131/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за шуми („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011).

2. Гоце Трајков од Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата на подносителот Гоце Трајков од Радовиш, кој со писмо на овој Суд Р.бр.59/12 од 3.08.2012 година, е известен дека веќе Судот постапувал по иницијативата за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот за измени и дополнување на Законот за шумите и истиот не повел постапка, кој со одговор известува дека останува при иницијативата, во која се наведува дека со овој член од Законот се вршело селекција на шумарските инженери. Имено, според иницијативата Законот се применувал селективно односно за државните претпријатија немало потреба од лиценциран инженер, а за приватните фирми имало потреба од лиценциран иженер. Тоа доведувало до заклучок дека лиценците важат само за шумите во приватна сопственост со што се создавала нелојална конкуренција и нееднакви услови на субјектите кои стопанисуваат со шуми и кои изработиле посебен план за стопанисување на шуми, како што било во неговиот случај.

Поради наведеното, подносителот смета дека оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 55 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 2 од Законот стручните работи во шумарството Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со шумите и шумското земјиште во заштитените подрачја ги вршат без лиценца.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, со Решение У.бр.219/2011 од 8 февруари 2012 година, по повод иницијатива поднесена од истиот подносител како и во конкретниов предмет – Гоце Трајков од Радовиш, одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 11 став 2 од Законот.

Како и во предметната иницијатива и во тогаш поднесената иницијатива, подносителот се повикувал на селективна примена на Законот по однос на потребата на шумарски инженери со лиценца и без лиценца, во зависност од тоа дали станувало збор за државни или приватни шуми. Во однос на овие наводи, Судот во наведеното Решение го изразил следниов став:

Тргнувајќи од наведеното произлегува дека со даденото законско овластување на ЈП „Македонски шуми“ основано од Владата на Република Македонија и на субјектите кои управуваат со шумите и шумското земјиште во заштитените подрачја да вршат стручни работи без лиценца не се доведуваат во нееднаква положба субјектите кои управуваат со шумите во државна и приватна сопственост.

Ова од причина што законодавецот точно со Законот за заштита на природата и Законот за шуми ги утврдил условите кои треба да ги исполнуваат субјектите кои управуваат со шумите во државна сопственост односно јавното претпријатие основано од Владата и со шуми во заштитените подрачја во однос на стручната екипираност и тоа само доколку ги исполнуват предвидените услови за да можат да управуваат и да вршат стручни работи во шумарството без лиценца.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот оцени дека наводите во сега поднесената иницијатива не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во однос на предметот У.бр.219/2011, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.131/2012
26 септември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски