Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 203, 203-а, 203-б, 203-в, 203-г, 204, 205, 206 и 207 од Законот за кривична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1997, 44/2002, 74/2004, 83/2008 и 67/2009).
2. Стамен Филипов од Скопје и Здружението Транспаренси – Интернешнл Македонија застапувано од д-р Слаѓана Тасева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за кривичната постапка означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата на Стамен Филипов оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6, 7 и 11, член 13 став 1, член 18, член 25, член 30, член 32, член 51, член 54 и член 55 од Уставот на Република Македонија.
Ова затоа што лицето против кое се води истрага се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а со наведените законски одредби спротивно на член 13 став 1 од Уставот, му се ограничувало загарантираното право на сопственост и тоа не со правосилна судска одлука туку со решение на истражен судија или совет.
Во конкретниов случај, решението на истражниот судија или советот имало појако правно дејство отколку правосилна судска одлука, со што било повредено и начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Понатаму, според подносителот согласно членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, при што ограничувањето какво што билопропишано со оспорените законски одредби не било предвидено со ниту една уставна одредба. Така, со член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственост се гарантира праведен надоместок.
Меѓутоа во Законот за кривичната постапка не било утврдено дека привременото обезбедување и одземање на предмет, имот или средства уште во истражната постапка претставува јавен интерес ниту дека поради тоа ограничување на сопственоста на обвинетото лице му припаѓа праведен надомест.
Исто така, според член 55 став 3 од Уставот слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, а не и заради водење на кривична постапка како што е предвидено со оспорените законски одредби.
Имено, со привремено замрзнување, запленување, задржување на фондови, банкарски сметки и финансиски трансакции противуставно се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото на засегнатите субјекти, а особено за правните лица за кои се води само истрага, а сеуште не е докажана нивната вина со правосилна судска одлука. Со привременото замрзнување, запленување, задржување на фондови, банкарски сметки и финансиски трансакции се доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните и на правните лица (нивниот опстанок) и гарантирано право на работа од член 32 став 1 од Уставот.
Според оспорениот член 203-а став 8 од Законот никој не може да се повикува на банкарска тајна за да избегне извршување на судско решение за привремено замрзнување, запленување или задржување на средство депонирано во банка. Напротив, според член 18 од Уставот, се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоци, а согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот на достоинството и угледот.
Според тоа, подносителот смета дека при нормирање на оспорени законски одредби очигледно не бил почитуван Уставот, а особено основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, поради што предлага Уставниот суд да ги поништи оспорените одредби.
Воедно, предлага Уставниот суд да донесе решение за времена мерка.
Според наводите на иницијативата на Здружението Транспаренси интернешнл членот 203-а став 1 од Законот не бил во согласност со начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 и како таков овозможува да дојде до повреда на темелните вредности од член 8 став 1 алинеи 7 и 11, односно правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото како и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право.
Понатаму, според наводите од иницијативата можноста за одредување на привремено обезбедување на имот и средства со ставање под надзор на судот или хипотека (согласно 203-а став 5), претставувало дискреционо репресивно овластување кое е цел само за себе и во неопределен обем, па така со својата нејасност на зборовите и неопределеност на целите односно намената, доведува во заблуда или создава простор за злоупотреба од каде неговата правна неодреденост претставува траен извор на правна несигурност.
Во образложението на иницијативата, подносителот ги цитира член 8 став 1 алинеја 3, 7 и 11, член 15, член 51 став 1, член 55, член 68 став 1 алинеја 2 и член 118 од Уставот, како и член 7 од Законот за употреба на македонскиот јазик, при што службените текови од законодавната, извршната и судска власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик, што значи текстот на членовите 203-а до 203-г од Законот за кривичната постапка од 14 октомври 2004 година задолжително бил лекториран.
Понатаму, подносителот го цитира текстот на англиски и македонски јазик на дефинирањето на начелото на владеење на правото дадено од страна на Генералниот секретар на ОН како и дефиниции на термини од Конвенцијата на Советот на Европа за перење пари, откривање заплена и конфискација на приноси од казниво дело и финансирање тероризам (приноси од казниво дело, имот, законски средства, конфискација, основна повреда, замрзнување или запленување).
Воедно, подносителот на иницијативата врши анализа на оспорениот член 203-а став 1 од Законот и изведува заклучок дека: овој член бил „сервисен“ и треба да послужи за цели определени во други членови од Законот кои на него се повикуваат, односно предвидуваат одредување на мерки предвидени во став 1. Во Законот не било посочено од кои причини се определува ставањето под надзор на судот, односно со која цел се определува обезбедување на имотот и средства, туку е оставено на дискреција на истражниот судија или на советот да се повикува на други одредби од Законот за кривичната постапка на кој начин со примената на членот 203-а се доаѓа до правна несигурност, произволност и процедурална и правна нетранспаретност.
На 19 април 2011 година Здружението транспаренси интернешнл достави посебно барање Судот согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд да донесе Решение за запирање на поединечните акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на член 203-а ставови 1 и 2 од Законот за кривичната постапка.
Воедно, со овој поднесок, иницијаторот наведува дека со оспорените одредби се нарушувала конзистентноста на правниот поредок, поради неусогласеноста со другите закони.
3. Судот на седницата утврди дека Главата XVIII со наслов Истражни дејствија го содржи поднасловот 2. Привремено обезбедување и одземање на предмети или имот (членови 203-207).
Член 203
(1) Предметите што според Кривичниот законик треба да се одземат или што можат да послужат како доказ во кривичната постапка привремено ќе се одземат и ќе му се предадат на чување на судот или на друг начин ќе се обезбеди нивно чување.
(2) Тој што држи вакви предмети е должен да ги предаде по барање на судот. Лицето кое ќе одбие да ги предаде предметите може да се казни со паричната казна определена во членот 75 став 1 на овој закон.
(3) За жалба против решението со кое е изречена парична казна одлучува советот (член 22 став 6). Жалбата против решението не го задржува извршувањето на решението.
(4) Овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат да ги одземат предметите наведени во став 1 на овој член кога постапуваат според членовите 144 и 157 од овој закон или кога извршуваат налог на суд.
(5) При одземањето на предметите ќе се назначи каде се пронајдени и ќе се опишат, а по потреба на друг начин ќе се обезбеди утврдување на нивната идентичност. За одземените предмети ќе се издаде потврда.
(6) Запленетите наркотични дроги, психотропни супстанции, прекурсори и други предмети чиј промет е забранет или ограничен, што не се задржани како примерок за вештачење, со одлука на надлежниот суд, може да се уништат и пред правосилноста на пресудата.
Член 203-а
(1) Истражниот судија или советот со решение може да определи привремено обезбедување на имот или средства што се во врска со кривичното дело. Имотот или средствата што се предмет на обезбедување се ставаат под надзор на судот. Под привремено обезбедување на имот или средства се подразбира и привремено замрзнување, запленување, задржување на фондови, банкарски сметки и финансиски трансакции или приноси од кривичното дело.
(2) Покрај предметите од членот 203 на овој закон, судот може да донесе решение за замрзнување на средства, сметки и фондови за кои постои сомневање дека претставуваат принос од извршено кривично дело.
(3) Мерките за привремено обезбедување на предмети, имот или средства можат да траат до завршувањето на постапката.
(4) Привременото замрзнување на сметки може да трае до завршувањето на постапката, а неговата оправданост ќе се преиспитува по службена должност секои два месеца.
(5) Обезбедување на недвижниот имот се врши со ставање на хипотека.
(6) Запленувањето на парични средства се врши со налог и се чуваат во сеф, или се депонираат на посебна сметка без право на располагање.
(7) Решението за замрзнување на финансиска трансакција или банкарска сметка, судот го доставува до банката или друга финансиска институција.
(8) Никој не може да се повикува на банкарска тајна за да избегне извршување на судско решение за привремено замрзнување, запленување или задржување на средства депонирани во банка.
Член 203-б
Решение за привремено обезбедување на предмети или имот, судот може да донесе на барање од друга држава, во случаите определени со меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.
Член 203-в
(1) Со решението од членот 203-а на овој закон не можат да се одземат:
– списи или други исправи на државните органи со чие објавување би се повредило чувањето на службената, државната или воената тајна, се додека надлежниот орган поинаку не одлучи,
– писмени обраќања на обвинетиот спрема бранителот и лицата од членот 219 став 1 на овој закон, освен ако обвинетиот доброволно не ги предаде,
– технички снимки кои се наоѓаат кај лицата од членот 219 став (1) на овој закон, а кои тие ги направиле за факти за кои се ослободени од должноста за сведочење,
– записи, изводи од регистерот и слични исправи кои се наоѓаат кај лицата од членот 219 став (1) на овој закон, а кои тие ги направиле за факти за кои тие во вршењето на своето занимање ги сознале од обвинетиот,
– записи за факти кои ги направиле новинари и нивни уредници во средствата за јавно информирање од изворот за известување и податоците за кои дознале во вршењето на своето занимање и кои се употребени во текот на уредувањето на средствата за јавно информирање, кои се наоѓаат во нивно владение или во редакцијата во која се вработени.
(2) Забраната од ставот (1) на овој член не се применува:
– во поглед на бранителот или лицето ослободено од обврската на сведочење согласно со членот 219 став (1) на овој закон, ако постои основано сомнение дека на обвинетиот му помагале во вршењето на кривичното дело, или му давале помош по извршувањето на кривичното дело или постапувале како прикривачи и
– ако се работи за предмети кои мораат да се одземат според Кривичниот законик.
(3) Забрана на привремено одземање на исправи, предмети и технички снимки од ставот 1 на овој член, не се применува и во поглед на кривичните дела сторени на штета на деца и малолетници. Податоците сочувани во уредите за автоматска, односно електронска обработка на податоци и медиуми во кои тие податоци се чуваат, на барање на истражниот судија, советот или судија поединец мора да се предадат на органите на кривичната постапка во читлива и разбирлива форма.
Член 203-г
(1) Мерките за привремено обезбедување и одземање на предмети или имот, се определуваат со решение на судот, и тоа истражниот судија во текот на истрагата и по подигање на обвинителниот акт советот на судот, односно судија поединец.
(2) По жалба на решението на истражниот судија одлучува кривичниот совет од членот 22 став 6 на овој закон, а против решението на судечкиот судија, односно советот, одлучува непосредно повисокиот суд.
(3) Предметите одземени спротивно на овој член, не може да се употребат како доказ во постапката.
Член 204
(1) Државните органи можат да ускратат покажување или издавање на своите списи или други исправи ако сметаат дека објавувањето на нивната содржина би било штетно за државните интереси. Ако е ускратено покажувањето и давањето на списите и други исправи, конечна одлука донесува советот (член 22 став 6).
(2) Правните лица можат да бараат да не се објават податоците што се однесуваат на нивното работење.
Член 205
(1) Ако се врши привремено одземање на списи што можат да послужат како доказ, ќе се изврши нивни попис. Ако тоа не е можно, списите ќе се стават во обвивка и ќе се запечатат. Сопственикот на списите може да стави на обвивката и свој печат.
(2) Лицето од кое се одземени списите ќе се повика да присуствува при отворањето на обвивката. Ако тоа не се јави на поканата или е отсутно, обвивката ќе се отвори, списите ќе се прегледаат и попишат во негово отсуство.
(3) При прегледување на списите мора да се води сметка за нивната содржина да не узнаат неовластени лица.
Член 206
(1) Истражниот судија може да нареди правните лица во областа на поштенскиот, телеграфскиот и друг сообраќај да ги задржат, и со потврда на приемот, нему да му ги предадат писмата, телеграмите и другите пратки што се упатени до обвинетиот или што ги испраќа тој ако постојат околности поради кои основано може да се очекува дека овие пратки ќе послужат како доказ во постапката.
(2) Писмата и другите пратки ги отвора истражниот судија во присуство на двајца сведоци. При отворањето ќе се внимава да не се повредат печатите, а обвивките и адресата ќе се зачуваат. За отворањето ќе се состави записник.
(3) Ако интересите на постапката дозволуваат, содржината на пратката може да му се соопшти во целост или делумно на обвинетиот, односно на лицето до кое е упатена, а може пратката да му се предаде. Ако обвинетиот е отсутен пратката ќе се соопшти или ќе се предаде на некои од неговите роднини, а ако ги нема овие, ќе му се врачи на испраќачот, ако тоа не им се противи на интересите на постапката.
Член 207
(1) Предметите што во текот на кривичната постапка се привремено одземени ќе му се вратат на сопственикот односно на држателот ако се запре постапката, а не постојат причини за нивно одземање (член 532).
(2) По престанокот на причината за запленување, задржување или замрзнување, истражниот судија донесува решение за нивно ослободување и враќање.
(3) Решението од став 2 на овој член, веднаш се доставува до соодветната финансиска или друга институција.
4. Според член 8 ставовите 1, 3, 6, 7 и 11 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија покрај другите се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународно право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Во членот 18 од Уставот е предвидено дека се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци.
Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Со член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата (став 2). Никако не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен ако се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).
Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).
Според член 32 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место (став 2). Секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3).
Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат (став 4). Остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Слободите и правата на човекот и граѓанинот може да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторски по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесуваат на права на живот, забрана на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуват со закон.
Конвенцијата на обединетите нации против транснационалниот организиран криминал, Протоколот за превенција, спречување и казнување за трговија со луѓе, особено жени и деца со кој се дополнува Конвенцијата на обединетите нации против транснационалниот организиран криминал и Протоколот против криумчарење на мигранти по копнен, воден или воздушен пат, со кој се дополнува Конвенцијата на обединетите нации против транснационалниот организиран криминал е ратификувана со Закон објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2004 и таа претставува дел од внатрешниот правен поредок. Целта на оваа Конвенција е да ја унапреди соработката заради превенција и поефикасна борба против транснационалниот организиран криминал (член 1).
Во член 2 од наведената Конвенција се дефинирани изразите кои се употребени за целите на оваа Конвенција, така:
а) „Организирана криминална група” значи структурирана група од три или повеќе лица која постои определен период и која дејствува со цел да изврши едно или повеќе тешки кривични дела или дела востановени со оваа конвенција со цел од тоа извлече директна или индиректна финансиска корист или друга материјална корист.
г) „Имот“ значи секој вид на средства телесни или нетелесни, подвижни или неподвижни, опипливи или неопипливи, како и правни акти или документи како доказ за сопственост на тие средства или права што на нив се однесуваат.
д) „Приноси од кривично дело” – значи секој имот кој произлегол или е добиен директно или индиректно од извршено кривично дело.
ѓ) „Замрзнување“ или „Заплена“ значи привремена забрана на трансфер, конверзија, располагање или движење на имотот, или привремено преземање на чување или контрола на имотот врз основа на судска одлука или одлука на друг надлежен орган.
Согласно член 3 од Конвенцијата, оваа Конвенција се применува, освен ако поинаку не е предвидено на превенцијата, истрагите и гонењето што се однесуваат на а) кривични дела востановени со членовите 5, 6, 8 и 23 на оваа Конвенција (инкриминација на учество во организираниот криминална група, инкриминација на перењето пари, инкриминација на корупцијата и инкриминација на попречувањето на правдата).
б) Тешки кривични дела како што се дефинирани во член 2 од оваа Конвенција.
Конвенција за перење пари, откривање, заплена и конфискација на имотна корист прибавена со кривично дело донесено на 8 ноември 1990 од Советот на Европа, е ратификувана со Закон објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.58/1999) и таа претставува дел од внатрешниот правен поредок.
Во Преамбулата на оваа Конвенција е предвидено дека Државите членки на Советот на Европа и другите потписнички на оваа Конвенција уверени во неопходноста за продолжување на заедничка казнена постапка во борбата против тешкиот криминалитет оцениле дека одземањето на економската корист од кривичното дело од извршителот е едно од модерните и ефикасни методи на меѓународно ниво за што е потребно и воспоставувањето на задоволителен систем на меѓународна соработка.
Во Главата I односно во член 1 од Конвенцијата се дефинирани поимите „производи”, „имот“, „инструменти”, „конфискација“ и „главна повреда“.
Во Главата II „Мерки кои се преземаат на национално ниво“ утврдени се: мерки на конфискација (член 2), истражни и привремени мерки (член 3), овластувања и специјални техники на истражување (член 4), правни средства (член 5) и повреди на мерење на пари (член 6).
Во Глава III од Конвенцијата е уредена “Меѓународната соработка” која опфаќа општи принципи, меѓународна помош за спроведување на истрагите.
Во делот „Привремени мерки“ односно во членот 11 е определено дека една страна презема , на барање на друга страна која повела кривична постапка или постапка за конфискација, привремени мерки кои се неопходни (како заплена) за да се спречи секое дејствие, трансфер или отуѓување на секој имот кој во иднина би можел да биде предмет на барањето за конфискација или кој би можел да овозможи да се стекне со такво барање.
Конвенцијата на Советот на Европа за перење, откривање, заплена и конфискација на приноси од казниви дела и финансирање тероризам е ратификуван со Закон за ратификација „Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2009) и станала дел од внатрешниот правен поредок.
Во преамбулата на оваа Конвенција, покрај друго, се наведува дека имајќи предвид дека борбата против тешкиот криминал е меѓународен проблем кој бара примена на модерни и ефикасни методи, едни од тие методи се состои во тоа на криминалците да им се одземе имотната корист – прибавена со криминал.
Во Главата I односно во член 1 од наведената Конвенција е дефинирано значењето на изразите: „приноси од казниво дело”, „имот”, „законски средства”, „конфискација”, „основна повреда” и „единица за финансиско разузнавање”.
Во точката е) од наведениот член е утврдено дека „замрзнување” или „запленување” претставува времена забрана на пренесување, уништување, заменување, располагање или движење на имотот или времено чување или контрола на имотот врз основа на налог издаден од страна на суд или друг надлежен орган.
Во член 4 од Конвенцијата „Истражни и привремени мерки“ е предвидено дека секоја страна ќе усвои законодавни или други мерки неопходни да и овозможат брза идентификација, потрага, замрзнување или запленување на имот кој подлежи на конфискација согласно член 3, особено со цел да овозможи спроведување на подоцнежна конфискација.
Според член 5, пак, „Замрзнување, запленување и конфискација“, секоја страна ќе усвои законодавни и други мерки неопходни да и овозможат мерките за замрзнување, запленување и конфискација да го вклучат:
а) имотот во кој што биле трансформирани или претворени приносите од казниво дело; б) имотот стекнат од легитимни извори, доколку приносите од казниво дело се помешани во целост или делумно со таквиот имот до проценетата вредност на помешаните приноси од казниво дело; в) приходот или друга корист кои произлегуваат од приноси од казниво дело од имотот во кој приносите од казниво дело се трансформирани или претворени или од имотот во кој се поместени приноси од казниво дело до проценетата вредност на помешаните приноси од казниво дело на истиот начин и до истиот обем како и приносот од казниво дело.
Во членот 7 од Конвенцијата „Истражни овласувања и техники“ е предвидено дека секоја страна ќе усвои законодавни и други мерки неопходни да ги овласти своите судови или други надлежни органи да наложат банкарските, финансиските или трговските документи да бидат достапни или да се запленат со цел да се спроведат активности од членовите 3, 4 и 5. Страната нема да одбие да делува согласно одредбите од овој член на основа на банкарска тајна.
Согласно точката 2 на член 7 од Конвенцијата, секоја страна ќе усвои законодавни и други неопходни мерки да и овозможи: а) да утврди дали физичко или правно лице е имател или благодетен сопственик на една или повеќе сметки од секоја природа во секоја банка кој се наоѓа на нејзина територија; б) да добие поединостиза наведените банкарски сметки и банкарски операции за одреден временски период преку една или повеќе сметки; в) да ги следи во одреден временски период банкарските операции, г) да обезбеди банките да не дадат на соодветен клиент на банката информации кои се бараат или се добиени во согласност со алинеите а), б) или в) или дека се води истрага.
Во точката 3 на член 7 е предвидено дека секоја страна ќе ја разгледа можноста да усвои законодавни и други мерки неопходни да и овозможи да користи специјални истражни мерки кои ќе овозможат идентификакција и изнаоѓање на приноси од криминални дела како што се набљудување, прислушкување на телекомуникации, пристап до компјутерски систем и налог да изготви посебни документи.
Понатаму во членот 9 од Конвенцијата е предвидено кои дејствија извршени со умисла можат да се подведат под казниви дела перење пари и право на секоја страна да усвои законодавни и други неопходни мерки да се воспостави како казниво дело во нејзиното домашно право сите или некои од делата од ставот 1 на овој член.
Во членот 10 од Конвенцијата е утврдена одговорноста на правните лица и можност на секоја страна да усвои законодавни и други неопходни мерки да обезбедат правните лица да се сметаат за одговорни за казниви дела перење пари утврдени во согласност со оваа Конвенцијата, извршени за нивна корист од страна на секое физичко лице, кое делува самостојно или како дел на орган на правното лице кое има водечка позиција во рамките на правното лице кое има овлатување за застапување,овластување да донесува одлуки во име на правното лице или овластување да врши контрола во рамките на правното лице,како и за вклученоста на таквото лице како сооучесник или потикнувач во наведените казниви дела.
– Од анализата на членот 203 од Законот произлегува дека предметите што според Кривичниот законик треба да се одземат или што можат да послужат како доказ во кривична постапка привремено се одземаат и се предаваат на чување на надлежен суд или друг орган. Тоа се предмети што се употребени или биле наменети за извршување на кривично дело или што настанале со извршување на кривично дело.
Лице што држи предмети кои според закон треба да бидат одземени е должно истите да ги предаде на барање на судот при што одбивањето на предавање на овие предмети повлекува парична казна определена со закон. Против решението со кое е изречена парична казна е дозволенажалба, која не го задржува извршувањето, а по неа одлучува совет (член 22 став 6).
Предметите што според Кривичниот законик треба да бидат одземени можат да ги одземат овластени службени лица на Министерството за внатрешни работи кога постапува согласно членовите 142 и 147 од овој закон или кога издаваат налог на суд. За одземените предмети се издава потврда.
Запленети наркотични дроги, психотропни супстанци и други предмети чии промет е забранет или ограничен, а тие не се задржани како примерок за вештачење со одлука на судот се уништуваат и пред правосилноста на пресудата.
– Од анализата на членот 203-а од Законот произлегува дека со него се уредува прашањето на донесување на решение за определување на привремено обезбедување на имот или средства од страна на истражен судија или совет и истите се ставаат под надзор на судот.
Под привремено обезбедување на имот или средства се подразбира и привремено замрзнување, запленување, задржување на фондови, банкарски сметки и финансиски трансации или приноси од кривично дело.
Покрај предметите од членот 203 од Законот (со кое е извршено кривично дело или се употребени или биле наменети или што настанале со извршување на кривично дело, Судот може да донесе решение за замрзнување на средствата, сметките и фондовите за кои постои сомневање дека претставуваат принос од извршено кривично дело.
Мерките за привремено обезбедување на предмети, имот и средства можат да траат до завршување на постапката, а привремено замрзнување на сметка може да трае до завршување на постапката при што оправданоста на оваа мерка се преиспитува по службена должност секои два месеца.
Обезбедување на недвижен имот се врши со ставање на хипотека.
Заплената на парични средства се врши со налог и се чуваат во сеф или се депонирани на посебни сметки без право на располагање.
Решението за замрзнување на финансиски трансакции или банкарски сметки, судот ги доставува до банката или друга финансиска институција.
Заради избегнување на извршување на судско решение за привремено замрзнување, запленување или задржување на средства никој не може да се повика на банкарска тајна.
– Од анализата на членот 203-б од Законот, произлегува дека со него се уредува прашањето на донесување на решение за привремено обезбедување на предмети и имот на барање на друга држава во случаи определени со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Македонија.
– Од анализата на одредбата од член 203-в став 1 од Законот произлегува дека со него се уредуваат прашања на забрана за тоа во кои случаи со решение од член 203-а не можат да бидат одземени списи, записници, технички снимки и друго.Ставот 2 на новедениот член го уредува прашањето кога забраната од став 1 на член 203-а не се применува.
Забраната за привремено одземање на исправи , предмети и технички снимки од став 1 на овој член не се применува и во постапка на кривично дело сторено на штета на деца и малолетници.
– Од анализа на член 203-г произлегува дека мерките за привремено обезбедување и одземање на предмети или имот се определуваат со решение на судот и тоа истражен судја во текот на истрагата, а по подигање на обвинителенакт советот на судот односно судија поединец.
По жалба на решението на истражен суд одлучува советот од член 22 став 6 на овој закон, а против решението на судот, судот односно советот одлучува непосредно повисок суд.
Предметите одземени спротивно на овој член не можат да се употребат како доказ во постапката.
– Од анализта на членот 204 од Законот произлегува дека државните органи можат да го ускратат покажувањето или издавањето на своите списи или други исправи, ако сметаат дека објавувањето на нивата содржина би било штетно на државните интереси.
– Од анализата на член 205 од Законот произлегува дека со него се уредува прашањето за тоа како се постапува во случаи кога се врши привремено одземање на списи што може да послужи како доказ во постапката.
– Од анализата на членот 206 произлегува дека со него е дадена можноста истражниот судија да нареди на правните лица од областа на поштенскиот, телеграфскиот и друг сообраќај да ги задржат и со потврда на примателот да му ги предадат писмата, телеграмите и други пратки што ги праќа или прима обвинетиот ако постојат околности дека тие пратки ќе послужат како доказ во постапката, како и прашање за тоа како се постапува со наведените пратки.
– Од анализата на членот 207 од Законот,произлегува дека со него е уредено прашањето за тоа како се постапува со предметите кои во текот на кривичната постапка се привремено одземени, а постапката е запрена или не постојат причини за нивно одземање. По престанување на причините за запленување, задржување или замрзнување истражниот судија донесува решение за нивно ослободување и враќање, при што решението веднаш се доставува до соодветната финансиска или друга институција.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби како и меѓународните документи кои со ратификација станале дел од внатрешниот правен поредок, анализата на оспорените членови наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека тие се неосновани.
Ова од причина што, според Судот, повикувањето на подносителот на иницијативата дека со оспорените одредби се ограничувала сопственоста од член 30 од Уставот, без притоа во Законот за кривичната постапка да биде утврден јавен интерес за тоа ограничување е ирационално и неприфатливо.
Според Судот, ирационално е да се бара и инсистира законодавецот да утврди дека јавен интерес е откривањето на сторителите на кривични дела, а да не прифаќа постоење на јавен интерес за одземањето на предмети, односно времено обезбедување на предмети движни и недвижни за кои постои основано сомнение дека произлегуваат како резултат токму на тие кривични дела. Откривањето на сторителите на кривични дела и одземањето односно привременото обезбедување на предмети, средства или имот кои се врска со кривично дело за кое се води постапка не само што е јавен интерес за државата туку и за целата заедница од кои причини се донесени бројни меѓународни документи кои Република Македонија ги прифатила.
Во однос на наводите од иницијативата дека со оспорените одредби од Законот се доведувала во прашање уставната гаранција за правото на сопственост и правната заштита, Судот оцени дека изнесените наводи се неосновани.
Неспорно е дека Уставот ја штити и гарантира сопственоста. Притоа се поставува прашањето која сопственост ја гарантира Уставот, во кој обем и до кој степен. Уставот ја гарантира и штити сопственоста која е стекната на легален начин, а не сопственоста за која постои сомнение дека е резултат на кривично дело. Токму, поаѓајќи од фактот, за уставна гаранција на заштита на сопственоста со оспорените одредби од Законот за кривична постапка се уредува прашањето за привремено обезбедување и одземање на предмети и имот до завршување на кривична постапка. Во зависност од исходот на кривичната постапка привремено одземените предмети се враќаат на сопственикот или се одземаат.
Според оцена на Судот повикувањето на подносителот на иницијативата дека со оспорените одредби од Законот се доведувало во прашање слободата на пазарот и претприемништвото утврдени во член 55 од Уставот и гарантирањето на сигурноста и тајноста на личните податоци утврдени во член 18 од Уставот исто така се неосновани.
Ова од причина што остварувањето на слободата на пазарот и претприемништвото не е апсолутна туку таа слобода мора да се користи во рамките на уставните норми и во уставно предвидените институции, при што не е допуштено со користење на оваа слобода да се користат уставните норми и уставно предвидени институции на начин кој излегува надвор од рамките на Уставот. Имајќи го предвид наведеното, неспорно е дека законодавецот со цел да ги заштити уставните норми од нивно непочитување и кршење може да презема мерки кои мерки како што е во конкретниов случај можат да значат ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, или поточно речено според Судот со превземањето на мерки како што е времено обезбедување на имот или средства во суштина се поставува баланс помеѓу индивидуалниот и јавниот интерес.
Посебно изнесениот навод во иницијативата дека со член 203-а точка 8 од Законот се повредува член 18 од Уставот затоа што никој не може да се повика на банкарска тајност за да избегне извршување на судско решение за привремено замрзнување, запленување или задржување исто така е неоснован.
Уставната гаранција за заштита на личните податоци е посебно уредена со Законот за заштита на личните податоци, според кој заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правото на правичност во врска со обработката на личните податоци содржи и одредено ограничување и исклучување на информирање на субјекти на личните податоци.
Допуштеноста на одредените ограничувања и исклучување предвидени во наведениот закон произлегуваат и од Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци која со ратификација станала дел од внатрешниот правен поредок („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005).
Согласно член 9 став 2 од наведената Конвенција исклучувањата и ограничувањата ќе бидат дозволени кога таквите исклучоци ќе бидат наведени во законите и претставуваат потребни мерки во демократско општество во интерес на: заштита на државната безбедност, јавната безбедност, монетарните интереси на државата или сузбивање на кривични прекршоци и заштита на предметот на податоците или правата и слободите на другите.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека законската определба за недопуштеноста на поединецот да се повикува на банкарска тајна за избегнување на извршување на судско решение за привремено замрзнување, запленување или задржување на средства депонирани во банка не може да се изедначува ниту издигнува над клучните интереси на државата во сузбивање на кривичните дела, поради кои причини не може да се проблематизира од уставен аспект.
Тргнувајќи од наводите на подносителот на иницијативата Здружението Транспаренси интернешнл за оценување на уставноста на член 203-а став 1 и 2 од Законот за кривичната постапка, уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и меѓународните конвенции кои Република Македонија ги ратификувала, Судот оцени дека наводите и во оваа иницијатива се неосновани.
Ова од причина што како што е веќе наведено во анализата на член 203-а од Законот за кривична постапка, јасно произлегува дека со овој член се уредува прашањето за можноста истражен судија или совет во текот на истрагата, а до завршување на кривичната постапка, да можат да издадат решение за определување на привремено обезбедување на имот или средства, кои се во врска со кривичното дело за кое се води истрагата. Освен тоа, судот може да донесе и решение со кое покрај одземањето на предметите кои можат да послужат како доказ во кривичната постапка (член 203), можат да се замрзнат и средства, сметки и фондови за кои постои основаност дека претставуваат принос од извршеното кривично дело.
Оттука не може да се прифати наводот дека оспорената одредба не е доволно јасна и прецизна.
Дали, пак, примената на член 203-а како што наведува подносителот, претставува дискреционо репресивно овластување, можност за злоупотреба е прашање кое навлегува во примената на Законот и за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Имајќи ја предвид направената анализа од која произлегува дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот, Судот оцени дека нема основ за изречување на времена мерка согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија како што бараат подносителите на иницијативите.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението по однос на член 203-а став 1 и 2 е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.26/2011
27 јуни 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски