Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 октомври 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28-a став 3 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и еднаквата правна положба на сите субјекти од Уставот. Имено, според член 122 став 6 од Кривичниот законик, Република Македонија била определена како правно лице, а според оспорениот член 28-а став 3 од истиот законик, државата како правно лице била изземена од кривична одговорност. Според подносителот на иницијативата, и државата Република Македонија, како правно лице, морала да биде кривично одговорна, како и сите други правни лица, без исклучок. Дотолку повеќе, што не било предвидено што се подразбирало под поимот држава.
3. Судот на седницата утврди дека според член 28-а став 3 од Кривичниот законик, под условите од ставовите 1 и 2 на овој член, кривично се одговорни сите правни лица со исклучок на државата.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со Кривичниот законик е утврдена законитоста во определувањето на кривичните дела и на пропишувањето на кривичните санкции, на начин што во член 1 од овој закон се пропишува дека на никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон или со меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон.
Според член 4 од Законот, кривични санкции се: казни, алтернативни мерки, мерки на безбедност и воспитни мерки.
Согласно член 5 од овој закон, на сторителот на кривично дело во извршувањето на кривичната санкција можат да му бидат одземени или ограничени определени права само во мера која им одговара на природата и содржината на таа санкција и само на начин со кој се обезбедува почитување на личноста на сторителот и на неговото човечко достоинство.
Во член 7 од Кривичниот законик, кривичното дело е дефинирано како противправно дело што со закон е определено како кривично дело и чии обележја се определени со закон.
Според член 11 став 1 од Законот, кривично е одговорен сторителот кој е пресметлив и што кривичното дело го сторил со умисла или од небрежност и притоа бил свесен или бил должен и можел да биде свесен за забранетоста на делото.
Во членот 28-а од Законот, насловен како „Услови за кривична одговорност на правно лице“ се определени општите услови за кривична одговорност на правното лице. Така, според ставот 1 на овој член, во случаите определени со закон, правното лице е одговорно за кривичното дело сторено од одговорно лице во правното лице, во име, за сметка или во корист на правното лице. Според став 2 на овој член, правното лице е одговорно и за кривично дело сторено од негов вработен или застапник на правното лице со кое е остварена значителна имотна корист или на друг му е нанесена значителна штета, ако: 1. извршувањето на заклучок, наредба или друга одлука или одобрение на орган на управување, орган на раководење или надзорен орган претставува сторување на кривично дело или 2. до сторување на делото дошло поради пропуштање на должниот надзор на органот на управување, органот на раководење или надзорниот орган или 3. органот на управување, органот на раководење или надзорниот орган не го спречил кривичното дело или го прикрил или не го пријавил пред покренувањето на кривична постапка против сторителот. Според ставот 3 на истиот член, под условите од ставовите 1 и 2 на овој член, кривично се одговорни сите правни лица со исклучок на државата.
Според член 96-а став 1 од Законот, за кривични дела на правните лица може да се изречат следниве казни:
1) парична казна;
2) привремена забрана за вршење одделна дејност;
3) трајна забрана за вршење одделна дејност и
4) престанок на правното лице.
Според член 122 став 6 од Законот, под правно лице се подразбираат: Република Македонија, единиците на локалната самоуправа, политички партии, јавни претпријатија, трговски друштва, установи и други здруженија, фондови, финансиски организации и други со закон одредени организации регистрирани како правни лица и други заедници и организации на кои им е признато својството на правно лице. Според став 7 на истиот член, како одговорно лице во правно лице се смета лице во правно лице на кое со оглед на неговата функција или врз посебно овластување во правното лице му е доверен определен круг на работи што се однесуваат на извршување на законските прописи или на прописите донесени врз основа на закон или општ акт на правното лице во управувањето, користењето и располагањето со имот, раководењето со производниот или деловен потфат, некој друг стопански процес или надзорот над нив.
Наводите во иницијативата дека со законското решение во член 28-а став 3 од Кривичниот законик според кое државата се исклучува од кривична одговорност како правно лице, се повредувале уставно гарантираното начело на владеење на правото, како и еднаквата правна положба на сите субјекти од Уставот на Република Македонија, Судот ги оцени како неосновани.
Имено, неосновани и неиздржани се наводите во иницијативата дека сите правни лица во Република Македонија морале да имаат ист третман во однос на кривичната одговорност, што во конкретниот случај би значело дека и Република Македонија, како и другите правни лица, треба да биде кривично одговорна во смисла на Законот. Според Судот, државата Република Македонија, во поглед на кривичната одговорност, не може да има ист третман со другите правни лица, како што се единиците на локалната самоуправа, политички партии, јавни претпријатија, трговски друштва, установи и други здруженија, фондови, финансиски организации и други со закон одредени организации регистрирани како правни лица и други заедници и организации на кои им е признато својството на правно лице. Основна причина за тоа е што Република Македонија според Уставот е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, во чиј систем на организација на државната власт секој од нејзините органи (Собранието, Владата, судовите, органите на државната управа) е носител на една од трите власти утврдени во Уставот и тоа на законодавната, извршната и судската. Сите овие носители на државната власт, со нивните органи, во извршување на функциите на државата, како целина имаат посебни права, должности и одговорности, по што тие битно се разликуваат од другите правни лица.
Како аргумент, односно причина за оправданоста на решението во оспорената законска одредба според која државата е исклучена од кривична одговорност како правно лице, е и самата природа, односно видот на кривичните санкции што согласно Кривичниот законик можат да се изречат за кривично дело на правното лице. Имено, нелогично и неприфатливо е на државата да и биде изречена кривична санкција привремена или трајна забрана за вршење одделна дејност или престанок на правното лице, затоа што државата преку своите органи врши државна власт, односно извршува државни функции врз основа и во рамките на Уставот, а не врши дејност како другите правни лица, кои по правило и се основаат заради тоа. Во остварувањето на своите права и должности, државата превенствено донесува закони и други прописи во кои се уредуваат одделни општествени односи, кои се од заеднички, односно општ интерес за сите граѓани и се утврдуваат правни правила, односно норми за однесување. Истовремено, државата, преку своите органи, е надлежна и за обезбедување на примената на законите и другите прописи, а врши и други работи утврдени со Уставот.
Исклучувањето на државата од кривична одговорност е во согласност со современите казнени начела, меѓу кои и начелото дека никој не може да биде судија на самиот себеси.
Притоа, треба да се има предвид дека исклучувањето на државата од кривична одговорност, како правно лице, не повлекува исклучување од кривична одговорност на службените лица во Собранието и Владата на Република Македонија, потоа во органите на државната управа, во судовите и другите државни органи, туку напротив, согласно член 122 од Законот, овие лица се кривично одговорни ако кривичното дело го извршиле во рамките на своите службени овластувања или ако при нивното вршење ги пречекориле службените овластувања.
Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 28-а став 3 во делот: „со исклучок на државата“ од Кривичниот законик, со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски
У.бр.73/2012
3 октомври 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски