Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 16 мај 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 21 став 4, членот 42 ставови 4 и 5, членот 66-а од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица (“Службен весник на Република Македонија” број 84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011 и 53/2011) и членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица (“Службен весник на Република Македонија” број 17/2011).
2. Здружение за човекови права хуманист и решавање на конфликти “Правда” од Скопје, преку претседателот Ана Торевска, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените законски одредби биле спротивни со членот 8 алинеја 3, членот 9 став 2, членот 32 став 2, членот 52 став 4 и членот 55 став 1 од Уставот. Тие биле спротивни и на низа закони како Законот за трговски друштва, Законот за адвокатура, Законот за медијација, Законот за занаетчиство, Законот за здруженија и фондации и други прописи со кои се определувале услови за основање и работење на правни субјекти, во кои прописи не била предвидена обврска за правните лица и другите субјекти задолжително да поседуваат електронско сандаче (електронска адреса) ниту пак обврска секој задолжително да има компјутер и интернет конекција. Потоа, со иницијативата се наведува дека ниту во една земја на Европската унија ниту во опкружувањето немало вакви законски прописи со кои се предвидувало задолжителен електронски прием на пошта, а причини за несогласноста на оспорените законски одредби со Уставот, биле и нееднаквите можности на граѓаните од економски и интелектуален аспект, да ангажираат одредена сума парични средства од домашниот буџет со цел да се купи персонален компјутер и средства за пристап до интернет мрежата, а и казните за сторен прекршок за неподнесување на пријава за упис на адреса на електронско сандаче, биле драконски казни несоодветни на материјалната состојба на граѓаните. Со иницијативата се предлага и донесување на времена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 21 став 4 од Законот уредува дека во постапката за упис во надлежниот регистар субјектот на уписот освен податоците определени во ставот 2 од овој член, се должни да ја пријават за упис и адресата на електронското сандаче за прием на писмена.
Со оспорениот член 42 став 4 од Законот е уредено дека решението донесено во постапка на електронско поднесување на документите за упис во регистарот се смета за доставено кога истото ќе биде објавено на официјалната интернет страница на Централниот регистар на Република Македонија, а со оспорениот став 5 од истиот член од Законот дека Централниот регистар е должен да испрати примерок од решението определено во ставот 4 од овој член на адресата на електронското сандаче на субјектот на успис за кој е донесено решението.
Со оспорениот член 66-а од Законот е уредено дека глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на субјектот на упис, доколку не постапи согласно со членот 20 од овој закон, а глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член и на одговорното лице.
Судот, исто така утврди дека оспорениот член 20 од Законот, кој е пропишан со измените на Законот (“Службен весник на Република Македонија” број 17/2011), уредува дека субјектите на успис запишани во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица се должни најдоцна до 1 април 2011 година да поднесат пријава за упис на адреса на електронско сандаче за достава на писмена и други податоци кои се донесуваат во електронска форма преку едношалтерскиот систем.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со иницијативата се наведува дека оспорените законски одредби биле спротивни со членот 8 алинеја 3, членот 9 став 2, членот 32 став 2, членот 52 став 4 и членот 55 став 1 од Уставот и со низа закони во правниот поредок на Република Македонија, а и одредби какви што се оспорените, немало во ниту една земја на Европската унија, а и во опкружувањето. Понатаму со иницијативата се наведува дека поради така уредените оспорени одредби се наметнувала обврска за граѓаните да купат компјутер и платат интерент конекција која од економски и интелектуален аспект не можел секој да ја поднесе, а и прекршочните казни за неподнесување на пријава за упис на адреса на електронско сандаче, не соодејствувале на материјалната состојба на граѓаните, со што граѓаните се доведувале во нееднаква состојба, а тоа се косело и со уставното начело на владеењето на правото.
Со иницијативата, всушност, само се цитираат одредби од Уставот, се цитираат закони во правниот поредок на Република Македонија со наводи дека тие закони не содржеле законски решенија како што се оспорените, а ниту законите на земјите во Европската унија и земјите во опкружувањето. При оспорувањето на одредбите од Законот, подносителот на иницијативата тргнува од социјалните разлики и интелектуални способности на граѓаните, односно од нееднаквите можности од финансиски и интелектуален аспект на граѓаните да постапат по оспорените законски одредби, па оттука се извлекува заклучок за нивната спротивност со членот 8 алинеја 3, членот 9 став 2, членот 32 став 2, членот 52 став 4 и членот 55 став 1 од Уставот.
Со иницијативата воопшто не се дадени причини за спротивноста на одредбите од Законот со одредбите од Уставот. Воопшто нема осврт на секоја одредба посебно по однос нејзиното уредување и образложение во што е тоа уредување спротивно на Уставот, односно тие генерално се оспоруваат, а не поединечно, односно дека социјалните и интелектуалните разлики на граѓаните се причини за противуставност на одредбите од Законот. Меѓутоа прашањата по однос на економската моќ на граѓаните, не се прашања од надлежност на Уставниот суд туку на Републиката во чија надлежност е уредувањето на социјалната политика во државата и грижата за социјалната сигурност на граѓаните. Од овие причини, односно во недостаток на уставни аргументи за оспорување на одредбите од Законот и неговите измени и дополнувања, Судот оцени дека во конкретниот случај нема процесни претпоставки за впуштање во мериторно одлучување за уставноста на оспорените одредби.
5. Поради гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.132/2011
16 мај 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски