У.бр.155/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македoнија, член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Јани Макрадули од Скопје, застапуван од полномошникот Снежана Станковиќ, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.

2.Јани Макрадули од Скопје, преку полномошник Снежана Станковиќ-адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата определени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, за кои барателот смета дека му биле повредени со Пресуда К.бр. 991/09 од 01.10.2010 година, донесена од Основниот суд Скопје I Скопје и со Пресуда КЖ.бр. 332/11 од 07.03.2011 година на Апелациониот суд Скопје.

Во барањето за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот, е наведено дека барателот истото го поднесе бидејќи смета дека му биле повредени овие права, со судската Пресуда К.бр.3581/10 од 23.02.2011 година на Основен суд Скопје I Скопје. Имено, со оваа пресуда во својство на обвинет, бил осуден на парична казна од 100 дневени глоби, во висина на една дневна глоба од 10 (десет) евра или вкупно 1000 (илјада) евра (по курсна листа на НБМ, од ден 23.02.2011 година, среден курс, едно евро, во денарска противвредност од 61,22 денари) во денарска противвредност од 61.220,00, која бил должен да ја плати во рок од 3 три месеци од правосилноста на пресудата, како и тоа дека бил должен да плати судски паушал од 2000,00 денари, и трошоци на постапката на приватниот тужител во износ од 23.140,00 денари. Првостепената пресуда била потврдена со Пресуда КЖ.бр.676/11 од 18.05.2011 година на Апелационен суд во Скопје, со која жалбата на осудениот била одбиена како неоснована.

Во продолжение на барањето ги цитира член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 16 став 1, 2 и 3 и член 98 став 2 од Уставот и наведува дека според Европското право за човековите права во делот од слободата на изразувањето и заштитата од клевета, во практиката било покажано дека ограничувањето на изразувањето е помалку обврзувачко кога оштетената страна била јавна личност. Ова се должело на многу важниот општествен интерес на дискусиите за однесувањето и карактерот на јавните лица. Од тука според наводите во барањето можеби помалку биле потребни законски мерки за заштита на угледот на јавните личности, отколку за приватните лица. За јавните личности можело да се смета дека предизвикувале такви коментари со самото преземање на јавната улога и со тоа, во определена смисла истите „се откажувале“ од целосната мерка на „заштита“.

Според наводите во барањето важно било за демократското општество избраниот владин функционер да биде отворен и подвргнат на неограничени јавни критики.

Исто така подносителот во барањето наведува дека во членот 172 од Кривичниот законик, законодавецот на некој начин го ограничил правото на слободно изразување, па го предвидел кривичното дело „Клевета„ и определил дека дејствието “изнесување или пренесување” на нешто невистинито што било штетно за честа и угледот на друго лице, било недозволено дејствие и за тоа следела санкција. Според подносителот на барањето се поставувало прашањето кој бил објектот на заштита со предвидувањето на ова кривично дело наспроти општествениот интерес кој се штител со јавната дебата и со поставување на прашања во врска со работата на јавно избраните претставници и функционери.

Во барањето се наведува дека е потребно судот да ги спореди и да ги конкурира овие две важни права – правото на индивидуалецот – функционерот доколку за него се изнесува некоја невистина да биде заштитен со Кривичниот законик и да може да поднесува приватни кривични тужби и правото на секој што ќе добие информација, особено на претставник на политичка партија, да поттикнува со прашање јавна дебата околу законитоста или незаконитоста на делувањето на тој јавен функционер.

Според наводите во барањето тргнувајќи од одредбите на член 20 став 1 од Законот за спречување на корупција не можело да се преземе казнено гонење или да се повика на каква и да е друга одговорност лице кое открило податоци што укажуваат на постоење на корупција. Според член 172 став 4 од Кривичниот законик немало да се казни за клевета обвинетиот ако ја докажело вистинитоста на своето тврдење или ако се докаже дека имал основана причина “да поверува во вистинитоста на она што го изнесува или пронесува“. Со приватната кривична тужба на тужителот Сашо Мијалков од Скопје, пред Основен суд Скопје I Скопје, барателот Јани Макрадули од Скопје бил обвинет за кривично дело “Клевета“ од член 172 став 1 од Кривичниот законик, затоа што на прес-конференција поставил прашање во врска со тужителот и неговото работење. Во конкретниот случај, Основен суд Скопје I Скопје недвосмислено утврдил дека немало тврдење преку изнесување на прашања.

Во барањето исто така се наведува дека од уставните, законските одредби и според Европското право за човековите права произлегувало дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и дека во сферата на овие слободи и права спаѓаат слободата на уверувањето, мислата, јавното изразување на мислата, слободата на примање и пренесување на информациите. Согласно тоа секој имал право на јавно изразување на мислата, уверувањето и пренесувањето на информации.

Според наводите во барањето во конкретниот случај, дејствијата преземени од страна на обвинетиот не претставувале објект на заштита од страна на кривичното право бидејќи прво, немало тврдење, туку само изразување на мисла на јавен настап во облик на прашање, што не било забрането ниту со Уставот ниту со кој било закон, и второ, со ниту еден збор, во спорниот навод, не било наведено името или презимето на приватниот тужител и не било познато како тужителот се препознал во наведената изјава, кога судот тоа во образложението го навел. Во барањето се наведува дека во конкретниот случај не станувало збор за клевета туку само за поставување на прашања во однос на податоци кои укажувале на постоење на корупција и воопшто не се спомнувало името и презимето на приватниот тужител по кои тој или било кој друг би можел да се препознае и да му се наруши честа и угледот. Воедно, како што се наведува во барањето, најважно било во конкретниот случај да се утврди дали обвинетиот Јани Макрадули изнел ‘тврдење” со цел да слободно изразување на мислата или истото го изјавил со “лоша намера” и единствено да го наруши угледот на тужителот, па со тоа ја злоупотребил слободата која му била со Уставот загарантирана.

На крајот подносителот на барањето смета дека од начинот на кој била дадена изјавата, како и од улогата на обвинетиот како претставник на политичка партија во чие име бил и свикан пресот, имал обврска да обелоденува информации до кои ќе стигнел. Осудениот Јани Макрадули не само што поттикнал прашања во врска со изјавата дадена на пресот, туку презентирал докази кои укажуваат на корупција, поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство и до Државната агенција за спречување корупција. Оттаму, намерата на осудениот била да открие незаконско постапување на јавен функционер, а не да наштети на честа и угледот на тужителот.

Од овие причини, го поднеле ова барање до Уставниот суд, со предлог да се донесе одлука со која ќе утврди повреда на уставно загарантираната слобода на јавно изразување.

3. Судот на седница утврди дека со приватната кривична тужба поднесена на 19.09.2007 година од приватниот тужител Сашо Мијалков преку полномошник Антонио Апостоловски адвокат од Скопје, бил обвинет Јани Макрадули од Скопје, за кривично дело – Клевета од член 172 став 1 од КЗ. по одржаниот главен, јавен и усмен претрес, во присуство на приватниот тужител, полномошникот на приватниот тужител Антонио Апостоловски, адвокат од Скопје, а без присуство на обвинетиот и неговиот бранител, уредно повикани, Основниот суд Скопје I Скопје ја донесе Пресудата IX.К.бр.3581/10 од 23.02.2011.

Со оваа пресуда првостепениот суд утврдил дека обвинетиот Јани Макрадули од Скопје се прогласува за виновен дека сторил кривично дело – Клевета од член 172 став 1 од КЗ, па согласно овој член како и членовите 4, 30, 31, 32, 33, 38, 38-а и 39 од КЗ, судот го осудил на парична казна од 100 (сто) дневни глоби, во висина на една дневна глоба од 10 (десет) евра или вкупно 1000 (илјата) евра (по курсна листа на НБМ, од ден 23.02.2011 година, среден курс, едно евро, во денарска противвредност од 61.220,00 денари, која да ја плати во рок од 3 (три) месеци од правосилноста на пресуда, а доколку не ја плати во наведениот рок, а присилното извршување остане без успех, судот ќе ја изврши така што за секоја дневна глоба ќе определи еден ден затвор со тоа што затворот не може да биде подолг од шест месеци.

Првостепениот суд утврдил дека дејствијата поради кои бил прогласен за виновен се состоеле во тоа дека на ден 09.09.2007 година на прес конференција во седиштето на СДСМ во Скопје на ул. Бихаќка бр. 8 меѓу другото изнел невистинита изјава дека „Атрактивната локација зад трговскиот центар Рамстор на која треба да се гради хотелски комплекс ја добила компанијата зад која стои ОРКА ХОЛДИНГ фирмата на Орце Камчев….“, понатаму коментирајќи дека јавната продажба на градежното земјиште како Хотелска Окта за која одговорни биле Премиерот и неговите братучеди Мијалкови наведува „Откако е откриен овој мега скандал најголема дилема е дали оскарот за најкорумпиран политичар ќе го добие премиерот или неговите братучеди. Тие што го смислија или тие што го реализираа договорот“ со што наштетил на честа и професионалниот углед на приватниот тужител.

На ден 01.03.2010 година првостепениот суд донесе Пресуда К.бр.5204/07 со која обвинетиот Јани Макрадули го огласи за виновен и му изрече парична казна во износ од 100 дневни глоби вредност на една глоба од 10 евра. Со Решение КЖ.бр.1495/10 од 12.10.2010 година Апелациониот суд Скопје, Пресудата К.бр.5204/07 од 01.03.2010 година ја укина и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд.

Судот постапувајќи по напаствијата на Апелациониот суд одржа главен, јавен и усмен претрес на ден 23.02.2011 година во присуство на приватниот тужител и неговиот полномошник, без присуство на обвинетиот и неговиот бранител кои биле уредно повикани. Првостепениот суд откако утврди дека присуството на обвинетиот не е нужно со оглед да истиот повеќе пати иако уредно повикан не се јавуваше на поканите на судот, имаше можност одбраната да ја изнесе и лично и преку својот бранител и по писмен пат преку одговор на тужба што истиот не го стори, поканата за последниот претрес е примена и на работното место и во неговиот дом согласно член 115 од Законот за кривичната постапка, а одбрана за кривичното дело кое му се става на товар согласно законот не е задолжителна.

Полномошникот на тужителот во завршен збор наведе дека во целост останува кон наводите истакнати во приватната кривична тужба, бидејќи од изведените докази се докажа дека обвинетиот го сторил делото Клевета, односно неспорно било дека клеветата била насочена спрема тужителот како најекспониран братучед на премиерот. Причината за поведување на постапката била исклучиво од причина што обвинетиот не сакал да се извини за невистинитите изјави кои повеќе пати преку медиумите ги произнесува, па единствен начин да се сочува честа и угледот е преку поднесување на тужба. Предложи судот обвинетиот да го осуди за делото, имајќи предвид дека обвинетиот повеќе пати го имал сторено кривичното дело спрема приватниот тужител.

На наведениот главниот претрес, Основниот суд во доказната постапка ги дозволи и изведе предложените докази односно го сослуша приватниот тужител Сашо Мијалков, го прочита записникот К.бр.5204/07 од 1.03.2010 година каде е опишана презентацијата на ЦД на кое се наоѓа снимката на емисијата Дневник на ТВ Телма од 9.09.2007 година, па ценејќи ги истите по слободно судско убедување ја утврди фактичката состојба.
Обвинетиот Јани Макрадули бил потпретседател на СДСМ, со седиште на ул. Бихаќка во Скопје. Релевантните околности и решавачките факти по однос на конкретниот кривично правен настан, Основниот суд ги утврди од изведените вербални и писмени докази во текот на постапката. Имено, од исказот на приватниот тужител даден на главниот претрес, судот утврди дека, приватната тужба ја пуштил од причина што осетил дека му била нарушена честа и угледот, професионалниот како и угледот помеѓу пријателите и средината во која живеел, постојано слушал коментари и се чувствувал непријатно бидејќи бил инволвиран во настан и со дејствија кои не се точни. Инаку ова не било првпат да поднесе тужба против обвинетиот за слични ситуации каде било неосновано инволвирано неговото име, а досега сите постапки биле во негова корист одлучени. На обвинетиот не му било првпат тужителот во своите изјави да го ословува како „братучед на премиерот“ па оттука немало сомнение дека изјавата се однесувала за него. Точно било дека имал контакти со раководните лица во Орка Холдинг и со лицето Орце Камчев, но тие биле пријателски, а немал никаква деловна соработка односно на ниту еден начин не бил вклучен или инволвиран во градбата на хотелскиот комплекс. Оштетното побарување кое го предјави ќе го остварува во граѓанска постапка.

Поради целисходност на постапката Основниот суд не изврши повторна презентација на ЦД од ТВ Дневникот на ТВ Телма туку изврши увид и го прочита записникот од главниот претрес од ден 1.03.2010 година каде е опишана презентацијата. Од презентираното ЦД од 9.09.2009 година видно е дека во наведената емисија е објавена прес конференцијата одржана во седиштето на СДСМ, каде меѓу другото обвинетиот ги кажал и зборовите „Атрактивната локација зад трговскиот центар Рамстор на која треба да се гради хотелски комплекс ја добила компанијата зад која стои ОРКА ХОЛДИНГ фирмата на Орце Камчев“, понатаму коментирајќи дека јавната продажба на земјиштето претставува „Хотелска Окта“, како и дека „Откако е откриен овој мега скандал најголема дилема е дали оскарот за најкорумпиран политичар ќе го добие премиерот или неговите братучеди? Тие што го смислија или тие што го реализираа договорот.

Анализирајќи ги изведените докази, Основниот суд оценил дека дадените изјави од страна на обвинетиот како и значењето на искажаните зборови можат да наштетат на честа и угледот на приватниот тужител што претставува обележје на законското битие на предметното кривично дело. Ваквите изјави изнесени од страна на обвинетиот, на прес конференција одржана во политичка партија можат значително да ја загрозат честа на личноста на приватниот тужител во средината во која тој живее и работи, како и пред целокупната македонска јавност со оглед дека приватниот тужител е носител на јавна функција, притоа имајќи предвид дека изјавите дадени на ваков начин брзо и агресивно се шират и пренесуваат во јавноста.

Околноста што приватниот тужител не е именуван, односно не е спомнат со целосно име и презиме од страна на обвинетиот е ирелевантна за постоењето на конкретното кривично дело, со оглед дека според изнесените околности во даддените изјави јасно и недвосмислено може да се конкретизира и препознае личноста на приватниот тужител, кон кого истите се насочени. Ова особено од причини што од страна на водителот на Дневникот во најавата приватниот тужител е именуван со своето презиме.

Врз основа на вака утврдена фактичка состојба првостепениот суд најде дека во дејствијата на обвинетиот Јани Макрадули се содржани сите битни елементи на кривичното дело – Клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик, па од овие причини судот го огласи за виновен и казни согласно Законот. Кривичното дело Клевета го чини тој што за друг изнесува или пренесува нешто невистинито што може да му наштети на неговата чест и углед. Во конкретниот случај со изнесувањето на наведените тврдења обвинетиот изнел невистини за приватниот тужител и тоа во својство на потпретседател на политичка партија со што му наштетил на честа и угледот на приватниот тужител. Имено, основниот поим на кривичното дело Клевета е изнесување или пронесување нешто невистинито за друг односно основната цел на ова дело е да ги заштити честа и угледот од напади чија содржина е невистинита односно од изјава која може значително да ја загрози честа и угледот на личноста во одредена средина.

Основниот суд постапувајќи согласно напаствијата на Апелациониот суд оцени дека битна компонента на битието на ова кривично дело е невистинитоста на тврдењето, па во конкретниот случај судот цени дека тврдењето од страна на обвинетиот за случените настани, процеси и состојби наведени на прес конференцијата, не се поткрепени со никакви докази, бидејќи приватниот тужител според својата функција како директор на Управата за безбедност и контра разузнавање нема овластувања да учествува во продажба на земјиште во сопственост на РМ, ниту пак обвинетиот презентираше било каков доказ дека приватниот тужител приватно учествувал во наведената постапка, поради што судот смета дека обвинетиот во целост го исполнил битието на предметното кривично дело. Овој факт првостепениот суд особено го утврди и од самиот исказ на приватниот тужител на кого во целост му поклони верба, кој јасно, категорично и недвосмислено тврдеше дека немал никакви деловни контакти со посочените правни и физички лица туку само пријателски.

При одмерувањето на видот и висината на кривичната санкција првостепениот суд ги имаше предвид сите околности предвидени во член 39 од КЗ, а кои се од влијание за индивидуализација на казната. Па така, како отежнувачки ги имаше предвид зачестеноста на овие кривични дела и степенот на кривичната одговорност, околноста дека веќе постојат други постапки спрема овој обвинет поднесени од истиот тужител, како и околноста што оштетениот предјави оштетно побарување, а со оглед дека обвинетиот не се јави во судот и не присуствуваше на главниот претрес, иако истиот подолг временски беше одложуван и презакажуван, судот не можеше да утврди постоење на олеснителни околности.

Основниот суд смета дека со изречената парична казна како во диспозитивот на пресудата воспитно ќе се влијае врз обвинетиот, а исто така и на генерален план ќе се влијае врз други да не се јавуваат како сторители на вакви и други кривични дела со што во целост би се исполниле целите на казнувањето согласно член 32 од КЗ.

Согласно член 89 и член 92 од ЗКП судот го задолжи обвинетиот да плати на име кривичен паушал износ од 2.000,00 денари, како и да ги надомести трошоците на постапката на приватниот тужител во вкупен износ од 23.140,00 денари, кои се однесуваат и тоа износ од 1.000,00 денари такса за тужба 1.300,00 денари за изготвување на тужба и износ од по 1.560,00 денари за награда за застапување на полномошник на 14 одржани претреси согласно АТ, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, а под страв на присилно извршување.

Против првостепената кривична пресуда Јани Макрадули, поднел жалба поради сторена суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, погрешна примена на Кривичниот законик и одлуката за кривичната санкција и поради одлуката за трошоците на постапката, со предлог жалбата да се уважи, првостепената пресуда да се преиначи, на начин што обвинетиот да биде ослободен од обвинение или првостепената пресуда да се укине и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.
Постапувајќи по изјавената жалба Апелациониот суд Скопје донел Пресуда КЖ.бр.676/11 од 18.05.2011 година со која ја одбил жалбата во целост како неоснована, а пресудата на првостепениот суд ја потврдил.

Второстепениот суд го ценел жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 381 став 1 точка 11 од ЗКП, како произлегува од содржината на жалбата, меѓутоа не го прифати како основан со оглед да обжалената пресуда не содржи такви недостатоци поради кои не би можела да се испита во однос на нејзината правилност и законитост, изреката на пресудата е јасна и разбирлива, непротивречна со содржината на изведените докази во текот на кривичната постапка, а во образложението се содржани доволно причини за утврдените факти и завземените правни ставови на судот.

Апелациониот суд го ценел жалбениот навод дека првостепениот суд го повредил правото на одбрана на обвинетиот кога главниот претрес од 23.02.2011 година го одржал без присуство на обвинетиот согласно член 454 став 4 од ЗКП и покрај тоа што не биле исполнети законските услови за тоа, односно и покрај тоа што обвинетиот не бил уредно повикан за главниот претрес, со што ја сторил суштествената повреда на одредбите на кривичната постапка од член 381 став 1 точка 3 од ЗКП, но истиот не го прифати за основан.

Второстепениот суд утврдил дека се неосновани се жалбените наводи за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 381 став 1 точка 2 в.в. со член 456 од ЗКП. Имено, со жалбата се укажува дека не било одржано рочиште за мирење пред да се закаже и одржи главниот претрес. Неспорно член 456 од ЗКП дава можност пред закажување на главен претрес за кривични дела од надлежност на судија поединец за кој се гони по приватна тужба, судијата поединец да може да го повика само приватниот тужител и обвинетиот во определен ден да дојдат во судот заради претходно разјаснување на работите, ако смета дека тоа би било целесообразно за побрзо завршување на постапката и во случај да не дојде до помирување на странките и до повлекување на приватната тужба судијата да земе изјава од странките и да ги повика да стават свои предлози за прибавување на доказите, како и дека ако судијата поединец не најде дека постојат услови за отфрлање на тужбата ќе донесе одлука кои докази ќе се изведат на главниот претрес и ќе закаже веднаш главен претрес. Но од содржината на наведениот член судијата не е во обврска да превзема дејствија во смисла на цитираниот член, а и во овој член законот не се повикува на некакво рочиште за мирење на странките, па неосновани се жалбените наводи за сторената суштествена повреда со тоа што првостепениот суд одржал главен претрес без претходно да одржи рочиште за мирење на странките.

Судот утврдил дека се неосновани жалбените наводи за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба.По мислење на советот на Судот од изведените докази во текот на постапката, како и нивна совесна анализа и оценка, првостепениот суд правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба кога нашол дека обвинетиот на ден 9.09.2007 година на прес конференција во седиштето на СДСМ во Скопје на ул. Бихаќка бр.8, меѓу другото изнел невистинита изјава

Во жалбата на осудениот се наведува дека судот фактичката состојба погрешно и нецелосно ја утврдил поради тоа што истата се базира само на наводите во приватната кривична тужба, без притоа судот да изведе докази во насока на утврдување на истите. Се наведува дека судот не го сослушал приватниот тужител како би можел со сигурност да утврди дали неговата чест или углед се нарушени и со што точно се нарушени, потоа дека со ниту еден збор во наводите кои ги искажал обвинетиот не е наведено името и презимето на приватниот тужител, ниту пак истото било наведено во обжалената пресуда, па оттука не било јасно како приватниот тужител се препознал во изјавата која ја дал обвинетиот, дотолку повеќе што во жалбата се наведува дека презимето на приватниот тужител во изјавата не го споменал обвинетиот, туку тоа го споменал водителот на Дневник, а обвинетиот го употребил само зборот братучеди, но притоа не кажал кои братучеди, ниту пак судот утврдил дали приватниот тужител му е братучед на премиерот и колку братучеди има истиот. Сублимирано во жалбата се наведува дека судот донел одлука врз основа на изјава дадена во прашална форма, без поименично да биде споменат воопшто приватниот тужител, па и без да го сослуша приватниот тужител за да може да утврди со што точно му е нарушен угледот и честа и дека се работи за политичка прес конференција.

Судот ги ценеше ваквите жалбени наводи, но истите не ги прифати за основани. Наведеното од причина што, првостепениот суд врз основа на сите изведени докази во текот на постапката, ги утврдил решителните факти по однос на предметниот кривично правен настан. Имено врз основа на исказот на приватниот тужител Сашо Мијалков, даден на главен претрес од 23.02.2011 година судот утврдил дека обвинетиот и претходно изнесувал невистини за приватниот тужител и притоа го ословувал како братучед на премиерот, поради што приватниот тужител немал никакво сомнение дека и овој пат изјавата наведена во изреката на обжалената пресуда ја искажал за приватниот тужител, поради што и ја поднел приватната кривична тужба, со оглед дека осетил дека му била нарушена честа и угледот, како на професионален план, така и на приватен план. Од исказот на приватниот тужител судот утврдил дека наводите во изјавата не се точни, односно дека приватниот тужител се познавал со лицето Орце Камчев, биле пријатели, но тој немал никакви врски со раководните лица на Орка Холдинг, односно на ниту еден начин не бил инволвиран во градбата на наведениот хотелски комплекс, со оглед дека немал никаква деловна соработка со фирмата Орка Холдинт. Од опишаната презентација на ТВ дневникот на ТВ Телма судот ги утврдил точните наводи кои обвинетиот критичното време и место ги изнел за тужителот.

Имајќи го предвид наведеното, по оценка на Судот, првостепениот суд правилно постапил кога не извел дополнителни докази во насока на утврдување на околностите дали наведената изјава се однесува за приватниот тужител, со оглед дека неговото име и презиме не е наведено, поради тоа што видно од исказот на приватниот тужител, како и од наводите искажани од страна на обвинетиот, произлегува дека истите се однесуваат за приватниот тужител, со оглед дека обвинетиот и претходно на прес конференции искажувал невистини за приватниот тужител, без при тоа да го спомене името и презимето на приватниот тужител, туку само со ословување како братучед на премиерот.

Поради наведеното, Судот, кој во целост го прифаќа образложението на првостепениот суд, ги оцени како неосновани жалбените наводи дека судот погрешно ја утврдил фактичката сосојба поради тоа што не го сослушал приватниот тужител, како и поради тоа што не утврдил дали приватниот тужител е братучед на премиерот и дали предметната изјава се однесува на него, со оглед дека видно од записникот за главен претрес од 23.02.2011 година судот го сослушал приватниот тужител Сашо Мијалков и врз основа на исказот на истиот и опишаната презентација од ТВ дневникот на ТВ Телма ги утврдил решителните факти, но и поради следното:

Во конкретниот случај од сите околности Апелациониот суд цени дека обвинетиот изнел тврдење за приватниот тужител. Изјавата на обвинетиот е со невистинита содржина што се утврдува од изведените докази. Инаку, законска претпоставка е дека фактичкото тврдење кое може да му штети на честа и угледот на другиот е невистинито, па затоа теретот на докажувањето дека тврдењето е вистинито е на страна на обвинетиот, па во случајот обвинетиот е тој кој требал да докаже дека неговата изјава е со вистинита содржина, што не е сторено. Од содржината на изјавата дадена од обвинетиот и околностите под кои е дадена со сигурност може да се заклучи дека истата се однесува на приватниот тужител, па затоа е ирелевантно дали приватниот тужител изрично е именуван. Од содржината на изјавата, времето, местото и начинот на кој е дадена произлегува дека е сериозна и објективно земено кај трети лица може да создаде уверување за можност за постоење на одредени факти. Судот истата ја оцени како клеветничка, бидејќи по негово мислење фактичкото тврдење содржано во истата, по објективна оцена може да штети на честа и угледот на приватниот тужител.

Поради наведеното и како првостепениот суд правилно ја утврдил фактичката состојба, неосновани се жалбените наводи за погрешна примена на материјалниот закон, со оглед да во дејствијата на обвинетиот Јани Макрадули се содржани законските елементи на кривичното дело Клвета од член 172 став 1 од Кривичниот законик, за кое е и огласен виновен со обжалената пресуда.

Предмет на оценка на Судот беше жалбениот навод на обвинетиот дека судот погрешно постапил кога истиот го огласил за виновен и го осудил на парична казна како во изреката на обжалената пресуда, со оглед да фактичката состојба не била правилно и целосно утврдена, но истиот не го прифати за основан.

Како неосновани Судот ги оцени и жалбените наводи на обвинетиот дека судот погрешно постапил кога го задолжил истиот да ги надомести трошоците сторени во текот на постапката, со оглед дека фактичката сосојба била погрешно и нецелосно утврдена. Наведеното од причина што имајќи го во предвид претходно наведеното, односно да фактичката состојба првостепениот суд правилно и целосно ја утврдил, како и дека правилно го применил материјалното право, притоа имајќи го во предвид и исходот на постапката, односно да обвинетиот е огласен виновен за кривичното дело кое му се става на товар, првостепениот суд правилно постапил кога го задолжил обвинетиот да ги надомести трошоците сторени во текот на постапката согласно член 89 и 92 од ЗКП.

4.Согласно членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и11 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 11 став 1 од Уставот, е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Со членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со членот 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Но, граѓанинот, за слободите и правата кои не подлежат на уставносудска заштита, согласно цитираниот член 50 став 1 од Уставот, може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Уставот на Република Македонија поаѓа од гарантирање на самата слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е општ, генерален за сите поединци и токму од аспект на оваа општост мора да се толкува одредбата од член 54 став 4 од Уставот со која се исклучува ограничувањето на оваа слобода.

Меѓутоа, ова не значи дека не постои никакво ограничување за поединецот во манифестирањето на генерално загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санкционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно-правен спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно- правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или, пак, е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата која што Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.

Слободата на изразувањето наоѓа своја заштита и со меѓународните документи, но и ограничување. Имено, според членот 12 од Универзалната декларација за човекови права: “Никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.

Овие слободи и права се уредени и со членот 18 од Универзалната декларација според кој секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата, а според членот 19 од Декларацијата секој има право на слобода на мислење и изразување, со тоа што според член 29 став 2 од оваа Декларација, при користењето на своите права и слободи, секој ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со Закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.

Според членот 17 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде предмет на самоволни или незаконити мешања во неговиот приватен живот, во неговото семејство, во неговиот стан или неговата преписка, ниту на незаконити повреди на неговата чест или на неговиот углед. Секое лице има право на законска заштита против ваквите мешања или повреди.”

Според членот 19, исто така од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права:
“Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење.

Секое лице има право на слобода на изразувањето. Ова право, без оглед на границите, ја подразбира слобода на изнаоѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови во усмена, писмена, печатена или уметничка форма, или на кој и да е начин по слободен избор.

Остварувањето на слободите предвидени во точката 2 на овој член опфаќа посебни должности и одговорности. Следствено на тоа, тоа може да биде подложено на извесни ограничувања што мораат, меѓутоа, да бидат одредени со закон, а се потребни од причините:

а) на почитување на правата или угледот на други лица;
б) на заштита на државната безбедност, на јавниот ред, на јавното здравје и на моралот.”

Според членот 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи: “Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.

Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.”

Според членот 10 од Конвенцијата:
“Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

Остварувањето на овие слободи, кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите; за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето”.

Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за човековите права поаѓаат од правото на поединецот слободно да го манифестира своето уверување и совест и слободно да ја изрази својата мисла, без никакво ограничување и во било која форма, но, истовремено, упатуваат на ограничувањата на оваа слобода, кои мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни, односно неопходни во едно демократско општество заради заштита на правата или слободите на другите лица, националната безбедност или јавниот поредок, здравјето или моралот.

Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Македонија не содржи ниту специјална ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги при тоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, интерпретирани во меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок понекогаш мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.(член 54 став 4)

Не е спорно дека прашањето на слободата на изразување и нејзиното ограничување или злоупотреба е мошне чувствително, а тоа особено кога таа слобода треба да се балансира со правото на приватноста, честа и угледот, поради што тоа треба да се утврди во секој конкретен случај.

Во конкретниот случај, судот преку донесените судски одлуки, го санкционирал изнесеното јавно мислење на барателот Јани Макрадули како мерка што ја сметал за неопходна за заштита на честа, угледот и авторитетот на друг граѓанин, бидејќи барателот Јани Макрадули користејќи го правото на слобода на јавно изразување, загрозил заштитено право на друг граѓанин, во конкретниот случај на лицето Сашо Миалков, носител на јавна функција, директор на ДБК.

Во врска со положбата на барателот Јани Макрадули се јавува во својство на пратеник во Собранието на Република Македонија потпредседател на СДСМ и изјавата ја дал од седиштето на СДСМ. (ако истата изјава би била дадена во Собранието на Република Македонија би бил заштитен со имунитет на претеник и приватната тужба би била невозможна). Иако слободата на изразување е значајна за секого, тоа особено важи за избраните претставници на народот, бидејќи истиот го претставува електоратот обрнувајќи внимание на нивните преокупации и ги брани нивните интереси. Поради тоа, вмешувањето во слободата на изразувањето на член на парламентот, како што е во случајот подносителот на барањето бара највнимателна анализа од страна на Судот.

Оттука, потребно е да се направи анализа на осудата и санкцијата на Јани Макрадули за кривичното дело Клевета а во насока на тоа дали осудата и санкцијата за кривичното дело Клевета претставува оправдано ограничување на неговите слободи и права, или пак тоа не е случај, односно дали судовите постигнале фер баланс помеѓу потребата за заштита на угледот и честа на оштетениот и слободата на изразување на подносителот на барањето во контекст на околностите на случајот. Слободата на политичката дебата несомнено нама апсолутна природа. Договорната страна може да ја подложи на определени “ограничувања” или “казни”, и бара Судот да се впушти во една стриктна контрола.

При анализата на осудата и санкцијата за кривичното дело Судот оцени дека е потребно да се има предвид дека спорната изјава се однесува на коментирање во врска со јавното надавање за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија кое се наоѓало позади ТЦ “Рамстор”, и поради тоа, според Судот, треба да се третира како текст што е составен дел на дебата за прашање од интерес за јавноста и секако прашање од првенствен политички интерес на јавноста. Оттука, оцената на инкриминираниот дел на таа изјава, како и оцената на причините на судовите наведени како основ за осудителната пресуда во интерес на заштитата на честа и угледот на оштетениот, треба да се одвива во тој контекст.

Во тој контекст не гледаме причина овој Суд да не го прифати ова наоѓање. Меѓутоа, не е задача на Уставниот суд да утврдува и прогласува какви биле односите помеѓу овие лица бидејќи и пред тоа имало коментирање од страна на осудениот во однос на оштетениот. Она што треба да се оцени заради одлучување дали во случајот судовите постигнале разумен баланс на правото на чест и углед на оштетениот и слободата на изразување на подносителот на барањето, е да се одговори на следните прашања:

-дали исказот дека оштетениот, во својство на јавен функционер, учествувал или не во сомнителна зделка, а не бил споменат поименично во изјавата која претставува политички говор во даденото време е исказ за факт и, ако е, дали тој е вистинит или не, имаме ли сериозно пречекорување.
-дали изнесувањето на тој факт во спорната изјава има некаква функција во јавната дебата, каква што е дебатата за јавно надавање за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, кое се наоѓало позади ТЦ “Рамстор” и дали јавноста треба да знае како се трошат парите или се работи само за клевета.
-дали изнесувањето на таков факт во јавноста објективно може да ги засегне честа и угледот на оштетениот.

Во тој контекст, Судот оцени дека утврдувањето на вистинитоста на инкриминираниот исказ, како основа за утврдувањето дали во случајот постои битието на кривичното дело клевета, било од првостепена важност за судовите. Тие судови утврдиле дека вредносните судовите не ги сметале за релевантни и оцениле дека исказот на подносителот на барањето не бил вистинит, односно дека не постојат докази за спротивното.

Иако Уставниот суд не е повикан да ја преоценува фактичката состојба во кривичниот предмет во улога на инстанционен суд, сепак, во контекст на заштитата на слободата на изразување, има право и обврска да оценува дали судовите овозможиле обвинетиот да ја докажува вистинитоста на инкриминираниот исказ. Во тој контекст Судот утврди дека подносителот на барањето имал можност во текот на целата постапка да презентира докази за вистинитоста на својот исказ. Во отсуство на доказ кој со категоричност на ниво на исказот би ја потврдил неговата вистинитост, или кој би покажал силна основа да се смета за таков, не останува друго освен да биде прифатено наоѓањето на судот дека исказот бил невистинит.

Иако изјавата е дел од јавна дебата, прашањето е дали изнесувањето на податокот за јавното надавање за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија кое се наоѓало позади ТЦ “Рамстор”, има некакво влијание или значење за јавноста како придонес за подобро согледување на предметот на јавната дебата. Прашањето е релевантно затоа што во таков контекст понекогаш е можно јавниот интерес да налага повисок праг на толеранција за изјави што засегаат поединци и нивните лични вредности.

Судот утврди дека од изнесените уставни одредби произлегува дека е високо нивото на гарантирање на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата до степен таа да не може да биде ограничена ниту во случаи утврдени со Уставот во кои можат да се ограничат другите слободи и права (член 54 став 4). Од друга страна, Уставот го овластил Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт кој е претставнички орган на граѓаните, да донесува закони (членовите 61 и 68), при што законите мораат да бидат во согласност со Уставот и секој е должен да ги почитува Уставот и законите (член 51), со што Уставот го овластил законодавецот преку донесување на закони да го вообличи правниот поредок. Така, високото ниво на уставно загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата има свои граници во со закон санкционираните дејствија. Во таа смисла, членот 172 став 1 од Кривичниот законик определил дека дејствието изнесување или пренесување на нешто невистинито, што е штетно за честа и угледот на друго лице, е недозволено дејствие и за тоа следи санкција.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека барањето на подносителот за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, е неосновано.

Имено, начинот на кој што подносителот на барањето јавно настапил и го искажал своето мислење во врска со вршење на јавна функција на носител на јавната функција (во прашална форма, како член на опозициона политичка партија и од говорница на политичката партија, последиците кои произлегле од јавниот настап,) без притоа да се вклучи во докажувањето на вистинитоста на прашањето односно изјавата, анализирани во нивната севкупност, претставува дејствие кое само појавно припаѓа на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, но во суштина навлегува во честа и угледот на граѓанинот кој во моментот ја врши јавната функција и неосновано ги повредува тие вредности, а со тоа изјавата ја изгубила содржината на таа слобода и истата ја злоупотребила. Поради тоа, оспорените пресуди не ја повредуваат уставно загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата на подносителот на барањето.

Тргнувајќи од уставно и меѓународното загарантирано право за јавно изразување на мислата, Судот оцени дека во конкретниот случај по однос на осудата и санкцијата за кривичното дело Клевета, судовите воделе сметка за член 10 од Европската конвенција, не го повредиле правото на слобода на сопствено мислење и јавно изразување на сопственото мислење, гарантирано со членот 16 од Уставот на Република Македонија, со што не сторил повреда од членот 110 алинеја 3 од Уставот.

5.Врз основа на изнесеното, судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6.Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.155/2011
12 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски