У.бр.223/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за процена („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2011).

2. Димитар Андоновски, Катица Арбаудова, Славе Петрушевски и Елена Величкова, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според Димитар Андоновски како подносител на иницијативата, оспорениот закон со кој Законот за процена е дополнет со нов член 47-а, бил во спротивност со член 55 на Уставот, каде што било регулирано дека државата обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополското однесување на пазарот, со што бил прекршен и член 51 од Уставот со кој е регулирано дека сите закони треба да бидат во согласност со Уставот. Имено, во август 2010 година бил донесен Законот за процена со кој се регулирало вршењето на работи на проценка. Со оглед дека надлежните министерства не успеале благовремено да организираат испити за добивање на звања овластен проценител, како услов за вршење на процени, со оспорениот закон за дополнување на Законот за процена, се сакало да се премости овој вакуум на неможност на функционирање на Законот, па направена била грешка и било прогласено Бирото за судски вештачења како единствена институција за вршење на процени во Република Македонија, наспроти 30-тина ревизорски друштва, повеќе друштва за вешатачење и проценки и физички лица – проценители кои и до тогаш ги вршеле работите на проценки. На тој начин, Бирото за судски вештачења било доведено во монополска положба во однос на другите институции и граѓани, што било во спротивност со Уставот.

Според иницијативата на Катица Арбаудова, Славе Петрушевски и Елена Величкова, оспорениот закон не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1. 3 и 7, член 9 став 2, член 32 ставовите 1, 2 и 3, член 51, член 54 став 1, член 55 ставовите 1 и 2 и член 95 став 3 од Уставот. Несфатливо било од уставно-правен аспект, зошто само Бирото за судски вештачења да биде привилегирано да врши процена и тоа дури до доделувањето на првата лиценца за проценувач од соодветната област, кога веќе постоеле и други субјекти за процена, што можело да се види од член 7 од Законот за процена. Со оспорениот закон, нивната работа се доведувала во прашање и тоа за цела една година, односно веќе стекнатите лиценци (овластувања и дотогашни решенија од надлежни органи и институции) за процена „се поништувале“, што не било во согласност со член 54 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се одземат и ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Се поставувало прашање што дотогаш ќе работат наведените и другите субјекти за процена? А тоа значело дека Републиката не обезбедувала еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, како што предвидувале член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 9 став 2, член 32 ставовите 1, 2 и 3, член 51 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот. Во овој случај било очигледно дека била заборавена еднаквоста и рамноправноста на граѓаните пред Уставот и законите.

Најбитно било прашањето дали може Бирото за судски вештачења да се укине со оспорениот закон, кога се знаело дека Бирото е во состав на Министерството за правда, согласно член 17 ставовите 2 и 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, кој согласно член 95 став 3 од Уставот, бил донесен со двотретинско мнозинство на гласови, додека оспорениот закон бил донесен со просто мнозинство и по итна постапка.

Во случајов, несфатливо и нелогично било и тоа што основниот Закон за процена бил донесен на 23 август 2010 година, а оспорените измени после 15 месеци (на 15 ноември 2011 година до кога не бил применуван), што значело дека нема правна и социјална сигурност за граѓаните и другите субјекти, што не било во согласност со владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон и истиот да го укине или поништи.

Воедно, се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон, бидејќи со неговото извршување се правеле штети и би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот, во Законот за процена (“Службен весник на Република Македонија” број 115/10), по членот 47 се додава нов член 47-а, кој гласи:

„Член 47-а
Бирото за судски вештачења ќе ги врши работите на процена до доделувањето на првата лиценца за процена за проценувач од соодветна област согласно со овој закон.
За издадената прва лиценца од своја надлежност секое надлежно министерство е должно веднаш да го извести Бирото за судски вештачења, кој ќе ги заврши процените земени во работа.“

Според член 2 на Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува една година од денот на влегувањето во сила.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Со Законот за проценa („Службен весник на Република Македонија“, бр.115 од 31.08.2010 година) се уредуваат вршењето на процена, областите, условите и начинот на вршење на процена, субјектите што вршат процена, условите и постапката за полагање на стручен испит заради издавање или одземање на лиценца за процена, награда и надоместок на трошоците за извршената процена, надлежноста, организацијата и работењето на Комората на проценители на Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на процената (член 1).

Според образложението за донесување на Законот, со овој закон, со востановување на процена која ќе биде вршена од страна на овластени проценувачи, ќе се изврши операционализација на слободата на пазарот и претприемништвото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, како и член 30 од Уставот кој предвидува дека во случаите на експропријација на сопственоста или други ограничувања на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност. Во вршењето на процената, проценувачите ќе се раководат од вредноста на предметот на процена, а истата ќе ја утврдуваат врз основа на донесени методологии и прифатени меѓународни стандарди. Според член 3 од Законот за трговските друштва, терминот ,,Овластен проценител” бил дефиниран како лице кое врши процена како овластен проценител и се води во регистарот на овластени проценители, воспоставен врз основа на закон. Во периодот на трансформација на општествениот и државниот капитал во Република Македонија, оваа материја била уредена со Законот за трансформација на општествениот капитал и подзаконските акти изготвени врз негова основа. Со нив Агенцијата за приватизација ги спроведувала стручните испити и со исполнување на одредени услови издавала Уверение за овластен проценувач со времетраење од 5 години. По укинувањето на Агенцијата за приватизација, оваа материја останала нерегулирана и заклучно со 31.03.2005 година престанала важноста на сите издадени уверенија од страна на Агенцијата.

Со член 2 од Законот се определува значењето на одделни изрази употребени во овој закон. Во оваа смисла, според точка 1 од овој член, „Процена“ е процес на определување на цена, односно проценување на пазарната вредност на предметот на процена од овластен проценувач во случаите определени со закон или по барање на заинтересирано лице – нарачател.

Областите за процена се утврдени во член 5 од Законот, во кој се определени и надлежните министерства за издавање на лиценци по одделни области за процена.

Во Преодните и завршните одредби на Законот, во членот 47, се пропишува дека надлежните министерства се должни секој во својата област да изготви програма за спроведување на првата почетна обука, програма за првото полагањето на стручниот испит, методологија и да ја спроведат првата почетна обука и полагање на стручниот испит во рок не подолг од осум месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 1). Првите комисии за полагање на стручниот испит се избираат од редот на универзитетските професори и лица кои со своето досегашно работно искуство со звање магистер на науки и доктор на науки дале придонес во развојот на процената и вршењето на процената (став 2).

Со член 1 од Законот за дополнување на Законот за процена („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2011), Законот е дополнет со нов член 47-а, според кој, Бирото за судски вештачења ќе ги врши работите на процена до доделувањето на првата лиценца за процена за проценувач од соодветна област согласно со овој закон (став 1). За издадената прва лиценца од своја надлежност секое надлежно министерство е должно веднаш да го извести Бирото за судски вештачења, кој ќе ги заврши процените земени во работа (став 2). Примената на ова законско решение, според член 2 на овој закон, ќе биде една година од денот на влегување во сила на законот (Законот влегол во сила на 23 ноември 2011 година).

Според образложението за донесување на ова дополнување на Законот, по влегувањето во сила на Законот за процена се одржани предвремени парламентарни избори и истите во голема мера го забавиле процесот на изработка на методологиите за процена, кои од своја страна се основ за изготвување на програмите за обука и за полагање на испитите за проценувачи. Со цел да не се наруши правниот промет во државата, како и да не се намали правната сигурност, се оценило за потребно да се предложи дополнување на Законот за процена со одредба со која се предвидува процените од соодветна област да ги врши Бирото за судски вештачења, се до доделување на првата лиценца од истата област, со определување дека ваквата одредба да има важност од една година од влегувањето во сила на Законот за дополнување на Законот за процена.

Од анализа на наведените законски одредби, произлегува дека законодавецот, во согласност со своето уставно овластување да уредува одделни сфери на општествените односи, за прв пат со закон го уредил прашањето за вршење на процена како процес на определување на цена, односно проценување на пазарната вредност на предметот на процена од овластен проценувач, во која смисла пропишал јасни правила за тоа во кои области може да се врши процена, пропишал процедура и услови за стекнување лиценца за процена, со што обезбедил еднаков и единствен пристап на секој кој ги исполнува законските услови, да се стекне со лиценца и да ја врши професијата проценувач. Законодавецот определил и рокови за надлежните министерства да изготват програма за спроведување на првата почетна обука, програма за првото полагањето на стручниот испит, методологија и да ја спроведат првата почетна обука и полагање на стручниот испит, како неопходен предуслов за отпочнување на примената на овој закон кој предвидува постоење на лиценца за процена, како услов за обавување на дејноста.

Дополнително, имајќи предвид дека во определениот рок, надлежните министерства не успеале да ги изготват потребните програми за спроведување на првата почетна обука и за полагање на стручниот испит, а со цел да не остане некоја област на процена непокриена со проценувач, законодавецот се определил за преодно решение, со ограничено траење до една година, со кое го овластил Бирото за судски вештачења да ги врши работите на процена до доделувањето на првата лиценца за процена за проценувач од соодветна област согласно овој закон.

Според Судот, ваквиот временски ограничен преоден режим, кој постепено се исцрпува со издавањето на лиценци, не може да се доведе под сомнение за неговата уставност. Ова од причина што право е на законодавецот, да го утврди и уреди преодниот режим потребен за имплементирање на Законот, во случајов, да го уреди начинот на функционирање на работите на процената до моментот на издавање на потребните лиценци за процена, од каде произлегува дека определувањето на Бирото за судски вештачења, кое има статус на орган во состав на Министерството за правда, како орган надлежен да врши процена во наведениот преоден период, не значи воведување на негова монополска положба на пазарот, како што се наведува во иницијативата. Притоа, Владата (во својот одговор на наводите во иницијативата, бр. 51-8112/1-11 од 18.01.2012 година) укажува дека министерствата надлежни за издавање на лиценците за процена веќе ги донеле методологиите за процена и се во фаза на објавување на испити за проценувачи, по што ќе следи и издавањето на лиценци за процена, согласно овој закон, што значи дека наведената надлежност на Бирото се исцрпува. Поради тоа, Судот оцени дека вака определениот преоден режим не го повредува начелото на владеењето на правото и не претставува повреда на слободата на пазарот и претприемништвото, како што се наведува во иницијативите.

Наводите во втората иницијатива каде се поставува како најбитно прашањето дали може, со оспорениот закон, да се укине Бирото за судски вештачења, како орган во состав на Министерството за правда, востановен со член 17 ставовите 2 и 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Судот ги оцени како неосновани. Имено, со оспореното законско решение, на Бирото за судски вештачења му се доделува надлежност за процена во определен временски период (преоден режим), по истекот на кој период, работите за процена преминуваат во надлежност на лиценцирани проценители, а Бирото само ќе ги заврши процените земени во работа, од каде произлегува дека ваквата законска определба не се бави со прашањето на статусот на Бирото за судски вештачења. Статусот на Бирото за судски вештачења, као орган во состав на Министерството за правда, е утврден со Законот за организација и работа на органите на државната управа, кој согласно член 95 став 3 од Уставот, се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници. Тоа значи дека евентуалното укинување на Бирото единствено може да биде извршено со соодветни измени на Законот со кој е востановено, донесени во иста постапка како тој закон, како што впрочем и се наведува во иницијативата.

Оттука, според Судот, подносителот на иницијативата погрешно толкува и неосновано заклучува дека оспореното законско решение значело дека Бирото за судски вештачења, по истекот на наведениот период, а врз основа на Законот за дополнување на Законот за процена, ќе се укинело, поради што ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски

У.бр.223/2011
12 септември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски