57/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд ( Службен весник на република Македонија бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоата на членовите 23, 26 и 29 од Одлуката за јавни паркиралишта од значење на општина Куманово бр.07-5027/7 донесена од Советот на општина Куманово на 29 април 2010 година („Службен гласник на општина Куманово бр.8/2010).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 23, 26 и 29 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата член 23 од Одлуката не бил во согласност со член 114 одУставот, од причини што со него се предвидувала јавна давачка, наплата на надоместок за користење на паркинг-простор добро во општа употреба.

Оспорениот член 26 од Одлуката не бил во согласност со член 9 став 2, член 14 и Амандман XX од Уставот, член 7 од Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи, член 11 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 15 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права затоа што со него се предвидувало казнување на граѓаните што не платиле за „услугата паркирање“ и е опишан начинот на тоа казнување, при што во ниеден закон не е предвидено казнување на граѓаните кои не платиле паркирање. Впрочем според подносителот тоа не е можно ниту според член 259 став 3 од Законот за облигационите односи во кој не било предвидено за паричните обврски да се предвидуваат договорни казни.

Според наводите на подносителот на иницијативата член 29 не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 51 и 54од Уставот, член 1 од Протоколот 12 кон Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи, Преамбулата и членовите 1 и 2 од Универзалната декларација за правото на човекот и член 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права
.
Воедно подносителот на иницијативата се повикува на Деловникот на Уставниот суд, предметната иницијатива да биде разгледана по итна постапка.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 23 од Одлуката за користење на јавните паркиралишта корисникот е должен да плати соодветен паричен износ на име цена на услугата за паркирање.

Организаторот на паркирањето од членовите 6, 7 и 8 на оваа Одлука донесува Ценовник на услугите за користење на јавните паркиралишта на кој согласност дава Советот на општина Куманово.

Според оспорениот член 26 од Одлуката „Ако корисникот на паркирањето не го изврши плаќањето (цена на паркирањето, доплатен билет и други трошоци) на начин согласно оваа Одлука, односно актот на организаторот на паркирањето ќе се смета дека паркирањето е непрописно и овластено лице на организаторот на паркирањето може да побара блокирање на тркалата (лисици, блокатори на тркалата ) или отстранување на возилото од паркиралиштето со пајак возило“.

Во оспорениот член 29 од Одлуката е предвидено дека „За старите односно правните лица на чии парцели не е решено паркирањето, може да се утврдат повластени услови за паркирање на нивните возила на јавните паркиралишта, што е во непосредна близина, во поглед на бројот на возилато, траењето на паркирањето и цената на услугата и да им се издаде повластен паркирен билет.

Правото на користење на повластен паркинг билет го утврдува организаторот на паркирањето.

4. Според член 114 став 1 од Уставот наРепублика Македонија, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.

Според став 4 на член 114 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Според член 22 точка 4 од Законот за локалната самоуправа, општините се надлежни, помеѓу другото, и за комуналните дејности: изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградба и одржувањето на уличната сообраќајна сигнализација; изградба и одржување на јавниот простор за паркирање; отстранување на непрописно паркираните возила; отстранување на хаварисаните возила од јавните површини.

Согласно член 24 став 1 од овој закон, заради извршување на своите надлежности, општините можат да основаат јавни служби, во согласност со закон. Според став 2 на истиот член, општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон.

Согласно Законот за комунални дејности, одржувањето и користењето на јавниот простор за паркирање, под што се подразбира одржување на просторот и објектите и давање на соодветни услуги, како и утврдување на начинот на негово користење претставува комунална дејност (член 3 точка 13) чие вршење е од јавен интерес. Комунална дејност може да се врши со основање на јавно претпријатие, со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на комунална дејност (член 14)

Според член 26 од наведениот закон, средствата за вршење на комунални дејности се остварува од цената на комуналните услуги, а според член 27, пак, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните такси ја определува управниот одбор на јавното претпријатие по претходна согласност на основачот.

Според Законот за комуналните такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 64/2005 и 92/2007) за користење на определени права, предмети и услуги од јавен интерес од локално значење физичките и правните лица плаќаат комунални такси. Комунална такса се плаќа според тарифа, при што согласно Тарифата бр. 8 за користење на просторот за паркирање на моторни возила се наплатува комунална такса на јавните паркиралишта.

Наплатата на таксата ја врши правното лице на кое му е доверено организирање и одржување на паркингот и ја уплатува на соодветна уплатна сметка во рамки на трезорската сметка на општината. Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби произлегува дека општините се надлежни за вршење на комуналните дејности во кои се и изградба и одржување на јавниот простор за паркирање. Притоа, средствата за вршење на комуналните дејности се остварува од цена на комунална услуга која се определува со ценовник на кој согласност дава советот на општината.

Оттука, наплатата на цена за користењње на паркинг простор не претставува јавна давачка како што наведува подносителот, туку цена на комунална услуга за користење на јавните паркиралишта.

Јавните паркиралишта се добро во општа употреба од јавен интерес и за нивно користење се наплатува цена на услуга само од граѓани кои сакаат да ја користат услугата.

Според тоа Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата дека член 23 од Одлуката не бил во согласност со член 114 од Уставот.

Во однос на наводите од иницијативата дека оспорениот член 26 од Одлуката не бил во согласност со начелото на владеење на правото со начелото на еднаквост со член 114 и Амандман XX од Уставот на Република Македонија, со член 7 од Европската конвенција за заштита на правата на човекот и граѓанинот, член 11 од Универзалната декларација за правото на човекот како и со член 259 од Законот за облигациони односи затоа што со неа се предвидувало казнување на граѓанинот исто така сметаме дека се неосновани.

Имено тргнувајќи од содржината на оспорената одредба како и наведените уставни и законски одредби произлегува дека оспорената одредба од член 26 од Одлуката не предвидува никаква казнена санкција, односно никаква казна за граѓаните, како што наведува подносителот на иницијативата, ниту пак некаков облик на мачење и понижувачко однесување, туку со неа се предвидени мерки за оние корисници на јавните паркиралишта кои нема да се придржуваат до начинот и условите за користење на јавното паркиралиште утврден од страна на организаторот на паркирање со цел за овозможување на непречено користење на јавните паркиралишта.

Во членот 259 став 1 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 78/2001, 4/2002, 59/2002, 05/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009) е предвидено дека доверителот и должникот можат да се договорат дека должникот ќе му плати на доверителот определен паричен износ или ќе му прибави некоја друга материјална корист ако не ја исполни својата обврска или ако задоцни со нејзиното исполнување или неуредно ја исполни (договорна казна). Ако не произлегува нешто друго од договорот, се смета дека казната е договорена за случај ако должникот задоцни со исполнувањето (став 2). Договорна казна не може да биде договорена за парични обврски (став 3).

Од содржината на цитираната одредба произлегува дека со неа се уредува правна ситуација во која помеѓу доверителот и должникот било договорено должникот да исполни договорена обврска спрема доверителот, но таа обврска не ја исполнува, доцни со исполнувањето или пак неуредно ја исполнува, за кои случаи, според претходен договор со доверителот, ќе треба да плати договорна казна (ќе плати определен паричен износ или ќе му прибави некоја друга материјална корист).

Според Судот оспорениот член 26 од Одлуката не може да биде оценуван по однос на согласноста со членот 259 од Законот за облигационите односи, како целина, но и по однос на ставот 3 од истиот член од Законот, кој предвидел договорната казна да не може да биде договорена за парични обврски, а поради следново. Давателот на услугата ЈП “Куманово-паркинг” Куманово и корисникот на услугата не стапуваат во деловен договорен однос за исполнување на обврска во кој претходно е договорена и договорна казна за неисполнување на обврска, за доцнење со обврска или пак за неуредно исполнување на обврска од страна на корисникот на услугата. Ова од причина што корисникот на услугата не е во правна положба на должник за исполнување на обврска од членот 259 став 1 од Законот за облигационите односи, тој не исполнува обврска спрема ЈП, тој користи јавна услуга и тоа не врз основа на претходно склучен договор, туку врз оставена негова слободна волја, можност за користење на паркирање на одредено место, за определено време и точно утврдена и транспарентно истакната цена, односно однапред познати услови и цена.

Според тоа, неговата должност да плати однапред утврдената цена за добиената услуга на паркирање, за точно утврдени зони, за точно определено-дозволено време, со конкретно определена цена не може да се поистовети со исполнување на договорна обврска од членот 259 став 1 од Законот.

Во однос на наводите од иницијативата дека со оспорениот член 29 од Одлуката според кој за станарите и правните лица кои имаат живеалиште односно деловен простор се утврдуваат повластени услови за паркирање на нивните возила, и дека со тоа се создава нерамноправност на граѓаните, Судот смета дека истите се неосновани.

Ова од причина што тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби според кои организатор на паркирањето го организира режимот на користење на јавното паркиралиште тој мора да води сметка да им овозможи користење на јавното паркирање на станарите и правните лица кои гравитираат кон определено јавно паркиралиште за чие користење тие плаќаат одреден надоместок. Во спротивно доколку овие корисници би потпаднале под режимот како и за другите корисници би се довело во прашање непречено и нормалното користење на нивниот имот.

Од друга страна,а секако дека мора да се има предвид и фактот дека при урбанистичкото планирање на просторот било за станбен или деловен простор постојат нормативи и стандарди според кои се планираат и предвидуваат паркинг места.

Според тоа со примената на повластеното користење на јавните паркиралишта за станарите и правни лица кои немаат на друг начин обезбедено паркирање на своите возила, а кои гравитираат околу јавното паркиралиште не се доведуваат во прашање одредбите од Уставот и одредбите од меѓународните акти кои станале дел од правниот поредок на Република Македонија.

5 .Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.57/2012
12 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски