51/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јули 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 14, 16, 21, 27 и 31 од Одлуката за условите и начинот на паркирање, организацијата, уредување и начин на наплата на јавните паркиралишта, како и блокирање, деблокирање, преместување и чување на возила на подрачјето на општина Прилеп, бр.07-140/21 од 18 јануари 2008 година, донесена од Советот на општина Прилеп, објавена во „Службен гласник на општина Прилеп“ бр. 2 од 22 јануари 2008 година.

2. Стрезо Стрезовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 21 од Одлуката бил во спротивност со член 114 од Уставот, од причина што со него се предвидувала наплата на надоместокот за користење на паркинг простор, што, според подносителот на иницијативата, претставувало јавна давачка која не била утврдена со закон.

Со членовите 27 и 31 од Одлуката се предвидувало казнување со отстранување и блокирање на непрописно паркирање возила, со што се чинело ограничување на слободата на човекот и истите не биле во согласност со членовите од 63 до 74 и член 400 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, бидејќи овие дела биле опишани токму во наведените членови од Законот.

Подносителот на иницијативата смета дека членовите 14 и 16 од Одлуката се вршело дискриминација бидејќи со истите за некои правни и физички лица се предвидувале резервирани места и давање привилегии за пристап и користење на добра во општ интерес. Ваквото решение во оспорените членови, според иницијативата, било во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 51 и член 54 од Уставот, како и на член 1 од Протокол 12 кон Европска конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи, Преамбулата и членовите 1 и 2 од Универзалната декларација за правата на човекот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 14 од Одлуката резервирано паркинг место може да се одобри за: Министерство за внатрешни работи; Министерство за одбрана; Инспекциско тело и за физичко и правно лице.

Според член 16 од Одлуката корисниците на разервирани паркинг места од член 14 од точка 1 до точка 3 од оваа Одлука, плаќаат повластен надоместок за резервирано паркинг место.

Во член 21 од Одлуката се предвидува дека наплатата на надоместокот за користење на паркинг простор, ќе ја врши Јавното претпријатие и собраните средства ќе ги уплаќа на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка на општината, а начинот на уплаќање ќе се регулира со договорот член 5 став 1 од оваа одлука.

Средствата собрани со наплатата од паркирање се користат за одржување на постоечките и уредување на нови паркинг места, како и развој на дејноста на паркирањето, развој на сообраќајниот систем и според барањата на основачот на претпријатието, т.е. Советот на општина Прилеп, а се со цел подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните.

Според член 27 од Одлуката одредбите на законот со кој се одредува безбедноста на сообраќајот на патиштата, ќе се премести на локација која за таа намена ќе ја одреди Советот на општината, врз основа на налог на полициски службеник од МВР (во понатамошниот текст: полициски службеник).

Согласно член 31 од истата Одлука автобус, товарно возило, приклучно возило и работна машина паркиран на место кое не е наменето за паркирање на тоа возило ќе биде блокирано со направа за блокирање на тркалата, по налог на полициски службеник.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во соглласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Според став 4 на овој член, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Согласно член 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа. Според став 4 на овој член, општините се финансираат од сопствени извори и приходи определена со закон и со средства од Републиката.

Оспорената одлука е донесена од Советот на општина Прилеп, на седница одржана на 18.01.2008 година.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одредба се одредуваат:јавните паркиралишта (со наплата и бесплатни) на подрачјето на општина Прилеп,условите и начинот на наплата на надоместок за паркирање, висината на надоместокот за паркирање, условите и начинот на блокирање, деблокирање, преместување и чување на непрописно запрените и паркирани возила и висината на трошоците за блокирање, отстранување и чување на непрописно паркираните возила.

Според член 14 од Одлуката резервирано паркинг место може да се одобри за : Министерство за внатрешни работи, Министерство за одбрана, инспекциско тело и за физичко и правно лице

Согласно член 16 од одлуката корисниците на резервирани паркинг места од член 14 од точка 1 до точка 3 од оваа одлука, плаќаат повластен надоместок за резервирано паркинг место.

Според наводите во иницијативата овие одредби биле во спротивност со наведените одредби од Уставот на Република Македонија, бидејќи со нив се вршела дискриминација, затоа што овозможувала одредена категорија на правни и физички лица да има повластен надоместок, со што овие лица наведени во член 14 од Одлуката биле ставени во привилегирана положба во однос на другите граѓани. Имено, ова било директен атак врз принципот на рамноправност на граѓаните, слободата на движењето и другите темелни вредности и определби на уставниот поредок на Република Македонија.

Ваквите наводи во иницијативата, според Судот, се неосновани, од причина што неспорно е уставното право на секој граѓанин слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избере местото на живеење, како и во зависност од содржината на одредено правно лице да се утврди резервираниот паркинг простор. Но, притоа мора да се има предвид фактот дека определени категории корисници на паркирање имаат станбен или деловен простор на подрачјето што гравитира кон определено јавно паркиралиште. Оттука, доколку овие категории на корисници не се изземени од режимот што важи за корисниците на паркиралиштето што доаѓаат надвор од тоа подрачје, истите ќе бидат ставени во нерамноправна положба од аспект на непречено и нормално користење на својот имот, но и од аспект на финансиски товар. Според Судот, токму во ова е и смислата на воведувањето на резервираните паркинг места, за одредени категории корисници, како и определениот повластен надоместок за резервирано паркинг место.

Оспорениот член 21 од Одлуката, според иницијативата, бил спротивен на член 114 од Уставот, од причина што според него наплатата на надоместокот на користење на паркинг просторот претставувало јавна давачка која не била утврдена со закон.

Во оваа смисла Судот оцени дека треба да се има предвид член 26 од од Законот за комунални дејности, каде се пропишува дека средства за вршење на комунални дејности на објекти на комуналната инфраструктура што служат за заедничка комунална потрошувачка, во која група спаѓаат и јавните паркиралишта, се остваруваат од цената на комуналните услуги. Според член 27 на истиот закон, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот. Оттука, плаќањето надоместок на трошоци за тековно одржување на јавните паркиралишта има законска основаност, при што треба да се има предвид дека обврска за плаќање на ваквиот надоместок имаат само корисниците на услугата, а не и сите граѓани, поради што не можат да се прифатат како основани наводите во иницијативата за незаконитоста на овој надоместок, односно дека истиот претставува јавна давачка.
Оспорените членови 27 и 31 од Одлуката, во себе не содржел казнување, според описот, како што предвидува Законот за безбедност на сообраќајот, од причина што можностите за блокирање на тркалата (блокатор на тркала) или преместување на возилото од паркиралиштето предвидени во оспорената Одлука, претставуваат мерки за оние корисници на јавните паркиралишта кои нема да се придржуваат до начинот и условите, јасно и прецизно утврдени од организаторот на паркирањето со цел овозможување непречено користење на јавните паркиралишта.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.51/2012
11 јули 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски