Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 2; член 9 став 2, член 10 во делот: „извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствена дејност“ и точка 8 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010 и 53/2011).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот член 3 став 2 од Законот, не се гарантирало правото на здравство во целина, што не било во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Ова од причина што оспорените одредби од Законот не биле јасни и прецизни и при имплементацијата создавале проблеми, бидејќи не можело да се разбере што би се случило кога доброволното здравствено осигурување не се спроведува преку друштвата за осигурување. Во тој случај се поставувало прашањето дали Фондот за здравствено осигурување на Македонија ќе има обврска и спрема доброволното здравствено осигурување. Од овие причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот член 3 став 2 од Законот се нарушувал уставниот принцип на владеењето на правото и не се гарантирало остварувањето на човековите права, бидејќи не биле предвидени законски рамки, кои што објективно би се спроведувале во практиката, поради што истата била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот.
Оспорениот член 9 став 2 од Законот, според иницијативата, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1, член 51, член 96 и член 112 став 3 од Уставот и истиот бил спротивен на одлуките на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.37/2001 од 6 јуни 2001 година, со кој се укинал член 9 став 2 од законот, во деловите: „основните здравствени услуги од став 1 на овој член“ и „стандардите и нормативите“ и У.бр.45/2006 од 11 јули 2007 година, со која се укина членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005).
Подносителот на иницијативата тврди дека со оспорената законска одредба по трет пат се вршело противуставно условување и ограничување на правото на здравствена заштита, со тоа што основните здравствени услуги Фондот ги обезбедувал на осигурените лица само во здравствените установи утврдени со мрежата на здравствени установи, наместо тоа условување да зависело само и исклучиво од тоа дали здравствената установа дала здравствена услуга, за која осигуреникот издвојува средства со кои менаџира Фондот. На тој начин, со оспорената одредба се доведувало во прашање уставно и законски гарантираното право на граѓаните на Република Македонија на здравствена заштита, како и правото слободно, по сопствен избор да се определат во каков вид на здравствена установа ќе го остварат правото на здравствено осигурување.
Според иницијативата, Фондот не можел да го условува остварувањето на правото на здравствена заштита на осигурениците, како и висината на цените на здравствените услуги да ги определува со општ акт, со што се повредувал член 96 од Уставот. Имено, веќе во членот 32 од Законот за здравствено осигурување било определено дека осигурените лица учествувале со лични средства при користењето на здравствени услуги и лекови, но најмногу до 20% од просечниот износ на вкупните трошоци на здравствената услуга, односно лековите, што значело дека нема основ да постои делот во оспорената законска одредба: „во висина на утврдена цена со општ акт на Фондот, на кој министерот за здравство дава согласност. Со тоа, таквото законско овластување за Фондот, излегување надвор од уставните рамки на членовите 34, 51 и 96 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека според оспорените делови од член 10 од Законот, приватните лекари специјалисти и приватните аптеки со кои Фондот не склучил договор се ставени во нееднаква правна положба, во однос на оние граѓани, приватни лекари специјалисти и приватни аптеки со кои Фондот склучил договор, со што се повредувале уставните одредби.
Имено, со оспорените законски одредби се условувало и ограничувало остварувањето на правата на осигурениците и истите се ограничувале во правото на избор на здравствена установа која ќе ги вршела специјалистичко-консултативни и болничко здравствени услуги, кои според Законот спаѓале во задолжително здравствено осоигурување, со што се повредувало загарантираното право на здравствена заштита нормирано во членот 39 од Уставот. Подносителот на иницијативата упатува на Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.109/2009 од 27 јануари 2010 година.
3. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 2 од Законот, доброволно здравствено осигурување можат да спроведуваат друштва за осигурување основани според прописите за осигурување.
Според член 9 став 2 од истиот Закон, основните здравствени услуги од ставот 1 на овој член Фондот ги обезбедува на осигурените лица во здравствените установи утврдени со мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствената дејност, согласно со прописите од областа на здравствената заштита, во висина на утврдени цени со општ акт на Фондот, на кој министерот за здравство дава согласност.
Во член 10 точка 8 од Законот се предвидува дека со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствена дејност, како и специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок, меѓу другото, се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Маккедонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдено со закон и со колективен договор.
Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Во членот 39 став 1 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно наведените уставни одредби, здравственото осигурување, како дел од социјалното осигурување, кое во Уставот е утврдено како една од основните права на човекот и граѓанинот, е уредено со Законот за здравственото осигурување.
Законот за здравственото осигурување го уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување (член 1).
Според членот 2 став 1 од Законот здравствено осигурување се установува како задолжително и доброволно. Задолжително здравствено осигурување се установува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон (став 2).
Доброволно здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување (став 3).
Во член 3 став 1 од Законот се предвидува дека задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Според оспорениот став 2 на членот 3 од Законот, доброволно здравствено осигурување можат да спроведуваат друштва за осигурување основани според прописите за осигурување.
Од анализата на наведените одредби од Законот, јасно произлегува дека тие се дел од општите одредби во кои се дадени основните определби и принципи на Законот, така што доброволното здравствено осигурување се востановува како дополнително осигурување за права кои ќе можат да се користат надвор од основниот пакет на здравствени услуги, во други осигурителни друштва.
Имено, според членот 3 од Законот, Фондот за здравствено осигурување на Македонија го спроведува задолжителното, а друштвата за осигурување основани според прописите за осигурување го спроведуваат доброволното здравствено осигурување.
Доброволното здравствено осигурување поконкретно е утврдено во член 73 од Законот, според кој, граѓаните за себе и за членовите на своите семејства, односно работодавците за своите работници, можат дополнително да се осигураат со доброволно здравствено осигурување, заради покривање на трошоците за здравствените услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување (став 1). Друштвото за осигурување со општ акт поблиску ги утврдува условите и начинот на спроведувањето на доброволното здравствено осигурување (став 2).
Со задолжителното здравствено осигурување во смисла на член 8 од Законот, на осигурените лица им се обезбедува право на основни здравствени услуги, под услови утврдени со овој закон, во случај на болест и повреда надвор од работа и повреда на работа и професионално заболување.
Во членот 9 од Законот, е предвидено дека основните здравствени услуги од член 8 од овој закон се:
а) во примарната здравствена заштита:
1) здравствени услуги заради утврдување, следење и проверување на здравствената состојба,
2) преземање на стручно медицински мерки и постапки за унапредување на здравствената состојба, спречување, сузбивање и рано откривање на болестите и други нарушувања на здравјето,
3) укажување на итна медицинска помош, вклучувајќи и превоз со санитетско возило кога е тоа неопходно,
4) лекување во ординација, односно во домот на корисникот,
5) здравсттвена заштита во врска со бременост и породување,
6) спроведување на превентивни, терапевтски и рехабилитациони мерки,
7) превенција, лекување и санирање на болестите на устата и забите и
8) лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност,
б) во специјалистичко-консултативната здравствена заштита:
1) испитување и утврдување на заболувањата, повредите и здравствената состојба,
2) спроведување на специјализирани дијагностички, терапевтски и рехабилитациони постапки и
3) протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства според индикации утврдени со општ акт на Фондот на кој министерот за здравство дава согласност,
в) во болничката (краткотрајна и долготрајна) здравствена заштита:
1) испитување и утврдување на здравствената сосотјба, лекување, рехабилитација, нега, сместување и исхрана во болнички услови,
2) лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност, како и помошни материјали кои служат за примена на лековите и санитетските и друг материјал потребен за лекување и
3) сместување и исхрана на придружник при неопходно придржување на дете до тригодина возраст, додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена и
г) обдукција на умрени по барање на здравствени установи.
Основните здравствени услуги од ставот 1 на овој член Фондот ги обезбедува на осигурените лица во здравствените установи утврдени со мрежата на здравствените установи, во која се врши здравствена дејност, согласно со прописите од областа на здравствената заштита, во висина на утврдени цени со општ акт на Фондот на кој министерот за здравство дава согласност.
Осигуреното лице може да оствари право на протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства под услов здравственото осигурување да траело непрекинато најмалку шест месеци пред настапување на потребата, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување.
Фондот со општ акт поблиску ги определува начинот на остварување на правата на здравствени услуги, како и спроведување на здравствената заштита, на кој министерот за здравство дава согласност.
Здравствените услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување се утврдени во членот 10 од Законот, според кој со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги извршени во здравствена установа кои се надвор од мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствената дејност, како и:
1) естетски операции кои не се медицински индицирани,
2) користење на повисок стандард на здравствени услуги над утврдените стандарди,
3) бањско климатско лекување,
3-а) магнетна и ласерска терапија при користење на физикална терапија,
4) медицинска рехабилитација на дегенеративни заболувања според општ акт утврден од министерот за здравство, освен за деца до 18 – годишна возраст,
5) лекови кои не се опфатени со листите на лекови од член 9 на овој закон,
6) протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување или се изработени од надстандарден материја,
7) општа нега, сместување и исхрана во геронтолошка установа,
7-а) извршени во примарна здравствена заштита кај лекар кој не му е избран лекар на осигуреното лице,
8) специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги,
8-а) здравствени услуги користени спротивно на утврдениот временски редослед во Листата на чекање утврдена од страна на здравствената установа и здравствените услуги извршени како дополнителна дејност на здравствените работници,
9) прекинување на бременост, ако не е медицински индицирано,
10) лекување како последица на непридржување на упатствата од лекарот,
10-а) вештачко оплодување по трет неуспешен обид за оплодување,
11) издавање на сите видови лекарски уверенија,
12) набавка на нови протетски и ортопедски справи и други помагала пред утврдениот рок,
13) отрезнување и лекување од акутна алкохолизирана состојба, како и за намерни труења, кои не се предизвикани од душевни растројства,
14) лекување во странство ако лекувањето е извршено без одобрение од Фондот,
15) прегледи, испитувања и упатувања до надлежниот орган за оценување на работната способност, според прописите за пензиското и инвалидското осигурување и според прописите за социјалната и детска заштита, кога тие се вршат по барање на осигуреникот, работодавецот или друг орган,
16) незадолжително вакцинирање,
17) лекување, односно рехабилитација од болести на зависност над 30 дена,
18) прегледи на умрени и обдукција по барање на надлежни органи или граѓани,
19) здравствени прегледи на вработените кои се упатуваат на работа во странство од страна на работодавците, како и прегледите и превентивните мерки на здравствена заштита за патување во странство,
20) лекување од последици на третман од надрилекари или употреба на надрилекарства и
21) други здравствени услуги кои според овој закон не паѓаат на товар на средствата на Фондот.
Од наведеното јасно произлегува дека доброволното осигурување се воспоставува со договор помеѓу осигуреникот и Друштвото за осигурување и истото исклучиво може да се користи само ако претходно е востановено задолжително здравствено осигурување. Понатаму, од анализата на наведената законска регулатива јасно произлегува дека условите и начинот на спроведувањето на доброволното здравствено осигурување се определуваат со општ акт на Друштвото за осигурување во кое е постигнат договорот за давање на вакви здравствени услуги и истото се спроведува според општите прописи за осигурување и се користи само за покривање на трошоците за здравствените услуги кои не се опфатени во основниот пакет на услуги од задолжителното здравствено осигурување.
Од наведените причини Судот утврди дека оспорениот член 3 став 2 од Законот е во согласност со темелните принципи на уставниот поредок на Република Македонија, како и со останатите уставни норми на кои упатува иницијативата.
Според иницијативата со решението во оспорениот член 9 став 2 од Законот, се вршело ограничување на правото на здравствена заштита со тоа што основните здравствени услуги, Фондот ги обезбедувал на осигурените лица само во здравствените установи утврдени со мрежата на здравствени установи, наместо тоа условување да зависи само и исклучиво од тоа дали здравствената установа дала здравствена услуга, за која осигуреникот издвојува средства со кои менаџира Фондот.
Од увидот во целината на Законот за здравственото осигурување и од направената анализа на истиот, јасно произлегува дека оспорениот член 9 е поместен во Глава II од Законот, со наслов „Правото на здравствени услуги“ во точка 1. со поднаслов: „Основни здравствени услуги“.
Оттука, неспорно е дека со Законот за здравственото осигурување како дел од социјалното осигурување, кој треба да обезбеди функционирање на примањата и давањата на здравствените услуги во рамките на здравственита заштита на осигурениците, во Законот се определени меѓусебните права и должности на субјектите во здравственото осигурување и тоа осигурениците, здравствените установи и Фондот како орган задолжен за спроведување на задолжителното здравствено осигурување.
Од анализата на оспорената одредба произлегува дека со неа се предвидува основниот пакет на здравственото осигурување, фондот да им го обезбедува само на оние осигурени лица кои користеле основни здравствени услуги во здравствени установи утврдени со мрежата на здравствени установи и чија висина на услуги е во рамките на висината на утврдени цени со општ акт на Фондот, на кој министерот дава согласност. По однос на ваквото законско уредување, Судот оцени дека не претставува условување на правото на здравствена заштита, ниту ограничување на висината на утврдената цена. Имено, со оспорената законска одредба се врши утврдување на обврската на Фондот, истиот да го обезбеди основниот пакет на здравствени услуги во здравствените установи кои се опфатени во мрежата на здравствени установи, во кои се врши здравствена дејност, согласно со прописите од областа на здравствената заштита, односно од суштинско значење е дали здравствената установа која е дел од мрежата, дала здравствена примарна заштита.
Ова од причина што Фондот за здравствено осигурување, според неговата поставеност во Законот е орган кој врши дејност од јавен интерес и кој има својство на купувач на здравствените услуги во интерес на осигурените лица. Законската определба во членот 9 став 2, всушност упатува на можноста и правото на граѓаните сами слободно и по сопствен избор да се определат во каков вид на здравствена установа ќе го остварат правото на здравствено осигурување, на што беше укажано во Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.45/2006 од 11 јули 2007 година.
Со утврдувањето на мрежата на здравствените установи, според Судот, се обезбедува целосен опфат на здравствените услуги според потребите на осигурените лица. Со Законот за здравствена заштита објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012), кој стапи во сила на 5 април 2012 година, се регулирани многу прашања кои со иницијативата се покренуваат. Имено според член 15 од овој закон, во кој се дефинирани одделни поими употребени во истиот, во точка 4 е дефинирано дека вид на здравствена дејност, односно, специјалност е потесна област на здравствена дејност, односно специјалност на определено ниво на здравствената заштита.
Во точката 6 од членот 15 на Законот децидно е наведено дека договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија и здравствената установа во мрежата, со кој тие се договараат за обемот и видот на здравствените услуги кои здравствената установа во мрежата ќе ги изврши во определен период, согласно со прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување.
Во член 15 точка 13 од Законот е дефинирано дека здравствена установа во мрежа се јавни здравствени установи и приватни здравствени установи кои вршат дејност врз основа на концесија, а кои вршат дејност во мрежата на здравствени установи. Според точката 19 на овој член на Законот, мрежа на здравствени установи е определување на потребниот број на здравствени установи и видовите на здравствена дејност, односно специјалност кои се обезбедуваат во определени географски подрачја според местото на живеење на корисниците на здравствената заштита кои треба да се обезбедат во согласност со потребите за здравствена заштита на населението на територијата на Република Македонија.
Според член 17 од Законот:
(1) Со мрежата на здравствени установи согласно со овој закон (во натамошниот текст: мрежа) се утврдуваат:
1) видовите на здравствена дејност кои се обезбедуват во определени географски подрачја според местото на живеење на корисниците на здравствената заштита,
2) кадровските, просторните и сместувачките капацитети на болницте за вршење на одделен вид здравствена дејност, односно специјалност,
3) видот и бројот на технички сложена дијагностичка опрема и
4) просторниот распоред на вршењето на здравствената дејност, вклучувајќи определување на видот и обемот на здравствените услуги.
(2) Мрежата од ставот (1) на овој член се состои од мрежа на здравствени установи на:
1) примарно ниво на здравствена заштита за вршење на дејностите од примарна здравствена заштита и фармацевтска дејност,
2) секундарно ниво на здравствена заштита за вршење на специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност и
3) терцијално ниво на здравствена заштита за вршење на најсложените здравствени услуги во специјалистичко-консултативната и болничката здравствена дејност кои не е можно или не е добро да се вршат на пониските нивоа на здравствената дејност.
(3) Мрежата од ставот (1) на овој член ја утврдува Владата врз основа на следниве критериуми:
– потребите на населението од здравствени услуги,
– бројот, возраста, полот, социјалната структура и здравствената состојба на жителите на подрачјето за кое се определува мрежата,
– обезбедување на рамномерна достапност на здравствените услуги, особено за амбулантски третман и итна медицинска помош,
– минималниот број на здравствени услуги по здравствени установи, кој е потребен за одржување на квалитетот и сигурноста на практичните вештини и искуства,
– обезбедувањето на централната улога на примарната здравствена заштита,
– поделбата на работата меѓу здравствената дејност на примарно, секундарно и терцијарно ниво на здравствената заштита,
– обезбедувањето на здравствени капацитети, согласно со обемот на правата од задолжителното здравствено осигурување и економската оправданост,
– технолошкиот и научниот развој во областа на здравствената дејност,
– степенот на урбанизираност на подрачјата, специфичностите на населеноста, сообраќајните поврзувања, миграциите на населението и достапноста до здравствените установи и
– посебните услови на демографски загрозените подрачја.
(4) Владата ги утврдува стандардите за обезбедување со капацитети во мрежата, во зависност од бројот на жители или групи на жители според полот и возраста по:
– одделен носител на здравствена дејност,
– болничка постела и за одделна специјалност и
– технички посложена единица, односно опрема.
(5) При утврдувањето на стандардите од ставот (4) на овој член Владата може да побара мислење од Фондот.
(6) Во зависност од состојбата со просторот, опремата и кадарот, Владата донесува Стратегија за определување долгорочна динамика за приспособување на фактите и капацитети кон стандардите, кои стандарди се утврдени во ставот (4) на овој член.
(7) Министерството за здравство го следи функционирањето и одржувањето на мрежата.
(8) Секое воведување на нова здравствена технологија и опрема во здравствените установи во мрежата подлежи на претходно одобрување од Министерството за здравство, врз основа на анализа на медицинските, етичките, општествените и економските последици и ефектите од развивањето, ширењето или користењето на новата здравствена технологија и опрема во укажувањето на здравствената заштита.
(9) Податоците за кадрите, просторот, болничките постели и дијагностичката опрема во мрежата ги води и анализира Институтот за јавно здравје на Република Македонија, согласно со прописите од областа на евиденциите во областа на здравството.
Во член 28 од Законот е предвидено дека:
(1) Здравствената дејност во мрежата, што ја обезбедува и организира Република Македонија, се состои од јавни здравствени установи и приватни здравствени установи, кои вршат здравствена дејност врз основа на коцесија (во натамошниот текст: концесионери), во кои се врши здравствена дејност под еднакви услови и кои се вклучуваат во интегриран здравствен информатички систем согласно со прописите за евиденциите од областа на здравството.
(2) Здравствените установи од ставот (1) на овој член се должни да обезбедат континуирано и сеопфатно спроведување на здравствената дејност во мрежата на примарно ниво преку меѓусебно склучување на договори.
(3) Со договорите од ставот (2) на овој член се уредуваат меѓусебните права и обврски на здравствените установи особено за обезбедување на континуирана 24-часовна здравствена заштита сите денови во годината, итната медицинска помош, како и вршење на здравствена дејност во случај на кризни и вонредни случаи и состојби.
Во Главата IX од Законот, со наслов: „Концесии за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“ е содржан член 227, со поднаслов: „Определување на концесијата и на концесионерите“, според кој:
(1) Здравствени установи кои ги исполнуват условите утврдени со овој закон можат да вршат здравствена дејност на примарно, секундарно и терцијарно ниво во мрежата само врз основа на концесија за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи.
(2) Во мрежата на примарно ниво, врз основа на концесија, може да се врши здравствена дејност на семејна, односно општа медицина, училишна медицина, медицина на трудот ако врши работа на семеен, односно општ лекар, педијатрија, гинекологија и акушерство, стоматолошка здравствена заштита и фармацевтска дејност.
(3) Концесијата за вршење на здравствената дејност од ставот (1) на овој член се доделува за период од десет години на здравствена установа или на физичко лице – здравствен работник со соодветна лиценца за работа.
(4) Ако концесијата за вршење на здравствената дејност му се додели на физичкото лице од ставот (3) на овој член, лицето е должно да основа приватна здравствена установа во рокот определен со одлуката за доделување на концесијата.
(5) Ако физичкото лице од ставот (3) на овој член не основа приватна здравствена установа во рокот определен со одлуката за доделување на концесијата или не поднесе барање за издавање дозвола за работа во рок од седум дена од денот на основање на установата, му се одзема доделената концесија.
Според член 229 од Законот:
(1) Концедент е Република Македонија, а постапката за доделување на концесија ја води Министерството за здравство.
(2) Постапката за доделување на секоја нова одделна концесија започнува најмалку три месеци пред истекот на периодот за кој е доделена постојната концесија.
(3) За започнување на постапка за доделување на концесија, концедентот донесува одлука за започнување на постапката за доделување на концесија.
(4) Одлуката за започнување на постапката за доделување на концесија од ставот (3) на овој член особено содржи:
– образложение за оправданоста за доделување на концесија,
– назначување на нејзините цели,
– предмет на концесијата и основни услови за доделување на концесија,
– видот и постапката за доделување на концесија,
– пресметувањето на висината на износот и начинот на плаќање на концесискиот надоместок,
– начинот и рокот во кој ќе биде спроведена постапката за доделување на концесија и
– висината на надоместокот за издавање на тендерската документација.
(5) „Отворен повик“ е постапка за доделување на концесија во која сите заинтересирани лица кои подигнале тендерска документација можат да поднесат понуди за склучување на договор за концесија.
(6) Минималниот број на способни понудувачи треба да биде најмалку еден.
(7) Постапката за доделување на концесија ја подготвува, организира и спроведува комисија за спроведување на постапката за доделување на концесија (во натамошниот текст: комисијата), формирана од страна на министерот за здравство.
(8) Комисијата од ставот (1) на овој член се состои од претседател, заменик-претседател и најмалку три члена и нивни заменици.
(9) За член на комисијата се именуваат лица од редот на вработените во министерството за здравство и експерти од соодветната област за која се дава концесијата.
(10) Членови на комисијата не можат да бидат лица кои:
– се во брачна врска, роднинска врска до второ колено или се поврзани со посвојување или старателство со понудувачот или кандидатот, со неговиот законски полномошник, а во случаите кога понудувачот или кандидат е правно лице и со членови на неговите управни, надзорни или други органи и раководни тела,
– во текот на последните три години биле вработени или биле членови на органите на управување на кандидатот или
– се во друг законски или фактички однос со кандидатот.
(11) Комисијата работи во полн состав и одлуките ги донесува со мнозинство гласови на членовите.
(12) Комисијата:
– ја подготвува тендерската документација,
– го објавува јавниот повик,
– го организира приемот на пријавите и понудите,
– дава појаснувања и доставува дополнителни информации и документи,
– ги разгледува и оценува понудите и врши рангирање на кандидатите со предлог за прворангираниот да биде избран за концесионер,
– поднесува предлог за прекинување на постапката и
– врши други работи потребни за спроведување на постапката.
(13) За извршените дејства во постапката комисијата ги известува сите понудувачи и кандидати.
(14) Комисијата е должна да ја подготви тендерската документација во рокот определен со одлуката за започнување на постапката за доделување на концесија, по претходно прибавена согласност од концедентот.
(15) Комисијата може изготвувањето на тендерската документација да го довери на научна или стручна организација или на експерти од соодветната област.
(16) Во зависност од природата на концесијата, тендерската документација особено ги содржи следниве елементи:
– поканата за поднесување на понуда со инструкција,
– условите на кои што мора да одговара, вклучувајќи ги и техничките спецификации,
– критериумите за оцена на понудите,
– инструкција за понудувачите за подготовка на понудата,
– периодот за кој се издава концесијата,
– нацртот на текстот на договорот за концесија и
– други барања во зависност од предметот на концесијата.
(17) Кон тендерската документација за учество во постапката се доставува и копија од одлуката за започнување на постапката за доделување на концесија, како и нацрт на договорот за концесија.
(18) Со договорот за концесија се уредуваат меѓусебните права и обврска за доделената концесија меѓу концедентот и концесионерот.
(19) Договорот за концесија кој се склучува со здравствена установа на која и е доделена концесијата задолжително содрѓи одредби за:
– видот на здравствена дејност која ќе се врши врз основа на концесија,
– почетокот на користењето на концесијата,
– давањето на концесијата за период од десет години,
– надоместокот за концесијата,
– просторот и опремата за вршење на здравствената дејност,
– податоците за лицата со кои концесионерот ќе работи во тим и
– одредби за обврската концесионерот да побара претходна согласност од концедентот за секоја промена која се однесува на содржината на договорот за концесија, а особено на промената на лицето со кое концесионерот ќе работи во тимот и промена на просторот во кој концесионерот ќе ја врши дејноста.
(20) Договорот за концесија кој се склучува со здравствената установа на која и е доделена концесијата задолжително ги содржи одредбите од ставот (19) алинеи 1, 2, 3, 4, 5 и 7 на овој член.
(21) Комисијата може да определеи дека податоците или дел од податоците содржани во тендерската документација се сметаат за службена тајна. Во таков случај учесниците во постапката се должни да поднесат изјава, приложена кон документацијата со која се обврзуваат дека нема да ги објавуваат податоците кои се сметаат за службена тајна.
(22) Министерот за здравство ја одобрува тендерската документација.
Поради наведеното не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорената одредба на членот 9 став 2 од Законот е неспроведлива, нејасна и непрецизна, бидејќи во оспорените одредби од Законот за здравственото осигурување се упатува на Законот за здравствена заштита кои се надополнуваат едни со други, и претставуваат меѓусебна логична поврзаност и од анализата на погоренаведените одредби, јасно произлегува дека со истиот се постигнува целта на донесувањето на законот, односно решавање на прашањата кои се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност. Имено, со одредбата од IX Глава точно и децидно се уредуваат концесиите за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствените установи (определување на концесијата и на концесионерите, документацијата по огласот за доделување концесија, критериумите за доделување на концесија, договор за концесија).
При градењето на правното мислење Судот го ценеше и членот 9 став 2 од Законот во делот „во висина на утврдена цена со општ акт на Фондот на кој министерот за здравство дава согласност“, на што се укажува во иницијативата, Судот оцени дека истиот не е во спротивност со уставните одредби на кој се потенцира во иницијативата. Ова од причина што, утврдената надлежност на Фондот произлегува од член 54 од Законот, во кој децидно е утврден Делокругот на работа на Фондот за здравствено осигурување, па така во точките 7 и 8 од наведениот член, всушност произлегува дека Фондот има надлежност за утврдување на цените, односно референтните цени на здравствените услуги, за кои министерот за здравство дава согласност.
Оспорениот член 10 од Законот е поместен во Глава II со наслов: „Право на здравствени услуги“, точка 2, со наслов: „Здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување“.
Според член 10 точка 8 од Законот, со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги, извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствените установи, во која се врши здравствената дејност специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги.
Од анализата на оспорениот член од Законот, а во контекст на наводите во иницијативата, Судот оцени дека со истиот децидно се утврдуват здравствените услуги кои се на товар на осигурените лица. Имено, сите здравствени услуги извршени во здравствена установа кои се надвор од мрежата на здравствени установи, односно со кои Фондот, како купувач на услугите, не склучил договор за користење на услугите со здравствената установа, паѓаат на товар на личните средства на осигурените лица. Во случајов, станува збор за чист облигационо-правен однос (договорен однос) од кој произлегуваат одредени права и обврски за двете страни – Фондот за здравствено осигурување (како купувач) и одредена здравствена установа како продавач на здравствени услуги (станува збор за услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување).
Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека одредени приватни здравствени установи биле доведени во нееднаква положба по однос на другите со кои Фондот склучил договор, од причина што во конкретниов случај се работи за присуство на субјективен елемент, волја, за склучување на ваков договор, што значи, постои опција некои приватни здравствени установи да не сакаат да постигнат таков договор со Фондот.
Според Судот, со оглед на карактерот и видот на здравствената услуга, која јасно и децидно е дефинирана во оспорената одредба, неспорно произлегува дека за овој вид на здравствена услуга, која не е опфатен со задолжителното здравствено осигурување и нема карактер на основ на здравствена услуга и истата не е пружена од здравствена установа од утврдената мрежа на здравствена установа каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги, товарот на плаќање паѓа на самиот осигуреник. Ова особено ако се има во вид дека Фондот за здравствено осигурување, според неговата поставеност во Законот, е орган кој врши дејност од јавен интерес, но исто така, има својство и на купувач на здравствени услуги во интерес на осигурените лица, но во конкретнава ситуација тој нема обврска, туку можност за доброволен договорен однос на Фондот, од една страна, како купувач на услугите и здравствената установа, како продавач на услугите. Доколку се користи здравствената услуга во здравствена установа која е надвор од мрежата за која Фондот склучил договор, тогаш обврска за плаќање на услугите паѓа на товар на осигуреникот, што според нас, не е во спротивност со уставното начело на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста предвидени во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, од причини што со тоа на осигуреникот не му се ограничуваат основните здравствени услуги кои го сочинуваат задолжителното здравствено осигурување, ниту пак се нарушува социјалниот карактер на државата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски. Решението по однос на член 9 став 2, во делот: „утврдени со мрежата на здравствени установи“ и по однос на член 10 во делот: „извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствени установи во која се врши здравствена дејност“ и точка 8 од Законот, е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.163/2011
12 септември 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски