У.бр.53/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 мај 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за

-оценување на уставноста на членот 21 од Законот за животната средина (“Службен весник на Република Македонија” број 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 47/2010, 124/2010 и 51/2011) и

-оценување на уставноста и законитоста на Наредбата за забрана за вршење на внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, број 07-2807/1 од 15 март 2012 година, донесена од министерот за животна средина и просторно планирање, министерот за здравство, министерот за економија и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (“Службен весник на Република Македонија”, број 41/2012).

2. Александар Талески од Скопје и други 314 подносители, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот и уставноста на актот, означени во точката 1 алинеи 1 и 2 од ова решение, како и Мирослав Јованоски од Скопје и Ертан Куртиши од Горна Баница, Гостивар, застапувани од адвокатите Жарко Хаџи Зафиров и Иван Штерјоски од Адвокатско друштво Бона Фиде од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 алинеја 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесени од Александар Талески и други 314 подносители на иницијативи, сите со идентична содржина, овластувањето дадено на соодветните министри од оспорениот член 21 од Законот, со кое тие можат да забранат промет, производство и употреба на одделни производи, било спротивно на членот 8 став 1 алинеите 3, 6 и 8 и став 2, членот 30 ставови 2 и 3 и членот 55 од Уставот на Република Македонија. Имено, членот 8 став 2 од Уставот уредувал дека во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането, а спротивно на оваа уставна одредба, оспорената законска одредба самата по себе не забранувала одредена дејност или производ, туку давала овластување таква забрана да можат да издадат определени членови на Владата на Република Македонија со подзаконски акт. Воедно, овластувањето дадено со оспорениот член 21 од Законот не било во согласност и со членот и 55 од Уставот, бидејќи исклучиво со закон можело да се ограничи определено производство, односно промет и употреба на одреден прозивод, а не со подзаконски акт.

Понатаму, оспорената законска одредба според подносителите на иницијативата не била доволно уредена бидејќи таа поставувала своевиден услов за издавање на забрана а тоа е “доколку постојат доволно докази дека со нив се загрозува животот и здравјето на луѓето и животната средина и/или не се исполнуваат пропишаните стандарди”, без притоа да било наведено кои сé докази и во каква постапка тие се собирале и кој бил органот што ги истите ги собирал и ценел, а исто така во самиот оспорен член не биле определени и критериуми за определување на рокот на забраната, туку забраната можела да се издаде “на определено или неопределено време”, па оттука оспорената законска одредба била спротивна и на владеењето на правото, бидејќи без утврдена постапка или поставени критериуми можело да се ограничи одредено дејство или производ.

Од истите причини со иницијативите се оспорува и уставноста на Наредбата со која се забранува вршење на внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг.

Според наводите изнесени во иницијативата поднесена од Мирослав Јованоски од Скопје и Ертан Куртиши од Горна Баница, Гостивар, застапувани од адвокатите Жарко Хаџи Зафиров и Иван Штерјоски од Адвокатско друштво Бона Фиде од Скопје, оспорената Наредба била неуставна и незаконита поради тоа што не биле исполнети условите за изрекување на забраната, предвидени со членот 55 став 3 од Уставот и членот 21 од Законот, односно немало докази за неопходноста од изрекување на таква мерка, кои би укажале на потребата од заштита на животот и здравјето на луѓето и животната средина. Поради својата нецелосност и непрецизност, оспорената наредба создавала правна несигурност, спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а предизвикувала и тешко отстранливи штетни економски последици на физичките и правните лица, кои се занимавале со предметните дејности, а тоа дополнително ќе предизвикало економски, финансиски и фискални последици врз економијата на Република Македонија, преку неплаќање на даноци, придонеси за пензиско, инвалидско и социјално осигурување, а и бројот на невработените лица ќе се зголемел.

Наредбата била спротивна и на ставот 2 од членот 55 од Уставот според кој Републиката обезбедувала еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, бидејќи таа се однесувала само на субјектите кои вршеле внатрешен промет, откуп и извоз, а не и за субјектите кои вршеле увоз на забранети отпадоци и остатоци, па тие се ставале во привилегирана положба во однос на останатите субјекти.

Наредбата била спротивна на членот 17 став 2 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација потпишана во 2001 година помеѓу Република Македонија и Европската унија која што промовирала отворање на пазарот и забрана за ограничување на слободното движење на стоки помеѓу Република Македонија и Европската унија. Исто така, оспорената наредба била спротивна и на членот 1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за човекови права бидејќи со неа директно се интервенирало во сопственоста на физичките и правните лица кои вршеле дејности за кои е изречена забраната, односно се оневозможувало остварување на добивка, без било какви докази за тоа. Исто така, оспорената наредба не можела да се однесува за сите субјекти кои ги вршеле забранетите дејности, бидејќи секое лице требало да одговара за своите постапки поединечно во случај на незаконито постапување. Воедно, оспорената Наредба била спротивна на членот 55 став 3 од Уставот бидејќи слободата на пазарот и претприемништвото можеле да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со иницијативата се предлага и донесување на решение за запирање на извршување на оспорениот акт.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 21 од Законот за животната средина уредува дека министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на економијата, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на здравството и министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на земјоделството, шумарството и водостопанството ќе го забрани производството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделни активности и услуги, на определено или на неопределено време, доколку постојат доволно докази дека со нив се загрозува животот и здравјето на луѓето и животната средина и/или не се исполнуваат пропишаните стандарди.

Судот, исто така утврди дека врз основа на член 21 од Законот за животна средина (“Службен весник на Република Македонија”, број 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 47/2010, 124/2010 и 51/2011), министерот за животна средина и просторно планирање во согласност со министерот за здравство, министерот за земјоделство, жумарство и водостопанство и министерот за економија, донел Наредба број 07-2807/1 од 15 март 2012 година (“Службен весник на Република Македонија”, број 41/2012), со која во член 1 е уредено дека “Со цел да се запази јавниот интерес за заштита на животната средина, а во врска со стандардите поврзани со управување со отпадот се забранува вршење на внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, во период од шест месеци од денот на влегувањето во сила на оваа наредба.”

Во членот 2 од оспорената Наредба е уредено дека Наредбата влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оспорениот член 21 од Законот за животната средина е уредено дека министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на економијата, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на здравството и министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на земјоделството, шумарството и водостопанството ќе го забрани производството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделни активности и услуги, на определено или на неопределено време, доколку постојат доволно докази дека со нив се загрозува животот и здравјето на луѓето и животната средина и/или не се исполнуваат пропишаните стандарди.

Оспорената одредба од Законот, била предмет на уставносудска оцена по однос нејзината согласност со одредбите на Уставот. Имено, Судот постапувајќи по иницијативата на Александар Талески од Скопје, со Решение У.бр.122/2007 од 19 декември 2007 година, не повел постапка за оценување на уставноста на оваа законска одредба, бидејќи оценил дека оспореното законско решение уредено со членот 21 од Законот за животната срединатаа е во согласност со одредбите од Уставот. Со иницијативите по овој предмет, меѓу кои е и иницијативата на истиот подносител Александар Талески од Скопје и други подносители на иницијативи со потполна идентична содржина како иницијативата на подносителот Александар Талески, повторно се бара оцена за согласноста на членот 21 од Законот со Уставот. Судот го изразил својот став по предметот У.бр.122/2007 од 19 декември 2007 година и оценил дека законодавецот има уставен основ да го уреди прашањето за забраната на производството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделни активности и услуги заради заштита на животната средина.

Од аспект на согласноста на членот 21 од Законот со членот 55 став 3 од Уставот каде се наведени случаите кога може да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото со закон, Судот изразил став дека тој не е во спротивност со наведената одредба од Уставот, бидејќи со Законот за животната средина се дадени можностите и конкретните случаи за такво ограничување заради заштитата на животната средина, а со оспорениот член 21 од Законот, е дадена можност на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во соработка, односно согласност со други министри зависно од тоа за каква проблематика, материја станува збор, да го забрани производството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, супстанци и вршењето на одделни активности и услуги, на определено и неопределено време, доколку постојат доволно докази за загрозување на животот и здравјето на луѓето и животната средина и не се исполнуваат пропишаните стандарди. Мерилата, критериумите и стандардите се во соодветните закони зависно од тоа за која материја се работи, а сето тоа заради заштита на животната средина и заштитата на животот и здравјето на луѓето. Исто така, Судот ценејќи ги наводите од иницијативата по тој предмет, дека во Законот биле предвидени услови кои во Уставот не биле предвидени како што се: “доколку постојат доволно докази дека со нив се загрозува животот и здравјето на луѓето и нивната средина и/или не се исполнуваат пропишаните стандарди”, оценил дека тие (наведените услови) не претставуваат нови услови кои законодавецот ги утврдил, туку се во функција на операционализација на уставната одредба од член 55 и се во насока на воспоставување на законски основи за преземање на мерки од страна на државата во насока на заштита на животната средина и заштита на безбедноста, животот и здравјето на луѓето.

Тргнувајќи од тоа дека Судот веќе изразил став по однос уставноста на членот 21 од Законот, односно со Решение У.бр.122/2007 од 19 декември 2007 година не повел постапка за оценување на неговата согласност со одредбите од Уставот, а имајќи предвид дека истиот член од Законот, повторно е предмет на оспорување со иницијатива по овој предмет, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети процесните услови за примена на цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативите.

Оспорената Наредба за забрана за вршење на внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, е донесена од министерот за животна средина и просторно планирање во согласност со министерот за здравство, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот за економија на 15 март 2012 година (“Службен весник на Република Македонија број” број 41/2012).

По поднесување на иницијативата, министерот за животна средина и просторно планирање, во согласност со министерот за здравство, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот за економија, донесе Наредба за престанок на важење на Наредбата за забрана на внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, број 07-2807/5 од 3 мај 2012 година, која во членот 1 предвидува дека Наредбата број 07-2807/1 од 15 март 2012 година (“Службен весник на Република Македонија” број 41/2012), престанува да важи.

Наредбата за престанок на важење на оспорената наредба, е објавена во “Службен весник на Република Македонија” број 56/2012.

Со оглед на тоа што оспорената Наредба, со донесувањето на Наредбата од 3 мај 2012 година, престанала да важи, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите од цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативите.

5. Поради гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 53/2012
23 мај 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски