64/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 3 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 94 од Куќниот ред на КПУ Идризово, број 01-810/2 од 30.01.2012 година, донесен од директорот на КПУ Идризово во согласност со директорот на Управата за извршување на санкциите.

2. Гоце Штерјовски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, актот во кој е содржана оспорената одредба, претставувал подзаконски акт и противуставно било со подзаконски акт да се уредуваат нови права и обврски, ниту нови санкции и казни кои ги немало во Законот, односно оспорената одредба уредувала дополнителни санкции за осудените лица бидејќи времето за стекнувањето на погодност или прогресирање во полиберално одделение, се сметало од денот на почетокот на издржување на казната затвор, без да се земе во предвид времето поминато во притвор. Согласно членот 47 ставови 1 и 3 од Кривичниот законик, мерката притвор се засметувала во изречената казна затвор, а со тоа и во времето на издржувањето на казната затвор, меѓутоа времето поминато во притвор на сите осудени лице кои издржале мерка притвор, со оспорената одредба не им се засметувала во ниту една погодност во КПУ Идризово вклучувајќи го и прогресирањето во едно одделение со построг режим во друго одделение со поблаг режим. Поради тоа оваа оспорена одредба била во директна спротивност со сите одредби од Законот за извршување на санкцииите. Со оспорената одредба од Куќниот ред сите осудени лица се ставале во понеповолна положба, односно со дополнителна санкција – казна да издржуваат повеќе време, толку колку што издржале мерка притвор во потешки услови од условите во затвор. На тој начин со уредувањето на оваа оспорена одредба во Куќниот ред, кој се применувал од март 2012 година, осудените лица по овој период биле во понеповолна состојба во однос на осудените лица кои немале мерка притвор и во однос на другите осудени лице на кои пред стапувањето во сила на овој Куќен ред претходно им се засметувал притворот. Според тоа оспорениот член 94 од Куќниот ред бил во директна спротивност со членот 3 од Законот за извршување на санкциите, според кој лицата спрема кои се извршуваат санкциите се лишуваат или ограничуваат во правата само во границите неопходни за остварување на целта на санкцијата, а врз основа на закон и членот 4 од истиот закон според кој правилата за извршување на санкциите се применувале на санкциите непристрасно и се забранува дискриминација по било кој основ или статус на лицето спрема кое се извршува санкцијата.

Оспорената одредба од Куќниот ред, исто така се применувала и ретроактивно и за сите осудени лица кои отпочнале со издржувањето на казната затвор во КПУ Идризово пред стапување во сила на Куќниот ред и тие осудени лице биле во дискриминаторска положба во однос на претходните осудени лица на кои првото одлучување за погодности им било пред стапување во сила на оспорениот член 94 од Куќниот ред.

Од овие причини со иницијативата се бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 94 од Куќниот ред, бидејќи со овој оспорен член се нарушувале повеќе уставни одреби, а пред се членот 8 став 1 алинеи 1, 3, 11, членот 9, членот 11 и членот 52 став 4 од Уставот, а доколку Судот оценел и на членовите 11-14 и 86, 87, 89, 90, 91 и 92 од Куќниот ред, а со иницијативата се предлага и донесување на времена мерка со која ќе се запреле преземените дејствија по основ на оспорениот член 94, а ако се поведело постапка и се оценело за потребно и за останатите одредби од Куќниот ред.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорената одредба од членот 94 од Куќниот ред определува дека за осудено лице кое пред издржување на казна затвор, издржало мерка притвор, времето потребно за стекнување на погодност или прогресирање во одделение од полиберален вид во установата или во установа од полиберален вид се смета од денот на почетокот на издржување на казната затвор, без да се земе во вид времето поминато во притвор.

4. Според членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Оспорената одредба е содржана во акт означен како Куќен ред на КПУ Идризово, донесен од страна на директорот на установата во согласност со директорот на Управата за извршување на санкциите.

Според оспорената одредба од членот 94 од Куќниот ред, за осудено лице кое пред издржување на казна затвор, издржало мерка притвор, времето потребно за стекнување на погодност или прогресирање во одделение од полиберален вид во установата или во установа од полиберален вид се смета од денот на почетокот на издржување на казната затвор, без да се земе во вид времето поминато во притвор.

Од наводите содржани во иницијативата, одредба со содржина каква што е оспорената одредба од Куќниот ред, во дотогашните куќни редови на КПУ Идризово, никогаш не била уредена, па оттука, времето за стекнување на погодности и прогресирање во одделение од построг во поблаг режим, течел од денот кога лицето издржувало мерка притвор, а не од денот на отпочнување на издржување на затворската казна. Подносителот смета дека требало да се применува, односно да се продолжи со дотогашниот начин на започнување на течење на времето за примена на одредени погодности и разместувања на осудени лица по одделенија, а не да се востановуваат нови санкции со Куќниот ред, кои ги немало во Законот, а биле понеповолни во однос на времето кое било потребно да истече за да може одредено осудено лице да се стекне со одредена погодност. Со уредувањето на оваа оспорена одредба во Куќниот ред, кој се применувал од март 2012 година, осудените лица по овој период биле во понеповолна состојба во однос на осудените лица кои немале мерка притвор и во однос на другите осудени лице на кои пред стапувањето во сила на овој Куќен ред претходно им се засметувал притворот. Оттука оспорената одредба од Куќниот ред била во спротивност со Уставот и законот.

Куќниот ред на КПУ Идризово во кој е содржана и оспорената одредба, е донесен согласно со членот 53 од Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на Република Македонија”, број 2/2006 и 57/2010) според кој во установата се донесува општ акт со кој се уредува куќниот ред и поблиску се определува организацијата на работата и се пропишува начинот на живеење на осудените лица во установата, кој го донесува директорот на установата во согласност со директорот на Управата. Меѓутоа, актот во кој е содржана оспорената одредба, Судот оцени дека претставува интерен акт во КПУ Идризово, односно истиот претставува конкретен, интерен акт кој има правно дејство само за субјектите во установата КПУ Идризово, а не за неограничен број на субјекти. Имено според членот 53 од Законот за извршување на санкциите, секоја установа донесува општ акт со кој се уредува куќниот ред на установата, што значи дека тоа претставува интерен акт во кои се содржани правила за редот и начинот на живеење на осудените лица во установата.

Во оваа насока, прашањето дали во уредувањето на ваков вид на пропис како што е куќниот ред, односно дали во уредувањето на правилата за редот и начинот на живеење на осудените лица во установата, се излегло надвор од рамките на правата и обврските за осудените лица уредени со закон, на што впрочем се однесуваат наводите од иницијативата, е прашање од надлежност на надлежни субјекти за извршување на санкциите, кои вршат надзор над законитоста во извршувањето на санкциите и надзор во однос на примената на законот и другите прописи и правила за извршувањето на санкциите.

Имено, согласно членот 16 став 1 од Законот за извршување на санкциите, директорот ја претставува Управата за извршување на санкцииите, одговорен е за законито и правилно извршување на санкциите во Република Македонија и за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија и министерот за правда.

Понатаму, согласно членот 36 став 1 од Законот, судијата за извршување на санкциите кој се установува во сите основни судови, е надлежен да ги штити правата на осудените лица, да врши надзор над законитоста во постапката за извршување на санкциите и обезбедува рамноправност и еднаквост на осудените лица пред законот, како и членот 78 од Законот според кој судијата за извршување на санкциите во основниот суд во седиштето на установата, врши судски надзор во извршувањето на санкциите во однос на постапувањето со осудените лица и во остварувањето на нивните права и обврски.

Според членот 77 ставови 1, 2 и 3 од Законот, Управата преку свои инспектори (инспектори за извршување на санкциите), врши стручно-инструкторски надзор врз работата на установите, кој надзор се состои во обезбедување казната затвор да се извршува соодветно со основните начела утврдени со овој закон, со настојување притоа да дојдат до израз современите пенолошки принципи за унапредување и развој на системот на извршувањето на санкциите, како и позитивните искуства од функционирањето на современите системи за извршување на казната затвор, како и во анкетирање, согледување и анализа на состојбите и отстранување на проблемите и слабостите во работата на установите.

Покрај тоа, надзор во извршувањето на санкциите, врши и Државната комисија за вршење надзор во установите, основана од Владата на Република Македонија.

Државната комисија, согласно членот 82 од Законот, помеѓу другото има задача со повремени посети на установите да ги согледува состојбите во однос на примената на законот и другите прописи и правила за извршувањето на санкциите, со записник да ги утврди состојбите и да предложи соодветни мерки за отстранување на неправилностите во даден рок и за тоа да ја извести Владата на Република Македонија, Управата и судот надлежен за извршување на санкциите. Од своја страна, Установите и Управата се должни да постапат по забелешките на Државната комисија и во определениот рок да ги отстранат неправилностите.

Исто така, Со Законот за извршувањена санкциите, Глава X, точка 20. Заштита на правата на осудените лица со употреба на правни средства, потточка а) Правни совети и правни средства на осудените лица, уредени се низа одредби за правата и обврските на осудените лица, како и правни механизми за остварување на нивните права. Имено, осудените лица за заштита на своите права во врска со положбата и третманот во установата, како и по прашања во врска со осудата, имаат право да поднесуваат правни средства, претставки и други поднесоци до надлежни органи и други институции и од нив да добиваат одговори (член 167 став 1 од Законот), а и право на судска заштита, во случај да не добие одговор од управата во определениот рок со Законот (член 171 од Законот). Воедно, Законот уредил и право на осудените лица да поднесуваат барања и жалби до меѓународни тела и органи, доколку сметаат дека му се повредени основните човекови права во текот на издржувањето на казната (член 174 од Законот), а тоа право неспорно, може да го остварува, без исклучок секој граѓанин во Република Македонија, во случај на повреда на неговите основни слободи и права, како и заштита од дискриминација, пред надлежните органи.

Оттука, произлегува дека со Законот за извршување на санкциите, уредени се правни механизми за контрола и заштита на правата на осудените лица во установите, а и контрола на примената на законот и другите прописи и правила за извршувањето на санкциите, вклучително и на интерните акти на секоја установа.

Во конкретниот случај, тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, а имајќи предвид дека во конкретниот случај, актот во кој е содржана оспорената одредба, претставува интерен конкретен акт, со кој се уредуваат интерни правила за начинот на живеење на осудените лица во конкретна установа, Судот оцени дека Куќниот ред на КПУ Идризово во кој е содржана оспорената одредба, нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, а со тоа во конкретниот случај нема акт подобен за уставно судска оцена согласно член 110 алинеја 2 од Уставот. Според тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај, не се исполнети процесните претпоставки за впуштање во мериторно одлучување по иницијативата.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, со оглед дека во конкретниот случај се оспорува одредба содржана во акт кој нема карактер на пропис erga omnes, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

6. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер – Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.64/2012
3 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски