Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 и член 3 ставовите 1 и 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче и на правото на родителски додаток за дете („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2009).
2. Јонче Блажески од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 2 од Правилникот се апострофирало дека за остварување на правото на родителски додаток се земале предвид само децата на мајката од претходниот ред на раѓање, но не и децата на таткото кои по основ на брак станале членови на семејната заедница, или поинаку речено, зошто имало нееднаков третман на децата прифатени со засновање на нова брачна заедница, на пример од посвоено дете во згрижувачко семејство, каде што согласно член 36 од Законот за социјална заштита, за едно посвоено дете се давал надомест еквивалентен на надоместокот за трето дете од брачна заедница. Законот не смеел да прави разлика помеѓу посвоено, прифатено и родено дете во семејна заедница, затоа што сите деца требало да имаат еднаков третман., во кој ја немало наведената дискриминација.
Со оспорениот член 3 од Правилникот, се внесувала нова точка 1 во членот 11 која била дискриминирачка. Имено, се барало за таткото да биде носител на правото на родителски додаток за дете, да докажел воедно дека не само тој, туку и мајката требало да има непрекинат престој од 3 години во местото на живеење, со што практично го исклучувал таткото како државјанин на Република Македонија од ова право, само затоа што имал странски државјанин за жена со регулиран привремен престој. Со тоа се ограничувала слободата на избор на таткото за брачен другар и претставувало полова дискриминација во однос на мајката, која можела да има странски државјанин за маж и непречено да го остварува правото на трето дете.
Покрај тоа, со оваа измена се правела уште една дискриминација. Имено, мајката со регулиран привремен престој по основ на брак, која родила три деца државјани на Република Македонија, овие деца не смееле да бидат дискриминирани по однос на правото за родителски додаток за дете, затоа што родителскиот додаток за дете, како што бил дефиниран во член 4 точка 5 од Законот за заштита на децата, бил додаток за самото дете при што родителот бил дефиниран како корисник на ова право. Оттука, трите деца родени од мајка со привремен престој по основ на брак, кои се државјани на Република Македонија, безусловно требало да го остварат ова право, преку таткото како корисник на тоа право, кој и самиот е државјанин на Република Македонија. Фактот што мајката давала изјава, во рамките на документацијата за остварување на ова право, дека не живее и работи во странство и воедно нема социјални надоместоци во друга земја, според подносителот на барањето била доволен услов за ова право. Од друга страна, правото на трето дете во Република Македонија се остварувало независно од вкупните материјални приходи во семејството.
Со оспорените одредби се повредувале член 8 и член 54 од Уставот, поради што се бара поништување на истите и враќање во примена на одредбите од Правилникот пред неговата измена.
3. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче и на правото на родителски додаток за дете, во член 10 став 1 точката 5 се менува и гласи: „5. извод односно изводи од матичната книга на родени за детето односно децата од претходниот ред на раѓање на мајката и изјава од мајката за редоследот на раѓања на децата, спрема датумот и часот на раѓањата, запишани во изводот од матичната книга на родени на детето;“
Според член 3 од Правилникот, во член 11 став 1 пред точка 1 се додава нова точка 1 која гласи: „1. лична карта од мајката (фотокопија)односно доказ за постојано место на живеење на мајката издаден од Министерството за внатрешни работи, освен во случај мајката да не е жива;“. Точката 4 се менува и гласи: „ 4. извод односно изводи од матичната книга на родени за детето односно децата од претходниот ред на раѓање на мајката и изјава од таткото односно старателот за редоследот на раѓања на децата на мајката, спрема датумот и часот на раѓањата, запишани во изводот од матичната книга на родени на детето;“
4. Согласно член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Според член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2000, 17/2003, 65/2004, 113/2005, 98/2008 и 107/2008, 83/2009, 156/2009, 51/2011 и 157/2011) се уредува системот, организацијата и начинот на обезбедување заштита на децата (член 1).
Според член 4 став 1 од Законот, права за заштита на децата во смисла на овој закон се:
1) детски додаток;
2) посебен додаток:
3) еднократна парична помош за новороденче;
4) партиципација и
5) родителски додаток за дете.
Согласно став 2 на истиот член, правата од став 1 на овој член под услови утврдени со овој закон ги обезбедува државата.
Според член 30-а од Законот, родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете (став 1). Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка која е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија последните три години пред поднесување на барањето (став 2). Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка која непосредно се грижи за детето за кое поднела барање, чии деца од претходниот ред на раѓање не се сместени во установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од претходниот ред на раѓање (став 3). Правото од ставот 1 на овој член не може да се оствари ако мајката за време на бременоста не ги вршела задолжителните здравствени прегледи и контроли согласно со закон (став 4). Правото од ставот 1 на овој член не може да се оствари односно ќе го изгуби веќе оствареното право, доколку: не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно со закон и детето не биде запишано и редовно не ја следи наставата во основно училиште согласно со закон (став 5). По исклучок од ставот 5 алинеја 2 на овој член правото на родителски додаток се остварува и за детето: кое поради болест или повреда е спречено редовно да ја посетува наставата и заради таквата спреченост вонредно го продолжува образованието согласно со закон и кое поради степенот на попреченоста не може да се образува согласно со закон (став 6). Правото од ставот 1 на овој член не може да се оствари ако мајката во моментот на поднесувањето на барањето живее и работи во странство (став 7). Правото од ставот 1 на овој член во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето, или од оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето, правото наместо мајката може да го оствари таткото или старателот доколку ги исполнува условите од ставовите 1 до 7 на овој член (став 8). Правото од ставот 1 на овој член ќе се остварува за трето новородено дете од 1 јануари 2009 година (став 9).
Според член 30-в од истиот закон, поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правата за заштита на децата од членовите 28, 29, 30-а и 30-б на овој закон ги пропишува министерот.
Од анализата на наведените одредби од Законот, произлегува дека законодавецот утврдил дека родителски додаток за дете, како едно од правата за заштита на децата, остварува мајка за своето трето живородено дете, под услов мајката да е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија последните три години пред поднесување на барањето. По исклучок, во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето или од оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето, наведеното право на родителски додаток, наместо мајката може да го оствари таткото или старателот доколку ги исполнува условите утврдени со член 30-а ставовите 1 до 7. Тоа значи дека законодавецот го утврдил правото на родителски додаток и условите под кои тоа право се остварува, кои се единствени за сите корисници.
Со Правилникот за поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче и на правото на родителски додаток за дете („Службен весник на Република Македонија“ бр. 163/2008), министерот за труд и социјална политика, врз основа на член 30-в од наведениот закон, ги пропишал поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правата за заштита на децата, и тоа: правото на еднократна парична помош за новороденче и правото на родителски додаток за дете.
Со член 10 од наведениот правилник, се пропишуваат потребните документи кои мајката ги приложува кон барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете, а со член 11 од Правилникот, се пропишуваат документите кои во случаите кога родителскиот додаток го остварува таткото односно старателот на детето, треба да се приложат кон барањето за остварување на ова право.
Со член 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче и на правото на родителски додаток за дете („Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/2009), точката 5 на членот 10 од Правилникот е изменет, така што покрај изводот од книгата на родени за детето (што е документ кој се барал и пред измените), се бара и изјава од мајката за редоследот на раѓање на децата, спрема датумот и часот на раѓање запишани во изводот од матичната книга на родени на детето. Според Судот, со извршената измена со членот 10 од Правилникот, се прецизираат потребните документи кои мајката ги приложува кон барањето за остварување на родителски додаток за дете и во никој случај бараната изјава од мајката за редоследот на раѓање на децата не може да се прифати како одредба со која се дискриминирале децата во брак, во однос на децата прифатени со заснoвање на нова брачна заедница или децата во згрижувачко семејство, како што се наведува во иницијативата. Имено, бараната изјава од мајката се однесува на редоследот на раѓање на нејзините деца, што е во функција на операционализација на законската определба дека правото на родителски додаток за дете и следува на мајката за нејзиното трето живородено дете, доколку таа активно остварува родителска грижа за децата, а не зависи од брачниот и семејниот статус на мајката. Евентуалната промена на остварувањето на правото на родителски додаток, кој би се остварувал под други услови од сега пропишаните (на пр. да се земаат предвид и децата на таткото кои по основ на нов брак станале членови на семејната заедница, како што се бара со иницијативата) би подразбирал измена на законската регулатива во оваа сфера, што е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
Истото се однесува и во однос на прашањата покренати со иницијативата поврзани со измената на член 11 од Правилникот. Имено, со член 3 став 1 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче и на правото на родителски додаток за дете, членот 11 од Правилникот е дополнет со нова точка 1, со која се пропишува дека кон барањето за остварување на родителски додаток кое го поднесува таткото односно старателот на детето, се приложува и фотокопија од личната карта на мајката односно доказ за постојаното место на живеење на мајката, освен ако таа не е жива, а со ставот 2 на истиот член, точката 4 се менува на начин кој значи дека покрај извод од матичната книга на родени за децата (што е документ кој се барал и пред измените), се бара и изјава од таткото, односно старателот на детето, за редоследот на раѓање на децата на мајката, спрема датумот и часот на раѓање запишани во изводот од матичната книга на родени на детето. Тоа значи дека со извршената измена се допрецизираат потребните документи кои таткото, односно старателот на детето, во случаите утврдени со Законот за заштита на децата (во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето или од оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето), ги доставуваат за остварување на правото на родителски додаток. Оттука, Судот оцени дека не може да се прифати како основан наводот во иницијативата дека наведената измена во Правилникот претставувала полова дискриминација на таткото во однос на мајката затоа што го исклучувала од користењето на ова право таткото кој бил државјанин на Република Македонија, а имал за жена странски државјанин со регулиран привремен престој, за разлика од мајката која можела да има странски државјанин за маж и непречено да го остварува ова право или дискриминација кон децата родени од мајка која не е државјанин на Република Македонија, но има регулиран привремен престој во однос на децата родени од мајка која е државјанин на Република Македонија. Ова затоа што правото на родителски додаток и условите под кои истиот се остварува (еден од условите е мајката да е државјанин на Република Македонија) се утврдени со Законот за заштита на децата, па измената на условите за остварување на ова право единствено може да се врши со измена на постојната или со донесување на нова законска регулатива, што е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
Тргнувајќи од наведеното, според Судот, оспорените измени во Правилникот се во функција на операционализација на одредбите од Законот за заштита на децата со кои се утврдува правото на родителски додаток за дете и условите за остварување на ова право, поради што не може да се прифатат како основани наводите во иницијативата дека со оспорените измени на Правилникот се повредувале член 8 и член 54 од Уставот.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски
У.бр.67/2012
12 септември 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски