11/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 11 став 4 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” број 17/2011 и 53/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата со оспорената одреба од Законот, со која се востановувале права и обврски на заедничка сопственост на градежно земјиште кое не може да се дели, а се пренесува заедно со правото на сопственост на посебниот дел од објектот, односно објектот во целина, се уредувало ограничување на правото на сопственост на индивидуалниот, поединечниот сопственик на посебниот дел од објектот или објектот изграден на градежно земјиште во нивна сопственост, да го поседува и користи согласно неговата намена или да располага со својот дел од објектот, односно објектот што е негова лична, индивидуална сопственост. Оттука, оспорената законска одредба уредувала ограничување на правата што произлегувале од сопственоста кое не било во функција на општиот јавен интерес во земјата, а ниту било пропорционално, бидејќи немало правична рамнотежа меѓу заштитата на личното поединечно право на сопственост и општиот јавен интерес, со што одредбата била спротивна на член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6 и 7, член 9 став 2, член 30, член 51, член 54 став 1 и член 55 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 11 став 4 од Законот за градежно земјиште определеува дека физички и правни лица сопственици на посебни делови од објект или објект изграден на градежно земјиште во нивна сопственост востановуваат права и обврски на заедничка сопственост на градежното земјиште. Заедничката сопственост на градежно земјиште на повеќе лица вклучува право на заедничко наменско користење на земјиштето кое не може да се дели во рамките на градежна парцела, а се пренесува со правото на сопственост на посебниот дел од објектот, односно објектот.

4. Спoред членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1).

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2).

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010), со членот 16 под наслов „Ствари од општ интерес за Република Македонија“ регулира:

„1) Сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, стварите во општа употреба, градежното земјиште, шумите и земјоделското земјиште, пасиштата и водите, како и стварите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се ствари (добра) од општ интерес за Републиката.

2) Стварите кои врз основа на Уставот или со посебни закони се прогласени за ствари од општ интерес за Републиката можат да бидат предмет на правото на сопственост на државата односно на физички и правни лица.

3) Облиците на сопственост врз градежното, земјоделското и шумското земјиште, пасиштата и водите се уредуваат со посебни прописи.

4) Ствари во општа употреба се ствари во државна сопственост кои ги користат сите физички и правни лица.

5) За стварите во општа употреба се грижи и со нив управува Република Македонија, ако поинаку не е определено со закон.

6) Стварите од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита и правата врз нив можат да се ограничуваат согласно со закон.

7) Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени ствари од општ интерес во државна сопственост можат да се отстапат на користење на физички и правни лица (концесија)“.

Според членот 59 ставови 1 и 2 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010), заедничка сопственост е сопственост на повеќе лица на неподелена ствар кога нивните делови се определиви, но не се однапред определени (постои во случај на стекнување имот во брачна заедница, во вонбрачна заедница, во случај на здобивање имот во наследничка заедница, во семејна заедница и во други случаи определени со закон). Според членот 63 став 1 од овој закон е уредено „правото на утврдување на дел во заедничка ствар“, според кој секој заедничар може да бара утврдување на делот во заедничката ствар, ако такво утврдување е допуштено и можно.

Според членот 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011) со кои е определено значењето на употребуваните изрази во овој закон, градежната парцела е градежно земјиште планирано за градење градба, а го опфаќа земјиштето под градбата и земјиштето за редовна употреба на градбата чии што граници се утврдени со урбанистички план.

Со Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ брoj 17/2011 и 53/2011), се уредуваат правата и обврските во поглед на градежното земјиште, уредувањето на градежното земјиште, условите и начинот на располагање со градежното земјиште, како и други прашања од областа на градежното земјиште.

Според членот 3 од овој закон, градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон. Уредувањето на градежното земјиште е дејност од јавен интерес.

Според членот 6 од овој закон, сопственоста врз градежното земјиште создава права и обврски и служи за доброто на сопственикот и на заедницата, а според членот 8 од Законот сопственоста на градежното земјиште ја опфаќа неговата површина и се она што со него е трајно поврзано, а се наоѓа на површината или под неа, ако со oвој или друг закон поинаку не е определено.

Со членот 11 од Законот се уредени правата на градежно земјиште во сопственост на физички и правни лица.

Според оспорениот став 4 од членот 11 од Законот за градежното земјиште, физички и правни лица сопственици на посебни делови од објект или објект изграден на градежно земјиште во нивна сопственост востановуваат права и обврски на заедничка сопственост на градежното земјиште. Заедничката сопственост на градежно земјиште на повеќе лица вклучува право на заедничко наменско користење на земјиштето кое не може да се дели во рамките на градежна парцела, а се пренесува со правото на сопственост на посебниот дел од објектот, односно објектот.

Од анализата на оспорената законска одредба произлегува дека таа регулира права на градежно земјиште на физички и правни лица кои се сопственици на посебни делови од објкет или објкет изграден на градежно земјиште во нивна сопственост, односно уредува права и обврски на заедничка сопственост на тоа градежно земјиште во кое е вклучено правото на заедничко наменско користење на градежното земјиште. Оспорената законска одредба воедно определува неможност градежното земјиште врз кое постои заедничка сопственост на сопствениците на посебните делови од објектот или објектот, да се дели во рамките на градежната парцела, но определува можност земјиштето да се пренесува со правото на сопственост на посебниот дел од објектот, односно објектот.

Со иницијативата се оспорува законската одредба во смисла дека таа уредувала ограничување поединечниот сопственик на посебен дел од еден објект или објектот што е изграден на градежното земјиште, да не можел да го поседува, да го користи или да располага со својот дел од објектот, односно објектот. Меѓутоа, такво ограничување на кое што се однесуваат наводите од иницијативата, од содржината на оспорената одредба не произлегува. Оспорената одредба од членот 11 став 4 од Законот воопшто не регулира ограничувања по однос располагањето на сопствениците на посебните делови од објектот или објектот, односно ограничувања за располагање на сопствениците со својот сопствен дел од објектот, таа тоа не уредува, туку уредува само неможност градежното земјиште да се дели во рамките на таа градежна парцела, на кое постои заедничка сопственост на повеќе лица и на кое сопствениците имаат право на заедничко наменско користење. Имајќи предвид дека градежната парцела е градежно земјиште планирано за градење градба, а го опфаќа земјиштето под градбата и земјиштето за редовна употреба на градбата чии што граници се утврдени со урбанистички план, во таа смисла градежната парцела претставува една функционална целина, па оттука во никој случај таа не може да биде предмет на делба, во спротивност тоа би значело нарушување на единството и функционалноста на градежните парцели и нарушување на односите на граѓаните во користењето на овој вид на земјиште. Меѓутоа, тоа не значи дека земјиштетот во заедничка сопственост во никој случај не може да биде предмет на правен промет, одредбата такво ограничување не уредува, туку уредува можност тоа да се пренесува на други субјекти со пренесување на правото на сопственост на посебниот дел од објектот, односно објектот.

Од изнесените уставни и законски одредби се констатира дека градежното земјиште со два закона е определено како добро од општ интерес (член 16 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права и член 3 од Законот за градежно земјиште). Со тоа во правниот поредок ужива посебна заштита и со законите е уреден режимот на користење. Земјиштето (градежното, а и земјодлеското) како природно богатство на Републиката, согласно членот 56 став 1 од Уставот, има уставен основ да биде со законите определено како добро од општ интерес, и неспорно е дека законодавецот може со закон да го регулира посебниот начин на користење на овој природен ресурс, заради негова заштита при што, од друга страна, мора да обезбеди правна сигурност на сопствениците на градежното земјиште.

Сопственоста подразбира право на владение, користење и располагање со стварта, од страна на сопственикот. Меѓутоа, според Судот, сите овие елементи не се попречени или одземени со оспореното законско решение од членот 11 став 4 од Законот за градежно земјиште. Имено, физичките и правните лица кои имаат заедничка сопственост на градежно земјиште врз кое постои објект и тие се сопственици на посебен дел од тој објект или од објектот, заедничките сопственици можат да го владеат, користат и располагаат во целост градежното земјиште кое е во нивна заедничка сопственост. Законодавецот регулирал градежното земјиште врз кое постои заедничка сопственост на физички и правни лица кои воедно се и сопственици на објектот изграден на тоа градежно земјиште, физички да не се дели во рамките на градежната парцела, но тоа не значи ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа од причини што сопствениците на посебните делови од објектот или објектот можат слободно да располагаат со својот дел, а исто така и со земјиштетот во заедничка сопственост и да го пренесуваат на други субјкети со пренесување на правото на сопственост на посебниот дел од објектот или објектот. Ваквото законско решение има за цел да се спречи неможноста за редовната употреба на градбата изградена на градежното земјиште, бидејќи станува збор за градежна парцела што го опфаќа земјиштето под градбата и земјиштето за редовна употреба на градбата, односно градежната парцела претставува единствена функционална целин, па оттука тоа не може да биде предмет на делба бидејќи е во функција на редовна и непречена употреба на градбата.

Според цитираниот член 59 ставови 1 и 2 од Законот за сопственост и други стварни права, заедничка сопственост е сопственост на повеќе лица на неподелена ствар кога нивните делови се определиви, но не се однапред определени, а согласно цитираниот член 63 став 1 од овој закон секој заедничар може да бара утврдување на делот во заедничката ствар, ако такво утврдување е допуштено и можно. Во конкретниотв случај тоа не е допуштено и има уставен основ законодавецот со закон да го регулира посебниот начин на користење на градежното земјиште. Од друга страна утврдувањето на делот во заедничката ствар, во конкретниот случај, е и неможно. Ова од причини што треба да се има предвид дека кај етажната сопственост објектите во најголем дел се изградени на градежни парцели кои опфаќаат земјиште под објект, а не и земјиште за редовна употреба, така што кога сопственоста на градежното земјиште на секој сопственик на посебниот дел, би се искажала во посебни делови и би се делела, на секој сопственик на посебниот дел би му припаднал многу мал процент, што значи иако делбата во правна смисла би била можна, но физичка делба на земјиштето во случаите од оспорениот член 11 став 4 од Законот, е невозможна бидејќи тоа би значело нарушување на единството и функционалноста на градежните парцели и нарушување на односите на граѓаните во користењето на тоа земјиште. Оттука, со така уредното оспорено законско решение не се оневозможува правото на владение, користење и располагање на заедничките сопственици на градежното земјиште во целина, туку се регулира определено ограничување со цел градежното земјиште како добро од општ интерес да се користи на начин кој ќе овозможи непречено и ефикасно искористување на градежното земјиште како функционална целина кое го опфаќа земјиштето под градбата и земјиштето за редовна употреба на градбата.

Имајќи го предвид претходно наведеното, според Судот, уредувањето дека градежното земјиште не може да биде предмет на физичка делба во рамките на градежната парцела на кое постои право на зедничко наменско користење на земјиштето од страна на сопствениците, е во функција на оневозможување на нарушување на единството и функционалноста на градежните парцели, како и имајќи предвид дека тоа земјиште може да се пренесува со правото на сопственост на посебниот дел од објектот, односно објектот, Судот оцени дека во конкретниот случај со оспорената одредба од членот 11 став 4 од Законот не се ограничува правото на сопственост на граѓаните и правата што произлегуваат од сопственоста во смисла на членот 30 став 3 од Уставот на Република Македонија.

5. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр.11/2012
18 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски