У.бр.61/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на СРД Продукција ДООЕЛ Скопје за заштита на слободите и правата на граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, кои се однесуваат на слободата на јавното изразување на мислата.

2. СТР Продукција ДООЕЛ Скопје од Скопје поднесе барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, кои се однесуваат на јавното изразување на мислата кои се повредени со Решение бр.09-752/8 од 12 август 2009 година, донесено од Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Според наводите во барањето со оспореното решение директно биле загрозени уставните права на граѓанинот – слободата на јавното изразување на мислата, од причина што Дирекцијата за заштита на личните податоци во своето решение му наложува на СТР Продукција да ги отстрани коментарите поврзани со слики на WEB страната www.ajdedoma.com.mk, кои тие ги оцениле за несоодветни и преобемни. Според подносителот на барањето Дирекцијата барала отстранување на коментари на фотографии кои биле од јавен карактер. На тој начин Дирекцијата излегла од своите ингеренции и одредувала за што можело да се коментира, а за што не, со што истата си дала улога на цензор на јавните податоци објавени во медиумите.

Со ваквото решение, Дирекцијата длабоко навлегла во кршење на слободите и правата на човекот – правото на слободно изразување на мислата, вршела цензура на слободната мисла на изразување, и истовремено земајќи слобода да ги оценува и да дава наредби за отстранување коментари на Дирекцијата за заштита на лични податоци.

3. Судот на седницата утврди дека Дирекцијата за заштита на личните податоци врз основа на член 18-а став 1 од Законот за заштита на личните податоци, постапувајќи по барањето бр.09-752/1 од 24 јуни 2009 година за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци поднесено од Борче Маневски од Скопје, донела Решение бр.09-752/8 од 12 август 2009 година со кое утврдила повреда на правото на заштита на личните податоци на Борче Маневски од Скопје, заради неоснована, односно преобемна обработка на неговите лични податоци, во однос на целта заради кои се собрани и обработени од страна на СРД Продукција ДООЕЛ Скопје и одговорното лице на СРД Продукција ДООЕЛ Скопје, Ивана Николовска. Истовремено, со истото решение, задолжени се СТР Продукција и одговорното лице на СТР Продукција, Ивана Николовска, веднаш, сметајќи од денот на приемот на ова решение, да ги отстранат коментарите поврзани со фотографиите од веб страницата на СТР Продукција www.ajdedoma.com.mk, а кои се однесуваат на домот на Борче Маневски.

Против ваквото решение СРД Продукцијата поднел жалба, но истата е отфрлена како недопуштена со Решение бр.09-752/11 од 7 септември 2009 година.

СТР Продукција незадоволна од ваквото решение повеле управен спор пред Управниот суд кој со Пресуда У.бр.5599/2009 од 17 јануари 2012 година, тужбата ја одбил како неоснована и е во тек постапка по жалба на СТР Продукција.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување на иницијативата.

Од извршениот увид во целокупната доставена писмена документација, како и од барањето, Судот неспорно утврди дека истото е поднесено од правно лице – СРД Продукција ДООЕЛ Скопје (и покрај тоа што е потпишана од Дарко Ѓорѓиев, но во својство на сопственик на СТР Продукција ДООЕЛ Скопје), што е во спротивност со член 51 од Деловникот. Имено, во смисла на наведениот член од Деловникот, само физичко лице, односно граѓанин, може да поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, поради што Судот оцени дека од овој аспект барањето е недопуштено.

Од друга страна, пак, исто така, од приложената документација и увидот во доставницата, Судот утврди дека подносителот на барањето оспореното решение на Дирекцијата за заштита на личните податоци бр.09-752/8 од 12 август 2009 година, го примил на ден 27 август 2009 година, а барањето е доставено до Уставниот суд на ден 18 април 2012 година, што значи по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на конечниот поединечен акт.

Предвид на наведеното, според Судот, во конкретниов случај постојат процесни пречки Уставниот суд мериторно да одлучува за суштината на барањето, односно истото е недопуштено и ненавремено поради што се исполнети условите за отфрлање на барањето во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.61/2012
13 јуни 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски