Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникона Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 147 став 1 алинеи 2, 3 и 6 во делот„дава лажни податоци или“, став 2 алинеите 1, 4, 5, 6 и 7 и став 4 од Законот за јавни набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2007, 130/2008, 97/2010, 53/2011, 185/2011 и 24/2012 – пречистен текст).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 од Законот за јавните набавки. Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби од член 147 став 1 алинеи 2 и 4 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот. Ова затоа што пропишувањето на условот договорниот орган да го исклучува од постапка за доделување на договор за јавна набавка секој економски оператор ако има неплатено даноци, придонеси и други јавни давачки, како и пропишувањето економскиот оператор да доставува потврда за платени даноци, придонеси и други јавни давачки од надлежен орган доведува до состојба исполнувањето на обврската на тоа лице од одреден статус да влијае на остварувањето на право на работа што е уставно недозволено, а тоа води кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.
При одговорот на основаноста на овој дел од иницијативата подносителот предлага Судот да ги има предвид одлуките на Уставниот суд У.бр.230/2009 и 273/2009.
Понатаму,според подносителот на иницијативата оспорените одредби од член 147 став 1 алинеи 3 и 6 и член 147 став 2 алинеи 5, 6 и 7 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51, член 54 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот. Ова затоа што во нашиот правен поредок не постои споредна казна забрана за учество во постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство, затоа што постојат само споредни казни привремена и трајна забрана за вршење на одделна дејност и забрана за вршење на професија, дејност или должност.Воедно, според наводите на подносителот оспорениот дел „дава лажни податоци или“ не можело да го утврдува економскиот оператор бидејќи таа материја спаѓала во судска надлежност, а не на договорниот орган.
Исто така, според подносителот докажувањето на личната состојба на економскиот оператор со поднесување на потврда во случај на осудуваност за наведени кривични дела и прекршоци утврдно во член 147 став 2 алинеите 5, 6 и 7 од Законот, претставувало ограничувачки фактор на економскиот оператор по сила на самиот закон, а не како последица на конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска пресуда. Со таквото ограничување се повредувал уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на економските оператори да учествуваат во постапка за доделување на договор за јавни набавки.
Од друга страна согласно член 106 став 3 и 4 од Кривичниот законик било пропишано ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоци од казнената евиденција, а според став 5 на овој член никој нема право да бара од граѓаните и правените лица да поднесуваат доказ за својата осудуваностили неосудуваност.
. Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 147 став 4 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот. Ова од причина што доколку договорниот орган се сомневал во веќе издадениот документ од надлежен орган можел да иницира кривична одговорност на издавање на документ, а не тој да се јавува во улога на обвинител или суд.
По однос на оспорувањето на член 147 став 2 алинеја 1, подносителот на иницијативата нема посебни наводи.
3. Судот на седницата утврди дека според член 147 од Законот Договорниот орган го исклучува од постапка за доделување на договор за јавна набавка секој економски оператор доколку:
– е во постапка на стечај или постапка на ликвидација,
– има неплатени даноци, придонеси или други јавни давачки, освен ако на економскиот оператор му е одобрено одложено плаќање на даноците, придонесите или другите јавни давачки во согласност со посебните прописи и истите редовно ги плаќа (оспорен дел).
– му е изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство (оспорен дел).
– дава лажни податоци или не ги доставува податоците што ги бара договорниот орган (оспорен дел).
Според став 2 на член 147 од Законот за докажување на својата лична состојба економскиот оператор ги доставува покрај другото:
– потврда за платени даноци, придонеси и други јавни давачки од надлежен орган од земјата каде економскиот оператор е регистриран (оспорен дел).
– потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не му е изречена споредна казна забрана за учество во постапка за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство (оспорен дел).
– потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не му е изречена споредна казна привремено или трајна забрана за вршење на одделна дејност (оспорен дел).
– потврда дека со правосилна пресуда не му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење на одделна дејност (оспорен дел).
Според оспорениот став 4 од член 147 од Законот „Ако договорниот орган се сомнева во документите за утврдување на личната состојба на економскиот оператор, тој може да побара информација директно од надлежен орган кои ги издале документите за утврдување на личната состојба.
,
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, покрај други темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и на секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Со Законот за јавните набавки се уредува начинот и постапката за доделување на договорите за јавни набавки, надлежноста на Бирото за јавни набавки, основањето и надлежноста на Државната комисија за жалба по јавни набавки и правната заштита во постапка за доделување на договорот за јавни набавки, како и за концесии и јавно приватно партнерство.
Со овој Закон се обезбедува конкуренција меѓу економски оператори, еднаков третман и недискриминација на економски оператори, транспарентност и интегритет во процесот на доделување на договори за јавни набавки и рационално и ефикасно искористување на средствата во постапката за доделување на договор за јавна набавка.
Во делот II „Утврдување на способноста“ од Законот односно во членот 143 од Законот се утврдени критериуми за утврдување на способност на економски оператор и тоа: лична состојба, способност за вршење на професионална дејност, економска и финансиска состојба, техничка и професионална способност, стандарди за системи за квалитет и стандарди за управување со животната средина.
Во членовите 145, 146 и 147 од Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на личната состојба на економскиот оператор од кои причини сметаме дека овие одредби треба да се гледаат во целина, а со цел да се добие целосна претстава за економските оператори кои може да учествуваат во постапка по јавна набавка и од кои причини тие би можеле да бидат исклучени од постапката за јавна набавка.
Имено во член 145 од Законот е предвидено дека: (1) како доказ за исполнување на критериуми за утврдување на личната состојба економскиот оператор, договорниот орган е должен да ги прифати сите соодветни документи од земјиштето каде економскиот оператор е регистриран, издадени одо надлежен орган на земјата; (2) Ако земјата во која е регистриран економскиот оператор не ги издава документите од членот 147 став 2 на овој закон, или ако тие не ги опфаќаат сите случаи од член 147 на овој закон, договорниот орган прифаќа изјава што економскиот оператор ја заверува кај надлежен орган.
Во членот 146 од Законот е предвидено дека договорниот орган го исклучува од постапката за доделување на договор за јавна набавка секој економски оператор доколку има информација дека во последните пет години на тој економски оператор му било изречена правосилна пресуда.
Во членот 147 од Законот е предвидено дека:
(1) Договорниот орган го исклучува од постапката за доделување на договор за јавна набавка секој економски оператор доколку:
– е во постапка на стечај или постапка на ликвидација,
– има неплатени даноци, придонеси или други јавни давачки, освен ако на економскиот оператор му е одобрена одложено плаќање на даноците, придонесите или другите јавни давачки во согласност со посебните прописи и истите редовно ги плаќа,
– му е изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство,
– му е изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност,
– му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење на одделна дејност или
– дава лажни податоци или не ги доставува податоците што ги бара договорниот орган.
(2) За докажување на својата лична состојба економскиот оператор ги доставува следниве документи:
– изјава на економскиот оператор дека во последните пет години нему била изречена правосилна пресуда за учество во злосторничка организација, корупција, измама или перење на пари,
– потврдува дека не е отворена постапка за стечај од надлежен орган,
– потврда дека не е остварена постапка за ликвидација од надлежен орган,
– потврда за платени даноци, придонеси и други јавни давачки од надлежен орган од земјата каде што економскиот оператор е регистриран,
– потврда од Регистарот на казни за сторерни кривични дела на правните лица дека не му е изречена споредна казна забрана за учество во постапка за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство,
– потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не му е изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност и
– потврда дека со правосилна пресуда не му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење на одделна дејност.
(3) Документите од ставот 2 на овој член не смеат да бидат постари од шест месеца, а се доставуваат во органи или копија заверена од економскиот оператор.
(4) Ако договорниот орган се сомнева во документите за утврдување на личната состојба на економскиот оператор, тој може да побара информации дирекно од надлежните органи кои ги издале документите за утврдување на личната состојба.
Од друга страна ,пак ,имајќи предвид дека Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија и потписник на Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Република Македонија согласно член 68 е обврзана да го хармонизира односно усогласи националното законодавство со Европското законодавство, покрај другото и со соодветните прописи кои ја регулираат областа на јавни набавки односно со Директивата 2004/18/ЕЗ од 31 март 2004 година.
Со оглед изнесеното, Судот оцени дека оспорените одредби од Законот треба да се гледаат и наспрема соодветните одредби од наведената Директива, а со цел за целосно согледување на спорните прашања.
Според член 45 од наведената Директива сите кандидати или понудувачи за кои е изречена конечна пресуда за една или за повеќе од причините наведени подолу и договорниот орган знае за тоа, се исклучуват од учество во јавен договор:
а) учество во криминална организација, како што е дефинирана во член 2 (1) од Заедничката акција на Советот 98/733/ЈНА,
б) корупција, како што е дефинирана во член 3 од Законот на Советот од 26 мај 1997 година и во член 3 (1) од Заедничката акција на Советот 98/742/ЈНА, соодветно,
в) измама со значење од член 1 од Конвенцијата за заштита на финансиските интереси на Европските заедници,
г) перење пари, како што е дефинирано во член 1 од Директива 91/308/ЕЕЗ на Советот од 10 јуни 1991 година за спречување употреба на финансискиот систем за целите на перење пари.
Земјите членки ги специфицираат, согласно со нивното национално законодавство и имајќи го предвид законодавството на Заедницата, условите за спроведување на овој став.
Тие може да не го земат предвид условот од првиот став за општ интерес.
За целите на овој став, договорните органи, каде што е соодветно, бараат од кандидатите или од понудувачите да ги обезбедат документите наведени во став 3 и може, кога се сомневаат во личната ситуација на такви кандидати или понудувачи, да побараат од надлежни органи какви било информации што сметаат дека се неопходни за личната ситуација на кандидатите или понудувачите за кои станува збор. Кога информациите се за кандидатили за понудувач чие главно седиште е во држава различна од државата на договорниот орган, договорниот орган може да побара соработка со надлежните органи. Имајќи го предвид националното законодавство на земјата – членка каде што се наоѓа главното седиште на кандидатите или понудувачите, овие барања се поднесуваат до правни и/или физички лица, вклучувајќи, доколку е соодветно, директори на компании и кои било лица што имаат овластување за репрезентација, донесување одлуки или контрола во однос на кандидатот или понудувачот.
Секој економски оператор може да се исклучи од учество во договор доколку:
а) е банкрот или е во процес на ликвидација, при што неговите активности ги спроведува суд, има аранжман со доверители, неговите деловни активности се суспендирани или е во слична ситуација која е резултат на слична постапка според националното законодавство,
б) е во постапка за прогласување банкрот, постапка за одлука за задолжителна ликвидација или судска управа или е во аранжман со доверители или во каква било слична постапка согласно со националното законодавство,
в) е обвинет со пресуда која има сила на рес јудиката (правосилна пресуда) во согласност со правните одредби на земјата за каков било прекршок во врска со неговото професионално однесување,
г) е виновен за сериозен професионален прекршок докажан со какви било средства што може да ги прикажат договорните органи,
д) не ги исполнил обврските во врска со плаќање придонеси за социјално осигурување во согласност со правните одредби на земјата во која се наоѓа главното седиште или со одредбите на земјата на договорниот орган,
ѓ) не ги исполнил обврските во врска со плаќање даноци согласно со правните одредби на земјата во која се наоѓа неговото главно седиште или со одредбите на земјата на договорниот орган,
е) е виновен за сериозно лажно претставување при доставување на информациите потребни согласно со овој дел или не ги доставил таквите информации.
Земјите-членки ги специфицираат, согласно со нивното национално законодавство и имајќи го предвид законодавството на Заедницата, условите за спроведување на овој став.
Договорните органи го прифаќаат следново како доволен доказ дека ниеден од случаите утврдени во ставовите 1 или 2 а), б), в), д) или ѓ) не се однесува на економскиот оператор:
а) во случај на ставовите 1 и 2 а), б) и в), извадок од „судска евиденција“ или, доколку не постои таква евиденција, каков било документ издаден од надлежен судски или административен орган во земјата на потекло или во земјата од кадешто доаѓа лицето кое прикажува дека ги исполнува овие барања,
б) во случај на став 2 д) или ѓ), сертификат издаден од надлежен орган во односната земја-членка.
Кога земјата за која станува збор не издава такви документи или сертификати, или кога таквите документи или сертификати не ги опфаќаат сите случаи наведени во ставовите 1 и 2 а), б) и в), тие може да се заменат со заверена изјава или, во земјите-членки кадешто нема правна одредба за заверена изјава, со изјава дадена од лицето пред надлежен судски или административен орган, нотар или надлежно професионално или трговско тело, во земјата на потекло или во земјата од каде што е лицето.
Земјите-членки ги назначуваат органите и телата кои можат да ги издаваат документите, сертификатите или изјавите наведени во став 3 и ја известуваат за тоа Комисијата. Ова известување не е во спротивност со Законот за заштита на податоци.
Од анализата на членовите 145, 146 и 147 од Законот како и содржината на член 45 од Директивата 2004/18/ЕЗ недвосмислено произлегува дека со наведени одредби од Законот меѓу кои е и оспорениот член 147 е извршено прилагодување, односно усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската Унија и европските стандарди за работење во областа на јавните набавки.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата дека член 147 став 1 алинеја 2 и 147 став 2 алинеја 4 од Законот во кој е пропишан условот дека договорниот орган ќе го исклучи економскиот оператор ако ги нема платено утврдените со закон јавни давачки, односно не достави потврда за тие давачки, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот се неосновани.
Имено, со уредувањето на прашањата сврзани со јавните набавки на начин уреден со овој закон, истовремено е извршено и прилагодување, односно усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската унија и европските стандарди на работење во оваа област, кои важеле во времето на донесување на Законот и се уште важат, а согласно обврската што произлегува од членот 68 од именуваната Спогодба за стабилизација и асоцијација. Во прилог на ваквото толкување на суштината и целите на оспорените законски одредби и на Законот воопшто, се имаше предвид и фактот дека начелата и правилата содржани во него се во согласност, односно кореспондираат со директивите на Европската унија, кои што важеле во времето кога е донесен Законот. Впрочем, наведените критериуми (задолжително исклучување на кандидат или понудувач поради осуда за сторени конкретни кривични дела, обврска за платени даноци, придонеси и други видови на јавни давачки како и бараните докази за личната, финансиската и економската состојба на кандидатот или понудувачот), се критериуми транспонирани од Директивата 2004/18/ЕЗ од 31 март 2004 година.
Согласно изнесеното, разгледувајќи ги оспорените одредби во контекст на наведеното, а притоа имајќи ја предвид и содржината на целиот Закон за јавните набавки, потоа целите, односно потребите поради кои е донесен, начелата врз кои се заснова овој закон, како и Директивата 2004/18/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 31 март 2004, Судот оцени дека во конкретниот случај не постои основ за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот.
При заземањето на ваквото становиште, Судот го имаше предвид досегашниот став според кој Судот ги отстранувал од правниот поредок одредбите од законите во кои при уредување на одредени односи за остварување на определени права, се барало од субјектите, да доставуваат доказ дека биле платени даноци, придонеси или други јавни давачки, што доведувало до состојба исполнувањето на обврските на субјектот од одреден статус да влијае на остварувањето на правото на работа на истиот субјект што води кон стеснување на правото на работа и достапност на секое работно место секому под еднакви услови, при што во конкретниов случај Судот смета дека заземеното становиште во конкректниов случај не значи промена на ставот на Судот по ова прашање.
Ова од причина што, според Судот, а имајќи го предвид карактерот, природата и релативно кратките рокови во постапката за јавни набавки, како и можноста од учество на странски субјекти при објавување на јавна набавка, целта на законодавецот била на пазарот да учествуваат солвентни и одговорни субјекти кои нема да го осуетат исполнувањето на договорот за јавни набавки.
5. Што се однесува до наводите од иницијативата дека оспорениот член 147 став 1 алинеи 1 и 3 од Законот според кој договорен орган го исклучува од постапката за јавна набавка економскиот оператор доколку му е изречена споредна казна забрана за учество во постапката за јавен повик ….. и дава лажни податоци или не ги доставува бараните податоци исто така Судот оцени дека се неосновани. Имено тврдењето на подносителот на иницијативата дека во новиот Кривичен законик нема предвидено кривично дело забрана за учество во постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набавки и договор за јавно приватно партнерство не се точни.
Според член 96-б став 1 точка 2 во делот „споредни казни“ од Кривичниот законик е предвидено дека под услови определени со овој закон судот кога ќе оцени дека правното лице ја злоупотребило својата дејност и дека постои опасност во иднина да го повтори делото може да изрече „забрана за учество во постапката за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство.
6. Наводите во иницијативата дека член 147 став 1 точка 6 не била во согласност со Уставот од причина што давањето на лажни податоци не можело да биде услов за исклучување од постапката за јавна набавка од страна на договорен орган, туку само суд, исто така се неосновани.
Ова од причина што подносителот на иницијативата овој дел од одредбата ја гледа изолирано, а не во контекст на член 140 од Законот, кој се однесува на еволуација на понудите која се спроведува од страна на комисија по нивно отворање.
Фактот што постапката за јавни набавки по својата природа се итни и се врзани со рокови за извршување на одредени потреби водењето на судска постапка и утврдувањето дека одредени податоци се лажни води кон одолговлекување на постапката па дури и губење на смислата на потребата од јавни набавки.Имено со цел да се реализира бараната јавна набавка, законодавецот на договорниот орган му дал овластување да го исклучи економскиот оператор од учество во јавните набавки,од причини што на економскиот оператор однапред му е познато дека давањето на лажни податоци е ризично и постои можност тој да биде исклучен од постапката за јавна набавка. При што доколку комисијата при евалуцијата погрешено утврдила дека економскиот оператор доставил лажни податоци истиот има право на правна заштита.
7. Во врска со оспореувањето на член 147 став 2 алинеи 5, 6 и 7 од Законот, а кои се однесуваат на поднесување на докази на личната состојба на економскиот оператор за тоа дали му се изречени споредни казни или прекршочни санкции, односно докази за осудуваност како што наведува подносителот на иницијативата исто така се неосновани.
Ова од причина што предвидениот доказ за осудуваност односно неосудуваност не претставува ограничувачки фактор туку услов за докажување на личната состојба на економскиот оператор дека може да биде избран како најповолен понудувач. Или поточно речено со бараните докази од економскиот оператор се бара тој да докаже дека нема правни пречки да ја обавува дејноста и да може да го реализира договорот за јавни набавки, односно дека Судот не му изрекол споредна казна или прекршочна санкција за обавување на одредена дејност.
Оттука, не се основани ниту наводите во иницијативата дека никој не може да бара од граѓанинот и правното лице да поднесуваат докази за осудуваност или неосудуваност. Ова особено ако се има предвид дека во процесот на јавни набавки може да учествуваат и странски правни лица, како и одредби од член 45 од Директивата на ЕЗ 2004/18/ЕЗ.
Од друга страна пак и во член 106 став 5 од Кривичниот закон е предвидено дека податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се доделат на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудатта или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.
Во членот 96-г од наведениот закон е уредено прашањето на впишување и бришење на главните и споредните казни што му се изречени на правното лице, при што овие казни се впишуваат во Централниот регистар на Република Македонија и се бришат по службена должност, по истекот на времето за кое се изречени.
Оттука, може да се заклучи дека законодавецот воспоставил систем на евиденција и достапност на други субјекти но податоците за осудените и можните изречени забрани на правните лица, што е различен од режимот на казнената евиденција за осудени физички лица што се води кај надлежен суд.
Според тоа, погрешен е заклучокот на подносителот на иницијативата дека никој нема право да бара не само од граѓанинот туку и од правните лица да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност од причина што тој погрешно го цитира и толкува член 106 став 5 од Кривичниот закон.
8. Судот по однос на наводите во иницијативата дека членот 147 став 4 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 од Уставот, исто така, оцени дека се неосновани.
Ова од причини што барањето на информација дирекно од надлежниот орган е во интерес на ефикасно и законито спроведување на постапка за јавна набавка со економскиот оператор кој е добар, сериозен и солвентен стопанственик, дотолку повеќе во ситуации кога економскиот оператор има седиште различно од државата на договорниот орган од каде со оспорената одредба во суштина се сака да се намали можноста од ризичното однесување на субјектите на пазарот.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр .30/2012
27 јуни 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски