У.бр.20/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 18 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 во делот „освен пристигнатите, а неисплатени износи на пензии и на други парични примања, во случаите утврдени со овој закон“, член 64 став 2 и член 164 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009, 156/2009, 83/2010, 156/2010, 24/2011, 51/2011 и 11/2012).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, определувањето во оспорениот дел од член 6 став 2 на Законот пристигнатите, неисплатени износи на пензии и на други парични примања да можат да застарат, создавало конфузија и нејасност на целината на законската одредба, па и до злоупотреби односно до ограничување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 34, член 35 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со член 64 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека од уставно-правен аспект е спорно законското овластување на Фондот да ја утврдува со статут пензиската основа на осигурениците определени во членовите 14 и 15 од Законот. Таквото решение било спорно затоа што според член 34 од Уставот граѓаните имале право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а не и со статут. Покрај тоа, овластувањето на Фондот да ја утврдува пензиската основа на наведените осигуреници без за тоа да постоеле законски критериуми, во ситуација кога критериуми за определување на пензиската основа на другите осигуреници постоеле во членовите 19-32 од Законот, значело дискриминирање на осигурениците определени во членовите 14 и 15 од Законот, поради што оспорената законска одредба не била во согласност ниту со член 9 од Уставот.

Во однос на член 164 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека условите за именување на директор и заменик на директор на Фондот можеле да се пропишат само со закон, а не и со статут, затоа што остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективен договор (член 32 став 5 од Уставот), а не и со други подзаконски акти како во случајов. Со оспорената одредба законодавецот го поставувал Фондот во улога на законодавна власт, а тоа не било дозволено со Уставот. Поради тоа, членот 164 став 2 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 32 став 5, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со член 6 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009, 156/2009, 83/2010, 156/ 2010, 24/2011, 51/2011 и 11/2012) се определува дека правата од пензиското и инвалидското осигурување не можат да застарат, освен пристигнатите, а неисплатени износи на пензии и на други парични примања, во случаите утврдени со овој закон.

Според член 64 став 1 од Законот, инвалидската пензија се определува од пензиската основа што се утврдува на начин предвиден во членовите од 19 до 32 на овој закон, а според оспорениот став 2 од истиот член на Законот, за осигурениците од членовите 14 и 15 на овој закон пензиската основа ја утврдува Фондот со општ акт.

Во член 14 од Законот се определува дека со задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на инвалидност и телесно оштетување причинети со повреда на работа или професионална болест осигурани се учениците и студентите, лицата на издржување казна затвор, здравствените работници со високо образование кои стекнуваат работно искуство за полагање на стручен испит, невработените лица за време на стручно оспособување, професионална рехабилитација.

Во член 15 од Законот се определува дека со задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на инвалидност и телесно оштетување причинети со повреда се осигуруваат и лицата кај кои повредата настанала со учество во акции за спасување или одбрана од елементарни непогоди или несреќи, на работно ангажирање на корисници на социјална помош, на обука или во вршење на обврска во одбраната, на давање помош на органите за внатрешни работи во вршење на нивната службена должност, на културно-уметнички манифестации и натпревари, организирани од културни и други организации, на натпревари во физичка и техничка култура, организирани од спортски и други организации, во волонтерска активност согласно со закон, на спортист аматер согласно со закон и на професионален спортист кој има склучено професионален договор со професионален спортски клуб.

Според член 164 став 1 од Законот, директорот на Фондот и неговиот заменик ги именува Управниот одбор по пат на јавен конкурс, а според оспорениот став 2 од истиот член на Законот, за директор на Фондот односно заменик директор може да биде именувано лице кое ги исполнува условите пропишани со Статутот на Фондот.

Судот, исто така, утврди дека на 30 јули 2012 година е донесен нов Закон за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012), кој, според член 249 од Законот, влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето (односно на 9 август 2012 година).

Во однос на одредбите оспорени со оваа иницијатива, членот 248 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012) определува дека со денот на влегувањето на сила на овој закон престанува да важи Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009, 156/2009, 83/10, 156/10, 24/11, 51/11 и 11/12).

4.Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, со влегувањето во сила на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012), престанаа да важат оспорените член 6 став 2 во делот „освен пристигнатите, а неисплатени износи на пензии и на други парични примања, во случаите утврдени со овој закон“, член 64 став 2 и член 164 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009, 156/2009, 83/2010, 156/2010, 24/2011, 51/2011 и 11/2012) и тие веќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија.

Со оглед на тоа што оспорените законски одредби престанаа да важат и не се веќе дел од правниот поредок, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.20/2011
18 септември 2012 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски