81/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 3 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 84 став 1 точки 3 и 8 од Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 34/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011 и 26/2012).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата оспорените одреби од Законот, поради нивната општа формулација “спротивно на одредбите на овој закон или на општ акт на Фондот” не се знаело точно за кои одредби од Законот или за кој општ акт на Фондот станувало збор, па оттука оспорените законски одредби биле неприменливи во практиката или тешко применливи, а со тоа биле можни ситуации субјектите неправедно да бидат санкционирани. Воедно, правата и обврските на осигурениците и другите субјекти можеле да се предвидуваат, пропишуваат само со закон и со колективен договор, а не и со општ акт на Фондот, како што предвидувале оспорените законски одредби, бидејќи согласно членот 34 од Уставот на Република Македонија, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а согласно членот 39 став 1 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Од овие причини оспорените законски одредби не биле во согласнсот со членот 8 став 1 алинеите 3, 4, и 8, член 9 став 2, член 34, член 39 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од членот 84 став 1 точки 3 и 8 од Законот уредуваат дека глоба од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на здравствена установа, ако: спротивно на одредбите на овој закон или на општ акт на Фондот ги скуси или ги ограничи правата што му припаѓаат на осигуреникот (точка 3) и спротивно на одредбите на овој закон или на општ акт на Фондот наплати услуга, материјални трошоци или лекови, односно учество кога тоа не е предвидено, наплати повисоко учество од утврденото или не наплати учество кога тоа е предвидено (точка 8).

4. Спoред членот 8 став 1 алинеи 3, 4 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и хуманизмот, социјаланата правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно членот 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/11 и 26/2012), се уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.

Според оспорените одредби од членот 84 став 1 точки 3 и 8 од Законот, глоба од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на здравствена установа, ако:

3) спротивно на одредбите на овој закон или на општ акт на Фондот ги скуси или ги ограничи правата што му припаѓаат на осигуреникот и

8) спротивно на одредбите на овој закон или на општ акт на Фондот наплати услуга, материјални трошоци или лекови, односно учество кога тоа не е предвидено, наплати повисоко учество од утврденото или не наплати учество кога тоа е предвидено.

Од анализата на оспорените одредби од Законот, произлегува дека тие уредуваат прекршочни санкции за здравствена установа доколку спротивно на одредбите на овој закон или на општ акт на Фондот, ги повреди или ограничи правата на осигуреникот.

Според наводите од иницијативата не можело здравствената установа прекршочно да биде санкционирана и кога спротивно на одредби содржани во општ акт на Фондот, ги повреди или ограничи правата на осигурениците, бидејќи не можело со општ акт на Фондот да се предвидувале права и обврски за осигурениците, туку само со закон и колективен договор. Меѓутоа, нејасни се наводите од подносителот на иницијативата во овој дел и подразбирањето дека во конкретниот случај станува збор за одредби од општ акт на Фондот со кои изворно се уредуваат права и обврски за осигурениците, бидејќи туку станува збор за одредби содржани во општ акт на Фондот со кои се операционализирани одредби од Законот. Имено, со членот 54 од Законот е уреден делокругот на работа на Фондот кој се основа како правно лице и кој помеѓу другото со општи акти ги уредува прашањата за кои е овластен со закон. Во оваа насока општите акти кои Фондот ги донесува секако треба да содржат одредби за спроведување односно операционализација на правата и обврските утврдени со Законот, но не и предвидување на нови права и обврски, кои само со законот можат да се утврдат. Овој систем на операционализација на законските права и обврски уреден со општите акти на Фондот, е усмерен во практицирањето на Фондот и здравствените установи. Според тоа, извршувањето на правата и обврските утврдени со Законот за здравствено осигурување е во непосредна врска со одредбите на општите акти на Фондот. Оттука, здравствените установи неможат самоволно да го спроведуваат извршувањето на здравствените услуги утврдени со законот, надвор од системот уреден со одредбите во општите акти на Фондот, за што законот дал овластување. Со оглед на тоа, доколку здравствената установа врши конкретна работа спротивно на одредбите од Законот и одредбите од општиот акт на Фондот, со право може да се предвиди како противправно дело кое законот ќе го утврди како прекршок опишувајќи ги обележјата на прекршокот. Прашањето, притоа дали со општите акти на Фондот постои случај на изворно уредување на права и обврски за осигурениците, односно дали со општите акти на Фондот, доносителот на актот излегол надвор од законските овластувања и законските рамки при уредувањето на актот, тоа може да се установи само со опсервација на нивната конкретна содржина, од каде може да се цени дали овластувањето се движи во законски утврдените рамки, односно дали со општиот акт се доуредуваат законски одредби или пак станува збор за оригинерно уредување на материја која е предмет на закон.

Во овој контекст, не може да се прифати уставно-судска пракса посочена во иницијативата, поради нивната несоодветност со конкретниот предмет, бидејќи по наведените предмети Судот го оценувал постоењето /непостоењето на законските рамки на овластување на даден орган на државната управа, односно овластувањето да донесуваат прописи со кои се разработуваат законските одредби заради нивно извршување.

Оттука, во случајов неосновано е оспорувањето на законските одредби од аспект дека на начин како што се пропишани произлегувало дека со нив се предвидувала прекршочна санкција за здравствените установи и поради повреда на права на осигуреници кои се уредувале со општ акт на Фондот, бидејќи упатувањето на општите акти на Фондот е во смисла на одредби кои се разработка во рамките и врз основа на Законот, а не како овластување на ресорното министерстрво со подзаконски акти да пропишува и други права на граѓаните од здравствената сфера, надвор од законите.

Понатаму, одредбите од членот 84 став 1 точки 3 и 8 од Законот, со иницијативата се оспоруваат и од аспект на нивно преопшто уредување бидејќи не се знаело точно на кои одредби од Законот или на општ акт на Фондот тие се однесувале, односи за кои повреди станува збор, па со тоа се доведувала во прашање нивната применливост, односно неприменливост на конкретни ситуации, спротивно на принципот на владеењето на правото. Во случајов подносителот со иницијативата всушност бара Судот да се впушти во толкување на оспорените законски одредби од аспект на нивната прецизност и јасност, а со тоа и да ја преиспита нивната применливост во практиката, кое барање не е во надлежност на Уставниот суд кој има надлежност да врши оценка на согласноста на законите со Уставот и на согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Меѓутоа, сепак во оваа насока треба да се има предвид дека Законот за здравствено осигурување регулира низа права и обврски за осигурениците од оваа област кои би можеле да бидат скусени или ограничени. Нивното поименично набројување во конкретните оспорени одредби од Законот, би довело до оптеретување на текстот од одредбите, но бездруго од нивната содржина, јасно произлегува за кои случаи на непочитување станува збор, а тоа е: “…ги скуси или ги ограничи правата што му припаѓаат на осигуреникот” и “…наплати услуга, материјални трошоци или лекови, односно учество кога тоа не е предвидено, наплати повисоко учество од утврденото или не наплати учество кога тоа е предвидено”. Оттука, според Судот оспорените законски одредби ги задоволуваат критериумите на јасност и прецизност од аспект на уставниот принцип на владеењето на правото.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од членот 84 став 1 точки 3 и 8 од Законот за здравствено осигурување со одредбите од Уставот.

6. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.81/2012
3 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски