У.бр.21/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 2 и член 26 став 6 од Законот за електрон-ските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007, 98/2008, 83/2010, 13/2012 и 32/2012).

2. Изет Зеќири од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста членовите 7 став 2 и 26 став 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби се „коселе“ со член 8 став 1 алинеја 3 и член 55 од Уставот, бидејќи во нив била содржана „некаква“ контрадикторност. Имено, доколку Агенцијата за електронски комуникации преставувала непрофитна организација, основана од Собранието на Република Македонија, таа требала да направи баланс помеѓу приходите и расходите, односно истата требала да ги намали тарифите во случај кога се создавал поголем приход, а не да остварува профит. Дека станувало збор за остварување на „голема неправедна добивка“ произлегувало од Извештајот за 2011 година и финансискиот план за 2012 година на Агенцијата за електронски комуникации, доставен на усвојување на Собранието на Република Македонија. Според извештајот износ од 345.468.588,00 денари преставувале пренесен дел од вишок на приходи по оданочувањето од 2009 година и износ од 351.033.727,00 денари преставувале пренесен дел од вишок на приходи по оданочувањето од 2010 година, иако согласно членот 7 став 2 од Законот Агенцијата била самостојно и непрофитно правно лице.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 7 став 2 од Законот, Агенцијата за електронски комуникации се основа како самостојно и непрофитно правно лице со јавни овластувања утврдени со овој закон.

Според член 26 став 6 од Законот, нереализираните средства од годишниот финансиски план на Агенцијата од претхо-дната година, Агенцијата ќе ги пренесе во годишниот финансиски план за наредната година, при што може да одлучи тие средства, или дел од нив, да се искористат за развој на електронските комуникации и информатичкото општество, како и за други работи од значење за Република Македонија, утврдени со финансискиот план на Агенцијата.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 7 став 1 од Законот за електронските комуникации, во областа на електронските комуникации се основа Агенција за електронски комуникации како Независно регулаторно тело (во натамошниот текст: Агенција).

Република Македонија е основач на Агенцијата, а оснивачките права ги има Собранието на Република Македонија. Имотот и средствата за работа на Агенцијата ги користи и со нив управува Агенцијата (став 2).

Агенцијата се основа како самостојно и непрофитно правно лице со јавни овластувања утврдени со овој закон (став 3).

Во членот 8 од Законот преку 34 посебни точки е определен делокругот на работа на Агенцијата.

Според членот 10 став 1 од Законот, Агенцијата за својата работа одговара пред Собранието на Република Македонија.

Агенцијата за својата работа е должна до Собранието на Република Македонија да достави годишен извештај за работата за претходната година и годишна програма за работа за наредната година (став 2).

Според ставот 3 од членот 10 од Законот, годишниот извештај за работата за претходната година се доставува до Собранието на Република Македонија до 31 март во тековната година и истиот особено содржи:
а) извештај за извршени активности на Агенцијата во претходната година;
б) извештај за состојбата на пазарот за електронски комуникации во Република Македонија во претходната година;
в) извештај за состојбата на средствата во Фондот за универзална услуга по неговото формирање;
г) извештај за извршување на финансискиот план на Агенцијата за претходната година (завршна сметка) и
д) ревизорски извештај изработен од надворешен и независен ревизор.

Според ставот 4 од членот 10 од Законот, годишната програма за работа за наредната година се доставува до Собранието на Република Македонија до 30 ноември во тековната година, а Собранието на Република Македонија ја усвојува најдоцна до 31 декември истата година. Годишната програма за работа содржи:
а) програма за работа за наредната година и
б) финансиски план за нaредната година.

Во ставот 5 од членот 10 од Законот е определено дека, годишниот извештај и годишната програма за работа на Агенцијата од ставовите 3 и 4 на овој член јавно се достапни и истите се објавуваат на веб станицата на Агенцијата.

На барање на Собранието на Република Македонија Агенцијата е должна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето да ги достави годишниот извештај и годишната програма за работа од ставовите 3 и 4 на овој член и за период пократок од една година (став 6).

Финансирањето, сметководството и ревизијата на Агенцијата се уредени во членот 26 од Законот.

Според ставот 1 од овој член од Законот, работењето на Агенцијата се финансира од:
а) средства остварени од приходите од надоместоците предвидени со овој закон и
б) донации, заеми и друга финансиска и техничка помош.

Висината на надоместоците од ставот 1 точка а) на овој член се утврдуваат со подзаконските акти од членовите 32, 75 и 83 од овој закон согласно со одобрениот годишен финансиски план на Агенцијата (став 2).

Годишниот финансиски план на Агенцијата го усвојува Комисијата и го доставува до Собранието на Република Македонија на одобрување. Годишниот финансиски план на Агенцијата содржи податоци за приходите и трошоците, како и ревизорски и финансиски извештаи за претходната година и предвидените капитални и оперативни трошоци за следната година (став 3).

Нереализираните средства од годишниот финансиски план на Агенцијата од претходната година, Агенцијата ќе ги пренесе во годишниот финансиски план за наредната година, при што може да одлучи тие средства, или дел од нив, да се искористат за развој на електронските комуникации и информатичкото општество, како и за други работи од значење за Република Македонија, утврдени со финансискиот план на Агенцијата (став 6).

Од анализата на цитираните одредби произлегува дека Законот за електронските комуникации во член 7 ја поставил Агенцијата за електронски комуникации како независно регулаторно тело, чиј основач е Република Македонија, а Собранието ги има основачките права над Агенцијата. Таа е основана за законски определен делокруг на работа како самостојно и непрофитно правно тело со јавни овластувања утврдени со овој закон.

Работењето на Агенцијата се финансира од средства остварени од приходите од надоместоците предвидени со наведениот закон, како и од донации, заеми и друга финансиска и техничка помош, пришто годишниот финансиски план на Агенцијата е составен дел на годишната програма за работа за наредната година, кој план се доставува до Собранието на Република Македонија на усвојување. Годишниот финансиски план на Агенцијата, меѓу другото содржи податоци за приходите и трошоците за секоја конкретна календарска година. Според оспорениот став 6 од членот 26 од Законот, нереализираните средства од годишниот финансиски план на Агенцијата од претходната година се пренесуваат во годишниот финансиски план на Агенцијата за наредната година, при што истата може да одлучи тие средства, или дел од нив, да се искористат за развој на електронските комуникации и информатичкото општество, како и за други работи од значење за Република Македонија, утврдени со финансискиот план на Агенцијата.

Подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите од причини што за него било контрадикторно Агенцијата за електронски комуникации да остварува „голема неправедна добивка“ кога истата законски била поставена како непрофитен правен субјект.

Според оцена на Судот вака изнесените наводи се неосновани, од причина што и непрофитните правни субјекти, како и оние профитните можат да остваруваат добивка, откако од оства-рените приходи ќе ги намират сите планирани и направени трошоци. Меѓутоа, за разлика од профитните правни субјекти, кај овие првите вишокот на средства не може да се користи за благостостојба на субјектот или неговите вработени, туку тие средства имаат строго определена повисока цел. Во овој случај нереализираните средства можат да се искористат за развој на електронските комуникации и информатичкото општество, како и за други работи од значење за Република Македонија, утврдени со финансискиот план на Агенцијата.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорените член 7 став 2 и член 26 став 6 од Законот се во согласност со членот 8 став 2 алинеја 3 од Уставот, кој бара, меѓу другото, во правниот поредок да егзистираат јасни и недвосмислени правни норми какви што, според Судот, се и оспорените одредби.

Со оглед на тоа што во иницијативата не се содржани причини кои укажуваат на повреда на членот 55 од Уставот, Судот оцени дека постојат процени пречки за уставно-судска анализа на согласноста на оспорените одредби со посочената уставна одредба.

Прашањето, пак, колкава добивка ќе оствари некој правен субјект, вклучително и Агенцијата, и дали таквата добивка ќе биде енормна, минорна или ќе отсуствува е фактичко прашање кое зависи од низа економски околности за секоја календарска година, за кое, пак, прашање Уставниот суд нема надлежност да се произнесува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.21/2012
13 јуни 2012 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски