У.бр.178/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 33 став 20 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011 и 53/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, законодавецот со Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011 и 53/2011), со членот 33 став 20, уредил дека “по донесувањето на подзаконскиот акт од ставот 2 на овој член истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа се објавува на веб страницата на Министерството за финансии”, додека пак со Законот за безбедност на храна “Службен весник на Република Македонија” број 157/10 и 53/2011) со членот 50 став 22, уредил дека “по објавувањето на подзаконските акти од ставот 6 на овој член во “Службен весник на Република Македонија” истите се објавуваат на веб страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство”.

Со оглед на тоа оспорената законска одредба, не била во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 52 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што законодавецот не постапил на ист начин при донесување на две законски одредби од два закони, односно при уредувањето на оспорената законска одредба не ги почитувал одредбите од Уставот.

3. Судот, на седницата утврди дека со оспорениот став 20 од членот 33 од Законот е определено дека “по донесувањето на подзаконскиот акт од ставот 2 на членот 33 од Законот истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа се објавува на веб страницата на Министерството за финансии”.

Судот исто така утврди дека подзаконскиот акт од членот 33 став 2 од Законот, кој е донесен на 25 мај 2011 година од страна на министерот за финансии, е објавен и во “Службен весник на Република Македонија” број 73/2011 од 31 мај 2011 година.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 52 став 1 од Уставот е уредено дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според ставот 2 од истиот член од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” број 53/2011), членот 33 од Законот, е дополнет со 19 нови ставови (ставови 2 – 20) со кои се уредени прашањата во врска со недонесување на решение за висината на данокот на наследство и подарок од страна на градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје, во кои случаи подносителот на даночната пријава во определен рок поднесува барање до писарниците на градоначалниците надлежни за донесување на решение за висината на данокот на наследство и подарок (став 2 од членот 33 од Законот).

Со одредбите со кои се дополнува членот 33 од Законот е уредено и дека формата и содржината на барањето ги пропишува министерот за финансии (став 3 од членот 33 од Законот), односно дека подзаконскиот акт од ставот 2 на овој член се донесува во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот (став 19 од членот 33 од Законот).

Министерот за финансии, врз основа на членот 33 став 3 од Законот, го донел подзаконскиот акт и тоа Правилникот за формата и содржината на барањето заради не донесување на решение за висината на данокот на наследство и подарок, односно на решение за одбивање на даночна пријава за данок на наследство и подарок, број 20-18284/1 од 25 мај 2011 година, кој подзаконски акт е објавен и во “Службен весник на Република Македонија” број 73/2011 од 31 мај 2011 година.

Со оспорениот став 20 од членот 33 од Законот е определено дека “по донесувањето на подзаконскиот акт од ставот 2 на членот 33 од Законот истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа се објавува на веб страницата на Министерството за финансии”.

Од анализата на оспорената одредба од Законот произлегува дека таа уредува обврска, подзаконскиот акт, по неговото донесување да биде објавен на веб страницата на Министерството за финании.

Со иницијативата се оспорува оваа одредба од Законот, бидејќи определувала дека подзаконскиот акт по донесувањето, се објавува на веб страницата на Министерството за финансии, а не содржела определување дека истиот се објавува и во “Службен весник на Република Македонија”, како што законодавецот уредил во друг закон, односно не постапил на ист начин како што постапил во уредувањето на одредба од друг закон, поради што законодавецот при донесувањето на оспорената законска одредба не го почитувал членот 52 став 1 и 2 од Уставот. Всушност со иницијативата се оспорува одредба од закон бидејќи таа не била доволно уредена, односно не содржела нешто што требала да содржи, па оттука се извлекува заклучок дека одредбата така како што е уредена може да предизвика за последица необјавување на пропис-подзаконски акт во “Службен весник на Република Македонија”, спротивно на членот 52 став 1 од Уставот кој уредува дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, и ставот 2 од истиот член од Уставот, кој уредува дека законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Подзаконскиот акт од членот 33 став 2 од Законот, е донесен на 25 мај 2011 година од страна на министерот за финансии, а истиот на ден 31 мај 2011 година е објавен и во “Службен весник на Република Македонија” број 73/2011. Оттука произлегува дека постапката за објавување на подзаконскиот акт од членот 33 став 2 од Законот, односно Правилникот за формата и содржината на барањето заради недонесување на решение за висината на данокот на наследство и подарок, односно на решение за одбивање на даночна пријава за данок на наследство и подарок е целосно запазена.

Во конкретниот случај, според Судот, вака уредената содржина од оспорената законска одредба претставува дополнителен начин за обзнанување на прописот во јавноста, а не како единствен начин, во функција на обезбедување на побрз и полесен начин на запознавање на граѓаните со образецот на барањето и неговото пополнување, кој е составен дел на подзаконскиот акт, односно Правилникот, дотолку повеќе што тој е објавен и во “Службен весник на Република Македонија” број 73 од 31 мај 2011 година, од каде произлегува дека истиот е донесен и објавен согласно со членот 52 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Поради горе изнесеното Судот оцени дека со оспорената законска одредба, не се нарушува правната сигурност на граѓаните, со оглед дека подзаконскиот акт е објавен во “Службен весник на Република Македонија, поради што оспорениот член 33 став 20 од Законот за даноците на имот не може уставно да се проблематизира од аспект на нејзината согласност со одредбите од членот 52 ставови 1 и 2 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.178/2011
12 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски