Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 септември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10-а став 5, во делот: „врз основа на поднесена изјава за остварени приходи на пропишан образец“ и став 6, во делот: „ги пропишува министерот за финансии“ и член 10-б став 1, во делот: „врз основа на поднесена Изјава за остварени приходи на пропишан образец“ и став 2, во делот: „ги пропишува министерот за финансии“ од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010 и 53/2011).
2. Асоцијација „Магна Карта“ од Велес и Движење за социјална правда „Ленка“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата во изјавата за остварени приходи, која се дава под полна лична, морална, материјална и кривична одговорност невработеното лице декларира дека во минатата календарска година неговото семејство не остварило приход поголем од законски предвидениот, а доколку остварило тогаш должноста да плати настапува оваа тековна година, што значи дека членовите на неговото семејство ќе треба заработените лански пари да ги чуваат преку целата година и воопшто да не ги трошат, за да можат ако сакаат да се лекуваат да го платат овогодинешниот нововостановен колективистички „фамилијарен“ придонес за здравствено осигурување иако не се сигурни и не знаат дали оваа година тие повторно ќе бидат ангажирани како даватели на некакви услуги и, според тоа, дали ќе имаат пари за да воопшто преживеат.
Аргумент плус за неуставноста на оваа рогација,според иницијативата,е тоа што, од законската формулација која вели дека: „граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување … можеле да станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување заради користење на правата на здравствени услуги дефинирани во законот кој го уредува системот на здравствено осигурување, врз основа на поднесена изјава за остварени приходи на пропишан образец. Ова, пак, директно се косело со член 34 од УРМ кој не остава простор, за подзаконски министерски акт во оваа проблематика – бидејќи „граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени само со закон и со колективен договор“.
Од вака конципираната законска формулација се гледало дека, надвор од сите авторитативни правни стандарди, само за оваа категорија „граѓани кои не се дефинирани како обврзници“ недозволиво се воведувал еден дополнителен, неопходен законски услов (conditio sine qua non) – тие да дадат строго писмена изјава на точно пропишан министерски образец (т.н. forma ad solemnitatem) за да можат да го стекнат статусот на осигуреници и, консеквентно на тоа, pro futuro, да можат да добиваат „сини картони“ и да се лекуваат т.е. да имаат пристап до јавното здравство.
Понатаму во иницијативата се наведува дека еден од овие „системски“ закони од корпусот на задолжително социјално осигурување, каде што припаѓа и здравственото осигурување, е и Законот за здравствено осигурување (2000). Овој мошне битен, суштински и есенцијален закон, со тринаесетата измена, онаа од мај 2009 година, во член 5 став 1 каде што се дава законската листа на осигуреници воведе нова точка 15, која вели дека осигуреник на задолжително здравствено осигурување, кој се осигурува со овој Закон, е и секој: „државјанин на Република Македонија кој не е задолжително осигуран по една од точките од 1 до 14 на овој член“ (член 1 став 3 од ЗИД ЗЗО „Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2009).
Поради ова, подносителите на иницијативата сметаат дека со опстојувањето на оспорената законска одредба од ЗИД ЗПЗСО/2011 всушност би се довело до постоење на два паралелни и меѓусебно различни т.е. противречни, нејасни и контрадикторни система на здравствено осигурување – што пак е во еклатантна спротивност на принципот на владеење на правото, како темелна вредност, а плус и со принципот на правната сигурност, како авторитативен правен стандард – кои, пак, произлегуваат од теорискиот концепт на „правна држава“,со што оспорениот член се внесувало огромна доза правна несигурност и истите биле во спротивност на инкорпорираниот принцип на уставност и законитост (во материјална и формална смисла) – кој го обврзува законодавецот, при носењето закони, да конципира (формулира) прецизни, недвосмислени и јасни норми, бидејќи само таквите правни норми можат да претставуваат солидна основа за постапување од страна на државните органи и нивните службеници.
3. Судот на седницата утврди дека според член 10-а ставови 5 и 6 од Законот граѓанинот кој не е дефиниран како обврзник за плаќање на придонес по една од основите од членот 10 став (1) точки од 1 до 14 на овој закон правата од здравствено осигурување ги остварува согласно со прописите од областа на здравственото осигурување и врз основа на поднесена изјава за остварени приходи, на пропишан образец и формата и содржината на образецот на изјавата од ставот (5) на овој член ги пропишува министерот за финансии“.
Во член 10-б ставови 1 и 2 од Законот е предвидено дека граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување според членовите 10 и 10-а на овој закон, можат да станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување заради користење на правата на здравствени услуги дефинирани во законот кој го уредува системот на здравствено осигурување, врз основа на поднесена изјава за остварени приходи, на пропишан образец и формата и содржината на образецот на изјавата од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии“.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите се, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичката и верската припадност, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со членот 34 од Уставот, на граѓаните на Република Македонија им се гарантираат правото на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а со членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Според член 54 став 1 и 3 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, во член 1 се уредуваат видовите на придонеси од задолжителното социјално осигурување (придонеси), обврзници за плаќање на придонеси, обврзници за пресметка и уплата на придонеси, основиците на кои се плаќаат придонеси, стапките на придонеси, начинот на пресметка, роковите на плаќање на придонеси, контрола на пресметување и уплата на придонеси како и други правила кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите.
Оспорените членови 10-а и 10-б се содржаниво Глава III од Законот со наслов: „Обврзници за плаќање на придонеси“. Во членот 10 од Законот, децидно е наведено кој е обврзник за плаќање на придонеси за задолжително здравствено осигурување.
Членот 10-а став 5 од Законот предвидува дека граѓанинот кој не е дефиниран како обврзник за плаќање на придонес по една од основите од членот 10 став (1) точки 1 до 14 на овој закон правата од здравствено осигурување ги остварува согласно со прописите од областа на здравственото осигурување и врз основа на поднесена изјава за остварени приходи, на пропишан образец. Став 6 од овој член од Законот предвидува дека формата и содржината на образецот на изјавата од ставот (5) на овој член ги пропишува министерот.
Во членот 10-б став 1 од Законот, е предвидено дека граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување според членовите 10 и 10-а на овој закон, можат да станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување заради користење на правата на здравствени услуги дефинирани во законот кој го уредува системот на здравственото осигурување, врз основа на поднесена изјава за остварениприходи, на препишан образец. Ставот 2 на овој член од Законот предвидува дека формата и содржината на образецот на изјавата од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии.
Од анализата на изнесените законски одредби произлегува дека кога граѓанинот не е дефирниран како обврзник во смисла на член 10 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, правата ги остварува согласно прописите од областа на здравственото осигурување и врз поднесена изјава за остварени приходи на пропишан образец, од страна на министерот за финансии.
Во конкретниов случај, сметаме дека обврската на граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување да поднесуваат изјава за остварени приходи, не е во согласност со Уставот на Република Македонија.Имено, на граѓанинот со закон не може да му се востановуваат вакви обврски, од причина што ваква обврска може да вршат само надлежните државни институции, односно директно Управата за јавни приходи, нејзините надлежни органи и институции за социјално осигурување, но не и таа обврска да падне на товар на граѓанинот.
Според наше мислење, востановената обврска за поднесување изјава за остварени приходи, на пропишан образец, значи повреда на уставното начело на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, бидејќи таквата обврска не е во функција на обезбедување поголема социјална сигурност во сферата на социјалната заштита, а во таа смисла и на начелото на солидарност.
Обврската на граѓанинот тој да поднесува изјава за остварени приходи, не е соодветна, од причина што, таква контрола и увид во остварените приходи треба да има Управата за јавни приходи, односно надлежните органи и институции, кои, треба да имаат законска обврска да доставуваат докази од таков карактер таму каде што е потребно и нужно.
Од формулацијата на оспорените членови 10-а став 6 и 10-б став 2 од Законот,според наше мислење, не произлегува јасно што е предмет на уредување на актот на министерот за финансии, па поради нејасност и непрецизност во која не е утврдено што е предмет на регулирање на актот на министерот сметаме дека законската определба формата и содржината на образецот да ги пропишува министерот за финансии, неможе да претставува валидна законска основа за овластување на министерот да донесе таков подзаконски акт.
Предвид на наведеното, сметаме дека во конкретниов случај, оспорените членови од Законот основано може да се доведат под сомнение по однос на Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.157/2011
18 септември 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски