Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 49 ставови 1 и 4 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 14/2009, 20/2009 и 72/2010).
2. Драги Павловски од с. Лопатица, Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 49 ставови 1 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 6, членот 9 став 2, членот 30 ставови 1 и 3 и членот 50 став 1 од Уставот на Република Македонија, поради тоа што ниту во однос на рокови, ниту во однос на водењето на постапките пред надлежните органи и судови не можело да биде ограничено правото на граѓаните да поднесуваат барања за денационализација на имот кој бил одземен од државата, бидејќи тоа бил чист граѓанскоправен однос во кој денационализацијата трбала да се третира како право на граѓаните да го остваруваат дури и за имот одземен од државата и после 2000 година. Воедно, со иницијативата се бара Судот да донесе и времена мерка за запирање на извршување на оспорените одредби од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 49 од Законот за денационализација е предвидено:
(1) Барањата за денационализација се остваруваат само во управна постапка.
(2) Барањата за денационализација во управна постапка можат да се поднесат до 31 декември 2007 година.
(3) По истекот на рокот од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот з денационализација, може да бара давање на надоместок а враќање на имот само ако нема правни и фактички пречки.
(4) По истекот на рокот од ставот 2 на овој член, правото да се поднесе барање за денационализација престанува.
(5) Органот за денационализација,односно судот по истекот на рокот од ставот 3 на овој член,за уваженото барање ќе определи надоместок, а ќе врати имот само доколку не настапиле правни и фактички пречки до денот на мериторното одлучување.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот Суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд ,Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал,а нема основи за поинакво одлучување.
Одредбите оспорени со предметната иницијатива веќе биле предмет на оценување на уставноста пред Уставниот суд , кој со Решение У.број 143/2007 ја оценувал уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2007) во целина и не повел постапка за оценување на неговата уставност, а со Решенија У.број 35/2011 и У.број 204/2011 Судот ги отфрлил иницијативите од други подносители за оценување на уставноста на одредбите од овој Закон. .
Тргнувајќи од тоа што Уставниот суд веќе ја оценувал уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација во целина , а со тоа и одредбите од членот 49 од Законот, и на подносителот му се доставени наведените Решенија на Судот во кои е изнесен ставот на Судот,како и поради тоа што во предметната иницијатива не се изнесени наводи за поинакво одлучување ,произлегува дека се исполнети деловничките услови за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.62/2012
27 јуни 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски