Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 октомври 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Автентичното толкување на член 9 точка 3 од Законот за денационализација, бр. 07-508/1 од 27 јануари 2009 година (”Службен весник на Република Македонија” број 14/2009).
2. Милија Јончиќ од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Автентичното толкување означено во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, пред давањето на автентичното толкување на член 9 точка 3 од Законот за денационализација, одредбата од Законот била сосема јасна и се толкувала на начин што неизграденото градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план е предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на членот 9 и на други објекти од јавен интерес не се враќаат во сопственост, односно не се враќа во сопственост доколку според деталниот урбанистички план кој во моментот бил во сила, била предвидена изградба на објектите од точките 1 и 2 од членот 9.
Со даденото Автентично толкување законодавецот од корен ја преуредил точката 3 на членот 9 од Законот, со тоа што толкувал дека не се враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес неизградено градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план кој бил во сила во моментот на поднесувањето на барањето за денационализација била предвидена изградба на објекти од јавен интерес.
Тоа значело дека од 30 јануари 2009 година, кога влегло во сила Автентичното толкување, на барателите за денационализација нема да им биде вратен имотот во сопственост доколку со деталниот урбанистички план кој бил во сила на денот на поднесување на барањето за денационализација било предвидено изградба на објекти од јавен интерес, а во моментот на донесување на решението за денационализација тој урбанистички план веќе не бил во сила и новиот урбанистички план предвидувал содржини кои не се од јавен интерес. Ова толкување ќе се применувало и на оние барања за денационализација кои се поднесени пред даденото Автентично толкување, што претставувало повратно важење на прописите кое е понеповолно за граѓаните.
Од ваквиот начин на автентично толкување се доаѓало до апсурдни ситуации, односно се поставувало прашање дали ќе биде вратен имотот во сопственост доколку со деталниот урбанистички план кој бил во сила во моментот на поднесување на барањето за денационализација не бил предвиден објект од јавен интерес, а во моментот на решавање на предметот за денационализација со новиот детален урбанистички план бил предвиден објект од јавен интерес?
Се поставувало и прашањето за еднаквоста на граѓаните пред законот од причина што при иста фактичка ситуација се доаѓало до различни правни последици помеѓу оние субјекти на кои предметот за денационализација им бил решен пред влегување во сила на Автентичното толкување и оние субјекти на кои предметот за денационализација не им бил решен пред влегување во сила на Автентичното толкување, а и двата субјекта го поднеле во исто време барањето за денационализација.
Очигледно било дека со Автентичното толкување се оневозможувало остварувањето на основната цел на Законот за денационализација – враќање на имотот на поранешните сопственици, односно нивните наследници.
Повратното дејство на Законот, пропишано со Автентичното толкување, воведувало нееднаквост на граѓаните во постапката за денационализација, а со тоа и повреда на правната сигурност на граѓаните, како елемент на начелото на владеењето на правото.
Поради наведеното, оспореното автентично толкување не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според Автентичното толкување на членот 9 точка 3 од Законот за денационализација, одредбата на член 9 точка 3 од Законот за денационализација треба да се толкува така што не се враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, а се дава надомест за неизградено земјиште на кое според урбанистичкиот план кој бил во сила во моментот на поднесување на барањето за денационализација, е предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на овој член и на други објекти од јавен интерес.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите. Собранието на Република Македонија има овластување да дава автентично толкување на законските одредби, при што Уставот остава законодавецот да го определи обемот и постапката на давањето автентично толкување, со оглед на тоа што тој ја донесува законската одредба. Граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, а како една од гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, Уставот утврдува забрана на повратното дејство на законите и другите прописи, освен во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 72/2010 и 171/2010), се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање на надоместот за имот одземен во корист на државата.
Според одредбите на овој закон, денационализацијата преставува мерка на државата, изразена преку законски акт со која се враќа во сопственост некој претходно одземен имот, односно се враќа правото на сопственост, при што доколку враќањето е невозможно (поради тоа што на тој имот во меѓувреме бил утврден јавен интерес или тој воопшто не може да се врати поради тоа што престанал да постои), државата обезбедува надомест.
Според член 9 од Законот, кој својата актуелна содржина ја добива со член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2000), не cе враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, a cе дава надомест за:
1) имот кој по одземањето според закон станал добро во општа употреба, и тоа: јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови, јавно – сообраќајни површини и други објекти на комунална инфраструктура;
2) имот кој се користи и е во функција за потребите на одбраната и безбедноста на Република Македонија;
3) неизградено градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план е предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на овој член и на други објекти од јавен интерес и
4) имот кој по одземањето се користи за вршење на дејности од јавен интерес утврден со закон.
Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 27 јануари 2009 година, даде Автентично толкување на членот 9 точка 3 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 14/2009). Според Автентичното толкување, одредбата на член 9 точка 3 од Законот за денационализација треба да се толкува така што не се враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, а се дава надомест за неизградено земјиште на кое според урбанистичкиот план кој бил во сила во моментот на поднесување на барањето за денационализација, е предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на овој член и на други објекти од јавен интерес.
Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон, а не негово дополнување или нов закон. Тоа се применува од моментот на влегување во сила на законот што се толкува, на случаи кои не се решени (ретроактивно дејство). Ова толкување стапува на местото на одредбата на која се однесува и на тој начин станува дел од законот од самиот почеток од неговото влегување во сила.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека преку оспореното автентично толкување законодавецот во рамките на своите уставни овластувања, појаснува еден од случаите кога поради постоење на јавен интерес, не се враќа во сопственост имотот што е предмет на денационализација, туку се дава надомест за имотот, а тоа е случајот кога предмет на денационализација е неизградено градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план кој бил во сила во моментот на поднесување на барањето за денационализација, е предвидена изградба на објекти од јавен интерес. Всушност, со Автентичното толкување законодавецот прецизира дека за наведениот случај клучен момент е урбанистичкиот план кој бил во сила во моментот на поднесување на барањето за денационализација, со кој е предвидена изградба на објекти од јавен интерес.
Според Судот, со оспореното автентично толкување е пополнета празнината која се појавила во примената на членот 9 точка 3 од Законот за денационализација во однос на тоа кој урбанистички план треба да се има предвид при одлучувањето дали наместо враќање на неизградено градежно земјиште, на барателот на денационализација ќе му биде исплатен надоместок, на начин што законодавецот прецизирал дека тоа е урбанистичкиот план кој бил во сила во моментот на поднесување на барањето за денационализација, што е во функција на обезбедување на јасна и прецизна норма како елемент на владеењето на правото.
Наводите во иницијативата дека пред донесувањето на Автентичното толкување одредбата била сосема јасна и се толкувала така што не се враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, а се дава надомест за неизградено земјиште на кое според урбанистичкиот план кој во моментот бил во сила и дека тоа било поповолно решение за граѓаните, Судот ги оцени како личен став и видување на подносителот на иницијативата, но кои не се од влијание за уставноста на автентичното толкување. Ова од причина што Собранието има уставно овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законите, па доколку Собранието оценило за потребно да даде автентично толкување на одредена законска одредба, тоа е негово уставно утврдено право кое не може да му биде оспорено.
Тргнувајќи од тоа дека автентичното толкување стапува на местото на одредбата на која се однесува и на тој начин станува дел од законот од самиот почеток од неговото влегување во сила, Судот оцени дека не може основано да се прифати дека со оспореното автентично толкување се овозможувала ретроактивна примена на законот која е понеповолна за граѓаните, дека со тоа се повредувал принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека се повредувало начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и закононите, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспореното автентично толкување со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.
5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски
У.бр.87/2012
3 октомври 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски