У.бр.33/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 14 во делот

2. Љубомир Бочваров од Свети Николе, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, граѓанинот кој имал лична карта со трајно важење еднаш засекогаш ја исполнил својата обврска да има лична карта и поради тоа спротивно било на принципот на владеењето на правото и со членот 52 став 4 од Уставот, со подоцнежни законски измени да се пропишувало ништовност на веќе исполнета обврска. Ова од причини што во практиката, како што му било познато на подносителот на иницијативата, за добивање на одредени права (субвенции, пензии), управните органи, јавните фондови (пензискиот и здравствениот), па дури и банките на стари луѓе со лични карти со трајно важење им барале нови лични карти, а според подносителот на иницијативата, самиот граѓанин утврдувал што е поповолно за него, бидејќи ако му било нужда, можел самиот да побара да му се издаде нова лична карта во постапка каде од него се земале биометриски податоци и така граѓанинот самоволно ќе се вклучел во новиот рок на важење на личната карта (најмногу до 10 години).

Од овие причини се оспорува членот од Законот, а со иницијативата се предлага и донесување на времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” број 19/2007 и 10/2010), уредува дека личните карти издадени пред денот на влегувањето во сила на овој закон ќе важат до рокот на важење кој е наведен во личната карта, но најдолго до пет години од денот на влегување во сила на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е темелна вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 став 2 од Уставот е уредено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 52 став 4 од Уставот е уредено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 1 став 1 од Законот за личната карта (“Службен весник на Република Макеоднија” број 8/1995, 38/2002, 16/2004, 12/2005, 19/2007, 10/2010, 51/2011 и 13/2012), личната карта е јаван исправа со која се докажува идентитетот, државјанството на Република Македонија, живеалиштето и адресата на граѓанинот на Република Македонија, а според ставот 2 на истиот член од Законот, граѓанинот може да има само една лична карта.

Со членот 2 став 1 од Законот е уредено дека секоја граѓанин со наполнети 18 години живот должен е да има лична карта.

Според членот 4 став 2 од Законот, барањето за издавање на лична карта се поднесува на пропишан образец.

Со членот 5 од Законот е уредена содржината на образецот на личната карта.

Според членот 6 од Законот, при поднесување на барањето за издавање на лична карта, од подносителот на барањето задолжително се земаат податоци за неговите биометриски карактеристики, заради утврдување на неговиот идентитет. Податоците за биометриски карактеристики од ставот 1 на овој член се сметаат отпечатоците од два прста и фотографија.

Со членот 7 став 1 од Законот е уредено дека личната карта се издава со рок на важење од десет години, а за граѓанин помлад од 27 години со рок на важење од пет години.

Со иницијативата се приговара на можноста со закон да се уредува правен режим кој важи за сите кои се во иста правна положба, односно се приговара на преодниот период пропишан со оспорениот член од Законот, кој уредува рок на важење на постојните лични карти како документ за докажување на идентитетот на граѓаните, односно рок за замена на истите со ново уредената содржина и форма на лични карти, бидејќи подносителот смета дека граѓанинот самоволно одлучувал дали ќе се вклучел во новиот правен режим или ќе останел на стариот, односно самиот одлучувал (доколку имал нужда) дали ќе побарал нова лична карта или пак трајно ќе ја задржел претходно издадената.

Со измените и дополнувањата на Законот донесени во 2004 година (“Службен весник на Република Македонија” број 16/2004), се укина трајното важење на личните карти, а со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” број 19/2007), воведени се новите биометриски лични карти во Република Македонија, како единствен облик на овој вид на јавна исправа. Со тековните измени и дополнувања на Законот, измени и дополнувања претрпе и членот 5 од Законот со кој е уредена содржината на образецот на личната карта.

Согласно членот 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” број 19/2007), личните карти издадени пред денот на влегување во сила на овој закон ќе важат до рокот на важење кој е наведен во личната карта, но најдолго до три години од денот на влегување во сила на овој закон.

Наведената законска одредба предвидуваше дека веќе издадените лични карти, односно старите лични карти, ќе бидат во важност до 27 февруари 2010 година и до наведениот датум сите граѓани на Република Македонија кои имаат живеалиште во Република Македонија имаат обврска да ги заменат старите лични карти.

Меѓутоа, процесот на практичната имплементација на предметниот закон, односно процесот на замена на старите со новите лични карти, не одел со очекуваната динамика, од кои причини законодавецот со членот 1 од Законот за изменување на Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” број 10/2010), определил дека “во Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” број 19/2007), во членот 14 зборот “три” се заменува со зборот “пет”. Оттука, рокот од три години од членот 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” број 19/2007), со овие измени, е заменет со пет години, така што крајниот рок 27 февруари 2010 година, е пролонгиран до 27 февруари 2012 година, до кој рок старите лични карти треба да се заменат со новите биометриски лични карти.

Во конкретниот случај со иницијативата се оспорува членот 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” број 19/2007 и 10/2010), со кој е уредено дека личните карти издадени пред денот на влегувањето во сила на овој закон ќе важат до рокот на важење кој е наведен во личната карта, но најдолго до пет години од денот на влегување во сила на овој закон.

Од анализата на оспорената законска одредба, произлегува дека таа уредува рок до кој ќе бидат во важност личните карти кои биле издадени пред да влезат во сила измените и дополнувањата на Законот за личината карта, со кои измени и дополнувања се направени суштински измени на формата, видот и содржината на личната карта како јавна исправа, односно се воведува нов вид и облик на лична карта (биометриска), како единствен облик на наведената јавна исправа, со рок на важење утврден со Законот. Единствениот облик на личната карта со законски утврден рок на важење претставува предуслов за отстранување на несигурноста во правниот сообраќај во државата, со што се отстранува можноста во прометот да бидат употребувани различни лични карти по форма и содржина што произлегуваше од претходно уреденото законско решение кое предвидуваше лични карти со трајна важност, а кое се надмина во 2004 година.

Имено, трајното важење на личните карти е укинато уште со измените на Законот од 2004 година (“Службен весник на Република Македонија” број 16/2004) и според Судот, право е на законодавецот да воспоставува нов правен режим по однос на фактичкото траење на документот, односно да ја уредува содржината на образецот на личната карта и тоа не задира во правото на граѓанинот за поседување на лична карта. Правото за поседување на лична карта се создава со наполнување на 18 години живот на граѓанинот кој има живеалиште во Република Македонија, а не се создава со времето на издавање ниту пак се гаси со истекот на периодот за кој се издава личната карта. Наполнувањето на одредени години живот, произведува право за граѓанинот, но и негова обврска да поседува лична карта. Правото, а и обврската за поседување на личната карта, се поврзани со возраста на граѓанинот, односно со исполнувањето на години живот, а не со периодот кога е издаден документот кој презентира едно право. Оттука, рокот (периодот) за кој се издава личната карта е поврзан со важноста на самата исправа како документ, со содржина и форма, пропишана согласно со закон. Менувањето на содржината на образецот, како и видот и обликот на личната карта, односно укинувањето на претходни содржини, видови и форми на лична карта, не значи менување или укинување на правото кое се презентира преку јавната исправа. Оттука, околноста што со претходно уредените одредби од Законот, постоеше можност за трајно важење на личната карта, не значи дека граѓанинот засекогаш ја исполнил својата обврска за поседување на лична карта, односно со новото уредување со Законот за ограничено траење на исправата, не значи дека тој не е должен и дека нема обврска да побара издавање на нова лична карта согласно тие измени, бидејќи претходно веќе поседувал лична карта. Својата обврска за поседување на лична карта се исполнува со барање за нејзино издавање во вид, облик и содржини како што налага Законот кој е во важност. Ова дотолку повеќе што и во случај се уште да постоеше можноста за трајно важење на личната карта, граѓаните во секој случај се во обврска да побараат издавање на нови лични карти, односно за замена на старите со нови, доколку со Законот е уредена друга содржина на образецот на личната карта, односно кога е воспоставен нов вид и облик на исправата, како што впрочем станува збор и во конкретниот случај.

Оттука, неосновано и нелогично со иницијативата се извлекува заклучок дека граѓанинот кој има лична карта со трајно важење, еднаш засекогаш ја исполнил својата обврска да има лична карта, па во случајов така уредената одредба од Законот која се оспорува, предизвикувала правна несигурноста за граѓаните кој еднаш се стекнале со трајно важење на лична карта, да бидат обврзани повторно да бараат издавање на нова лична карта, а добиле со трајно важење. Според Судот, неприфатливи се и наводите од иницијативата дека оспорената одредба од Законот имала повратно дејство за граѓаните и тоа понеповолно. Тука воопшто не станува збор за уредување на право или обврска за граѓанинот (понеповолни или поповолни), туку уредува преоден период на важење на исправи, односно период до кога можат да бидат во употреба јавни исправи кои по содржина, форма и вид, се разликуваат од ново востановените со закон.

Нововостановените биометриски лични карти и нивното поседување од страна на секој граѓанин на Република Македонија е во духот на уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, па во случајов со оспорената одредба од Законот преодно со темпорален карактер (период од пет години) се воспоставува новиот правен режим кој уредува нов вид, облик и содржина на личната карта и кој не смее да ја доведе во прашање правната сигурност на граѓаните во остварувањето на нивните права пред државни и други органи во Републиката, кои мора непречено да се остваруваат по новопредвидените услови со Законот за личната карта. Од друга страна не може да се доведе во прашање и правното дејство на оспорената одредба од Законот, бидејќи тука станува збор за правила за усогласување на фактичната со правната состојба. Обврската за менување на старите лични карти со нов вид, облик и содржина на лична карта-биометриска, како и новиот рок на важење на личните карти, во согласност со ново воспоставениот правен режим во оваа материја, е обврска за сите граѓани подеднакво со наполнети 18 години живот, без исклучок, па оттука неприфатливи и нелогични се заклучоците на подносителот на иницијативата дека право било на граѓанинот дали ќе се вклучел или не во нововоспоставениот правен режим. Тоа не е препуштено на волјата на граѓаните и е во спротивноста со принципот на еднаквоста на грѓаните пред Уставот и законите. Оттука, неосновано со иницијативата се тврди дека со оспорената законска одредба се предвидувало ништовност на веќе исполнета обврска, таа тоа не уредува, туку преоден период за усогласување на стариот со ново уредениот правен режим во врска со предметната материја.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека законодавецот има право со закон да го пропишува периодот на важност, како и видот, обликот и содржините кои треба да ги имаат јавните исправи, односно истите да ги менува како и да го пропишува преодниот период на имплементирање на ново востановениот облик, вид и содржина на образецот на јавните исправи, согласно оспорениот член 14 од Законот. Со ова законско решение на граѓаните им се остава рок од пет години за замена на старите лични карти со нововостановените, а не им се одземаат права, а со тоа и не може да станува збор за поништување на обврска која произлегува од правото, односно ова законско решение овозможува преоден период на имплементација на ново уредениот правен режим кој се однесува за сите во иста положба во правото и не се загрозува правната сигурност како елемент на владеењето на правото.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на членот 14 во делот: “но најдолго до пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон” од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта (“Службен весник на Република Македонија” број 19/2007 и 10/2010), со одредбите од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 33/2012
27 јуни 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски