Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 септември 2012 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за доделување на броеви и серии на броеви од Планот за нумерација, број 11-38/9 од 5 ноември 2009 година, донесен од Комисијата како орган на Агенцијата за електронски комуникации (“Службен весник на Република Македонија” број 143/2009 и 59/2012).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр. 124/2011 од 27 јуни 2012 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот Правилник со Уставот и Законот.
4. Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник за доделување на броеви и серии на броеви од Планот за нумерација, број 11-38/9 од 5 ноември 2009 година, е донесен од страна на Комисијата како орган на Агенцијата за електронски комуникации врз основа на членот 14 точка а), а во врска со членот 79 од Законот за електронските комуникации (“Службен весник на Република Македонија” број 13/2005, 14/2007, 55/2007 и 98/2008).
Судот, утврди и дека со членот 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации (“Службен весник на Република Македонија” број 83/2010), изменет е членот 17 од Законот со кои се уредени надлежностите на директорот, така што членот 17 став 1 точка ж) од Законот, уредува дека директорот донесува подзаконски и други акти за спроведување на овој закон. Судот, исто така утврди дека со овие измени на Законот, Комисијата како орган на Агенцијата за електронски комуникации, не е повеќе овластена за донесување на подзаконски акти за спроведување на Законот.
5. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Во член 68 од Уставот се определува дека Собранието на Република Македонија, покрај другото, донесува закони и дава автентично толкување на законите (став 1 алинеја 2).
Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Со членот 17 од Законот за електронските комуникации (“Службен весник на Република Македонија” број 13/2005, 14/2007, 55/2007, 98/2008, 83/2010, 13/2012 и 32/2012), се определени надлежностите на директорот како орган на Агенцијата, а помеѓу другото со точката ж) од членот 17 став 1 од Законот, е определено дека директорот донесува подзаконски и други акти за спроведување на овој закон.
Оспорениот Правилник за доделување на броеви и серии на броеви од Планот за нумерација, број 11-38/9 од 5 ноември 2009 година, е донесен од страна на Комисијата како орган на Агенцијата за електронски комуникации врз основа на членот 14 точка а), а во врска со членот 79 од Законот за електронските комуникации (“Службен весник на Република Македонија” број 13/2005, 14/2007, 55/2007 и 98/2008).
Правилникот кој се оспорува со иницијативата во времето на неговото донесување по однос на овластениот доносител имал законски основ во одредбите од основниот текст на Законот, односно во членот 14 точка а) според кој Комисијата како орган на Агенцијата е овластена за донесување на Правилникот, но според одредбите од Законот што сега се во сила, Комисијата, повеќе го нема тоа овластување, бидејќи со изменувањето и дополнувањето на Законот за електронските комуникации во “Службен весник на Република Македонија” број 83/2010, директорот како орган на Агенцијата согласно членот 17 став 1 точка ж) од Законот, е овластен да донесува подзаконски и други акти за спроведување на овој закон, а не Комисијата.
Од погоре изнесеното произлегува дека законодавецот со измените и дополнувањата на Законот, го укинал овластувањето на Комисијата за донесување на подзаконски акти и такво овластување уредил за директорот.
По поднесувањето на иницијативата, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, донел Правилник за дополнување на оспорениот Правилник, број 02-2035/1 од 7 мај 2012 година (“Службен весник на Република Македонија” број 59/2012), со кој е извршено дополнување на основниот текст на оспорениот Правилник со нови одредби. Во суштина, Правилникот кој е донесен од Комисијата, директорот го дополнува со нови содржини, но во конкретниот случај, станува збор за истиот Правилник, дополнет со нови одредби, односно во суштина доносителот на оспорениот Правилник се уште останува ист и сеуште Комисијата се јавува како доносител на оспорениот акт, а законски основ за тоа нема. Оттука, произлегува дека во конкретниот случај оспорениот Правилник (“Службен весник на Република Македонија” број 143/2009 и 59/2012), не е во согласност со Законот, а со тоа и не е во согласност со членот 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
6. Имајќи го предвид претходно наведеното, Судот оцени дека оспорениот Правилник не е во согласнсот со Уставот и Законот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.124/2011
18 септември 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски