Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јули 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Сулејман Алијевски од Битола, за заштита на слободи и права повредени со Одлука СОИ.бр.4/12 од 25 април 2012 година, донесена од Советот на јавни обвинители на Република Македонија.
2. Сулејман Алијевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободи и права повредени со Одлука СОИ.бр.4/12 од 25 април 2012 година, донесена од Советот на јавни обвинители на Република Македонија. Според наводите во барањето, подносителот бил припадник на турската заедница во Република Македонија, меѓутоа тој не бил избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство – Битола, по поднесените пријави по огласите А.бр.152-4/11 од 5 септември 2011 година и А.бр.1-5/12 од 4 јануари 2012 година, поради што не била запазена соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, конкретно во органот – Вишото јавно обвинителство – Битола.
Советот на јавни обвинители на Република Македонија со донесувањето на Одлуката за избор на јавни обнвинители во вишите јавни обвинителства, основни јавни обвинители во основните јавни обвинителства и јавните обвинители во основните јавни обвинителства, СОИ.бр.4/12 од 25 април 2012 година, го повредил Амандманот VI од Уставот на Република Македонија, со кој се дополнува алинеата 2 на членот 8 од Уставот, според кој темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е, меѓу другите и соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.
Со оглед на тоа што со наведената Одлука на Советот на јавни обвинители на Република Македонија е сторена општо дискриминација по национална припадност, со тоа што не било обезбедено тој како припадник на турската заедница во Република Македонија, да биде избран во Вишото јавно обвинителство – Битола, и со тоа немало соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органот, подносителот му предлага на Судот да ја поништи наведената Одлука СОИ бр.4/12 од 25 април 2012 година.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на јавните обвинители на Република Македонија, со свое писмо А.бр.194-1/12 од 14 јуни 2012 година се произнесе до Судот, по повод барањето за заштита на слободи и права поднесено од Сулејман Алијевски од Битола, во кое изнесе: „Советот на јавните обвинители на Република Македонија, изборот на јавни обвинители го врши согласно Уставот и позитивните законски одредби. Согласно член 40 став 2 и член 41 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Советот е должен да внимава на правична и соодветна застапеност на кандидатите кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, и секогаш при изборот на јавни обвинители го почитува ова законско решение.
За јавен обвинител се смета кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.
Во конкретниот случај при избор на јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола, кандидатот Сулејман Алијевски не го добил потребниот број на гласови за да биде избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола.
Потребниот број на гласови, односно мнозинството на гласови од вкупниот број на членови на Советот ги доби кандидатот Зора Сотирова“.
4. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Уставот на Република Македонија со концептот на граѓанска држава, основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги класифицирал како граѓански и политички слободи и права (членовите 9-28), и како економски, социјални и културни права (членови 30-49), гаранции на основните слободи и права (членови 50-54) и основи на економските односи (членови 55-60).
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Во ставот 2 од овој член од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, е заштитата на дел од слободите и правата на човекот и граѓанинот и тоа што се однесува на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според членот 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, Судот оцени дека за остварување на заштитата на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само декларативно и начелно да се означат повредени слободи и права, туку треба да се наведат и аргументите, фактите и доказите на чија основа се заснива барањето за заштита и за конкретната дискриминација на лицето во постапувањето на органот.
Во конкретниов случај поднесеното барање е само декларативно барање за заштита на слободи и права. Имено, подносителот бара поништување на Одлука на Советот на јавни обвинители на Република Македонија, бидејќи не бил избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство – Битола, а со неизборот произлегувало дека надлежниот орган му ги повредил слободите и правата, кои во барањето не се прецизирани по кој основ од член 110 алинеја 3 од Уставот, се тие слободи и права, односно по кој основ и како бил лично дискриминиран во постапката за избор, туку наведува дека органот ја донел оспорената Одлука спротивно на Амандманот VI од Уставот, за спроведување на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции на сите нивоа.
Барањето по својата суштина не се однесува на заштита на слободи и права за кои Судот е надлежен согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Со барањето, подносителот бара Судот да ја поништи Одлуката на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, со цел Судот да преземе улога на инстанционо повисок орган кој ќе го цени актот на одлучување на друг орган, за што овој Суд нема надлежност.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека настапени се деловнички претпоставки за отфрлање на предметното барање.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.77/2012
11 јули 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски