуваат во третманот за време на извршувањето на казната, мотивиран и насочен кон превоспитување и развивање на позитивните карактерни особини и способности што го забрзува успешното враќање во општеството.
Според член 40 став 1 од наведениот закон осудените лица се распоредуваат во различни установи за извршување на казната затвор и нивната положба и системот на постапување се определува врз одредбите на овој закон и во согласност со судската одлука.
Во членот 41 од законот е предвидено дека во установата за извршување на казната затвор осудените лица се класификуваат според неопходноста за примена на мерки на третман и видот на потребниот третман, нивната возраст, личните карактеристики и други околности од значење за оцена на личноста на осуденото лице.
Согласно членот 42 став 1 од Законот при распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица, мора да се има предвид видот и природата на кривичното дело и степенот на кривичната одговорност, а според ставот 2 на овој член министерот за правда со општ акт поблиску ги определува распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица. Според ставот 3, пак, од членот 42 од законот министерот за правда со општ акт ги определува видовите и начините на третман на осудените лица.
Во членовите 49,50 и 51 од Законот, е определено во кои случаи осуденото лице на казна затвор казната ќе ја издржува во установа од затворен, полуотворен или отворен вид. .
Согласно членовите 153,153-а,153-б од Законот за добро поведение и залагање во работата, како и за поттикнување на добро однесување и за развивање на чувство за одговорност и за интерес и соработка во третманот што се спроведува во установата, можат да им се дадат одделни погодности.
За да се олесни спроведувањето на процесот на ресоцијализација на осудените лица се врши класификација на осудените лица.
Класификацијата може да се дефинира како средство (помошен инструмент) за остварување (практично спроведување на извршената индивидуализација или метод на поделба на осудените лица по казнено поправни установи и во групи внатре во нив, со цел да се создадат погодни услови за индивидуални третман, но заради спречување на меѓусебни штетни влијанија („криминална инфекција“) кај затворениците и одржување на дисциплина.
По извршеното проучување на личноста осудените лица се распоредуваат по одделенија во кои според нивните карактеристики е можна примена на истовидни мерки на третман. Меѓутоа сите осудени лица не се подеднакво флексибилни личности кои веднаш и без последици можат да се прилагодат на новонастаната состојба и прогнозата од извршената опсервација на осудените лица не можат никогаш да се сметаат за конечни. Поради тоа во казнено поправните установи постои можност за прераспоредување (рекласификација) на осудените лица од едно во друго одделение во установата, или пак од една во друга казнено поправна установа.
Во член 154 од Законот за извршување на санкциите е предвидено дека осудените лица во текот на издржувањето на казната, зависно од резултатите на воспитувањето, поведението и залагањето во работата, можат да прогресираат од установа од затворен во полуотворен или отворен вид, односно во соодветните одделенија на истата установа, а по нивно барање, осудените лица можат да прогресираат од установа од полиберален вид во отворено или полуотворено одделение на установа од построг вид или пак од една во друга установа од ист вид, доколку постојат основани причини што ќе придонесат за нивна поуспешна ресоцијализација.
Во ставот 2 од членот 154 од Законот е предвидено дека поблиски одредби за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установата од определен вид или во соодветно одделение на установата од општ вид, се определуваат со Законот за извршување на санкциите и со општиот акт што го донесува директорот на Управата.
Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 27 февруари 1997 година го донесе Законот за ратификација на Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи и на првиот протокол, протоколот бр. 4, протоколот бр. 6, протоколот бр. 7 и протоколот бр. 11 кон Конвенцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997). Членовите на Конвенцијата и протоколите, според Анексот се однесуваат на: обврска за почитување на правата на човекот (член 1), право на живот (член 2), забрана на мачење (член 3), забрана на ропство и принудна работа (член 4), право на слобода и безбедност (член 5), право на правична судска постапка (член 6), нема казна без закон (член 7), право на почитување на приватниот и семејниот живот (член 8), слобода на мислење, совест и вера (член 9), слобода на изразување (член 10), слобода на собирање и здружување (член 11), право на брак (член 12), право на реална жалба (член 13), забрана на дискриминација (член 14), укинување во случај на вонредна состојба (член 15), ограничување во политичката активност на странци (член 16), забрана на злоупотреба на правата (член 17), ограничување на употребата на рестрикциите во правата (член 18) и друго. Во првиот протокол е заштитата на сопственоста (член 1), право на образование (член 2), право на слободни избори (член 3) и други. Во протоколот број 4 се, меѓу другите, слободата на движење (член 2), забрана за колективни протерувања на странци (член 4). Во протоколот број 6 се, меѓу другите, укинување на смртната казна (член 1), смртна казна за време на војна (член 2), а во протоколот број 7 се, меѓу другите, право на двостепеност во кривичната постапка (член 2), правото да не се биде осуден или казнет два пати (член 4).
Според членот 6 став 1 од оваа Конвенција, секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него. Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката можат да бидат исклучени за време на целата или на дел од постапката во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на страните во спорот, или кога тоа судот го смета за неопходно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата.
Во член 5 од Кривичниот законик утврдено е дека на сторителот, меѓу другото, на кривично дело во извршувањето на кривичната санкција можат да му бидат одземени или ограничени права само во мера која им одговара на природата и содржината на таа санкција, а според членот 60 од истиот Законик целта на мерките на безбедност е да се отстранат состојбите или условите што можат да влијаат сторителот во иднина да врши кривични дела.
Заштитата од дискриминација е предмет на уредување на Законот за спречување и заштита од дискрминација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010). Согласно членот 1 став 1 од Законот, со овој закон се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификувани меѓународни договори. За заштита од дискриминација се формира Комисија за заштита од дискриминација (став 2).
Согласно членот 2, заштитата и забраната од дискриминација се однесува на сите физички и правни лица во процесот на остварување на правата и слободите гарантирани со Уставот и со законите на Република Македонија.
Во членот 3 од Законот се набројани основите за дискрминација, како што се пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор.
Во посебна глава од Законот се уредени исклучоците од дискриминацијата (афирмативни мерки, нееднакво постапување и заштитни механизми за одделни категории на лица.
Така согласно членот 13 од Законот, нема да се сметаат за дискриминација афирмативните мерки преземени од органи на државната управа, органи на единиците на локалната самоуправа, други органи и организации кои вршат јавни овластувања, јавни установи или од страна на физички или правни лица, констатирани како оправдани во минатото, сегашноста или во иднина, а кои можат да се преземаат сe додека не се постигне потполна фактичка еднаквост.
Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби како и содржината на оспорените членови од Правилникот наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.
Ова од причина што нашата кривично правна, криминолошка и пенолошка теорија и практика тргнува од претпоставка дека основна цел на казната, нејзината примена и извршување е ресоцијализација и социјална адаптација на осуденото лице.
Целокупниот процес на ресоцијализација на осуденото лице се потпира врз проучувањето на личноста на деликвентот, чија битна компонента е индивидуализација на казната во извршувањето. Индивидуализацијата на казната се остварува преку развиен систем на критериуми за класификација и групирање на осуденото лице во казнено поправната установа.
Класификацијата на осудените лица во казнено поправни установи почива на објективни (вид на кривично дело, должина на казната и видот на казнената евиденција) и субјективни критериуми кои почиваат на карактеристики на личноста на деликвентот од што зависи флексибилноста во примената на методи на третман и постојано преструктуирање на групите што е битна претпоставка за остварување на ресоцијализацијата.
Оттука, според Судот предвидениот услов во правилникот осуденото лице на казна затвор да биде распореден во определена група во затворени, полуотворени и отворени установи, ако против него не се води друга постапка или не му е изречена друга казна затвор, резултира од карактерот на осуденото лице односно од субјективните елементи на осуденото лице.
Според тоа со предвидениот услов не се доведува во прашање остварување на права на осудени како што потенцира подносителот на иницијативата, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со Уставот и со законите.
5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.26/2012
10 октомври 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски