Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 октомври 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 260 во делот: „не“ од Законот за семејство (”Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012 и 44/2012).
2. Владимир Николоски од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 15, член 50, член 51, член 52 и член 54 став 1 од Уставот.
Во законската одредба на членот 260 од Законот за семејство се предвидувало дека ако со правосилна пресуда бракот е разведен или поништен, одлуката за развод на брак, односно поништување на брак не можела да се побива со вонредни правни лекови. Негацијата односно недозволувањето за употреба на вонредни правни лекови било спротивно на наведените уставни одредби од причина што двостепеноста на која било судска или управна постапка во Република Македонија била гарантирана со Уставот. Во овој случај, законодавецот не ја преточил уставната гаранција доследно во законскиот текст.
Употребата на вонредни правни средства биле пропишани со Законот за парнична постапка и тоа со правниот институт ревизија и со правниот институт повторување на постапката во глава 25.
Ваквата одредба упатувала на заклучок дека одредбата од член 260 од Законот за семејство во делот:„не“ била во целосна спротивност и колизија со член 6 од Европската конвенција за човекови права каде била предвидена можност за правично сослушување, право на фер и јавно сослушување, а во конкретна примена на овој член се земало предвид дали членот 6 бил во согласност со која било утврдена фаза од Законот при што морало да се обрне внимание кон целината на судските постапки во државниот правен систем така што и по добиена конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права граѓанинот немало да може да вложи вонреден правен лек, во случајов повторување на постапката, бидејќи бил процесно ограничен со членот 260 од Законот за семејство, со што бил нарушен принципот на еднаквост на граѓаните пред законот, повредени биле темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, начелото на владеење на правото и правна држава и начелото на правна сигурност на граѓаните.
3. Судот на седницата утврди дека според член 260 од Законот за семејство, ако со правосилна пресуда бракот е разведен или поништен, одлуката за развод на брак, односно поништување на брак не може да се побива со вонредни правни лекови.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според Амандманот XXI, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” број 80/92, 9/96, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/10, 156/10, 39/12 и 44/2012), се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна зашита на семејството, семејното
насилство, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови и постапката за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство (член 1).
Според член 6 на овој закон, бракот е со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството. Односите меѓу брачните другари се засноваат врз слободна одлука на мажот и жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање.
Во Законот, во посебен, втор дел, се уредуваат: условите за склучување и полноважност на бракот, постапката за склучување на брак, правата и должностите на брачните другари и престанокот на бракот ( член 15 до член 43).
Судските постапки се уредени во Дел осми од Законот (член 222 до член 261), при што, во член 222 од Законот, во делот насловен како Заеднички одредби, се пропишува дека во постапките во кои судот одлучува во брачните, семејните и други спорови од овој закон како и за насилството во бракот и семејството се применуваат одредбите на Законот за процесната постапка и Законот за извршната постапка, ако со овој закон не е поинаку определено.
Според член 225 од Законот, во споровите од член 222 на овој закон не е дозволено изречување на пресуда поради изостанок или пресуда врз основа на признание или пресуда врз основа на откажување, а е исклучено и судско порамнување, освен во споровите за издршка.
Согласно член 226 став 1 од истиот закон, во споровите од член 222 на овој закон, постапката во прв степен ја води и одлуките ги донесува совет составен од еден судија и двајца судии поротници, а во втор степен совет од тројца судии.
Законот, во посебна глава ја уредува постапката во брачните спорови (член 228 до член 261). Процесната постапка во брачните спорови се поведува со тужба. Ако брачните другари бараат бракот да се разведе по заемна согласност, процесната постапка се поведува со тужба со спогодбен предлог за развод на бракот (член 229). По приемот на тужбата за развод на брак или на предлогот за спогодбен развод на бракот, пред доставување на тужбата на тужениот, се спроведува постапка за мирење на брачните другари (член 237 став 1). Со член 259 од Законот се утврдуваат основите поради кои може да се изјави жалба на првостепената пресуда со која се разведува бракот по предлог за спогодбен развод. Според член 260 од Законот, ако со правосилна пресуда бракот е разведен или поништен, одлуката за развод на брак, односно поништување на брак не може да се побива со вонредни правни лекови.
Според член 322 став 1 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008 и 83/2009 и 116/2010), пресудата која повеќе не може да се побива со жалба станува правосилна доколку со неа е одлучено за барањето на тужбата или противтужбата.
Вонредни правни лекови утврдени со овој закон се ревизијата (член 372) и повторување на постапката (член 392).
Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот го уредил бракот како заедница која се заснова на слободно изразена волја на брачните другари, која трае додека тоа претставува нивна заедничка желба. Од тие причини, процесната постапка во брачните спорови се поведува со тужба со спогодбен предлог за развод на брак или со тужба за развод или поништување на брак. Законодавецот пропишал двостепеност во постапката за развод на брак, односно дека постапката во прв степен ја води и одлуките ги донесува совет составен од еден судија и двајца судии поротници, а во втор степен, кога одлучува по жалба, одлуките ги донесува совет од тројца судии, што е во функција на операционализација на Амандманот XXI, со кој е заменет член 15 од Уставот, со кој се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.
Според Судот, право е на законодавецот, покрај жалбата како редовен правен лек (која е предвидена во постапката за развод на брак), во определени случаи и под определени услови, да предвиди и можност за поднесување на вонредени правни лекови (ревизија или повторување на постапката), доколку смета дека тоа е во функција на обезбедување на поголема заштита на правата и интересите на странките во постапката и јакнење на законитоста, како елемент на владеењето на правото. Отсуството на ваква можност против правосилна судска пресуда за развод на брак е проценка на законодавецот, во согласност со природата на пресудата за развод на брак и постапката во која таквата пресуда е донесена и не претставува оневозможување и ограничување на граѓаните во повикување на заштитата на нивните права пред судовите во постапка заснована на начелата на приоритет и итност, како што се наведува во иницијативата.
Подносителот на иницијативата, поднесувањето на вонреден правен лек погрешно го поистоветува со поднесување на жалба, од каде влече и погрешен заклучок дека отсуството на можноста за поднесување на вонреден правен лек против правосилна судска пресуда со која е разведен или поништен бракот, значело повреда на двостепеноста во постапката за развод на брак која се води пред суд.
Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за семејство со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 15, член 50, член 51, член 52 и член 54 став 1 од Уставот.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски
У.бр.93/2012
3 октомври 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски