Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 октомври 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 166 став 2 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/2011).
2. Асоцијација „Магна Карта“ од Велес и Движење за социјална правда „Ленка“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на законот наведен во точка 1 од ова решение.
3. Според наводите во иницијативата оспорената одредба била во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, Амандман XXI со кој е заменет член 15, член 51 и член 52 став 4 од Уставот. Правото на тужба (ius actio) и правото на приговор / жалба (ius apellatio) биле едни од круцијалните човекови права кои спаѓале во корпусот на првата генерација „граѓански (лични/персонални) слободи и права. Тие претставувале значен елемент во зацврстувањето на правната сигурност на граѓаните, но и конституционален елемент кој го штител граѓанинот од неодговорното и волунтаристичко однесување на државните органи и службеници. Овие права, објективно гледано, вршеле еден вид притисок врз конкретниот судија т.е. арбитер кој постапувал во дадена правна работа – тој да се однесува непристрасно и објективно во правораздавњето, знаејќи дека неговата одлука подоцна можела да биде преиспитана.
Понатаму во иницијативата е наведено дека користејќи ги овие свои неприкосновени уставни права стекнати низ историјата, граѓаните не само што имале практична можност на дело да ги заштитат своите права и интереси, туку тие постигнувале и исправање на евентуалните незаконитости и неправилности во работата на јавните органи кои вршеле правораздавање при настанат спор – без оглед дали поединечниот мериторен акт кој тие го носеле се нарекувал пресуда, решение, одлука и сл. Со ова, на индиректен начин, се овозможувало и самите граѓани, од коишто и извира суверенитетот на државата, да придонесуваат кон јакнење на режимот на законитоста и владеењето на правото.
Оттука, според наводите во иницијативата, правото на тужба против арбитражна одлука и правото на жалба против судска одлука ја имале своја претпоставка и во оправданата премиса дека првостепената одлука, на било кој надлежен орган (суд, арбитража, мировен совет, управен орган и сл.) не морало секогаш да биде законита, исправна и справедлива. Овие инструменти на институционална заштита спаѓале во групата на т.н. редовни правни средства (instrumentium) или правни лекови (ordinaria auxilii) и го исклучувале секое повластување кое би го имал било кој субјект – учесник во постапката, па дури и оној кој пресудувал. Правото на правен лек, без никаков исклучок, им припаѓал на сите кои тврделе дека во определена постапка не им била дадена законита правна заштита која им следувала. Згора на се – правото на ефективен правен лек било фундаментално човеково процесно право кое го гарантирале сите меѓународни документи за човекови права, како и внатрешните национални прописи на сите цивилизирани демократски држави во светот. Така, на пример, во чл. 13 од Европската конвенција за човекови права, донесена од Советот на Европа, а ратификувана од нашата држава во 1997 година, којашто била и обврзувачки правен избор кај нас, се гарантирало правото на ефективен лек и се гласела: „Секој, чии права и слободи определени во Конвенцијата се повредени, ќе има ефективен лек пред домашните органи – без оглед на тоа што повредата била сторена од лица кои вршеле службена должност“.
Според наводите во иницијативата во прилог на оправданоста на наведената правна аргументација било очигледно дека побиваната законска забрана работникот да има право на жалба против решението на престанок на работниот однос, донесено од страна на стечајниот управник било во директна спротивност на точката 1 од уставниот Амандман ХХI, кој изрично вели дека: „Се гарантира правот на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд“.
Во продолжение на иницијативата е наведено дека ваквата противуставна забрана била нова и досега непозната во нашиот правен систем. Всушност со членот 122 став 2 од поранешниот Закон за стечај („Службен весник на РМ“ бр. 55/1997 и 53/00, 37/02, 17/04 – денес вон сила), било изрично допуштено и право на жалба, како и дополнително право на тужба на работникот против оваа одлука на стечајниот управник. Оттука го поставуваат клучното прашање: „Што било тоа што го натерало законодавецот, на ваков противуставен и непропорционален начин, да му ги ускрати двете фундаментални човекови права на работникот на кој, поради стечај, му престанувал работниот однос: и правото на жалба, но и правото на тужба? Argumentum a fortiori, еден од вкупно петте загарантирани инструменти на правна заштита на работниците, според нашиот Закон за работните односи (2005) биле и приговорот против одлуката за отказ (в.в. член 91 од Законот за работните односи). Оттука, евидентно било дека немало ниту логички, ниту правни причини зошто законодавецот му ги ускратил овие две круцијални уставни права на работникот кој работи во претпријатие кое оди по стечај. Имено, самиот факт на одење во стечај на инсолвентното друштво, во никој случај, не можело да биде доволно оправдување за кратење на овие фундаментални човекови права кои изрично се гарантирани со Уставот. Поради горенаведите причини подносителите на иницијативата сметале дека оваа, очигледно антиконституционална и конфузна законска одредба која била некомпатибилна со нашиот уставен поредок, земајќи ја предвид јавната полза (utilitas publica) и правичноста (aequitas) од тоа дејствие – што побрзо требало да биде касирана и повеќе да не постоела во нашиот правен систем, како крајно штетна и претерано непропорционална, која во праксата, веќе пет години предизвикувала несогледливи штетни последици по судбината на работниците и од таа причина не смеело да се заборави дека и работничките права биле човекови права.
4. Судот на седница утврди дека во делот “Договори за вработување” со член 166 од Законот за стечај, со денот на отворањето на стечајната постапка договорите за вработување склучени меѓу работникот и работодавецот должник престануваат. (став 1) Стечајниот управник донесува решение со кое констатира дека договорот за вработување на работникот престанал. Против ова решение не е дозволена жалба.(оспорен став 2) Стечајниот управник заради остварување на правата на работникот примерок од решението од ставот 2 на овој член го доставува до надлежната служба за посредување при вработување на чие подрачје се наоѓа седиштето на стечајниот должник, во рок од три дена од денот на донесувањето.(став 3) Со денот на отворање на стечајната постапка престануваат и договорите со кои се уредуваат односите меѓу друштвото со извршните членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор, односно управителите.(став 4) Стечајниот управник може, по претходно добиена писмена согласност од стечајниот судија, да склучува нови договори за вработување на определено време за завршување на започнатите работи и за отстранување на можните штети. Ако има потреба од склучување нови договори, приоритет ќе имаат поранешните работници кои биле вработени кај должникот. (став 5) Платите и надоместоците на работниците ги определува стечајниот управник во согласност со закон и колективен договор, а врз основа на претходно добиена писмена согласност од стечајниот судија.(став 6) Платите и надоместоците од ставот (6) на овој член се намируваат како обврски на стечајната маса.(став 7)
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со член 1 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006 и 126/2006) се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка; органите на стечајната постапка; управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса; намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка; правните последици од отворањето на стечајната постапка; планот за реорганизација; личното управување; ослободувањето од другите обврски; посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец; стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот.
Со предметната иницијатива се оспорува членот 166 став 2 од Законот за стечај.
Наведената одредба била предмет на уставно-судска анализа во постапката по предметот У.бр.63/2006 од аспект на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, Амандман XXI со кој е заменет член 15, член 51 и член 52 став 4 од Уставот. Инаку, во овој предмет Судот донел Решение од 26 септември 2007.
Во постапката по предметот при донесувањето на решението, Судот ги завземал следните гледишта:
“Судот оцени дека Законот за стечај е усогласен со Законот за работните односи кој предвидува дека работен однос се заснова и престанува со договор за вработување. Како еден од условите за престанок на договорот за вработување, во Законот за работните односи се предвидени стечај или ликвидација на работодавачот. Ваквото решение од Законот за работните односи е преземено и во Законот за стечај. При донесување на решението со кое се констатира дека договорот за вработување престанал, стечајниот управник не донесува поинакво решение од договорот за вработување туку, како што и самиот подносител на иницијативата наведува, тој само констатира состојба која е настаната како последица на престанок на договорот за вработување и тоа решение е од исклучиво деклараторен карактер. Тоа повеќе му служи на вработениот како доказ за остварување на своите права во случај на невработеност, бидејќи во Агенцијата за вработување поранешните вработени кај стечајниот должник презентират решение со кое се констатира престанок на договорот за вработување.
Во овој контекст, жалба против решение со кое се констатира дека договорот за вработување престанал со отворање на стечајна постапка над стечајниот должник (работодавач) би била беспредметна поради непостоење на околности за жалба (договорот за вработување престанал со отворање на стечајната постапка). Воедно со отворање на стечајната постапка се раскинуваат и договорите за вработување на органите на управување на стечајниот должник, и стечајниот должник го губи правниот субјективитет (се гасне неговата сметка и се брише од трговскиот регистер). При ваква состојба се поставува прашање кому ќе биде упатена жалбата, кој ќе решава по неа кога и кој ќе го спроведе решението по жалба кога веќе е престаната функцијата на органите на управување.
Имено, прашањето на престанувањето на договорот за вработување на работникот иако во формална смисла е одлука на стечајниот управник (дека го носи наведеното решение) меѓутоа, стечајниот управник само констатира една состојба која е уредена во ставот 1 на членот 166 од Законот според кој со денот на отварањето на стечајната постапка договорите за вработување склучени меѓу работникот и работодавецот должник престануваат.
Оттука, имајќи го во предвид наведеното, како и правната теорија по однос на поединечните правни акти кои во суштина може да се јават како поединечни управни акти или поединечни судски акти, како и фактот што според Амандман XXI кој е предвиден во делот на одредбите од Уставот кој се однесува на основни слободи и права на човекот и граѓанинот, правото на жалба е препуштено да биде уредено со закон, (како што впрочем е во случајов со оспорените одредби од Законот), Судот утврди дека наводите во иницијативата дека оспорените членови 36 став 4 и 166 став 2 од Законот за стечај не биле во согласност со членот 8 и Амандманот XXI, не се основани.”
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорената одредба, одредбите на кои се повикуваат подносителите на иницијативата, како и фактот што Уставниот суд веќе одлучувал за оценување на уставноста на оспорениот член 166 став 2 од Законот за стечај и со Решение У.бр.63/2007 од од 26 септември 2007 година не повел постапка, односно не изразил сомнение по однос на неговата согласност со Уставот, сметаме дека во конкретниот случај по предметна иницијатива нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на наведеното сметаме дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .
У.бр.149/2011
10 октомври 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски